• четврток, 05 септември 2024
МИА Радиофлеш

4 септември 2024

-  Владата и Советот на странски инвеститори денеска утврдиле задачи за реформи и закони кои што треба да бидат изменети и за процесите за кои ќе треба заеднички да работат во следниот период. 

Премиерот Христијан Мицкоски по состанокот во Владата изјави дека слушнале многу добри совети и насоки  како треба да ги водат работите и процесите во период кој што следи. Истакна дека Владата останува посветена на подобрување на условите на водење на бизнис во државата.

 - По четири години од преземените акциски планови од страна на владите во Берлинскиот процес околу делот на заедничкиот регионален пазар и зелената агенда, прогресот не е голем. Се уште најголемото достигнување е слободниот роаминг којшто го постивнавме за земјите од Западен Балкан која е реална придобивка, меѓутоа далеку е од тоа дека е доволно и доволен аргумент да се каже дека е направен прогрес.

Ова беше констатирано  на денашната презентација на извештаите од набљудувањето на акциските планови за Заеднички регионален пазар и Зелена агенда од страна на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС), што се одржа во Собранието.

 - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски утре ќе биде домаќин на Хакан Фидан, министер за надворешни работи на Република Турција, кој доаѓа во официјална посета на Република Северна Македонија.

Како што најавија од МНР, министрите Муцунски и Фидан ќе имаат тет-а-тет средба, а во фокусот на разговорите ќе бидат билатералните политички односи, зајакнување на економската соработка и искористување на инвестициските можности, како и унапредување на соработката и во други области од заемен интерес. 

 - Инспекторите од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ)  од утре на терен ќе проверува дали трговците ја почитуваат одлуката на Владата за ограничување на највисоката трговска или профитна маржата за училишниот прибор, на 5 отсто за големопродажба и 10 отсто за малопродажба.

„Трговците кои се опфатени со Одлуката на Владата за училишен прибор (Службен весник на РСМ бр. 183/24), имаат обврска да ги усогласат цените на производите. Од утре инспекторите ќе бидат на терен и ќе вршат контроли за да се утврди дали трговците постапиле во согласност со оваа Одлука.  Инспекторите ќе постапуваат во рамки на нивните надлежности кои произлегуват од Одлуката, а согласно тоа и според Законот за трговија“, соопшти ДПИ.

 – Нема да дозволиме да страдаат здравствените услуги на граѓаните и најдоцна за 10-тина дена ќе го објавиме планот за санација на должничката криза во јавните здравствени установи. Можам да им гарантирам на граѓаните дека во критичните подрачја – квалитет на здравствени услуги и достапност на лекови нема да има проблеми, порача в.д. директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски и додаде дека очекува новата позитивна листа да биде функционална до 16 септември.

Нагласи дека мандатот во ФЗО му е антикорупциски, за подобрување и проширување на здравствените услуги и за подобрување на условите за работа.

- Утре навршуваат 15 години од трагедијата на Охридското Езеро кога при потонувањето на бродот „Илинден“ животот го загубија 15 лица, туристи од соседна Бугарија.

Несреќата се случи на 5 септември 2009 година во 10:30 часот, кога потона бродот „Илинден“ што со 57 патници сообраќаше на релација од Охрид за Свети Наум. Тоа саботно утро времето беше исклучително топло, езерото мирно, ништо не навестуваше дека ќе се случи најголемата бродска несреќа во историјата на пловидбата на Охридското Езеро. „Илинден“ се преврте и потона на околу 250 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“.

- Израелската армија соопшти дека во изминатиот еден час биле истрелани околу 65 ракети од правец на Либан кон Галилеја, а одговорноста за нападот ја презеде милитантната група Хезболах, тврдејќи дека мета биле израелските воени позиции. 

Во соопштението на ИДФ се додава дека некои ракети биле пресретнати, додека други погодиле отворен простор. Неколку ракети го погодија северниот израелски град Кирјат Шмона, при што е оштетена најмалку една куќа, соопштија локалните власти.

– Лидерот на израелската опозиција, Јаир Лапид, денеска повика на договор со Хамас за ставање крај на војната во Појасот Газа и ослободување на заложниците кои се уште ги држи палестинската група, јави ДПА.

„Завршувањето на војната е во интерес на Израел“, објави Лапид на хебрејски на мрежата X.

Тој, истовремено, го повтори својот повик за промена на политичкото раководство на Израел. 

– Лидерот на германската опозициска партија Христијанско-демократска унија (ЦДУ),  Фридрих Мерц, денеска ја отфрли можноста за соработка со Алтернатива за Германија (АфД), неколку дена откако оваа екстремно десничарска партија ја изненади земјата со рекордни резултати на двете регионални гласања, јави ДПА.

„Нема да има коалиција со АфД, нема соработка со АфД“, изјави Мерц во интервју за ДПА, дадено вчера во Берлин. На гласањето во неделата во источногерманската покраина Саксонија ЦДУ тесно ја победи АфД, и беше само втора, зад АфД, во соседна Тирингија. 

 - Едвај да има сектор поважен за нашиот континент од земјоделството, кое е од витално значење за нашето здравје и има стратешко значење за нашата економија, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на прес-конференција во Брисел посветена на Стратешкиот дијалог за иднината на земјоделството. 

- Но, знаеме дека нашите земјоделци се соочуваат со многу и се поголеми предизвици, од многу тешката глобална конкуренција, до разорните ефекти од климатските промени, изјави Фон дер Лајен. 

– Главна карактеристика на летото беа големиот број последователни денови со многу високи дневни и ноќни температури, главно во урбаните центри, пишува порталот „Метео“ на Националната опсерваторија на Атина, анализирајќи ги податоците од мрежата на метеоролошки станици, според кои во текот на летото, просечната вредност на максималните дневни температури беше многу висока во цела Грција, споредбено со просекот од 2010-2019 година, јави дописничката на МИА од Атина.

Од анализата на максималните температури произлегло дека 22 отсто од 500 метеоролошки станици, измериле максимална температура од над 37 степени најмалку 25 дена, додека пак во градот Гавалу, во западниот дел на континентална Грција и во Скала во југозападниот дел на Пелопонез, во 60 од 92 денови од летото, максималната температура надминала 37 степени.

 

 

Остани поврзан