• среда, 04 септември 2024
МИА Општински пул

4 септември 2024

Велес - Се уште е активен пожарот кај село Оморани во месноста викана Кадиица, во Општина Чашка каде што гори мешана шума, информираат од ЦУК. За негово гасење вклучени се само вработени од Подружницата „Бабуна“ на ЈП Национални шуми.

Под контрола е  стевен пожарот кај село Степанци на планината Мукос во Општина Чашка.

Од ЦУК појаснуваат дека поради актуелната состојба со големиот пожар во Прилепско-Мариовско сите сили и ресурси се насочени кон помош во негово гаснење.

Скопје - Општина Центар овозможи успешен старт на новата учебна година во ООУ ,,Кочо Рацин", кои добија целосно реконструирана и модерна  фискултурна сала. 

„Реконструкцијата е изведена според најсовремените стандарди, и горд сум што оваа значајна инвестиција во спортската инфраструктура се реализира во мојот мандат. Ова е прва целосна реконструкција на училиштната  спортска сала по цели 80 години", изјави Герасимовски, кој ја искористи можноста да одигра партија баскет со учениците.

Реконструираната сала, со површина од 800 метри квадратни, доби нов висококвалитетен паркет, дополнително осветлување, израмнети и варосани ѕидови . Дел од старите спортски реквизити се обновени, а поставени се нови  кошеви. 

Кавадарци - Кавадарци викендов ќе биде центар на сите случувања со „Тиквешки гроздобер", вековната традиција, стопанско туристичката и културна манифестација. Ова денеска го соопшти градоначалникот Митко Јанчев, на прес - конференција. 

Тој најави дека во петок, сабота и недела, Кавадарци ќе биде преплавен со посетители од цела држава и од странство. 

- Изложба на олдтајмери, таблијада, изложби на уметнички дела, настап на детски фестивали, меморијален турнир „Сестри Китеви", подготвување на најразлични специјалитети од грозје, вино и маџун, традиционални вечери на староградска песна и гостување на музички звезди од Македонија и поранешните ЈУ простори,  во приказната наречена „Тиквешки гроздобер". И главната карневалска поворка, белегот на оваа манифестација низ годините, со учество на карневалски групи од Македонија и надвор од неа, најави градоначалникот.

Крива Паланка - Фирмата изведувач на градежните работи од проектот за Рехабилитација на железничкиот Коридор 8, информира дека и денесka ќе се врши минирање во близина на магистралниот пат А2 што ги поврзува општините Куманово и Крива Паланка.

Компанијата Гулермак, Анкара - Подружница во Скопје со Мактек ДООЕЛ информира дека ќе се реализира минирање во два термини, денес напладне и вечерва во 22 часот.

Дебар - Полициски службеници од криминалистичката полиција во Дебар, го привеле Е.Ф.(20) од Дебар,  кој се сомничи дека извршил обљуба врз малолетничка. 

-Со малолетничката бил извршен разговор во присуство на претставници од Центарот за социјални работи и по целосно документирање на настанот, против Е.Ф. ќе биде поднесена соодветна пријава, информираше Стефан Димоски портпарол на Секторот за внатрешни работи- Охрид.

Осомничениот е приведен вчера во 18:30 часот а како што се дознава станува збор за малолетничка на возраст од 14 години.

Инаку, ова е прв ваков случај во последните неколку години. 

Скопје - Поради дефект на ул. „Кеј Димитар Влахов“ во Центар, прекинато водоснабдување од 09:30 часот ќе имаат МКЦ и МАНУ, соопшти ЈП Водовод и каналзиација - Скопје.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато до санирање на дефектот.

 

Остани поврзан