• среда, 04 септември 2024
МИА Радио флеш

3 септември 2024

-Претседателот на Собранието Африм Гаши, по однос на поднесената интерпелација за неговата работа, рече дека демократијата е можност да се ислушаат спротивставените мислења, но „ова не е интерпелација против Африм Гаши, туку против верската припадност на претседателот на Собранието“. Кој го има легитимитетот во нашата држава, порача Гаши од собраниската говорница, да суди кој може или не да биде претседател на Собранието, само зошто доаѓа од некоја етничка заедница. 

-Пратениците на СДСМ и коалицијата ќе гласаат за интерпелацијата на претседателот на Собранието, Африм Гаши, рече пратеникот Миле Талевски кој беше прв пријавен за збор на денешната собраниска седница. Талевски  ги повика колегите од ВМРО-ДПМНЕ и тие да го сторат истото и да докажат дека остануваат на зборот кој постојано го даваа пред изборите, дека ниту еден политичар нема да биде поштеден од одговорност ако работи спротивно на законот.

-Премиерот Христијан Мицкоски најави нова германска инвестиција за производство на литиумски батерии што ќе отвори 700 нови вработувања. Како што изјави денеска, се работи за германска компанија, а утре ќе биде поставен камен-темелникот на фабриката. Инвестицијата, според премиерот, ќе изнесува 60 до 65 милиони евра. - Веќе утре, по напорна двомесечна работа и отстранување на сите недостатоци што се акумулирале во месеците наназад, ќе имаме поставување камен-темелник на компанија што доаѓа од Германија. Инвестицијата е 60 до 65 милиони евра, ќе се произведуваат литиумски батерии и ќе се отвопрат околу 700 нови вработувања. Со завршувањето на оваа инвестиција ќе биде зголемен извозот, а со зголемување на извозот ќе биде намалена разликата, односно дефицитот меѓу извозот и увозот и на тој начин ќе се зголемува БДП. Да почекаме до утре, па македонската јавност ќе биде сведок утре, рече Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на доградбата на градинката „Гоце Делчев“ во општина Илинден. 

-Владата континуирано внимава да не ги прекрши  законите во однос на смената на директори на институциите за да нема тужби со кои ќе биде оштетен државниот буџет, а со тоа и граѓаните, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за тоа кога ќе бидат назначени останатите директори. Процесот на транзиција, според него, е тековен и ќе трае се додека Владата постои без разлика дали ВМРО - ДПМНЕ и оваа коалиција ја предводи или некој друг. - Внимаваме во законските решенија да нема прекршувања, за да може овој процес да заврши со што е можно помалку лузни. Да имаме процес во кој нема да биде оштетен буџетот, а преку буџетот вие граѓаните. Ако во минатото се правеше чистка при промена на власт, спротивно на закон, беше леле видете ги овие колку се лоши прават чиста, партизација итн. Сега одиме полека вниманавме да не прекршиме закон, затоа што тие ќе тужат па ќе добијат, па вие граѓаните ќе треба да плаќате затоа сме толку бавни, нагласи Мицкоски по пуштањето во употреба на доградба на градинката „Гоце Делчев“ во општина Илинден.

-Владата донесе одлука за ограничување на маржата за училишниот прибор и тоа на 5 отсто за големопродажба и 10 отсто за малопродажба, информира премиерот Христијан Мицкоски. Како што истакна на денешната прес-конференција во Владата, ограничувањето на маржата е во рамките на кампањата „Помалку трошоци, повеќе за тебе! Се грижиме“, а одлуката е донесена на денешната седница на Владата. Најави дека и понатаму ќе има ограничувања на маржите и профитот на поединци кои, како што кажа, генерираат профити и со тоа ја зголемуваат инфлацијата.

-Министерството за економија и труд денеска објави  јавен повик за поддршка на развојот, одржувањето и спроведувањето на општествено прифатливи практики на деловните субјекти, дел од Програмата за поддршка на конкурентноста на преработувачката индустрија и општествената одговорност за 2024 година, соопшти Министерството. Со оваа мерка се надоместуваат дел од трошоците од страна на Министерството за економија и труд за развојот, одржувањето и спроведувањето на општествено прифатливи практики на деловните субјекти, во износ од 2.000.000 денари.

Бригадата на Југоисточна Европа (СИБРИГ) продолжува да се докажува како исклучително вреден механизам за промовирање на регионалната безбедност, доверба и одржување на воената соработка меѓу земјите-членки. СИБРИГ може да послужи како доказ дека преку соработка на земјите од Југоисточна Европа и пошироко може да се дојде до резултати. Ова беше истакнато денеска на свечената церемонија по повод одбележување 25 години од формирањето на СИБРИГ, што се одржа во кумановската касарна „Боро Менков“.

Бригадата на Југоисточна Европа е формирана во 1999 година, врз основа на Договорот за регионална соработка на полето на одбраната познат како договор за Мултинационални мировни сили на Југоисточна Европа (ММСЈИЕ), кој во 1998 година во Скопје го потпишаа министрите за одбрана на Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Северна Македонија, Романија и Турција. Според Договорот за формирање на бригадата, локацијата на Командата на СИБРИГ е на ротациона основа, а нејзини домаќини досега беа Пловдив, Констанца, Истанбул и Лариса. Во периодот од 2020-2026 година командата на СИБРИГ е лоцирана во Куманово.

-Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на сите ученици, наставници, стручни соработници и родители им посакува успешна учебна година, со желба за успех и постигнување на образовните резултати, преку почитување на начелата за најдобар интерес на детето, начелата за еднаквост, достапност, пристапност и инклузивност на образовниот систем. Ова подразбира дека сите деца се вклучени и прифатени, со особено внимание на децата што можат да бидат маргинализирани, дискриминирани или исклучени од образовниот систем. Од овие причини, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација апелира до Министерството за образование и наука да се почитува обврската за обезбедување на правото на образование за секое дете без дискриминација и бара навремено да се осигура разумно прилагодување согласно индивидуалните потреби на секој ученик,  добивање на соодветна индивидуализирана поддршка, како и поддршка на наставниците во работата со учениците со попреченост, со цел да се спречи нивното исклучување од редовниот образовен систем. 

-Следува период на променливо облачно време со локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Како што најавуваат од УХМР процесите ќе бидат поинтензивни во петок и сабота, кога наместа
ќе има појава на невреме со интензивен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и град.

-Загрепската полиција приведе маж кој претпладнево влезе со оружје во Клиничкиот болнички центар Ребро, пренесува 24сата. Според информациите од хрватскиот медиум, засега неименуваниот маж ја напуштил болницата под полициска придружба. Се наведува дека нема повредени лица. Персоналот и пациентите за време на драмата, која траела околу два часа, се криеле во ординациите. Сè уште нема објавени информации за идентитетот и мотивот на овој човек, а полицијата останува на терен, во КБЦ Ребро. Јутарњи лист додава дека приведениот е одведен во полициска станица каде ќе биде направен тест за да се види дали е под влијание на алкохол или опијати.

-Долниот дом на романскиот Парламент о вторникот усвои денеска усвои закон со кој се одобрува донацијата на еден одбранбен ракетен систем Патриот на Украина. Романија, членка на НАТО од 2004 година, дели 650 километри долга граница со Украина. За време на руските напади врз украинските пристаништа од другата страна на Дунав, остатоци од беспилотни летала често паѓаат на романска територија. Откако претседателот Клаус Јоханис ќе го потпише споменатиот документ и тој ќе стане правен акт, владата ќе издаде наредба за спроведување на донацијата.

-Новиот систем за автоматска гранична проверка при влез и излез во Шенген зоната (ЕЕС) ќе стапи во сила на 10 ноември, потврди денеска портпаролката на Европската комисија за внатрешни работи, миграција и безбедност Анита Хипер. - Со новиот систем повеќе нема да има рачна контрола на пасошите и со ова ќе се намалат редиците на границите, истакна Хипер, додавајќи дека Еврокомисијата очекува во текот на овој месец да добие потврда од земјите членки дека се подготвени за имплементација на новиот систем. ЕЕС предвидува граничните службеници да ги идентификуваат лицата на границите со автоматизирани проверки на нивниот идентитет со помош на ИТ систем кој ќе содржи информации за името на лицето, видот на патниот документ, неговите биометриски податоци (отпечатоци од прсти и фотографија) и датумот и местото на влез и излез од Шенген зоната. 

- Полицијата во источната германска покраина Саксонија истражува манипулирани гласачки ливчиња, поднесени по пошта за време на изборите за покраински парламент (Ландтаг), кои се одржаа во неделата, пренесе ДПА. Според властите во градот Дрезден, непознати лица ги избришале вистинските гласови на десетици луѓе и наместо тоа, означиле поддршка за крајнодесничарската партија „Слободни Саксонци“.

-Околу 270 основни училишта низ Словачка утринава добија дојава за бомба, изјави словачкиот министер за внатрешни работи, Матус Шутај Ешток. Помеѓу училиштата кои добиле дојави се и основните училишта во општината Петржалка во Братислава, потврди портпаролката на општинските власти Марија Халашкова. Полицијата не пронашла експлозив во училишните простории, па учениците по проверка можеле да се вратат во училниците. Во меѓувреме, закана за бомба била испратена во основно училиште во Бернолаково, исто така во регионот на Братислава.

- Рускиот претседател Владимир Путин денеска се сретна со својот монголски колега Ухнаагиин Хурелсух на почетокот на посетата на Монголија и го покани во Русија на претстојниот самит на БРИКС, јави ДПА. „Ве чекаме“, рече Путин за време на средбата во главниот град Улан Батор, пренесуваат руските агенции. Земјите кои брзо се развиваат Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република ќе се сретнат на крајот на октомври во рускиот град Казан. Путин рече дека сака да разговара првенствено за економската соработка во Монголија.

-Војната во Украина е само еден елемент од глобалната војна на „слободниот свет против диктатурите“, предупреди Гари Каспаров, познатиот руски шахист и активист против Кремљ. Каспаров зборуваше на Бледскиот стратешки форум што се одржува во словенечката туристичка дестинација. Зборувајќи за руската агресија врз Украина, познатиот шахист со хрватски пасош рече дека линиите на конфликтот во таа војна биле „јасни од самиот почеток“: диктатура и тиранија од една страна и либерално демократско уредување од друга страна. „Војната во Украина е најважната, но само еден од многуте елементи на таа глобална војна против слободниот свет“, рече Каспаров.

 -Хамас го предупреди Израел дека инсистирањето на ослободување на заложниците преку воен притисок ќе резултира со нивно враќање кај семејствата во ковчези. - Издадени се нови инструкции до борците задолжени за чување на затворениците како да постапуваат со нив доколку израелската војска се приближи до местото на затворот, изјави Абу Обеида, портпарол на бригадите Ал-Касам, военото крило на Хамас. Обеида оцени дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и самата израелска војска „се целосно одговорни за смртта на заложниците откако намерно го попречија секој договор за размена на затвореници заради свои тесни интереси, со намерно убивање на десетици од нив преку директно воздушно бомбардирање, пренесе кинеската новинска агенција Синхуа.

-Запленувањето на авионот на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро од страна на САД е „пиратски чин“, соопшти денеска венецуелската Влада. - САД ваквата постапка ја оправдуваат со присилните мерки што тие еднострано и незаконски ги наметнуваат низ целиот свет, истакна шефот на венецуелската дипломатија Иван Хил. Во соопштението на Владата на Венецуела се наведува дека Каракас го „задржува право да преземе каква било правна акција за да ја поправи нанесената штета на државата“.

-Кина, заедно со другите земји-членки на БРИКС, е подготвена да продолжи да се придржува до духот на отвореност, сеопфатност и заемно корисна соработка. Исто така сме подготвени уште повеќе да ги поддржиме партнерите со исто мислење да се приклучат на соработката на БРИКС, изјави денеска портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нин. Таа додаде дека БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка) е важна платформа за соработка меѓу земјите во развој и пазарите во развој.

Остани поврзан