• вторник, 03 септември 2024
МИА Радио флеш

3 септември 2024

-Ќе дебатираме за интерпелацијата и ќе ги кажеме сите недоследности и забелешки за работењето на Гаши како претседател на Собранието, но од принципиелни причини нема да гласаме за негово разрешување, изјави Блерим Беџети од ДУИ пред почетокот на денешната собраниска седница. Според Беџети, Гаши треба да им се извини на Албанците без разлика на нивната политичка провиниенција и да се повлече не само од претседател на Собранието, туку и од политичката сцена.

-Вработените во Македонската академија на науките и уметоностите (МАНУ) од денеска повторно го активираа штрајкот. Во техничката служба на МАНУ се 36 вработени кои од денеска штрајкуваат. Претседателот на синдикатот на УПОЗ, Трпе Дејановски на прес-конференцијата истакна дека вработените во МАНУ штрајкот го започнаа на 9 февруари 2023 година, кој траеше еден месец, по што е потпишана Спогодба за ставање во мирување на штрајкот. Но, како што вели Дејановски, од потпишаната Спогодба меѓу вработените и работодавецот не е исполнето ништо. Затоа штрајкот повторно е активиран и ќе трае до исполнување на барањето, а тоа е зголемување на платите на вработените.

-Понеделник 9 септември е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија, поради тоа што 8 Септември - Денот на независноста на Републиката е во недела и неработниот ден се префрла за понеделник, соопшти Министерството за социјална политика, демографија и млади. Од Министерството на сите граѓани им го честитаат  Денот на независноста.

-Цените на туристичките аранжмани во Северна Македонија во јули се зголемени повеќе отколку во речиси сите европски земји. Додека просечното зголемување на цената на пакет аранжманите во јули во Европската унија (ЕУ) изнесуваше 6,6 отсто, според Евростат, во Македонија цената на туристичките пакети се зголеми за дури 16,5 отсто, јави дописникот на МИА од Белград. Во споредба со земјите од регионот, високо зголемување на пакет аранжманите имаше и Србија каде аранжманите за туристите во јули поскапеле за 15,2 отсто, покажуваат податоците на Евростат, соопшти Bloomberg Adria. Аранжманите во Хрватска во јули се повисоки за девет отсто во однос на истиот период лани, во Словенија за 6,7 отсто, во Албанија за 1,4 отсто, додека туристичките аранжмани во Црна Гора се пониски за еден отсто.

-Вработените во паралелните органи на Србија во Северна Митровица денеска повторно се собраа пред зградата на општината, со барање да се вратат на работа, јави дописникот на МИА од Приштина. По затворањето на српските паралелни институции на северот на Косово во петокот, работниците од овие институции вчера се обидоа да влезат во зградата, тврдејќи дека „дошле на своите работни места“, но беа запрени на влезот од страна на полицијата. Тие и денеска се собраа пред општинската зграда во Северна Митровица каде што беше пензиското осигурување на Србија и велат дека „нема да си заминат“.

-Грчката владејачка партија Нова демократија со предност од 11,1 отсто пред ПАСОК и понатаму е главна политичка сила во земјата, но со намален рејтинг споредбено со резултатите од европските избори во јуни, додека пак СИРИЗА бележи пад на третата позиција, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење на агенцијата „МРБ“ спроведено за грчката телевизија „Опен“, јави дописничката на МИА од Атина. Нова демократија добива 21,6 отсто, наспроти 28,3 проценти на европските избори пред три месеци, ПАСОК со 10,5 отсто е на втората позиција, а зад неа, со два проценти помалку е СИРИЗА.

-Неидентификуван маж денеска влезе со оружје во Клиничкиот болнички центар Ребро во Загреб, јавуваат хрватските медиуми. Според информации на „Јутарњи лист“, дојавата до полицијата стигнала во 10:05 часот. Полицијата сè уште не утврдила дали станува збор за вистинско оружје. На терен е и интервентната единица, која заедно со службеници од ПУ Загреб води преговори со мажот. Според истиот весник лекарите, болничкиот персонал и пациентите се заклучиле во ординациите заради својата безбедност.

-Група националистички млади Турци вчера физички нападнаа двајца американски војници во западна Турција, соопштија американската амбасада во Турција и канцеларијата на гувернерот на Измир. Во врска со инцидентот приведени се 15 напаѓачи. Членови на Унијата на турската младина (TGB), младински огранок на националистичката опозициска партија Ватан, физички нападнале двајца американски војници облечени во цивилна облека во градот Измир, се вели во соопштението на канцеларијата на гувернерот. Нападнатите војници добиле помош од петмина нивни колеги кои го забележале инцидентот. Полицијата интервенирала и ги привела сите 15 напаѓачи, а истрагата е во тек.

-Кипарскиот претседател Никос Христодулидис изрази подготвеност за тројна средба со генералниот секретар на ООН и со лидерот на кипарските Турци во Њујорк, во рамките на Генералното собрание на ООН, пренесе кипарската новинска агенција КНА, повикувајќи се на неговото излагање при пристигнувањето на Кипарскиот технолошки универзитет во Лимасол, по повод почетокот на новата учебна година. На прашање за можноста за тројна средба со генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, и лидерот на кипарските Турци, Ерсин Татар, за време на неговата посета на Њујорк, Христодулидис рече дека добил барање од ООН за различни датуми и дека на сите одговорил позитивно, изразувајќи ја својата подготвеност за средба и очекува дополнителни информации. - Два-три пати ме прашаа за конкретни датуми и јас одговорив позитивно,“нагласи тој. 

-Руските сили го гранатираа регионот Запорожје во текот на ноќта, при што загинаа најмалку две лица, меѓу кои осумгодишно дете, а уште две се повредени, соопшти Иван Федоров, шеф на воениот регион Запорожје. „Осумгодишно дете и 38-годишна жена загинаа, 12-годишно девојче и 43-годишен маж се повредени како последица на рускиот напад врз Запорожје", напиша Федоров на Телеграм, пренесува Укринформ. Руските сили исто така синоќа истрелаа ракети врз градот Дњепар, при што загина едно лице, три се ранети, а оштетени се куќи во еден кварт, соопшти на Телеграм гувернерот на регионот Дњепропетровск, Сергеј Лисак.

- Русија ќе ја промени својата доктрина за употреба на нуклеарно оружје поради, како што смета, западната ескалација во војната во Украина, потврди заменикот министер за надворешни работи Сергеј Рјабков за руските медиуми. Постоечката нуклеарна доктрина, утврдена со декрет од претседателот Владимир Путин во 2020 година, дозволува Русија да користи нуклеарно оружје во случај на нуклеарен напад од непријателот или конвенционален напад што го загрозува опстанокот на државата. Претходно, дел од руските воени аналитичари го повикаа Путин да го намали прагот за употреба на нуклеарно оружје со цел да ги „отрезни“ непријателите на Русија на Запад. Путин во јуни изјави дека нуклеарната доктрина е „жив инструмент“ кој може да се менува во зависност од глобалните настани.

-Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху организираше медиумска конференција на која зборуваше за важноста на „Филаделфискиот коридор“ за Израел. За време на конференцијата, зад Нетанјаху имаше мапа на која беше прикажан Коридорот. Тој рече дека стратешки императив е таму да се задржат израелските војници. „Не успеавме да ги извлечеме заложниците. Бевме многу близу. Тоа е страшно. Сепак, тоа не се случи поради одлуката на Филаделфискиот коридор. Ова се случи, пред се затоа што Хамас не сака договор. Ги барам сите начини да ги вратам заложниците дома“, рече Нетанјаху.

-Папата Франциск денеска пристигна во Џакарта за тридневна посета на Индонезија, посветена на дијалогот меѓу различните религии. Ова е првата земја од дванаесетдневната турнеја на 87-годишниот папа низ Југоисточна Азија и Океанија. Авион на папата полета од Рим и по тринаесетчасовен лет слета на аеродромот „Сукарно-Хата“ во 11:16 часот по локално време. Индонезија е земјата со најголемо муслиманско население во светот – 242 милиона луѓе, или 87 отсто од населението. Таму живеат и околу осум милиони католици, што е помалку од 3 отсто од населението на земјата. Посетата е пред сè посветена на воспоставување дијалог помеѓу двете религии - исламот и христијанството. В четврток ќе се одржи меѓурелигиска средба на која ќе присуствуваат претставници на шесте признати деноминации од индонезиската влада – ислам, протестантизам, католицизам, будизам, хиндуизам и конфучијанство.

-Пет деца и шест родители загинаа кога школски автобус влета во група луѓе пред средно училиште во градот Таџан. Дваесет и четири лица се повредени. Од повредените, едно лице е во тешка здравствена состојба, а 12 се стабилно. Локални медиуми јавуваат дека автобусот изгубил контрола при приближување кон крстосницата и се забил во толпата. Возачот е приведен од полицијата и случајот се истражува.

-Поранешниот американски претседател и претседателски кандидат Доналд Трамп за „Фокс њуз“ (Fox News) изјави дека куршумот што го промашил на 13 јули е „божја интервенција“. - Верувам дека Господ мисли дека ќе ги поправам САД, па затоа и ме спаси, наведе Трамп. Тој додаде дека САД се „болни и расипани“, и затоа бог го спасил од смрт.

-Во која земја во светот живеат најатрактивните мажи? Картата на Европа објавена на Икс графички го прикажува мислењето на жителите на различни земји и каде според нив живеат најубавите мажи. Со оглед на тоа што земјите се поделени по боја, може да се забележи дека доминантна боја на картата е жолтата, што ја означува Италија, а мажите од оваа земја важат за најатрактивните во поголемиот дел од Европа.

-Во Шпанија оваа година е забележан најтоплиот август во историјата, со просечна температура од 25 степени, објави националната метеоролошка агенција Амет. „Овој август беше најтоплиот месец во историјата на Пиринејскиот Полуостров“, објави агенцијата на социјалната мрежа Икс. „Со просечна температура од 25 степени, овој август беше 2 степени над просечната температура забележана од 1991 до 2020 година и надмина за две десетини од степен од август 2003 и 2023 година, кои беа најтопли августовски месеци досега“, додава агенцијата.

Остани поврзан