МИА Радио флеш
- 3 септември 2024
3 септември 2024
- Интерпелацијата на претседателот на Собранието Африм Гаши треба да биде разгледана на денешната прва пленарна седница по одморот на пратениците. Интерпелацијата е поднесена од пратеничката група на Левица, а според најавите, поддршка ќе даде опозициската СДСМ, додека ВМРО-ДПМНЕ и коалициониот партнер „Вреди“ нема да дадат поддршка.
Претседателот на Собранието на брифингот со новинарите на 27 август рече дека интерпелацијата ќе биде прва точка на дневен ред на седницата закажана за денеска. Интерпелацијата, како што тогаш изјави, не е политички издржана. Се надева дека на седницата ќе има соочување на аргументи и, како што рече, како ќе одлучи пленумот, така ќе постапи.
- Премиерот Христијан Мицкоски ќе присуствува на пуштање во употреба на доградба на ЈОУДГ „Гоце Делчев“ во Општина Илинден.
Како што информира владината прес-служба, изградбата на новиот дел на детската градинка „Гоце Делчев“ траеше 10 месеци. Проектот чини 15 000 000 денари, а средствата се обезбедени од Буџетот на општината, додека средства за опремата обезбеди Министерството за социјална политика, демографија и млади.
- Владата утрово соопшти дека прв пат по седум години е обезбедена навремена испорака на бесплатни учебници во сите основни училишта.
Според Владата, обезбедени се 10-тина нови наслови во основното и над 100 во средното образование, кои досега не биле отпечатени.
-Суштинска определба на Владата е образованието да биде достапно за секого. Една од заложбите беше по повеќе години да се обезбеди навремено печатење и дистрибуција на бесплатни учебници за сите основци. Оваа година се става крај на учењето од скрипти и други помагала. Прв пат по седум години учебната година почнува со навремено испорачани учебници во сите основни училишта во државата. За сите ученици Министерството за образование и наука испорача 360 илјади примероци од одобрените учебници и наставни материјали. За само два месеци се постигна тоа што не беше направено седум години, наведува Владата.
- Во изминатото деноноќие на територија на цела држава имало 32 пожари на отворен простор, од кои 27 се изгаснати, еден е ставен под контрола, а четри се уште се активни. Активни пожари има на територија на Општина Чучер-Сандево, кај село Танушевци, во месноста викана Рамно, во Општина Чашка, на планината Мукос, кај село Степанци, во месноста викана Кадиица и селата Оморани и Ораов Дол, во Општина Прилеп, кај селата Пештани, Кокре и Кален и во Општина Штип, кај селата Хаџи Хамзали, Едеклерци и Топлик, во близина на полигонот Криволак.
Како што информира денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК), под контрола е ставен пожарот во демирхисарското село Вардино.
- Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини „Табановце“ и „Богородица“ за влез и излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
- Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ќе го посети пунктот за промена на лични документи „Пролет“ во Скопје.
По посетата најавена е изјава на министерот Тошковски.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера во изјава за медиумите рече дека издавањето на патните исправи и личните документи е под контрола и во законскиот рок од 15 дена.
- Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ и министерката за транспорт на Црна Гора, Маја Вукиќевиќ во Белград потпишаа Заедничко писмо до Европската комисија (ЕК) за пругата Белград-Бар. Двете земји заеднички ќе настапат пред Европската комисија и ќе побараат средства од дополнителниот фонд за развој на Западен Балкан за реконструкција на пругата меѓу Белград и Бар, јави дописникот на МИА од Белград.
-Сакаме пругата меѓу Белград и Бар да се финансира преку планот за раст на Западен Балкан. За нас во Србија таа е најприоритетна железница. После тоа доаѓа пругата помеѓу Брестовац и Прешево до Скопје, рече вчера Весиќ.
- Откако го напушти затворот во албанскиот град Фиер, поранешниот градоначалник, Фреди Белери, во родната Химара беше дочекан како херој, со букети цвеќе, огномет, прегратки.
Во првата изјава за медиумите тој рече дека ќе ја продолжи правната битка во Судот во Стразбур и доколку се покаже дека е невин, во што е убеден, повторно ќе се кандидира за градоначалник на Химара.
- Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто на Бледскиот стратешки форум рече дека е крајно време членките на ЕУ да покажат јасна поддршка за европската интеграција на Западен Балкан.
Сијарто изјави дека ЕУ не може да биде цела, посилна или поотпорна на кризи доколку не ги интегрира земјите од Западен Балкан.
- За околу три евра поевтино ќе биде патувањето со автомобил меѓу Солун и Атина со намалувањето на цените на пет патарини во централна Грција, што вчера го соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Намалувањето на цените за 17 отсто за лесните возила и пет проценти за тешките, што ќе трае 15 месеци, ќе стапи во сила на 1 октомври, а ќе важи до крајот на 2025 година, е резултат на искористување на 15,8 милиони евра, што произлегле од рефинансирањето на договорот за концесија на конкретниот дел на автопатот.
- Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека денеска ќе се сретне со генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси во Киев, по неговата посета на нуклеарната централа Запорожје, која е под контрола на Русија од почетокот на војната.
Зеленски и премиерот на Холандија, Дик Схоф, вчера го посетија Запорожје, град што се наоѓа од другата страна на реката Дњепар, североисточно од атомската електрана, каде украинскиот лидер повтори дека Западот треба да испорача повеќе оружје со долг дострел на Киев.
- Мисијата на ООН за поддршка на Либија вчера одржа разговори во Триполи за решавање на проблемот со кризата во Либиската централна банка, што ја спречува банката да врши трансакции повеќе од една недела, се наведува во соопштение од Светската организација.
На средбата учествуваа претставници на Либиската Претставничка комора (долниот дом на парламентот), како и претставници од државниот и претседателскиот совет.
- Семејната фирма на Бернар Арно, Вентурес, инвестираше над 300 милиони долари во пет стартапи за вештачка интелигенција во 2024 година.
Најголемата инвестиција беше 220 милиони долари во Х (поранешна Холистик), француска фирма фокусирана на вештачка општа интелигенција. Вентурес, исто така, го финансираше Ламини, стартап за вештачка интелигенција во Пало Алто, со 25 милиони долари, како и Прокима, компанија за дигитален маркетинг со вештачка интелигенција со седиште во Њујорк, со 12 милиони долари.
- Врховниот суд на Бразил денеска едногласно ја потврди одлуката на еден од неговите судии за блокирање на платформата за социјални медиуми Х во сопственост на милијардерот Илон Маск на национално ниво, се наведува на веб-страницата на судот.
Одборот што гласаше беше составен од пет од 11 судии, вклучувајќи го и Александар де Мораес, кој минатиот петок нареди да се блокира платформата затоа што X не го назначи својот правен застапник во Бразил како што налага законот.
- Властите во САД го конфискуваа авионот на претседателот на Венецуела Николас Мадуро што се наоѓал на сервсирање во Доминиканска Република и синоќа го донеле во Флорида. Министерството за трговија испрати соопштение по овој повод во кое се тврди дека авионот Dassault Falcon 900EX, што Мадуро го користел за официјални патувања бил незаконски набавен преку лажна компанија и тајно извезен од САД.
Во соопштението се наведува дека сето ова било во спротивност со санкциите и законите за контрола на извозот.
- Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека денеска ќе се сретне со генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси во Киев, по неговата посета на нуклеарната централа Запорожје, која е под контрола на Русија од почетокот на војната.
Зеленски и премиерот на Холандија, Дик Схоф, вчера го посетија Запорожје, град што се наоѓа од другата страна на реката Дњепар, североисточно од атомската електрана, каде украинскиот лидер повтори дека Западот треба да испорача повеќе оружје со долг дострел на Киев.
- Словенија го презеде ротирачкото претседателство со Советот за безбедност на Обединетите нации во септември, објави порталот „Словенија тајмс". Септември е еден од најинтензивните месеци за организацијата, бидејќи светските лидери се собираат во Њујорк за општа дебата при отворањето на сесијата на Генералното собрание.
Словенија официјално ќе ја преземе оваа улога денеска, кога ќе ја претстави својата работна програма пред останатите 14 членки на Советот за безбедност. Претставникот на земјата во Советот, амбасадорот Самуел Жбогар, веќе се премести во претседателската канцеларија на организацијата. Учеството на Словенија во Советот за безбедност на ООН како непостојана членка започна на 1 јануари оваа година.
- Силна тропска бура денеска го напушти северниот дел на Филипините, откако најмалку 14 лица ги загубија животите во лизгање на земјиштето, поплави и надојдени реки, соопштија филипинските власти од секторот за вонредни состојби и природни катастрофи.
Тропската бура Јаги помина покрај градот Паој во провинцијата Илокос Норте и го продолжи својот пат низ Јужното Кинеско Море со ветрови до 75 километри на час и налети до 125 километри на час.
- Венецуелски судија издаде налог за апсење на опозицискиот кандидат за претседател Едмундо Гонзалес, под обвиненија кои вклучуваат узурпација на власт, поттикнување на бунт, заговор и саботажа, пренесува ДПА.
Налогот е издаден од судија кој води случаи поврзани со тероризам, на барање на Обвинителството. Овој потег следи по немирите предизвикани од оспорените претседателски избори во Венецуела.
- Откако го напушти затворот во албанскиот град Фиер, поранешниот градоначалник, Фреди Белери, во родната Химара беше дочекан како херој, со букети цвеќе, огномет, прегратки.
Во првата изјава за медиумите тој рече дека ќе ја продолжи правната битка во Судот во Стразбур и доколку се покаже дека е невин, во што е убеден, повторно ќе се кандидира за градоначалник на Химара.