МИА Општински пул
- МИА Општински пул
7 ноември 2024
Берово - Општина Берово и годинава ќе организира Форум во заедницата на кој граѓаните ќе да предлагаат приоритетни проекти за реализација од Општинскиот буџет за 2025 година. За таа цел денес градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски излезе со соопштение во кое ги поканува граѓаните активно да земат учество во креирањето одлуки на локално ниво.
-Општина Берово ги поканува сите заинтересирани граѓани, преставници на Здруженија на граѓани, претставници од приватниот сектор, образовни и други институции, да учествуваат на Проектен Форум. Истиот се организира и спроведува од страна на Општина Берово, на ден 11.11.2024 година (понеделник) во големата сала во општинската зграда, со почеток во 12.00 часот, се вели во соопштението од градоначалникот Пекевски.
Форумот, како што додаде тој, е алатка за учество на граѓаните во подготовка и избор на приоритетни проекти, со цел зголемување на транспарентноста и учеството на граѓаните во процесот на донесување на одлуки на локално ниво.
-На форумските сесии присутните преку своето учество ќе имаат можност да се запознаат со реализацијата на општинскиот буџет за тековната 2024 година, да дискутираат и предлагаат проекти за планирање на буџетот за 2025 година, додаде Пекевски.
Проектниот форум како што посочи има за цел преку дебатирање да биде основа за креирање на конкретни предлог решенија и проекти за приоритетите и проблемите на граѓаните.
Македонска Каменица - Во Македонска Каменица во тек е интервентно чистење и дезинфекција на базените и доводните цевководи од системот за водоснабдување. Со активноста, како што соопшти градоначалникот Димчо Атанасовски, се опфатени сите приградски населени места во Стара Каменица и во село Дулица.
-Претходно, од страна на ЈП Камена Река, беше уреден и дополнително заштитен зафатот за вода на местото Јуручки гробишта во село Цера, активност со која успеавме значително да ги подобриме условите за постојано обезбедување на чиста и здрава вода за пиење, соопшти Атанасовски.
Сите овие работни активности, како што додаде, се спроведуваат во рамки на подготовките за пуштање во употреба на новата филтер станица во село Цера.
-Новата филтер станица во село Цера веќе е инсталирана и ќе биде ставена во функција веднаш по завршувањето на подготвителните работи. Со овој проект, потврдуваме дека грижата за здравјето на граѓаните во сите населени места е приоритет во нашето работење, додаде Атанасовски.
Потенцираше дека Општината ќе продолжи да вложува во унапредување на снабдувањето со квалитетна вода за пиење на сите жители на општина Македонска Каменица.
Струга - Со свечена седница Советот на Општина Струга утре ќе го одбележи јубилејот 80 години од ослободувањето на градот од фашистите во Втората светска војна.
Во рамките на одбележувањето предвидено е положување цвеќе пред Споменикот на Револуцијата и на бистите на паднатите борци на кејот на реката Црн Дрим, во организација на Општинската организација на Сојузот на борците.
А јубилејот 80 години слободна Струга со низа манифестации ќе биде одбележан и од учениците во основните училишта.
Борбите за слобода почнале на 19 октомври 1944 година во раните утрински часови. Струга ја бранеле од Германската војска и нивните помагачи, а борците кои војувале да ја ослободат Струга биле во многу тешка положба, бидејќи окупаторот бил внатре и неможеле да напаѓаат. Во тешката и неизвесна борба со окупаторот загинале многу млади луѓе од Струга и струшко. Но, иако опкружени од сите страни, на страната на срушките борци бил идеалот Струга да биде слободна.
Повозрасните стружани се присетуваат на кажувањата на нивните блиски за жарот и среќата која се расширила утрото на Митровден, 8 ноември кога градот бил ослободен од окупаторот.
Денес, Струга е модерен град. Град што блика со својата светлост и убавина, град на две води, на мостовите и поезијата, пример за мултиетничка и мултикултурна толеранција.
Штип - Штипското Средно Општинско училиште „Коле Нехтенин“ станува регионален центар за средно стручно образование и обука, најави при денешната посета министерката за обарзование и наука, Весна Јаневска. Таа посочи дека со ова се прави исчекор напред, кога е во прашање образованито и напредокот на младите. Со ова Штип станува вистински центар во источниот дел од државата.
-Ќе претставува едно од осумте можни училишта регионални центри во источниот регион. Досега имаме отворени повеќе такви, ова е шесто. Многу наскоро очекуваме да го отвориме и седмиот и ќе остане до крајот нс 2028 да го отвориме и осмиот регионален центар, вели Јаневска.
Таа додава дека процесот ќе трае три години и се очекува да се подобри инфраструктурата. Директорката на СОУ „Коле Нехтенин“, Јованка Шалева вели дека ќе се определат и струките, кои се најнеопходни за овој регион.
-Ова за нас во иднина ќе значи набавка на многу нова опрема, реконструкција на објектите кои сега не се во функција и ќе очекуваме зголемување на бројот на ученици, вели Шалева.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов додава дека ова е суштинска одлука на Министерството за образование и наука која го подобрува образованието како во Штип така и за целиот регион.
Дојран - Официјално од Општина Дојран преку системот е-Влада испратена е информација до Владата со која се бара итно постапување за санација и пуштање на хидросистемот и истата е ставена на дневен ред на седница на Влада, соопшти денеска на својот фејсбук профил градоначалникот на Дојран, Анго Ангов.
Тој преку објавата ги поканува граѓаните на најголемата еколошка акција за чистење на крајбрежието на Дојранското Езеро, која треба да се одржи задутре.
-Да ја покажеме грижата за Дојранското Езеро, а со ова исто така да испратиме силна порака до надлежното Министерство за животна средина дека Хидросистемот „Ѓавато“ мора да биде пуштен. Се надеваме на позитивен исход и разбирање. Затоа сите заедно сплотени без било какви поделби да го покажеме единството и да испратиме силна порака за нашиот бисер, Дојранското Езеро, напиша Ангов.
Инаку, градоначалникот на Дојран одговорноста за нефункционирањето на Хидросистемот за полнење на Дојранското Езеро ја лоцираше во Министерството за животна средина и во повеќе наврати испрати барања во кои се наведува итноста за пуштање во употреба на Хидросистемот „Ѓавато“.
Според денешните мерења на УХМР нивото на водата во Дојранското Езеро е 80 сантиметри под договорениот минимум.
Скопје - Зоолошката градина во Скопје соопшти дека повторно ќе биде отворена за посетители од сабота откако во октомври беше потврден случај на птичји грип.
- Ве известуваме дека од оваа сабота (09.11.2024) Зоолошка градина на град Скопје повторно ќе биде отворена за посетители со редовно работно време од 09:00-16:00 секој ден. Да уживаме заедно во убавите есенски и сончеви денови, ве очекуваме, стои во објавата на Фејсбук.
ЗОО Скопје беше затворена за посетители откако беше потврден случај на птичји грип. Беше спроведен надзор и хумано убивање на 24 патки, шест гуски, пет кокошки и една чавка. Беа наредени мерки за дезинфекција, испитување на другите птици присутни во Зоолошката градина за присуство на вирусот, зголемување на биосигурносните мерки и други мерки, со цел сузбивање на болеста и спречување на нејзино ширење надвор од Зоолошката градина кај животните и кај луѓето.
Велес - Ансаблот на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов –Џинот“, со претставата „Едвард II“ во режија на Андреј Жолдак според текст на Кристофер Марлоу, вечер ќе настапи на Фестивалот на актерот во Никшиќ, Црна Гора.
На фестивалот во конкуренција за награда освен велешкиот, учествуваат и театрите ИТД од Загреб, Ателје 212 од Белград, копродукција на Српско народно позориште од Нови Сад со Град театар од Будва и Црногорско народно позориште од Подгорица.
Претставата „Едвард II“ е копродукција, дел од меѓународен проект со Драмскиот театар од Пловдив, Бугарија, насловен „Манифест“. Премиерата беше лани на Охридско лето на 6 август. Во неа настапуваат актерите Борис Крстев, Илин Јовановски, Јована Миладинова, Васил Зафирчев, Јордан Витанов, Бранко Михајлоски, Кире Ацески, Никола Петковиќ, Сандра Танчева, Марија Баркова, Леонида Гулевска, Бобан Алексоски и Тодор Стојковски.
На неодамна одржаниот фестивал МЕСС во Сараево, актерката Јована Миладинова, во конкуренција на седум претстави од 11 држави, за улогата во „Едвард II“, доби награда за најдобра млада актерка.
Кавадарци - Кавадарчанка пријавила во полиција дека сограѓанин го попречил патот на нејзиното семејство со автомобил „југо" и се заканувал со остар предмет, информираа денеска од СВР Велес.
-Вчера во 14:50 часот во ОВР Кавадарци, В.Г.(29) од Кавадарци пријавила дека, додека со нејзиниот сопруг и нивните две малолетни деца се движеле со патничко возило „пасат“, на улица „Владимир Назор“ во Кавадарци, В.Б. од Кавадарци со неговото патничко возило „југо“ со кавадаречки регистарски ознаки им го попречил патот и со остар предмет им се заканувал. Се преземаат мерки за расчистување на настанот, појаснија од СВР Велес.
Оттаму информираа исто така дека вчера во 15.50 часот во ОВР Кавадарци било пријавено дека на улица „Никола Минчев“ во градот, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Б.Ѓ.(31) од село Тимјаник, неготинско и С.Ј.(27) од село Саждево, крушевско. По документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава