• понеделник, 23 декември 2024

Нема најава за средба Мицкоски - Радев на Самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта

Нема најава за средба Мицкоски - Радев на Самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта

Скопје, 7 ноември 2024 (МИА) - Нема договор или најава за средба меѓу премиерот Христијан Мицкоски и бугарскиот колега Румен Радев во рамки на Самитот на Европската политичка заедница што денеска се одржува во Будимпешта, информира портпаролката на Владата, Марија Митева.

- Остануваме на ставот како што кажа и претседателот Мицкоски дека е подготвен за разговор во секое време со секој, со цел да се стигне до крајот на целта, рече Митева на прес-конференција во Владата.

За случувањата на Самитот и за евентуални средби, како што рече, јавноста ќе биде информирана преку соопштенија од владината прес-служба.

На Самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта, чиј домаќин е унгарскиот премиер Виктор Орбан, најавено е учество на 47 шефови на држави или влади од Европа, како и на делегација на ЕУ, што ќе ја сочинуваат претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел. 

Во пресрет на Самитот се појавија информации дека Орбан на маргините на собирот ќе организира средба на Мицкоски и Радев, на што македонскиот премиер вчера изјави дека таква средба не е договорена, но дека е подготвен за разговори. сс/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан