Поддржан апелот на Црковниот одбор за санирање на црквата „Свети Никола" во Пустец
- По апелот на Црковниот одбор за помош за санација на црквата „Свети Никола" веќе почнаа зафатите, кои ќе ја заштитат од пропаѓање. „Свети Никола" е една од повеќето пештерски цркви во Општина Пустец.
Дебар, 10 јули 2025 (МИА) - По апелот на Црковниот одбор за помош за санација на црквата „Свети Никола" веќе почнаа зафатите, кои ќе ја заштитат од пропаѓање. „Свети Никола" е една од повеќето пештерски цркви во Општина Пустец.
-Нашите сонародници и драги верници, како и во други случаи веднаш се одзваа на апелот за помош и финансиска поддршка за санирање на овој божји храм. Првиот од нив што се јави е Александар Ѓорѓи од Пустец, кој со неговата градежна екипа и со несебична поддршка на наши млади верници од Пустец го санира покривот на Параклисот, објави Црковниот одбор.

Додаваат дека за поддршка и помош се јавиле и други верници кои сакаат да го реновираат комплетно Параклисот на црквата.
Црквата се наоѓа во местото викано Никол, покрај брегот на Преспанско Езеро, беше во многу лоша состојба и доколку не се интервенираше постоеше опасност од нејзино целосно пропаѓање.
-Каде е силна верата и љубовта кон Бога се случуваат чуда. Со ова дело веќе се потврде тоа. Нека Бог ги благослови сите за големо дело, порачуваат од одборот.
Македонците од Мала Преспа, каде и да се, во себе ја носат љубовта кон родниот крај и посветеноста за зачувување на божјите храмови.
Со финансиска помош, како и непосредна ангажираност санирани се покриви и ѕидови на црквите во селата, изградена е камбанарија кај познатиот манастир „Света Марена" а младите, кои работат и живеат во соседните земји редовно ги чистат црквите и нивните дворови. вт/дма/
Фото: Црковен одбор