• четврток, 05 септември 2024
МИА Општински пул

3 септември 2024

Велес - Раководниот тим на „Кристал 1923“ попозната како велешка Маслодајна  како единствен преработувач на сончоглед во земјава лани бараше  од старата, а сега и од nовата Влада да го намали ДДВ за сончоглед  кое минатата година среде откуп во октомври од 5 беше зголемено на 10 отсто, и воедно да го зголеми ДДВ на суровото масло кое остана непроменето 5 отсто. Со тоа  велешка Маслодајна ќе плаќа исто ДДВ и ќе биде во иста положба  со останатите производители на масло за јадење во земјава, кои како суровина не откупуваат сончоглед туку сурово масло од странство, информираат за МИА од раководниот менаџерски тим на „Кристал 1923“ .

Тие посочуваат дека не е во ред сонгогледот од кој се произведува масло за јадење кое е социјална култура за прехрана на населението да се стави во луксузни култури заедно со фстаците и останатите луксузни култури.

Од велешка Маслодајна потсетуваат  дека тие  последниве години како единствена компанија за производство на масло за јадење  од сончогледовво семе во земјава направија големи напори и успеаја  да го вратат сончогледот на македонските полиња. Воедно се и  единствени кои преработуваат масло за јадење од сончоглед  и кои го откупуваат од македонските земјоделци,  иако им е поевтино како суровина да набавуваат сурово масло од странство.

Битола - Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола во првиот уписен рок евидентира 856 кандидати со што исполнети се над 30 насто од планираните места за студенти бруцоши.

Најголем интерес за упис и годинава е регистриран на Факултетот за информатички и комуникациски технологии каде за 255 места конкурирале 124 студенти, додека најмал интерес за студирање е регистриран на Технолошко-техничкиот факултет во Велес каде се пријавиле 14 кандидати, на Економскиот факултет во Прилеп  пријавен се 57 кандидати и на Биотехничкиот факултет во Битола само 25 кандидати со што понудените квоти се пополнети со околу 20 отсто од планираното.

Втор уписен рок ќе има на сите универзитетски единици на УКЛО-Битола и истиот ќе се реализира на 13 и 16 септември, а доколку има потреба на 24 септември ќе се организира и трет уписен рок, информираа од битолскиот Универзитет.

Струга - Патничко возило „Ауди“ со струшки регистерски ознаки ноќеска било опожарени во Струга, соопшти денека СВР Охрид.

Според информацијата, случајот бил пријавен во 1 часот и 15 минути во ОВР Струга.

- На 3 септември во 01 часот и 15 минути во ОВР Струга било пријавено дека на улицата „Туристичка“ во Струга било опожарено паркирано патничко возило „Ауди“ со струшки   регистарски ознаки, сопственост на Д.А. од Струга. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Струга, а повредени лица нема, стои во соопштението на СВР Охрид. 

На местото бил извршен увид.

СДСМ во соопштение информира дека запаленото возило е на началникот на Струшката полиција.

Охрид - Во Конгресниот центар на на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид, свечено беше затворена 51. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар при УКИМ, на која учествуваа 85 македонисти, филолози, слависти, балканолози, културолози, академици, емеритуси, раководители на катедри на лекторатите, професори, научни истражувачи, лектори и преведувачи од целиот свет.

Темите за јубиларите Крсте Мисирков, Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски поттикнаа 75 реферати, а слоганот на конференцијата „75 за 75“ беше создаден за „75 реферати за 75 години УКИМ“.

Ректорката на УКИМ, проф. д-р  Биљана Ангелова, се осврна за важноста на одржувањето на конференцијата и истакна дека 51. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е значаен чекор напред во македонистичката наука, во која врвната филологија и културологија се во синергија и дијалог со светската македонистика.

Штип - Осумдесет и пет ученици, кои се запишани во штипските средни училишта се ставени на листа на чекање за прием во Државниот студентски дом (ДСД) „Браќа Миладиновци“ во Штип, информираше денеска директорот Јордан Насев. Во овој дом се сместуваат и средношколци и студенти. Тој изјави дека на стартот на учебната година веќе се  сместени  околу 95 средношколци, но се чека конечната листа и од студентите чии упис е од 20 септември до 1 октомври.

-Согласно уписниот рок кој беше до 15 јули, кај нас имаме 180 ученици, од кои 95 се сместени во неделата на 1 септември и заклучно со 2 септември сите места се пополнети. Останатите околу 85 ученици се ставени на листа на чекање. Очекуваме деновиве да излезе и официјално резултатите од студентите од кои се условени и приемот на останатите ученици,рече Насев.

Тој понудил и алтернативно решение, со кое  дел од студентите да се сместат во приватните студентски домови.  На тој начин сите ученици и студенти кои не се од Штип ќе имаат соодветно сместување со цел да може да го продолжат своето образование.

Скопје - Општина Аеродром апелира до Град Скопје итно да изнајде решение и да постави соодветна сообраќајна сигнализација на раскрсницата што се наоѓа на улицата „Коста Новаковиќ“ кај ООУ „Љубен Лапе“.

Станува збор за многу прометна сообраќајница каде што особено во утринските часови се создава метеж, пред почетокот на наставата, кога учениците одат пеш кон училиштето или родителите ги носат со возила во тој период од денот, се вели во соопштението од Општина Аеродром. 

Утрово на посочената локација излегоа в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, и командирот на полициската станица во Аеродром,Тони Петровски, заедно со тим од полицијата со цел да ја увидат фактичката состојба и да постават ред за безбедно одвивање на сообраќајот.

Скопје - Јавното претпријатие Улици и патишта Скопје на ул.Васко Карангелевски во изминатиот период има имплементирано повеќе мерки за зголемување на безбедноста во сообраќајот, како воведување зона на школо, вибро ленти и други мерки кои значително допринесуваат за намалување на брзината на возилата.

Проектот за воведување на нови семафори на крстосницата помеѓу ул. Васко Карангелевски и ул. А Димовски, е поодамна согласно ЗБСП е доставен до МВР Секторот за внатрешни работи Скопје за добивање на потребната согласност за негова имплементација, барање на кое се уште нема одговор од надлежните.

До Секторот за внатрешни работи имаше доставено ОСП за светлосни сигнали семафори на истата локација, е доставен 3 пати, но за истиот СВР Скопје 3 пати се изјасни негативно односно не даде согласност за поставување, при што од таа причина не можеше да биде имплементирано на терен.

Кавадарци - Промоцијата на брошурата ,,Легенди за Тиквешијата", е само еден од настаните за време на манифестацијата ,,Тиквешки гроздобер", што денеска ги најави Музеј галеријата во Кавадарци. Традиционалната културна и туристичка манифестација ќе се одржи во петок, сабота и недела. 

- Во петок во музеј галеријата ќе имаме изложба на уметнички слики од Мирослава Микица Трујкановиќ и концерт на рок групата BADASSALL. Во сабота на програмата е промоцијата на брошурата во објектот познат како куќа на мирис и вкус, нов музеј, таму ќе реализираме и претставување на нова поставка,  ,,Градска етнолошка соба", појаснија од Музејот. 

На агендата за недела, е претставувањето на скулптурите изработени во рамките на првата вајарска колонија, ,,Моклиште 2024". 

Скопје - Отпочна проектот за целосна реконструкција на зелениот појас на десната страна на кејот на река Вардар, која се одвива во повеќе фази со цел воспоставување на мултифункционален модерен јавен простор со ново зеленило.

Се започнува со обнова на зелениот појас на кејот на реката Вардар од Мост Генерал Михајло Апостолски до мостот Близнак, на должина од над 1500 метри должина, при што се поставува нова хидрантска мрежа и формира над 12.000 метри квадратни нова зелена површина.

Скопје - Доградбата на детската градинка „Гоце Делчев“ во општина Илинден, денеска беше свечено отворена. Со овој чекор, како што беше посочено на настанот, нема повеќе листи за чекање за упис во градинка во оваа општина.

Десет месеци траела изградбата на новиот дел на оваа градинка. Беше кажано дека проектот чини 15.000.000 денари, средства од општинскиот буџет, а средствата за опремата биле обезбедени од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Капацитетот на доградбата е за 60 деца и опфаќа 280 квадрати, со две отворени и две затворени занимални, три тоалети, тријажа, чајна кујна и посебен влез со хол.

Предвидено е да се згрижат децата од најмалата група, но, има можност во иднина да се згрижат деца и до шестгодишна возраст.

Струга - Клубот за подводни активности „Норкач“ од Струга во соработка со Camping SCOUT, Diving.mk и нуркачки клуб „Сирена“ в сабота ќе ја реализираат втората еко акција за чистење на дното на Охридското Езеро кај Струга.

Целта, според најавата, е зачувување на природната убавина и богатство на Охридското Езеро и подигање на свеста за значењето на заштитата на животната средина.

Целта на оваа иницијатива е да се одржи чистотата и убавината на нашето природно наследство, а воедно и да се инспирираат локалните заедници и посетителите да преземат активна улога во заштитата на животната средина. Охридското Езеро е од непроценливо значење не само за локалното население, туку и за целата земја, и затоа е важно сите заедно да го зачуваме неговото здравје и убавина, се вели во соопштението на „Норкач“.

Штип - Почна да се гради платото за поставување на типските куќи во штипската населбата Света Недела. Во овие типски куќи треба да се сместат ромските семејства, кои сега живеат во импровизирани услови во старите објекти на Нервното одделение. Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов денеска изјави дека во  моментов се изведуваат активности за бетонирање на платото, а потоа ќе следува и поставување на инфрструктура на типските објекти. Посочи дека во нив ќе бидат сместену околу 40 семејства. Проектот за изградба на типските куќи е финансиран со средства од Европската унија во износ од 600.000 евра.

-Проект за кој што повеќе од десет години се комуницира во јавност, веќе се изведуваат активности за бетонирање на платотот и поставување на инфраструктура на овие типски објекти, кои што се некаде околу 40 на број. Очекувам до крајот на годината истите да бидат поставени, изјави Јорданов.

Дебар, 3 септември 2024 (МИА) - Од денеска укината е рестрикцијата во водоснабдувањето во Дебар, воведена на 18 јули.-Од денеска нормално е снабдувањето со вода за пиење, по 47 дена од воведувањето на  рестрикцијата. На тоа бевме принудени, откако нашите апели таа рационално да се користи беа попусти. Корисниците продолжија со злоупотреба на водата за пиење, за наводнување зелени површини, градини, миење на дворови па дури и тротоари и улици пред секоја куќа, изјави за МИА Бурим Каба, директор на Јавното комунално претпријатие „Стандард“.

Управата на „Стандард“, кое стопанисува со водоводот Росоки-Дебар, воведе рестрикција во населбите „Венец еден“ „Венец два“ „Тараник“ „Ќернаница“ и главната улица во градот „8 септември“ и тоа во период од 13:00 до 16:00 часот.

Струга - Десет лица денеска добија сертификат за негувател по успешно завршената тримесечна обука на Општинската организација на Црвен крст Струга.

Секретарот на Струшкиот Црвен крст Адуриме Даути за МИА информира дека во моментот 53 лица во Струга и струшко добиваат помош и нега во домот од 20 лиценцирани негуватели, но оти интересот бил голем и новите 10 лиценцирани треба да бидат ангажирани.

- Во рамките на социјалната реформа што ја спроведува Министерството за труд и социјална политика 53 стружани, пред се возрасни лица над 65 години, кои немаат кој да се грижи за нив, добиваат помош и нега во домот, истакна Даути.

Услугата веќе трета година ја дава Црвен крст, нагласувајќи дека интерес кај населението има со оглед на фактот дека старосната граница расте.

Остани поврзан