• четврток, 05 септември 2024
МИА Радио флеш

   5  септември  2024

 

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денеска ќе биде домаќин на министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан, кој доаѓа во официјална посета на Република Северна Македонија.

Како што информира МНР, фокус на разговорите Муцунски - Фидан ќе бидат билатералните политички односи, зајакнувањето на економската соработка, искористувањето на инвестициските можности и унапредувањето на соработката во други области од заемен интерес.

Според агендата, двајцата министри најпрво ќе имаат тет-а-тет средба, па билатерална средба на која ќе присуствуваат и делегации од двете министерства, а потоа ќе одржат и заедничка прес-конференција.

Скопје - Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, за време на своето учество на 33-тото издание на Економскиот форум во Карпач, Полска, имал низа активности, меѓу кои и излагање на централната пленарна сесија „Централна и Источна Европа: Нов лидер во дигиталните иновации", каде што дискутирал  за дигиталната трансформација, регионалната соработка и европската интеграција преку дигитализација.

Говорејќи на оваа тема, министерот Андоновски го истакнал формирањето на Министерството за дигитална трансформација како јасен знак дека дигиталната трансформација е врвен приоритет на македонската Влада. 

Брисел - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска ја продолжува дводневна работна посета на Брисел, во чии рамки ќе има средби со генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Стефано Санино и со генералниот директор на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата (ГД НЕАР), Герт Јан Копман.

Скопје - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска ќе го посети археолошкиот локалитет Баргала во Општина Карбинци и националните установи од областа на културата во Штип.

Љутков со директорите на установите и со градоначалниците на Штип и на Карбинци Иван Јорданов и Виктор Паунов ќе направи увид во актуелната состојба во областа на културата и туризмот во овој регион.

Скопје - Министерката за образование и наука Весна Јаневска, амбасадорката на Швајцарија Вероник Улман и извршниот директор на Стопанската комора Антони Пешев денеска ќе ја посетат компанијата „Каз груп“ во Скопје, која е вклучена во реализација на концептот на дуално образование. 

Како што информира Стопанската комора, фабриката за водоводни цевки „Каз груп“ во Скопје реализира практична обука на учениците и соработува со стручното училиште СУГС „Владо Тасески“ - Скопје. Професорот за практична настава од училиштето, со 10-тина ученици кои посетуваат пракса во компанијата ќе бидат исто така присутни на настанот.

Скопје - Во Собранието денеска седница ќе одржат три комисии - Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, Законодавно правната комисија и Комисијата за финансирање и буџет.

Скопје - Поради зголемена фреквенција на возила, на граничниот премин „Табановце“ времето на чекање за излез од државата е околу 20 минути. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира АМСМ. 

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. 

Белград - Српскиот премиер Милош Вучевиќ синоќа во Белград ја прими и водеше разговори со македонската делегација предводена од заменик претседателот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, јави дописникот на МИА од Белград.

На средбата е разговарано за политичката и економската соработка меѓу двете држави, а теми биле и Отворен Балкан и железничкото поврзување на Белград со Скопје со брз воз.

Белград - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, за време на неговата посета на Белград, ја посети македонската амбасада и оствари средба со македонската дијаспора во Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Амбасадорот Никола Тупанчевски го запозна министерот Муцунски со персоналот во амбасадата и со активностите на политички и економски план меѓу Македонија и Србија.

Скопје - Националниот џез оркестар вечер во Битола ќе одржи концерт „A Letter to Ray“ на кој гостин ќе биде Мартин Ѓаконовски - Шпато. Диригент на концертот ќе биде Џијан Емин.

-Мартин Ѓаконовски e македонски контрабасист и композитор кој живее во Германија и се смета за еден од најистакнатите џез-уметници во Европа. Ѓаконовски потекнува од музичко семејство; неговата мајка била џез-пејачка, а неговиот татко, Драган Ѓаконовски-Шпато, е истакнат македонски композитор, диригент и музички аранжер, основоположник на Биг Бендот на Радио Скопје, велат од националниот џез оркестар. 

Кавадарци - Кавадарци одбележува 68 години од тектонската несреќа кај месноста Моклиште, кога загинаа 12 лица и 1.200 овци, голем број грла крупен добиток, потсетија денеска од кавадаречката Музеј галерија. 

- Како последица на тектонското движење на земјата, во раните утрински часови на петти септември 1956 година,  дошло до уривање на ридот „Градот“. Во оваа несреќа животот го изгубиле 11 вработени во земјоделските задруги од Ваташа, Дреново и Возарци и еден случаен минувач од село Долно Бошава, кој одел на пазар во Кавадарци. Во оваа трагедија биле затрупани и 1.200 овци и голем број грла крупен добиток. Огромно количество на земја и камен се спуштило кон реката Луда Мара, ја затворило долината на реката и создало природна брана, која денес се вика Моклишко Езеро, соопштија од Музеј галеријата.

Неготино - Изгоре покрив од куќа синоќа при пожар во Неготино, информира утрово за МИА Столе Атанасов, командир на неготинската територијална противпожарна единица. 

- Веднаш по дојавата за пожарот на местото интервенираа осум пожарникари од ТППЕ Неготино со две цистерни, една цистерна и двајца пожарникари од ТППЕ Кавадарци, една цистерна од „Комуналец“ Неготино и двајца доброволци од неготинското доброволно противпожарно друштво „Повардарец“, појасни Атанасов. 

Според првичните информации, пожарот најверојатно настанал од плинска боца. 

Скопје - По повод 8 Септември, Денот на независноста на Македонија, општина Гази Баба трета година година по ред организира голем музички настан. Оваа година настанот ќе се оддржи вечер на плоштадот во Автокоманда под мотото „Македонија живее“.

Од Општината информираат дека за настанот е подготвена богата културно – уметничка програма, како и перформанс во кој ќе учествуваат македонски актери.

Скопје - На празникот Света Мајка Тереза, 5 септември, денеска во скопската катедрала „Пресвeто Срце Исусово“ ќе се одржи света литургија по повод 25 години епископство на монсињор Киро Стојанов и пет години од посетата на папата Фрањо во земјава.

Свеченото евхаристиско славење ќе го предводи Врхбосанскиот надбискуп и митрополит монсињор Томо Вукшиќ во сослужение на други епископи и свештеници. 

Алмере – Македонската фудбалска репрезентација до 21 година вечерва на гостински терен против Холандија ги продолжува квалификациите за пласман на Европското првенство 2025.

Натпреварот во Алмере е закажан со почеток во 20 часот.

Избраниците на селекторот Драги Канатларовски се петтопласирани во групата Ц со шест бодови од исто толку натпревари, а домаќинот Холандија е лидер со максимални седум победи.

Приштина – Поранешната вицепремиерка, министерка за надворешни работи и главна преговарачка на Косово во дијалогот со Србија, Едита Тахири вели дека некоординацијата меѓу премиерот Албин Курти и Соединетите Американски Држави го остави северот на земјата, населен со мнозинство Срби, без суверенитет, јави дописникот на МИА од Приштина.

Тахири за порталот „Газета Блиц“ изјави дека Курти е „докажан антиамериканец“ и дека од доаѓањето на власт му нанел само штети на Косово.

Приштина – Специјалното обвинителство на Косово поднесе обвинение против лицето Ш.Л., припадник на малцинската етничка заедница Горанци, под сомнение дека сторил кривично дело воено злосторство врз цивилно население во војната во Косово во 1998-99 година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според соопштението на обвинителството, обвинетиот, како полицаец во Призрен, за време на војната во Косово, се сомничи дека извршил убиство, тортура, нехумано постапување врз цивилното население од албанска националност во Сува Река и Ораховец.

Брисел - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска и утре ќе престојува во посета на Норвешка. 

За време на престојот во својата татковина Столтенберг ќе биде примен од норвешкиот крал Харалд Петти и ќе има средба со премиерот Јонас Гар Сторе. 

Генералниот секретар на НАТО во Осло ќе учествува и на настан организиран од Норвешкиот атлантски комитет (ДНАК). 

Варшава - Полскиот министер за одбрана Владислав Кошинјак-Камиш изјави дека одлуката на украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба да поднесе оставка била изненадување за него.

Тој истакна дека не знае што стои зад оставката на Кулеба, но претпоставува дека овој потег можеби се должи на акумулираната замореност.

Атина – Над 270 тони мртви риби биле собрани и отстранети од морето во околината на грчкиот град Волос, а заливот Пагаситикос веќе е целосно исчистен, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што објавија грчките медиуми, периферијата Тесалија е во завршна фаза на справување со еколошката криза предизвикана од огромниот број угинати риби, морето е 100 проценти исчистено, но сепак, останува во сила забраната за капење сè додека не бидат финализирани лабораториските истражувања.

Илјадници слатководни риби од езерото Карла се излеаја во заливот Пагаситикос кои по контактот со морската вода, веднаш умираат и создадоа огромни проблеми и еколошка катастрофа. 

Отава - Канадскиот премиер Џастин Трудо претрпе сериозен политички удар вчера, откако неговиот главен сојузник од левицата објави дека го раскинува политичкиот договор за поддршка на владата на малцинството на либералите.

Премиерот не мора веднаш да распише нови избори, но ќе мора да најде нов поддржувач во парламентот за да преживее евентуален предлог за недоверба.

Во видео објавено на социјалните мрежи, лидерот на Новата демократска партија (НДП), Џагмит Синг, соопшти дека се повлекува од сојузот формиран пред три години.

Минхен - Еден пијан патник се обиде да влезе во кокпитот на авион на компанијата „ИзиЏет“ на висина од 10.000 метри, тврдејќи дека пилотот е „некомпетентен“ и дека тој знае подобро да управува со леталото, но екипажот и патниците успеаја да го совладаат.

Авионот, кој полетал од аеродромот „Гатвик“ во Лондон кон грчкиот остров Кос, морал принудно да слета во Минхен.

Патниците и персоналот кои се бореле со него го собориле на подот, по што добиле аплауз од исплашените патници, пишува весникот „Сан“. По слетувањето во Минхен, германската полиција го уапсила, а патниците ја поминале ноќта во хотели.

Џакарта - Папата Франциск и главниот имам на Џакарта, великиот имам Насарудин Умар, денеска потпишаа заеднички документ, повикувајќи на акција против „инструментализацијата на конфликтите од религиозна природа“ и против глобалното затоплување.

Ова се случи на меѓурелигиска средба пред џамијата „Истиклал“ во индонезиската престолнина.

Во „Декларацијата од Истиклал“, двајцата верски лидери изразија загриженост поради „дехуманизацијата“, поврзана со „ширењето на конфликтите и насилството“, и повикаа на „решителни активности за зачувување на животната средина и нејзините ресурси“.

Вашингтон – Семејствата на Американците, кои се заложници на Хамас од 7 октомври во Појасот Газа, ќе испратат петиција до администрацијата на претседателот Џо Бајден да се договори со палестинската група за ослободување на нивните најблиски. Договорот нема да ги вклучи Израелците, кои се обидуваат да ги ослободат киднапираните израелски граѓани.

Се претпоставува дека 97 од 251 заложник земен од Хамас се уште се во Појасот Газа, меѓу кои и седум американски државјани.

Вашингтон - Кандидатот за претседател на САД од Републиканската партија Доналд Трамп го нарече сторителот на масовното убиство во училиште во Џорџија „болно и изопачено чудовиште“.

„Овие драги деца ни беа одземени премногу рано од едно болно и изопачено чудовиште“, напиша тој на својата социјална мрежа „Трут Соушал“.

Потпретседателката и кандидатка за Белата куќа од Демократската партија, Камала Харис, повика на решителни мерки против насилството со огнено оружје.

Пекинг - Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска вети ново финансирање за Африка во вредност од 51 милијарда долари, поддршка за 30 инфраструктурни проекти на континентот богат со ресурси и отворање на најмалку еден милион работни места.

Во своето обраќање на самитот за соработка меѓу Кина и Африка, Си им вети на делегати од над 50 африкански држави дека кинеската економија, вредна 19 трилиони долари, еднострано ќе го подобри пристапот до својот пазар за африканската трговија.

Рамала - Пет лица загинаа, а еден е тешко повреден при напад во Тубас, во северниот дел на окупираниот Западен Брег, каде израелската армија потврди дека спровела операција.

„Петмина загинаа, а еден е тешко повреден при напад врз возило во Тубас“, се наведува во соопштението на палестинската Црвена Полумесечина.

Од своја страна, израелската армија соопшти на Телеграм дека извела „три удари врз вооружени терористи“ кои претставувале закана за нејзините војници во областа Тубас.

Израелските сили го нападнале бегалскиот камп „Фараа“ во областа Тубас.

Остани поврзан