• вторник, 03 септември 2024
МИА Општински пул

3 септември 2024 

Скопје - Во текот на летниот период, Општина Центар спроведе бројни реконструкции, реновирања и набавка на дигитална опрема во сите осум општински основни училишта. ООУ „ Свети Кирил и Методиј“ исто така доби нова опрема – седум смарт табли и десет клима уреди.

Со оваа инвестиција, речиси сите училници сега се опремени со клима уреди и со смарт табли. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски истакна дека за време на посетата на училиштето лично се уверил во придобивките од смарт уредите во наставниот процес.

Скопје - Универзитетот Скопје денеска ќе додели 120 ранци и училишен прибор за децата од згрижувачките семејства во Скопје. Акцијата е спроведена во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Општина Гази Баба, стои во соопштението. 

Крива Паланка - Со инвестиции од буџетот на Општина Крива Паланка од развојната програма за 2024 година, завршено е асфалтирањето на улицата "8 Септември" во населбата Осичка маала.

Поставен е нов асфалт на вкупна површина од околу 2000 метри квадратни, што опфаќа околу 185 метри од кракот на ул.„8 Септември" на потег од м.в. „Да - Бо" до комплексот згради во населбата, крак од улицата кон клучка со обиколницата А2 и асфалтирање на платото кај зградите. Инвестицијата е финансирана во рамки на Развојната програма на Општина Крива Паланка за 2024, со која за реконструкција и рехабилитација на три улици во Осичка маала се вложуваат 8.000.000 денари.
Од локалната самоуправа на Општина Крива Паланка информираат дека минатата недела беше завршено асфалтирање на улицата „Партизанска", од „Да-Бо" кон спој со обиколниот пат, а деновиве интензивно ќе се работи на завршување на градежните работи за реконструкција на улицата „Моша Пијаде" во истиот реон.

Скопје - Во изминатото деноноќие на територија на цела држава имало 32 пожари на отворен простор, од кои 27 се изгаснати, еден е ставен под контрола, а четри се уште се активни. Активни пожари има на територија на Општина Чучер-Сандево, кај село Танушевци, во месноста викана Рамно, во Општина Чашка, на планината Мукос, кај село Степанци, во месноста викана Кадиица и селата Оморани и Ораов Дол, во Општина Прилеп, кај селата Пештани, Кокре и Кален и во Општина Штип, кај селата Хаџи Хамзали, Едеклерци и Топлик, во близина на полигонот Криволак.

Како што информира денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК), под контрола е ставен пожарот во демирхисарското село Вардино.

Скопје - Владата утрово соопшти дека прв пат по седум години е обезбедена навремена испорака на бесплатни учебници во сите основни училишта. Според Владата, обезбедени се 10-тина нови наслови во основното и над 100 во средното образование, кои досега не биле отпечатени. 

-Суштинска определба на Владата е образованието да биде достапно за секого. Една од заложбите беше по повеќе години да се обезбеди навремено печатење и дистрибуција на бесплатни учебници за сите основци. Оваа година се става крај на учењето од скрипти и други помагала. Прв пат по седум години учебната година почнува со навремено испорачани учебници во сите основни училишта во државата. За сите ученици Министерството за образование и наука испорача 360 илјади примероци од одобрените учебници и наставни материјали. За само два месеци се постигна тоа што не беше направено седум години, наведува Владата.

Скопје - Македонскиот краткометражен филм „Мала шега“ на режисерот Трифун Ситниковски, премиерно се прикажа на Меѓународниот филмски фестивал Оденсе (ОФФ Фестивал) во Данска заедно со 147 филмови од 39 различни земји. „Мала шега“ е во продукција на ДНФ Филмс и копродуциран од ИРЛ од Македонија и Изван Фокуса од Хрватска, во соработка со Вардар филм, а со поддршка на Агенција за филм и Хрватскиот аудиовизуелен центар.

Кратките филмови кои се прикажуваат на ОФФ фестивалот се квалификуваат за Оскари и за Европските филмски награди (ЕФА) и БАФТА. Билетите за првата проекција на „Мала шега“ беа целосно распродадени, а фестивалот го посетија над 250 гости од целиот свет,информира од екипата на „Мала шега“ продуцентот и монтажер Гоце Кралевски.

 

Остани поврзан