• четврток, 05 септември 2024
МИА Радио флеш

   4 септември 2024

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски вели дека охрабрува растот на индустриското производство  кое по подолго време забележа раст минатиот месец и е добар индикатор, бидејќи, како што изјави денеска, бизнис заедницата има доверба во институциите. Очекува придвижување на БДП и со парите од заемот од Унгарија што вчера помина на седница на Владата и наскоро треба да се најде пред пратениците.

Индустриското производство по подолго време пад има пораст во јули, но тоа е веќе третиот квартал. Денеска го очекуваме вториот квартал. Тоа не охрабрува што 3,8 проценти имаме пораст на индустриското производство после неколку месеци пад, изјави Мицкоски, кој по почетокот на изградба на фабрика за литиумски батерии во ТИРЗ Скопје, одговараше на новинарско прашање, за неговите очекување за податоците  за БДП во вториот квартал годинава.

Скопје – Судењето поврзано со убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски се одложи за 20 септември откако Судечкиот совет при Основен кривичен суд Скопје денеска донесе одлука за спојување на постапките на обвинетите.

Основното јавно обвинителство Скопје најпрво поднесе обвинение против четири лица, а потоа и за првоосомничениот Љупчо Палевски за кого се чекаше екстрадиција од Турција, за двојното грабнување и свирепо убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека на следната владина седница или на таа по неа ќе се знаат новите членови на македонскиот тим од мешовитата комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија.

  – Деновиве очекувам да се видам со министерот за надворешни работи и надворешна трговија. Тој е сега надвор од државата, мислам дека вчера беше во Блед, денеска во Белград, а потоа оди на друго место. Кога ќе се видам, ќе ги прецизираме. Има некои идеи, има некои размисли. Мислам дека на следната или по таа владина седница ќе помине новиот состав на комисијата која што преговара за историските прашања со нашиот источен сосед, па и со нашиот јужен, изјави Мицкоски по почетокот на изградба на фабрика за литиумски батерии во ТИРЗ Скопје.

Гевгелија – Со натпреварот во Суперкупот меѓу актуелниот шампион Еурофарм Пелистер и освојувачот на Купот на Македонија Алкалоид, вечерва официјално ќе биде отворена новата сезона во домашниот ракомет. Ракометниот Суперкуп меѓу Еурофарм Пелистер и Алкалоид е закажан со почеток во 19.00 часот во спортска сала „26-ти април“ во Гевгелија.
Ова е седмо издание на македонскиот ракометен Суперкуп во кој, со четири титули, најуспешен е Вардар 1961, а Еурофарм Пелистер триумфираше два пати.

Љубљана – Фронтменот на „Рибља чорба“, Бора Ѓорѓевиќ по тешко боледување почина на 72 години во болница во Љубљана.

- Почитувани пријатели, со тага и тага ве известуваме дека нашиот пријател и брат, Борисав Бора Ѓорѓевиќ не напушти. Почивај во мир драг наш Боки, се наведува во соопштението на бендот.

Бора последните денови од животот ги помина во Клиничкиот болнички центар во Љубљана, каде што беше хоспитализиран по тешка пневмонија.

Киев - Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска поднесе оставка поради најголемите промени во украинската влада од почетокот на руската инвазија на Украина.

Во следните неколку дена се очекуваат повеќе оставки и именувања откако вчера петмина министри поднесоа оставки од кабинетот. Претседателот на украинската Врховна рада и близок соработник на претседателот Володимир Зеленски, Руслан Стефанчук, ги опиша овие настани како најголем „рестарт“ на владата пред почетокот на зимата.

Анкара – Претседателот на Египет, Абдел Фатах ал Сиси денеска ќе ја посети Турција, при што е предвидено потпишување на околу 20 договори за соработка во одбраната, енергетиката, туризмот, здравството, образованието и културата. Планирана е средба на високо ниво на Советот за стратешка соработка помеѓу Турција и Египет на која Сиси ќе се сретне со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

Предвидено е да се разговара за повеќе прашања, меѓу кои трговските односи меѓу двете страни, како и ситуацијата во Појасот Газа.

Тел Авив - Бени Ганц, поранешен началник на генералштабот на израелските вооружени сили и екс-член на воениот кабинет, остро го критикуваше премиерот Бенјамин Нетанјаху и повика на договор за прекин на огнот во појасот Газа.

Ганц, на прес-конференција, истакна дека Израел не треба да ги држи своите војници во Филаделфискиот коридор, спротивставувајќи се на ставот на Нетанјаху, кој смета дека контролата на оваа област на границата меѓу Газа и Египет е од клучно значење за безбедноста на земјата.

Хелсинки - Владејачката централно-десничарска коалиција во Финска планира да потроши повеќе за членството во НАТО, одбраната и безбедноста во 2025 година, додека ги намалува социјалните трошоци за да го олесни фискалниот дефицит, објави денеска коалицијата.

Коалицијата на премиерот Питер Орп воведе реформи на пазарот на труд и ги намали бенефициите за социјална помош, што ги налути синдикатите кои започнаа масовни штрајкови во март и април.

Вашингтон - Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека ќе се изјасни за невин по обвиненијата дека се обидел да ја поништи неговата загуба на изборите во 2020 година од Џо Бајден.

Трамп, републиканскиот претседателски кандидат, се откажа од правото да се појави на суд и наместо тоа ги овласти своите адвокати да се изјаснат во негово име во новиот случај против него поврзан со наводното мешање во претседателските избори во 2020 година. Изменетиот обвинителен акт, поднесен минатата недела од специјалниот советник Џек Смит, ги вклучува истите четири обвиненија кои обвинителите ги покренаа против Трамп минатата година.

Вашингтон - Западниот дел на САД се соочува со екстремни горештини, при што во Феникс 100 последователни денови живата во температурата не се спушта под 38 степени Целзиусови.

Особено тешка е ситуацијата во пустинските градови, каде што температурата може да достигне 49 степени Целзиусови.

Националната метеоролошка служба на САД предупреди дека бездомниците, старите лица, децата и лицата со здравствени проблеми се најпогодени. Се очекува температурите да опаднат до крајот на неделата, но сè уште не се предвидува крај на горештините во Феникс.

Вашингтон - Најмалку шест лица се ранети во неселективно пукање на автопатот Интерстејт 5 во близина на Сиетл, САД. Според медиумските извештаи, осомничениот бил уапсен откако седум возила биле погодени од куршуми.

Двајца од ранетите се во критична состојба. Полицијата не даде повеќе информации за можните мотиви на напаѓачот.

Копенхаген - Данската полиција ја приведе активистката Грета Тунберг за време на протестот против војната во Газа одржан во Копенхаген, објавија странските агенции, цитирајќи го портпаролот на студентската група која ги организираше демонстрациите.

Шест лица се приведени на Универзитетот во Копенхаген откако околу 20 лица го блокирале влезот во зградата, а тројца влегле внатре, додаде портпаролот.

Москва - Руското Министерство за надворешни работи утрово ги предупреди Западот и Украина дека Москва веднаш ќе одговори во случај на напади на Украина со долг дострел на руска територија.

Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи, рече дека рускиот одговор би бил „исклучително болен“.

Сингапур - Индискиот премиер Нарендра Моди денеска ќе се сретне со сингапурскиот премиер Лоренс Вонг, соопшти владата на Сингапур. Дводневната посета на Моди на Сингапур започнува денеска.

Индискиот лидер ќе се сретне и со претседателот на Сингапур Тарман Шанмугаратнам и со поранешните премиери Ли Хсиен Лунг и Го Чок Тонг за време на неговата посета, која ќе биде петта за Моди на Сингапур.

Остани поврзан