• среда, 04 септември 2024
МИА Радио флеш

          4 септември 2024

 

Скопје - Камен темелник за фабрика за литиумски  батерии, инвестиција од 65 милиони евра на германската компанија BMZ Group, ќе биде поставен денеска во Технолошко индустриската развојна зона Скопје.

На настанот е најавено присуство на премиерот Христијан Мицкоски, кој вчера изјави дека инвестицијата ќе отвори 700 работни места, а и претходела напорна двомесечна работа и отстранување на недостатоци што се акумулирале во месеците наназад.

-Со завршувањето на оваа инвестиција ќе биде зголемен извозот, а со зголемување на извозот ќе биде намалена разликата, односно дефицитот меѓу извозот и увозот и на тој начин ќе се зголемува БДП,  изјави Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања.

Брисел - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани од денеска престојува во дводневна работна посета на Брисел, во чии рамки ќе има средби со претставници на институциите на ЕУ како дел од тековните напори за пробив на европскиот пат на Северна Македонија и продлабочување на соработката со клучните тела на Европската Унија. 

Предвидено е Муртезани да се сретне со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји, со генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Стефано Санино и со генералниот директор на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата (ГД НЕАР), Герт Јан Копман. 

Скопје - Членовите на собраниската Комисија за европски прашања денеска треба да расправаат по Предлогот на закон за парничната постапка. Како што информираа завчера од Министерството за правда, Предлог на законот за парничната постапка има за цел  да се уредат прашањата кои создаваа проблеми во примената на законот (вешачењето, доставата, забрзување на постапката во споровите од мала вредност и др.), а беа констатирани од сите засегнати страни, информираат денеска од Министерството за правда. Со Предлог законот се предвидува намалување на висината на паричната казна за учесниците во постапката, во согласност со генералната определба на Владата за намалување на казните, се усогласува поднесокот во електронска форма, се поедноставува електронската достава во согласност со релевантните законски одредби за електронско работење во државата.

Скопје - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска во Скопје ќе се обрати на настанот по повод промоцијата на велосипедската рута „Транс Динарика“ која поврзува шест земји од Западен Балкан.

Како што соопштија од Министерството за култура и туризам, на промотивниот настан ќе се обратат и амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џеин и програмскиот менаџер на програмата „Рекономи“, Пауло Родригез.

Скопје – Судењето поврзано со убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски треба да започне денеска во Основен кривичен суд Скопје.

Основното јавно обвинителство Скопје најпрво поднесе обвинение против четири лица, а потоа и за првоосомничениот Љупчо Палевски за кого се чекаше екстрадиција од Турција, за двојното грабнување и свирепо убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.

Основниот кривичен суд ги одобри во целост обвиненијата и на барање на Обвинителството ги спои во една постапка во која покрај Палевски, обвинети се и Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.

Скопје - „Зајакнување на соработката меѓу Владата и граѓанското општество“, е насловена денешната дебата што ќе се одржи во организација на Граѓанскиот ресурсен центар во нејзините простории во Скопје.

- Развиено граѓанското општество придонесува за зајакнувањето на демократските вредности и ја поттикнува граѓанската свест. За да можат граѓанските организации да одговорат ефикасно на општествените предизвици и потребите на граѓаните, потребна е функционална соработка со Владата и институциите, соопштија од Граѓанскиот ресурсен центар.

Скопје - Во Собранието на Република Северна Македонија денеска во организација на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС) ќе се одржи настан „Прогресот на Северна Македонија во Берлинскиот процес – Презентација на акциски планови за Заеднички регионален пазар и Зелена агенда“.

Како што е најавено, воведни воведни излагања ќе имаат претседател на Собранието Африм Гаши, Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија (ИДСЦС) и Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија во земјава.

Скопје - Потребна е широка инвестиција во голем број институции. Политичката волја се демонстрира низ сеопфатна инвестиција во подобрувањето на интегритетот на институциите. Таа инвестиција подразбира вложување во луѓе и ресурси на институциите, но истовремено и во овозможување раководен кадар кој ќе може независно да ги води институциите. Централна одговорност за ова имаат Владата и Собранието. Владата треба да изнајде начин да го напушти именувањето врз основа на партиска припадност и да овозможи квалитетен процес на формулирање на идни антикорупциски цели и политики. Должност на Собранието е да ги штити институциите, овозможувајќи им ресурси и квалитетни закони по кои тие треба да постапуваат. Меѓутоа, веројатно најважно во замена за тоа, преку надзор да биде постојан коректив на работата на институциите поставувајќи јасни цели и очекувања за успеси во борбата против корупцијата.

Ова е резимето од Анализата на јавни политики „Антикорупција 2030: форсајт анализа на идни и
сегашни корупциски предизвици - Каде треба да е фокусот на Собранието?, што денеска го објави Институт за демократија „Социетас цивилис - Скопје“.

Скопје - Асоцијацијата „Макам-транс“ ја пушти во употреба новата веб платформа https://www.makamtrans.org.mk/ која преку збогатена содржина и подобрени функционалности има за цел да им овозможи навремено, побрзо и поефикасно информирање и функционирање на своите членки со цел одржување на тековна ликвидност во работењето. Дополнително, платформата нуди и можност за анонимно пријавување на неправилности (мито и корупција) и мигранти, што се очекува да придонесе кон намалување на незаконските дејства на граничните премини и главните транспортни коридори, како во земјата, така и во регионот.

Со цел поголем опфат на превозници, оваа алатка е достапна на повеќе јазици: македонски, англиски, албански, српски и хрватски јазик.           

Струга - Во центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга вечер ќе биде отворена изложба со слики на Владимир Младеноски, со која авторот одбележува пет децении ликовно творештво.

На изложбата ќе бидат претставени 20-тина ликовни дела со мотиви од Струга и Струшко и родното Подгорци: портрети, пејзажи, мртва природа и староградска архитектура.

Скопје - Познатата авторка на драмски текстови, сценарија и поетски книги Милена Марковиќ од Белград, денеска во Скопје ќе има промоција на нејзиниот роман „Деца“, за кој ја освои 68. НИН-ова награда за Роман на годината во Србија во 2021 година.

Книгата преку разговор со авторката ќе ја претстави Јулијана Величковска. Изданието е на ПНВ Публикации и беше поддржано од Министерството за култура на Република Србија, а преводот од српски на македонски е на Сашо Огненовски.

Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози со зголемен интензитет на патните правци надвор од градските средини. На граничнитe премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од
државата, соопшти АМСМ.

Белград - Во текот на август во Србија се регистрирани 93 нови случаи на морбили, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје „Д-р Милан Јовановиќ Батут“.

Во текот на август на територијата на Нови Пазар се регистрирани 88 случаи на мали сипаници, три во Тутин и два во Белград, се прецизира во извештајот.

Од почетокот на годинава до 31 август, во Србија е потврдено дека заболеле од сипаници вкупно 348 лица.

Тирана - Албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Игли Хасани, во обраќањето на панелот „Европа целосна и слободна: Возобновена заложба за европската безбедност“, во рамки на Стратешки Форум во Блед, порачал дека интеграцијата во ЕУ е единствениот одржлив пат за Западен Балкан.

Рим - Бура предизвика поплави во Рим, известува АНСА, повикувајќи се на локалните власти.

Моќната бура, иако кратка, вчера ја зафати не само италијанската престолнина, туку и други области во централниот и јужниот дел на земјата, по долг период на топлотен бран.

Во Рим за помалку од еден час паднаа 60 литри дожд на квадратен метар, што е еквивалентно на количината на врнежи за еден есенски месец.

Париз – Тимови од јужноамерикански криминалци, специјално обучени и организирани, „оперирале“ за време на Олимписките игри во Париз, главно насочени кон туристите, соопштија француските власти во доверлива белешка.

Белешката посветена на активностите на овие банди го нагласува значителниот дел од апсењата на државјани на Јужна Америка кои доаѓаат особено од Чиле, Еквадор, Перу и Колумбија меѓу сите обвинети за криминални дејствија за време на Олимписките игри.

Организирани во групи од три до пет лица, мажи и жени на возраст од 30 до 50 години, специјалисти за џепни кражби, тие конкретно биле насочени кон странски туристи, главно во јавниот превоз или хотели.

Џакарта - Папата Франциск денеска ги повика политичките лидери во Индонезија, најнаселената земја со муслиманско мнозинство, да бидат внимателни против верскиот екстремизам, кој, како што рече, „ги искривува верските убедувања на луѓето преку измама и насилство“.

Светиот Отец го упати овој апел во својот прв говор на неговата 12-дневна турнеја низ Југоисточна Азија, каде што христијаните се малцинство.

Владивосток - Рускиот претседател Владимир Путин синоќа пристигна во Владивосток за да учествува на Источниот економски форум, кој се одржува денеска.

„Рускиот претседател ќе има преполна меѓународна програма во пристанишниот град на Далечниот исток на земјата“, рече неговиот помошник Јуриј Ушаков. Тој прецизираше дека Путин конкретно ќе има средби со кинескиот потпретседател Хан Женг, малезискиот премиер Анвар Ибрахим и српскиот вицепремиер Александар Вулин.

Киев - Украинските вооружени сили известија за руски ракетни напади врз Киев и напади со дронови врз западниот град Лавов, изведени во текот на ноќта.

Очевидци велат дека чуле неколку експлозии во предградијата на украинскиот главен град.

Во речиси целата земја е објавена воздушна тревога.

Варшава - Полски воени авиони и авиони на нејзините сојузници беа активирани рано утрово за да го обезбедат воздушниот простор на Полска, земја која граничи со Украина, информираат полските вооружени сили.

Ова се случува по третпат во последните осум дена. Нешто претходно, украинската армија соопшти за руски напад со дронови врз градот Лавов, кој се наоѓа близу полската граница.

Вашингтон - Американскиот претседател Џо Бајден го осуди рускиот ракетен напад врз воен институт во североисточниот украински град Полтава, во кој загинаа 51 лице, а 271 беа повредени. Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа Џон Кирби го осуди нападот „како доказ за бруталноста на рускиот претседател Владимир Путин“.

„Овој напад е трагичен потсетник на упорните и срамотни обиди на Путин да ја поништи волјата на слободниот народ“, додаде Бајден во изјавата.

Вашингтон - Министерството за правда на САД подигна обвиненија против лидерот на Хамас Јахја Синвар и уште неколкумина милитанти за нападот лани на 7 октомври врз Израел и за убиства на американски граѓани, соопшти синоќа главниот обвинител Мерик Гарланд.

Обвиненијата против Синвар и другите високи лидери на Хамас се за „финансирање и водење повеќедецениска кампања за убиства на американски граѓани и загрозување на безбедноста на САД“.

Исто така се обвинува и Хезболах од Либан за обезбедување финансиски средства и оружје како ракети што беа употребени во нападот.

Тел Авив - Бени Ганц, поранешен началник на генералштабот на израелските вооружени сили и екс-член на воениот кабинет, остро го критикуваше премиерот Бенјамин Нетанјаху и повика на договор за прекин на огнот во појасот Газа.

Ганц, на прес-конференција, истакна дека Израел не треба да ги држи своите војници во Филаделфискиот коридор, спротивставувајќи се на ставот на Нетанјаху, кој смета дека контролата на оваа област на границата меѓу Газа и Египет е од клучно значење за безбедноста на земјата.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави персонални промени во Владата и во својот Кабинет, пренесуваат украинските медиуми.

Во своето вечерно видеообраќање, Зеленски го објасни ова решение со потребата од зајакнување на одредени елементи на државното управување. Оваа објава доаѓа во денот кога 51 лице беше убиено во руски ракетен напад на воен институт во градот Полтава, во североисточна Украина.

Киев – Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси вчера му вети на украинскиот претседател Володимир Зеленски помош за купување нуклеарна опрема од Бугарија.

- МААЕ ќе ѝ даде на Украина техничка поддршка и совети за нуклеарна безбедност во врска со нејзините планови за купување опрема за нуклеарната централа Хмелницки, наменета за суспендираниот проект за изградба на АЕЦ „Белене“ во Бугарија. Ова ќе и помогне на Украина да се осигури дека спроведувањето на овој проект ќе продолжи во согласност со безбедносните стандарди, се наведува во соопштението на МААЕ.

Остани поврзан