• недела, 05 мај 2024
МИА Флеш

26 април 2024

- На Клиниката за токсикологија во Скопје ноќеска пукнала цевка од парно поради што биле поплавени простории на третиот кат, тврдат вработени на Клиниката.

Според нив, повеќе од два часа биле поплавени просториите, а проблем е тоа што Клиниката не е осигурена.  

МИА се обиде да стапи во контакт со медицинскиот директор на Токсикологија, но, досега нема одговор. 

Од Министерството за здравство за МИА потврдија дека ноќеска имало пукнала цевка од парно и дека проблемот е веднаш саниран. 

- Во организација на МТСП и Меѓународната организација на труд со конференција на тема: „Климатските промени и безбедноста и здравјето при работа„ го одбележавме 28 април – Светскиот ден на безбедност и здравје при работа.

Сведоци сме на очигледни глобални климатски промени кои се случуваат насекаде на планетата. Резултат на тоа се сè почестите временски и климатски екстремни појави – изразито силни и чести топлотни бранови, силни врнежи, шумски пожари, поизразени сушни периоди итн. Никако не смее да се занемари фактот дека ваквите појави сериозно влијаат врз безбедноста и здравјето на работниците, кои честопати се и првите кои се изложени на овие опасности и тоа обично со изложеност која е подолготрајна и поинтензивна отколку на општата популација.

-  Како дел од коалицијата „За европска иднина“ не можам да кажам колку пратенички мандати ќе се освојат, тоа ќе го кажат на крајот од денот граѓаните. Сметам дека оваа коалиција ќе биде победничката коалиција и дека ќе го заокружи процесот на евроинтеграција до 2030 година, затоа што покажа дека знае како да работи, вели претседателката на Либералнодемократската партија Моника Зајкова во интервју за МИА во рамки на серијата интервјуа што Агенцијата ги подготви во пресрет на парламентарните избори.

ЛДП која деновиве одбележа 27 години од постоењето на политичката сцена, има тројца кандидати за пратеници, а Зајкова која е ко-носителка во Изборната единица 1 заедно со претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, очекува сите тројца да станат пратеници. 

- Поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп денеска изјави дека е подготвен да го обнови конзервативниот сојуз со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Во видео-порака, Трамп изјави дека со нетрпение очекува тесна соработка со Орбан кога, како што изјави, повторно ќе положи заклетва како 47-ми претседател на САД, пренесуваат американските медиуми.

 Албанскиот министер за одбрана, Нико Пелеши, на министерскиот состанок за одбранбена соработка на Централна Европа и Западен Балкан (CEDC), во Будимпешта, посебен акцент ставил на предизвиците со кои се соочува нашиот регион, од последиците од војната во Украина, странските влијанија насочени кон дестабилизација на Западен Балкан, а посебно ја споменал неодамнешната тензична ситуација на северот на Косово.

-Дијалогот меѓу Србија и Косово, толку силно промовиран и баран од Европската унија и САД, е единственото решение за одржување на интегритетот и мирот во регионот, рекол тој, јави Ора њуз.

 – Двајца странски државјани, членови на меѓународната криминална група „Пинк Пантери“, во средата биле уапсени во Атина, а се товарат за две кражби на златарници во центарот на градот, јави дописничката на МИА од Атина.

Неофицијално станува збор за српски државјани, а за кражбите го користеле методот „рифифи“, односно во златарниците и продавниците за накит влегувале по направени дупки од соседни напуштени или празни згради или простори.

- Вишото државно обвинителство во Подгорица отвори предмет во врска со интервјуто на поранешниот претседател на Црна Гора и ДПС Мило Ѓукановиќ.

Станува збор за интервју за Радио Антена М од Подгорица, во кое Ѓукановиќ последните апсења на неговите најблиски соработници ги нарече политички реваншизам и го спореди со крвна одмазда.

- Украинските безбедносни служби (СБУ) денеска соопштија дека уапсиле две лица осомничени за шпионирање за Русија.

Уапсените се претставувале како механичари, патувале на североистокот на земјата, лоцирале воени позиции и пренесувале информации за бомбардирање во Русија.

- Работник е убиен во погранична област меѓу Израел и Либан од противтенковски оган упатен од преку границата во Либан, соопштија денеска Израелските одбранбени сили (ИДФ).

Израелските медиуми објавија дека убиениот е 35-годишник кој со договор од ИДФ работел на инфраструктурни активности. „Тајмс оф Израел“ објави дека тој потекнува од бедуински град, додека Хаарец вели дека е од блиското арапско село.

- Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека светот треба да изврши притисок врз Русија да ја врати нуклеарната централа Запорожје под целосна украинска контрола за да се избегне катастрофа со радијација во централата.

Зеленски овој апел го упати на социјалните мрежи по повод 38-годишнината од катастрофата во нуклеарната централа Чернобил.

- Европските „сили за брза реакција“, кои вчера ги спомна францускиот претседател Емануел Макрон и кои ќе бидат наменети за операции како што е евакуација на граѓани од земји во криза, може да ја здогледаат светлината на денот веќе следната година, изјави францускиот министер за вооружени сили Себастиен Лекорну, цитиран од француските медиуми.

-Ова е клучно прашање за кое се надевам дека ќе успееме да донесеме заклучок веќе следната година, со тоа што ќе бидеме многу одговорни и многу брзи, рече Лекорну во интервју за телевизијата Франс 2.

- Новинарскиот синдикат УСИГраи (USIGrai) повика на 24-часовен штрајк во италијанската јавна телевизија Раи на 6 и 7 мај, главно во знак на протест против мешањето на десничарската влада на премиерката Џорџа Мелони, јави ДПА.

Тие ја обвинија Мелони дека сака да го претвори радиодифузерот во „говорник на владата“.

Заднината на ова е откажување во последен момент на поканата на писателот Антонио Скурати, кој сакаше да прочита текст на денот на ослободувањето на Италија од германската окупација и фашизам на 25 април.

 

 

Остани поврзан