• среда, 24 април 2024
МИА Флеш

17 април 2924

Скопје - Претставници на политичките партии и коалиции, денеска, во Кристалната сала на законодавниот дом го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори за единаесетите парламентарни избори што ќе се одржат на 8 мај.

Претседателот на Државната изборната комисија, Александар Даштевски, истакна дека овој чин претставува израз на волја да се зачува интегритетот на демократскиот процес.

-Кодексот е потврда за демократскиот развој за нашето општество дека сите заедно се обврзуваме на принципите на демократијата. Преку потпишувањето на овој Кодекс, потписниците испраќаат порака за фер и почитување на сите правила, закони и прописи, како и почитување на владеењето на правото и правната држава при организирање на изборите, истакна претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски.

Скопје -  Училиштата во кои ќе се одржи гласањето за претседателските избори ќе работат во вторник, ден пред изборите. Ќе бидат заклучени само оние простории каде ќе сместен избирачкиот материјал. 

- Тоа е веќе договорено и мислам дека е ставено на веб страницата. Тие училишта ќе работат меѓутоа просториите во кои ќе биде избирачкиот материјал, ќе бидат заклучени и ќе ги обезбедува Министерството за внатрешни работи, изјави денеска претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски, одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето на Кодексот за фер и демократски парламентарни избори.

Првиот круг на претседателските избори ќе се одржи следната среда на 24 април.

Скопје -  АД Електрани на Северна Македонија информира дека за утре се создадени услови за испорака на топлинска енергија.

- Ги информираме потрошувачите приклучени на системот за централно греење со кој управуваат компаниите формирани од АД ЕСМ, како и подружницата Енергетика, дека за 18.4.2023 година се создадени услови за испорака на топлинска енергија. Оваа информација е согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ, а врз основа на прогнозираната средна дневна температура на воздухот во Скопје од 11˚С за 18.4.2023 година од Управата за Хидрометеролошки работи, се вели во соопштението од АД ЕСМ.

Снабдувањето со топлинска енергија, согласно регулативата, по правило се врши до 15 април, но грејната сезона може да биде продолжена, до 30-ти април, во зависност од временските услови.

Скопје - Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ги отфрли вчерашните обвинувања од градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и најави тужба за клевета. Министерката денеска на прес-конференција рече дека Арсовска дополнително го оштетила буџетот за реконструкција на салата со 20 милиони денари.

-Ккатегорично ги отфрлам измислените лаги и скандалозни тврдења на Арсовска дека сум знаела за пожарот, а не сум пријавила. Веста за пожарот се ширеше толку брзо што за многу краток период беа преплавени социјалните медиуми од каде што дознав јас и во истиот момент од ова работно место од Министерство за култура се упатив кон Универзална сала. Упадот во системот на Бирото за јавни набавки е карактеристика за едно друго време во кое Градот и државата ја водеа оние коишто ја направија неа градоначалник. Во наше време има уредно барање пратено до Бирото за јавни набавки и уредно добиен одговор за промена на инвеститор како што налага договорот склучен со Град Скопје, рече Костадиновска Стојчевска.

Скопје - Основната каматна стапка останува на ниво од 6,30 проценти. Според Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, монетарната политика е соодветна на условите во економијата, но сепак ризиците кај инфлацијата наметнуваат потреба од натамошно внимателно следење на факторите на инфлацијата и претпазливост во однос на водењето на макроекономските политики што влијаат врз побарувачката во економијата, вклучително и преку пазарот на труд каде што има високи стапки на реален раст на платите. 

Како што информираше денеска Народната банка, понудата на благајнички записи на редовната аукција останува непроменета и изнесува 10 милијарди денари. Каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена се на нивоа од 4,20 проценти и 4,25 проценти.

Скопје - Повисоки плати, бенефициран стаж, инфективен додаток за сите без разлика кој на кое работно место е, промена на колективни договори, побараа денеска здравствените работници од ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Скопје.

Лазо Костовски, претседател на Независен синдикат на геријатрија, во изјава за медиуми истакна дека ниедна влада немала слух за здравството.

Скопје - Продолжи штрајкот на лекари приватни специјализанти, откако Владата на вчерашната седница донесе одлука статусот на приватните специјализанти да се решава по изборите со предлог-законски решенија кои ќе ги предвидат нивните севкупни права и одговорности.

Тие на денешниот протест добија поддршка и од професорката Љубинка Дамјановска Крстиќ од Медицинскиот факултет.

Даниел Трајков, специјализант, рече дека со одлуката на Владата за одбивање на подобрување на нивниот статус, е потврден фактот дека за нив, место во ова општество нема. Тој вели дека од Mинистерството за здраво, ДКСК, иако постојано барале, сѐ уште немале добиено одговор по кој основ подобрување на нивниот статус сега е неможен.

Скопје - Уапсен 73-годишен крушевчанец во чиј дом полициски службеници завчера пронашле оружје и дрога. Тој бил приведен во полициската станица Прилеп и против него ќе бидат поднесени соодветни пријави, информираат од МВР.

- На 15.04.2024, полициски службеници од ОВР Крушево го лишиле од слобода  крушевчанецот В.Ц.(73). При претрес во неговиот дом во с.Кошино, општина Долнени, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени при што одземени пиштол, рамка со куршуми, марихуана, грутчеста материја, пари во различни апоени и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривични дела, соопштуваат од полицијата.

Скопје - Уапсен 22-годишен прилепчанец, во чиј дом вчера полициски службеници пронашле дрога.

- На 16.04 2024 во Прилеп, полициски службеници од го лишиле од слобода прилепчанецот Б.С.(22). При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени марихуана, бела прашкаста материја, грутчеста материја, дигитална вага, предмет со остатоци од бела прашкаста материја и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривични дела, соопштуваат од МВР.

Скопје - Под влијание на серија на влажни бранови до почетокот на следната седмица времето ќе биде променливо облачно наместа со повремени врнежи од дожд, соопшти УХМР.

Во петок пообилни врнежи се очекуваат во јужните делови, а во недела на повеќе места. Поради спуштање на постудена воздушна маса на планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег и на повисоките планини ќе се формира нова снежна покривка. 

Лондон - Анализата на Би-би-си покажува дека во Украина загинале над 50.000 руски војници, како и оти во втората година од војната настрадале околу 25 проценти повеќе во споредба со првата година.

Бројката на загинати руски војници во анализата на Би-би-си е осумпати поголема од официјалната бројка што Москва ја објави во септември минатата година.

Би-би-би на руски јазик, независната медиумска група Медијазон и волонтерите од февруари 2022 година, ги бројат смртните случаи, ги следат новите гробови, собираат информации од официјални извештаи, медиумите и од социјалните мрежи.

Подгорица - Припадници на црногорското Специјално полициско одделение (СПО) по налог на Специјалното државно обвинителство утрово влезе во просториите на Агенцијата за спречување корупција (АСК).

Локалните медиуми јавуваат дека директорката на АСК, Јелена Перовиќ, заминала од агенцијата во придружба на полицијата и на својот адвокат, но засега не е познато дали е приведена.

Според неофицијални информации, службениците на СПО, меѓу другото, одзеле документација за наводна злоупотреба на службеното возило, а Перовиќ ја однеле да сведочи на претресот на нејзиниот службен автомобил БМВ, по што се вратиле во зградата на АСК.

Берлин – Во денешната рација на полицијата во западниот и јужниот дел на Германија приведени се десет лица осомничени за поврзаност со група за шверцување луѓе од Кина.

Приведените се сомничат дека ги искористиле специјалните германски имиграциски правила да добијат дозволи за престој за околу 350 кинески државјани во замена за стотина илјади евра.

Германскиот весник Билд објави дека неколкумина вработени во имиграциските канцеларии примиле мито.

Брисел– Специјалци на НАТО од вчера почнаа со обука на кадети во Узбекистан. Персоналот на НАТО одржа обука на повеќе теми за кадетите за време на посетата на специјализиран армиски центар за обука во земјата, се наведува во соопштението од узбекистанското Министерство за одбрана.

Предвидено е обуката да трае до 20 април.

Узбекистан е поранешна советска република, кој има блиски врски со Русија, а изминатите години имаше и повеќе разговори за зајакнување на економската соработка со Талибанците од Авганистан.

Остани поврзан