• сабота, 04 мај 2024
МИА Радио флеш

26 април 2024 

- Вицепремиерката за европски прашања на Република Молдавија, Кристина Герасимов денеска ќе престојува во официјалната посета на Северна Македонија.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања,  вицепремиерот за европски прашања на Република Северна Македонија, Бојан Маричиќ и вицепремиерката Герасимов ќе одржат билатералната средба.

- Во вториот круг од претседателските избори, што ќе се одржат на 8 мај заедно со парламентарните избори, одат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ кои освоија најмногу гласови според првичните официјални резултати на Државната изборна комисија. Во тек се роковите за приговори до ДИК, кои можат да ги поднесат кандидатите за постапката на гласање и за сумирањето на резултатите. 

До денеска до 19 часот истекува рокот за поднесување на приговори за постапката на гласање, а до полноќ рокот за приговори што се однесуваат на сумирањето на резултатите по што ДИК треба да донесе одлука во рок од 72 часа. Како што вчера појасни претседателот на ДИК Александар Даштевски, кандидатите доколку не се задоволни од одлуката на ДИК, имаат право на тужба до Управниот суд кој, пак треба да одлучи во рок од 48 часа по приемот на тужбата.

- Институтот за јавно здравје денеска свечено ќе одбележи 100 години постоење.

- Основан пред еден век, ЈЗУ Институт за јавно здравје стои како темелник на превентивната здравствена заштита, посветена на служење на интересите и благосостојбата на сите граѓани. Овој значаен настан не е само прослава на долговечноста, туку и доказ за непоколебливата посветеност на Институтот за јавното здравје. Во првите редови на превентивната здравствена заштита, Институтот вредно работеше на заштита на здравјето и благосостојбата на заедницата, поставувајќи преседан како прва и единствена здравствена институција во државата, што постигнува да одбележи 100 години од своето формирање и успешно функционирање, информираа претходно од Институтот.

- Во Центарот за управување со кризи, според последниот извештај, имало вкупно 1 694 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 49,82 отсто, а 50,18 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.

Како што информира денеска ЦУК, кон полиција биле упатени 69,92 отсто и кон итната медицинска помош 28,91 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.

Во последното деноноќие немало евидентирани пожари на отворено.

- Второто издание на Стартап Викенд Охрид ќе се одржува од денеска до 28 април во просториите на универзитетот„Апостол Павле”.

Целна група на овој настан, како што велат организаторите, се млади професионалци од цела држава кои сакаат да започнат свој старап бизнис или да ја развијат нивната иноватива идеја.

- Претставникот на чешкото и словачкото национално малцинство, Владимир Билек синоќа изјави дека Клубот на пратениците на националните малцинства одлучил да го поддржи Гордан Јандроковиќ од Хрватската демократска заедница (ХДЗ) за претседател на Парламентот.

Ова го изјави за телевизијата РТЛ по средбата на осуммина пратеници од малцинството, меѓу кои и тројца Срби од Независната демократска српска партија (СДСС).

- Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека по борбените авиони „Рафал“, следниот чекор е набавка на повеќенаменски бродови за хрватската морнарица.

-Следниот голем проект на евентуалната трета влада на Андреј Пленковиќ ќе биде набавка на повеќенаменски бродови, изјави хрватскиот премиер по свечениот пречек во Хрватска на првата група повеќенаменски борбени авиони „Рафал“, кои пристигнаа од францускиот град Бордо.

- Српскиот лидер во БиХ, Милорад Додик, синоќа изрази подготвеност да го посети Меморијалниот центар Поточари во Сребреница и да положи цвеќе на заедничкиот споменик подигнат во спомен на масакрот врз Бошњаците во војната, но повторно негираше дека таму се случил геноцид.

Во интервју за новинската агенција на Република Српска, претседателот Додик најави дека владата и целото раководство на овој ентитет ќе заседаваат во Сребреница на 2 мај 2024 година, кога ќе се одржи расправата во Обединетите нации и се очекува гласањето за Резолуцијата за осудата на геноцидот во овој град во летото 1995 година, јпренесе Хина.

- Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер смета дека зголемениот број откриени случаи на шпионажа се должи на тоа што „нивото на закана е високо“, поради што контраразузнавачките служби презеле дополнителни заштитни мерки, јави ДПА.

Германската контраразузнавачка служба, официјално позната како Федерална канцеларија за заштита на Уставот, сериозно ги засили своите антишпионски мерки, изјави Фезер во интервју за Рајнише пост.

- Британската фармацевтска компанија „Глаксо Смит Клајн“ („GlaxoSmithKline“) вчера поднесе тужба до федералниот суд во Делавер против американскиот Фајзер (Pfizer) и германскиот БиоНТек (BioNTech), тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласникот RNA (mRNA) во вакцините против Ковид-19.

-Вакцините на Фајзер и БиоНТек ги прекршуваат иновациите на „Глаксо Смит Клајн“ заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени повеќе од десет години пред пандемијата на Ковид-19, се вели во тужбата.

- Украинскиот министер за земјоделство Микола Солски понуди оставка бидејќи се соочува со обвинувања за вмешаност во нелегално стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.

Солски (44) беше во центарот на напорите на Украина да ја одржи својата индустрија за жито, бидејќи руската инвазија ги блокираше извозните патишта на Црното Море, ги затрупа полињата со мини и запленети обработливо земјиште.

- Украинскиот претседател Володимир Зеленски сака да го прошири домашното одбранбено производство со помош од Западот, рече тој синоќа во своето секојдневно видео обраќање, пренесе ДПА.

Зеленски рече дека бара од меѓународните партнери кои немаат сопствени производствени капацитети да инвестираат во украинскиот одбранбен сектор, заеднички да произведуваат оружје и да го зајакнат фронтот.

-  Портпаролката на Стејт департментот на арапски јазик Хала Рарит поднесе оставка поради противењето на политиката на Вашингтон за војната во Газа, што е најмалку трета оставка на Стејт департментот поради истата причина.

Рарит служеше и како заменик-директор на Регионалниот медиумски центар во Дубаи и му се приклучи на Стејт департментот пред речиси две децении како офицер за политички и човекови права, според веб-страницата на Стејт департментот.

- Неколку илјади староседелци маршираа до седиштето на владата во Бразилија, протестирајќи против неуспехот на владата да ги заштити нивните наследни права на земјиштето.

Домородните жители се незадоволни од плановите за изградба на железница за транспорт на жито од бразилските држави каде што се произведува до пристаништата во Амазон за извоз, пренесуваат британските медиуми. 

- Венецуела веќе годинава планира да се приклучи кон групата земји БРИКС и веќе се смета за дел од оваа организација, изјави денеска шефот на дипломатијата, Иван Хил Пинто. 

-Венецуела се чувствува како дел од БРИКС и работи на тоа наскоро да стане полноправна членка, рече Пинто на прес-конференцијата во Каракас, која венецуелската Влада ја организираше заедно со руската Амбасада, пренесуваат руските медиуми. 

- Украинскиот суд денеска му одреди притвор на министерот за земјоделство на Украина, Микола Солски, кој е обвинет дека е вмешан во незаконско купување државно земјиште во вредност од околу седум милиони долари.

Судијата му одреди кауција на Солски во износ од 1,9 милиони долари, пренесуваат британските медиуми.

- Денеска во Индија почна втората фаза од гласањето на најголемите избори во светот, додека актуелниот премиер Нарендра Моди и неговите ривали се фокусираат на горливите прашања како што се верската дискриминација, позитивната дискриминација на обесправените групи и даноците.

Речиси една милијарда луѓе имаат право да гласаат на парламентарните избори во седум фази кои почнаа на 19 април, а ќе завршат на 1 јуни, а гласовите ќе се пребројат на 4 јуни.

- Американскиот сенатор Берни Сандерс денеска му порача на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека „не е антисемитски да се каже дека екстремистичката влада“ на Нетанјаху убила повеќе од 34.000 Палестинци и повредила повеќе од 77.000 за нешто повеќе од шест месеци.

„Господине Нетанјаху, антисемитизмот е гнасна и одвратна форма на фанатизам што на милиони луѓе им нанесе невидена штета. Но, ве молиме, не ја навредувајте интелигенцијата на американскиот народ обидувајќи се да ни го одвлечете вниманието од неморалните и незаконски политики на вашата екстремистичка и расистичка влада“, напиша Сандерс на својот профил на мрежата X.

-  Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Пекинг се сретна со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји за да разговараат за низа сложени прашања, вклучително и продлабочување на тензиите околу поддршката на Кина за руската инвазија врз Украина.

Состанокот траел неколку часа зад затворени врати.

Остани поврзан