• среда, 24 април 2024
МИА Радио флеш

 21 март 2024

- Обезбедувањето фер и демократски избори била тема на денешната средба на техничкиот премиер Талат Џафери и претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски и членовите на Комисијата. Тоа, било посочено на средбата, е мандат на оваа Влада, но и обврска на Државната изборна комисија, информираат од владината прес-служба.  На средбата, која се одржала на покана на техничкиот премиер Џафери, тој истакнал дека, обезбедувањето на изборите не значи само обезбедување од аспект на законската регулатива и минимум стандарди, туку и взаемна проактивност за да може да се предвидат потенцијални кризи и да се предложат сценарија и решенија кои ќе бидат водилка за решавањето на тие кризи. - Ова секако е важно, затоа што меѓу другите обврски, двете институции заедно имаат и обврска да ја штитат и репутацијата на институциите и да ја зацврстат довербата на граѓаните во самиот изборен процес. А тоа ќе се постигне само ако низ дела се потврди дека навистина се преземени сите потребни мерки за нивно заштитување и овозможување за остварување на своето право, посочил Џафери.

 

- Пријателската соработка меѓу двете земји е одлична и не постојат отворени прашања, констатирале на денешната средба претседателот на Собранието, Јован Митрески и амбасадорката на Србија во Северна Македонија, Невена Јовановиќ. Двајцата соговорници, како што соопшти собраниската прес-служба, оцениле дека во изминатите години се забележува тенденција на засилување на динамиката во одржување на редовни билатерални средби на највисоко ниво од двете страни. -Добрите билатерални односи мора да продолжат и во иднина затоа што е исклучително важно да продолжи соработката и успешно да се надминуваат сите разлики. На средбата беше поздравена регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, при што соговорниците се согласија дека иницијативата значи отворање на можности за регионално поврзување и соработка, за слободен проток на патници, стоки и услуги кој води кон нивно регионално поврзување и отворање на патот кон членство во Европската Унија, се наведува во соопштението.

 

- Во атарот на село Богословец, Општина  Свети Николе денеска се одржа волонтерска акција за пошумување на опожарени површини „Боренка“, во организација на Сојузот на извидници на Македонија. Во акцијата учествуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски. Тој истакна дека ова е најдобриот начин заедно со децата извидници и многу волонтери, да се одбележи Светскиот ден на шумите и Денот на пролетта.  Во рамки на акцијата засадени се 5.000 садници од видовите бор, даб и багрем. Учествуваа деца волонтери од СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“, ООУ „11 Октомвр“и и ООУ „Димитар Миладинов“, извидници од Свети Николе и Штип, како и волонтери од Волонтерски Центар Скопје, вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и ЈП Национални шуми.

 

- Инвестираме преку 40 милиони денари во капитални проекти за граѓаните на Росоман и за локален економски развој на општината, истакнал министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој денеска остварил работна посета на општина Росоман. Како што информираат од Министерството за транспорт и врски, тој заедно со градоначалникот Стојан Николов, извршиле увид во инфраструктурни проекти што се реализираат во општина Росоман, а се финансираат преку Министерството. При посетата на локалната улица „Стерјо Нестороски“, министерот Бочварски потенцирал дека е огромна поддршката кон општините што ја овозможува Владата заради поголем развој и подобрување на условите за живеење на граѓаните.

 

- Кога бев премиер, заедно со министрите успеавме да ја скротиме инфлацијата, од 20 проценти ја донесовме на три отсто. Кога ги носевме мерките, бевме критикувани. Прво ги ограничивме маржите, потоа ги замрзнавме цените. Во подоцнежните месеци се покажа дека голем број трговци го злоупотребуваат тоа. Лично учествував во пишувањето на Законот за нефер трговски практики со кој се интевенира во ланецот на продажба и се дефинира какви се трошоци не ќе може да бидат наметнувани врз купувачите од малопродавачите и големопродавачите. Тоа ќе воведе голем ред. Вака денеска претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски одговори на новинарско прашање во врска со зголемувањето на минималната синдикална кошничка.

 

 - Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски ни денеска, два дена пред партискиот конгрес, не ги откри имињата на носителите на листите за парламентарните избори. Само потврди дека Сања Лукаревска сигурно ќе биде носител на листа во една од изборните единици, но не кажа во која. Во однос на информациите во јавноста дека наводно Лукаревска е преместена во третата изборна единица, а во втората се враќа Оливер Спасовски, Ковачевски децидно кажа дека „никој никаде не е преместен“.

 

- Поетот Жан Пјер Симеон од Франција е добитник на наградата „Златен венец“ за оваа година, додека пак наградата „Мостови на Струга“ годинава ја освои германската поетеса Катрин Пиц за нејзината дебитантска збирка „Вакви денови имало отсекогаш“. Лауреатите денеска беа прогласени од Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата. Претседателката на Управниот одбор Елизабета Шелева во обраќање на прогласувањето на добитниците во МАНУ, посочи дека Жан Пјер Симеон е поет со широк распон на својот творечки потенцијал, реализиран во неколку жанровски домени. Како што додаде, Симеон е сестран автор, комплексна и творечка фигура, интелектуалец, ерудит, поет, уредник, есеист, прозеист, драмски автор, но и хуманист.

 

- Српскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ денеска во Москва на почетокот на средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека односите меѓу двете земји и покрај бројните предизвици се на високо ниво, јави дописникот на МИА од Белград. Првиот дел од средбата беше отворен за јавноста, а за време на едночасовната средба опфатен е широк спектар на прашања од руско-српската политичка и економска соработка, а е разговарано за ситуацијата на Косово, настаните на Балканот, но и актуелните меѓународни проблеми. -Минатата година ја прославивме 185-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи. Тие се карактеризираат со традиционално пријателство, култура и се засноваат на меѓусебна доверба и стратешка соработка, рече Дачиќ и додаде дека посебна улога во развојот на соработката имаат и личните односи на двајцата претседатели Александар Вучиќ и Владимир Путин.

 

- Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска од Пула изјави дека неговата цел е победа, дека за лидерот на ХДЗ и премиер Андреј Пленковиќ „играта е завршена“, нема, вели, да ја зачува ниту европската фотеља, а ниту неговата ХДЗ нема да може да ја формира новата хрватска влада. „Мојата цел е победа. Почнавме доцна, тешко е, ги немам истите очекувања како кога ја водев СДП. Но, ХДЗ нема да може да формира влада, ќе ја формираат некои подобри луѓе, а Пленковиќ нека оди во Брисел и нека бара работа во Европската народна партија (ЕПП)... Не знам, јас сум народна партија“, изјави Милановиќ за новинарите. Според Милановиќ, работите стојат така што Пленковиќ ја доведе ХДЗ до работ на пропаст.

 

- Албанскиот парламент, конечно се врати во нормала, по хаосот што од октомври минатата година го создаваа опозицските демократи-приврзаници на Сали Бериша, на секоја пленарна седница. Во собраниската сала присуствуваа претставници на германската и британската амбасада, како и мисијата на ОБСЕ. По договорот меѓу Социјалистичката партија и групата на Бериша „Обнова на ДП“, на дневен ред беше формирањето на две анкетни комисии, за истражување на тендерите од областа на здравството, посебно за стерилизација и комисија за ТИМС системот, како и други прашања, меѓу кои и ратификацијата на договорот за соработка меѓу владите на Албанија и на Косово во областа на високото образование и научното истражување.

 

- Потпретседателката на Владата на Словенија и претседателка на Социјалдемократите (СД) во заминување, Тања Фајон изјави дека се надева дека и натаму ќе биде министер за надворешни работи на Словенија. Фајон рече дека како претседателка на СД платила висока цена за аферата со купувањето на судската зграда во Љубљана, иако со таа приказна, според нејзините зборови, нема никаква врска. Затоа, наведува, не гледа причина да си замине од министерската функција. „Се надевам дека ќе останам министер за надворешни работи, немам друга намера. И по неполни две години, мислам дека зацртавме добар пат и дека министерството работи добро“, рече Фајон. Таа изјавила дека за тоа разговарала и со словенечкиот премиер Роберт Голоб.

 

– Повеќе од 50 поранешни шефови на држави и влади и десетици други високи претставници упатија итен апел до земјите-членки на Светската здравствена организација (СЗО) да склучат меѓународен договор за спречување на пандемии. Разговорите се водат во Женева оваа и следната недела за да се најде заеднички став за заеднички текст пред крајниот рок ви мај. По неколку преговарачки сесии, сепак, остануваат сериозни несогласувања меѓу земјите-членки на СЗО. Поради тоа потписниците на апелот стравуваат дека текстот нема да биде готов за усвојување на Собранието на СЗО, што ќе се одржи во мај на брегот на Женевското езеро.

 

 – Премиерката на Естонија, Каја Калас изјави дека постои итна потреба за развој на европската одбранбена индустрија и оти ја поддржува идејата за именување на европски комесар задолжен за истата. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен претходно поттикна дебатата кога вети дека ако добие втор мандат, ЕК комисијата ќе има комесар за одбрана. Некои политичари и дипломати оценија дека идејата на Лајен е знак дека Европа станува посериозна во однос на одбраната. Други тврдат дека одбранбената политика е домен на членките на ЕУ и дека предлогот ризикува опасно дуплирање со НАТО. Калас рече дека таквата позиција ќе има смисла доколку портфолиото се фокусира на индустријата.

 

- Живееме во хаотичен свет со суперсили кои се во судир една со друга и во кој поради постоењето на неказнивост секоја земја или вооружена група смета дека може да прави што сака, порача генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш при пристигнувањето на Самитот на ЕУ во придружба на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.  - Кога живееме во хаотичен свет многу е важно да се придржуваме до принципите. А принципите се јасни – почитување на Повелбата на ОН, на меѓународното право, на територијалниот интегритет на земјите и на меѓународното хуманитарно право, рече Гутереш. Затоа, според него, од суштинска важност е да се постигне мир во Украина, кој ќе се базира на овие принципи. - Од истите причини веруваме дека е потребен е и прекин на огнот во Газа. Како што ги осудуваме терористичките напади на 7 октомври и како што ги осудуваме другите прекршувања на меѓународното хуманитарно право од страна на Хамас, го осудуваме и фактот дека сме сведоци на голем број цивилни жртви во Газа, што е без преседан за време на мојот мандат како генерален секретар, изјави Гутереш.

 

- Европа е континент на мир, стабилност и просперитет и затоа е многу важно да се осигураме дека нема ги изгубиме луѓето од Западниот Балкан и ЕУ мора да посвети внимание на тоа што се случува во регионот, изјави денеска луксембуршкиот премиер Лук Фриден при пристигнувањето на Самитот на ЕУ.  - Тие луѓе со години чекаат да се придружат на Европската Унија. Тие нема да ни се придружат утре, но преговорите им даваат надеж. Тоа е елементот што ги поттикнува реформите во овие земји и верувам дека на среден рок сите овие земји треба да се придружат на ЕУ, истакна Фриден.  Според него, проширувањето е важно за зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста на европскиот континент, па затоа треба да се поддржи овој процес.  - Тој процес треба да биде базиран на заслуги, но не смееме овие луѓе да ги оставиме сами и да се посветуваме само на Украина, додаде Фриден.  

 

 - Унгарија нема да се приклучи на иницијативата предводена од Чешка за купување и испраќање муниција во Украина, објави денеска шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, за време на прес-конференција во Прага, цитиран од британските медиуми. - Унгарија не испорача и нема да испорача никакво оружје на Украина. Ние не сме вклучени во никакви заеднички дејствија што би довеле до заедничко снабдување со оружје, рече Сијарто.

 

 - Организациите и експертите предупредуваат дека сиромаштијата и социјалната нееднаквост во Германија се зголемуваат и дека три милиони деца живеат во сиромаштија. Во Германија, која може да се пофали со социјална пазарна економија, сиромаштијата и социјалната нееднаквост се во пораст. Има се повеќе бездомници и деца кои живеат во сиромаштија. Затоа и Советот на Европа ја повикува земјата да преземе мерки. Имено, Советот на Европа ја повикува Германија, која ги отвори вратите за бројните бегалци во 2015 година, да направи повеќе во борбата против тешките социјални услови во кои живее околу една петтина од населението во земјата.Германската Влада малку ја зголеми социјалната помош поради немаштија, но не успеа особено во делот на станбената политика. Разликите во земјава се продлабочуваат.

 

– Дописникот на шпанскиот весник „Ел Мундо“ е протеран од Русија откако властите не му ја продолжија визата Ксавијер Колас по 12 години поминати во Русија вчера мораше да замине откако не доби документи „неопходен“ за работа во земјата. „Ел Мундо“ тврди дека неименуван руски функционер го информирал Колас оти треба да ја напушти Русија и му се заканил дека ќе има „проблеми“ ако не замине пред истекот на работната виза. Шпанскиот весник објави и оти Колас изминатите месеци бил посетуван од полицајци во неговиот дом кои барале престане да известува за протестите на сопругите на руските војници, што, како што додава весникот, е „еден од ретките видливи знаци на незадоволство од војната“ во Украина. Одбивањето на продолжување на визата на новинарот е едно од вообичаените алатки за нарушување на слободата на изразување, пишува весникот, осудувајќи ги „заканите“ и „притисоците“ врз новинарите во Русија.

 

- Централната изборна комисија на Русија денеска ги објави конечните резултати од претседателските избори, кои ја потврдија убедливата победа на Владимир Путин, пренесуваат француските медиуми.-Претседателот Путин доби 87,28 отсто од гласовите, изјави на прес-конференција Ела Памфилова, претседателка на Централната изборна комисија. На изборите, кои се одржаа од 15 до 17 март, забележана е излезност од 77,49 отсто, соопшти ЦИК на Русија. -Ова се историски избори, рече Памфилова, истакнувајќи дека секој гласач го дал „својот придонес во зајакнувањето на Русија“.

 

- Уште 50 милитанти се убиени во офанзивата на израелската армија врз болницата Ал Шифа во градот Газа, соопшти денеска армијата. - Во изминатиот ден во размената на оган беа елиминирани над 50 терористи, соопшти армијата, додавајќи дека од почетокот на операцијата пред неколку дена во реонот на болницата биле елиминирани повеќе од 140 милитанти. Израелските сили објавија и дека пронашле складишта за оружје. Цивилите, пациентите и лекарите не се повредени, а медицинската опрема не е оштетена, тврдат од армијата.

 

- Сателитските снимки анализирани од Сателитскиот центар на ОН (UNOSAT) покажуваат дека 35 отсто од зградите во Газа се уништени или оштетени од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас. За својата проценка УНОСАТ користеше сателитски снимки со висока резолуција собрани на 29 февруари, направени пред и по почетокот на последниот конфликт. Од нив е заклучено дека 35 отсто од сите згради во Појасот Газа, односно 88.868 се уништени или оштетени. Уништени се 31.198 објекти, 16.908 се тешко оштетени, а 40.762 претрпеле умерена штета.

 

 - Кина брзо ја зајакнува својата војска на ниво невидено од Втората светска војна, што значи дека е на пат да биде подготвена да го нападне Тајван до 2027 година, изјави адмиралот на американската морнарица Џон Аквилино, пишува Форбс. -На состанокот на вооружените сили на Комунистичката партија на Кина (ПЛА) под раководство на претседателот Си Џинпинг, беше донесена наредба армијата да биде подготвена да го нападне Тајван до 2027 година. Понатаму, потезите на ПЛА укажуваат на нивната способност да користат сила, доколку е така наредено, за да се исполни посакуваната временска рамка на Си за обединување на Тајван со континентална Кина, вели Аквилино.

 

Остани поврзан