• четврток, 21 ноември 2024

Пицула: Чекалницата за прием на нови членки е целосно полна, мора да поработиме на проширувањето 

Пицула: Чекалницата за прием на нови членки е целосно полна, мора да поработиме на проширувањето 

Брисел, 23 април 2024 (МИА) - Секогаш го поттикнуваме проширувањето и веруваме дека приемот на земјите од Западниот Балкан во ЕУ е многу важен, но за некој да се придружи на нашиот клуб мора да ги почитува нашите вредности, изјави вечерва хрватскиот европратеник Тонино Пуцула за време на дебатата во Европскиот парламент во Стразбур по Предлог-регулативата за создавање на Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан.  

- Ние мораме да ги исполниме нашите ветувања, но тоа мора да го направат и земјите од Западниот Балкан. Нашата чекалница е целосно полна и сега е време да поработиме на амбициите на проширување, нагласи Пицула, кој е известувачот на Комитетот за надворешни работи на ЕП во однос на законската регулатива. 

Пицула нагласи дека индивидуалните заслуги во почитувањето на демократските стандарди и владеењето на правото треба да бидат темели за проценка на подготвеноста на една земја кандидатка за членство во ЕУ, бидејќи, како што рече, иако е важно да се градат мостови и тунели, човековите права сепак се основата вредност на Унијата.  

- Европската унија е повеќе од економска унија. Се работи за Унија на споделени вредности и ризици. Откако една земја кандидатка за членство ќе ги исполни сите критериуми не би требало да има никакви политички дилеми, додаде Пицула, нагласувајќи дека проширувањето на ЕУ е една од најуспешните европски политики и затоа таа мора да продолжи. 

Тој потсети дека Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан треба да биде со важност од втората половина на оваа, па до 2027 година и опфаќа вкупна сума од шест милијарди евра, од кои две милијарди евра неповратни грантови и четири милијарди евра позајмици под поволни услови.

Пицула истакна дека покрај првичните обврски што треба да ги исполнат земјите од Западниот Балкан за да можат да ги користат придобивките од Планот за раст, дополнително се внесени и препораките за борба против дезинформациите и за хармонизација на визниот режим со оној на Унијата, додека за Косово и Србија како предуслов е додаден и делот за резултати од нивниот дијалог. 

- Во текстот го додадовме и барањето за фер и демократски избори, посебно во контекст на последните избори во Србија. Исто така, ги внесовме и извештаите на ЕК за владеењето на правото, додаде Пицула. 

Коизвестувачката за Регулативата, шпанската европратеничка Ана Коландо Хименез порача дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западниот Балкан е важно за мирот и стабилноста на европскиот континент. 

- Проширувањето е неопходно доколку се земаат предвид промените на меѓународно ниво, а руската агресија врз Украина само ја нагласи неговата итност, истакна Коландо Хименез. 

Според неа, мора да се остварат конкретни успеси и реформи во земјите кандидати за членство, а бидејќи проширувањето е важно за ЕУ и таа мора да ги искористи сите инструменти за да се реализира таа „интеграција во срцето на Европа“. 

- Мораме да го заштитиме регионот од странските сили кои сакаат да се дограбат до него, додаде Коландо Хименез. 

Шпанската европратеничка потенцира дека со Планот за раст на Западниот Балкан, чиј финансиски инструмент е Механизмот за реформи и раст, треба да се обезбеди зајакнување на економијата, поттикнување на внатрешни реформите и привлекување на инвестиции со што многу брзо ќе се почувствуваат придобивките од приближувањето на земјите од регионот кон ЕУ. 

Според Коландо Хименез, овој инструмент може да доведе до двојно зголемување на економиите на земјите од регионот во следните 10 години. 

Таа додаде дека за да можат да ги користат придобивките и средствата предвидени со Планот, земјите кандидати ќе мора да исполнат одредени услови предвидени со спроведувањето на реформските агенди. 

- Нема да има финансирање без исполнување на условите и исплатите ќе бидат врзани со спроведување на стриктни обврски, кои пак се врзани со успеси во реформите, потенцира Коландо Хименез, посочувајќи дека тоа особено се однесува на усогласувањето со заедничката надворешна и безбедноста политика на ЕУ, пред се, во делот на санкциите кон Русија. 

За условеноста на исплатата на средствата во рамки на Планот говореше и еврокомесарката за еднаквост Хелена Дали, која нагласи дека финансирањето е врзано со спроведување на конкретни социо-економски реформи, но и со исполнување на критериумите за членство, како што се владеењето на правото и почитувањето на демократските вредности. 

Таа нагласи дека во тек е изработката на агендите со специфични реформи за секоја земја од регионот, кои се поврзани со нивниот напредок кон пристапување во Унијата. Дали потенцира дека реализацијата на Планот треба да започне во текот на летото, но дека тоа ќе зависи од темпото се кое ќе бидат изработени и усогласени реформските агенди. 

- Планот е добра вест која му е потребна на регионот. Тоа е нова алатка што ќе им помогне на нашите партнери од Западниот Балкан побрзо да растат и подобро да се подготват за идното членство во Европската Унија, додаде Дали. 

Дебатата за Регулативата бугарскиот европратеник Андреј Ковачев ја искористи за обвинувања на сметка на Северна Македонија и Србија за наводно непочитување на правата на Бугарите во двете земји. 

- Во Северна Македонија не можете да добиете работа ако отворено го искажете својот бугарски идентитет. Тоа е реалноста. Ако дознаат за тоа ќе најдат причина да ве отпуштат, ќе ви го малтретираат семејството и ќе сте предмет на навреди и потсмев. Тоа е неприфатливо и не може да има членство во ЕУ се додека постои таа дискриминација, рече Ковачев, додавајќи дека овие наводи за притисоци врз Бугарите биле наведени и во најновиот Извештај за човековите права на Стејт департментот. 

Според него, и во Србија има системско и зачестено кршење на правата и ширење омраза кон бугарското малцинство во медиумите, во научните кругови и од одредени политичари. 

- Србија и Северна Македонија не треба да се проценуваат само по она што го говорат, туку и по она што го прават. Не само по искористувањето на европските средства кои ги сакаат, туку и во почитувањето на европските вредности, додаде Ковачев. 

Гласањето за усвојување на Предлог-регулативата за создавање на Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан е на дневниот ред на утрешното продолжение на сесијата на Европскиот парламент. сп/

Фото: ЕБС

Остани поврзан