• среда, 24 април 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

 29 март 2024

 

Скопје - Претседателот на Собранието Јован Митрески денеска остварил средба со aмбасадорот на Француската Република во Република Северна Македонија, Сирил Бомгартнер, соопшти собраниската прес-служба. Изразувајќи задоволство од одржувањето на средбата, претседателот Митрески ја констатирал одличната соработка меѓу двете држави и особено соработката на парламентарен план.

Скопје - Министерството за труд и социјална политика соопштува дека согласно Законот за празниците, 1 април 2024 година (понеделник) вториот ден на Велигден, според Грегоријанскиот календар, е неработен ден за граѓаните од католичка вероисповед во Република Северна Македонија. Министерството за труд и социјална политика на граѓаните од католичка вероисповед им го честита празникот.

Скопје – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), со цел појаснување на начинот на примена на правилата од Изборниот законик донесе упатство за радиодифузерите за Претседателските и Парламентарни избори 2024. Како што соопштија денеска од АВМУ, со упатството се опфатени правилата за лимитите за платеното политичко рекламирање (ППР), означувањето на нарачателот на рекламирањето, распределбатата на времето во вести кај Јавниот сервис, бесплатното политичко претставување на Собранискиот канал, обезбедувањето пристапност на содржините за изборниот процес за лицата со попреченост, правилата за известување во деновите на изборниот молк особено за периодот на преклопување на двата изборни процеси.

Скопје – Меѓународна научна конференција се организира денеска по повод 75 години од завршувањето на Граѓанската војна во Грција, на која 26 учесници од земјава, од Србија и Хрватска, имаат реферати кои откриваат нови научни сознанија за учеството на Македонците во војната (1946-1949), за улогата на светските сили и односите со другите земји, одгласот во печатот и  за присилното емигрирање на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија.

Куманово - Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски очекува успешен дуел со претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски што ќе го привлече вниманието на граѓаните и ќе им даде одговори на многу прашања кои не биле во можност да ги слушнат. Во изјава по потпишувањето на Повелбата на партнерите од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски кажа дека ќе презентира како ја гледа Македонија во наредните децении.

Скопје - ВМРО-ДПМНЕ денеска со 24 политички субјекти и организации потпиша Повелба за стратешко коалицирање и утврдување на принципите на идна работа на Коалицијата наречена „Твоја Македонија“. По потпишувањето на Повелбата, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски истакна дека Коалицијата „Твоја Македонија“ се обврзува дека при реализацијата на програмата за Претседателските и Парламентарните избори  целосно и недвосмислено ќе се води од принципите на одговорност и транспарентност во политичкото дејствување. 

Скопје - Во издание на „Бегемот“ излезе од печат книгата „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски. Авторот во книгата дава увид во својата писателска работилница, своевиден пренос во живо од неговиот писателски work in progress: дилеми, амбиции, стравови, па и неуспеси...  Како што инфрмираат од „Бегемот“, тој ги претставува, ги сецира, а некогаш дури и ги изложува на потсмев своите идеи за романи што никогаш не се реализирани до крај. Радоста со која се раскажува за „неуспешното“ раскажување, како резултат донесува брилијанти прозни фрагменти. Без разлика дали ќе ги наречеме скици, раскази, поглавја или почетоци од романи, во хаосот од идејни концепти, тие функционираат и независно, но и како целина. 

Скопје – Компанијата „Инграм Микро“ денеска во Скопје отвори тренинг центар кој нуди комплетно портфолио на системски и софтверски курсеви со модули кои одговараат на секој метод на учење. Помеѓу понудените курсевите, дизајнирани да го надградат знаењето на поединците со цел тие успешно да функционираат и напредуваат во дигиталниот свет се Check Point, Veeam, Veritas, VMWare, Kaspersky, Radware и IBM. На денешното отворање на центарот, Филип Силјановски, генералниот менаџер на „Инграм Микро“ за Северна Македонија, Албанија и Косово, истакна дека новиот тренинг центар во Скопје е само уште еден доказ за стремежот кон постојано проширување.

Белград - Претседателката на српскиот Парламент, Ана Брнабиќ, денеска изјави дека „отсекогаш“ верувала дека експлоатацијата на наоѓалиштата на литиум е добра за Србија и дека ќе „донесе многу добро“ не само за Лозница и Крупањ, туку и за цела Србија. „Не можеме да замислиме колку пари би останале (од литиум). Тоа е буквално паралела со Норвешка пред и по (откривањето на) нафтата. Тоа е Србија пред и по литиум“, рече Брнабиќ во изјава за новинарите по посетата на градинка во Ваљево.

Рим - Стапката на наталитет во Италија продолжи да се намалува и во изминатата година, кога се регистрирани 379.000 раѓања, или 6,4 на 1.000 луѓе, покажуваат прелиминарните податоци објавени денеска од Националниот институт за статистика на Италија (ИСТАТ), цитиран од италијанската новинска агенција АНСА. Во апсолутна смисла, ова е за 14.000 раѓања помалку од 2022 година, или пад од 3,6 отсто. Националниот институт за статистика објави дека стапката на наталитет во Италија е намалена за 34,3 отсто од 2008 година, која беше последната година во која беше забележан пораст.

Париз - Франција соопшти дека упатила барање до многу земји да испратат повеќе од 2.000 полицајци за да помогнат во обезбедувањето на Олимпијадата во Париз ова лето. Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека барањето за странска безбедносна помош е поднесено во јануари, за распоредување на 2.185 полицајци. Се бара од полициските службеници да помогнат во осигурување на безбедноста на Игрите и зајакнување на меѓународната соработка, соопшти Министерството.

Москва - Руското обвинителство денеска побара од Министерството за правда да ја прогласи Ала Пугачева за „странски агент“, пренесуваат  агенциите. Претходно во Русија имаше извештаи во медиумите дека властите подготвуваат ваков потег против иконата на советската поп музика, која се изјасни против војната против Украина. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков утринава изјави дека нема официјални информации во врска со ова прашање. 

Москва - Русија нема намера да учествува на конференцијата за Украина, чија можност ја спомена украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.

Анкара - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе престојува во официјална посета на Вашингтон, каде на 9 мај во Белата куќа ќе биде примен од неговиот американски колега Џо Бајден, соопшти денеска официјален извор. Тоа ќе биде прва средба на овие двајца претседатели во Белата куќа. Ердоган претходно беше примен од поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Вашингтон - САД ја обвинија Русија за дезинформации околу терористичкиот напад во концертната хала „Крокус сити хол“ минатата недела во кој загинаа 143 лица. Од Стејт департментот изјавија дека Москва ја користи оваа трагедија за да ја оправда својата агресија против Украина. - Мислам дека руската влада води пропаганда и дезинформација. Мислам дека сосем очигледно тие се обидуваат да го искористат овој терористички чин, овој трагичен инцидент во кој, за жал, загинаа руски граѓани за да се оправда нивната агресија во Украина, рече Милер.

Вашингтон - Имотот на еден процент од луѓето кои се најбогати во САД достигна рекордни 44,6 трилиони долари на крајот на четвртиот квартал од 2023 година, пред се благодарение на растот на акциите, соопшти Американската централна банка ФЕД. Вкупното богатство на еден процент најбогати луѓе, кои ФЕД ги дефинираше како оние со богатство над 11 милиони долари, се зголеми за два билиони долари во четвртиот квартал, а целата добивка дојде од нивните акции, пренесува Си-Ен-Би-Си. Вредноста на корпоративните акции и акциите на заедничките фондови во сопственост на првите еден отсто се зголеми од 17,6 билиони долари во третиот квартал од 2023 година на 19,7 билиони долари. 

Лос Анџелес - Приватни детективи од САД откриваат дека повеќето неверни мажи кои ги следат, најмени од нивните партнерки, честопати повторуваат исти вообичаени работи пред да одат кај љубовницата. Истражителот Реј Рано од Конектикат вели дека следењето мажи може да биде многу досадно, па лесно се сфаќа „шемата“ од показатели коишто редовно му укажуваат дека прељубникот е на пат кон љубовницата. Раскажува само за дел од нив.

Остани поврзан