• недела, 05 мај 2024
МИА Радио флеш

26 април 2024 

 - Учениците од основните и средните училишта од понеделник, 29 април, заклучно со 6 мај 2024, ќе бидат на пролетен распуст кој е воведен во оваа учебна година. Првпат има промена и во календарот за настава, така што 2023/2024 за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни.  Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од Претседателските избори и Парламентарните избори 2024.  Ден претходно, вторник 7 мај, скратени часови и работно време до 11 часот ќе имаат оние училишта каде што утредента ќе се организира гласањето. Како што информираше Министерството за образование и наука, наставата од двата дена кои поради изборите се неработни ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови. Скопските ученици треба да надоместат и за пропуштеното од наставата на 30 ноември 2023 кога во главниот град беше организиран Советот на министри на ОБСЕ. 

 

 - Зголемувањето на цената на полисите за задолжително автомобилско осигурување е неоправдан чекор на осигурителните компании, смета Агенцијата за супервизија на осигурување. - По добиените известувања од осигурителните компании дека ќе ја зголемат цената направени се актуарски пресметки за проверка.  По извршените актуарски пресметки утврдено е дека зголемувањето на цената, со дадените образложенија, не е оправдано, се наведува во соопштението од АСО. Поради тоа, како што се нагласува во соопштението, Агенцијата за супервизија на осигурување доставила предлог до Министерството за финансии, во рамки на неговите законски надлежности, да иницира изготвување и донесување нова тарифа на премии за задолжително осигурување од автомобилска одговорност. И со тоа да го ограничи износот на режискиот додаток што ќе овозможи намалување на цената на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност.

 

- Како дел од коалицијата „За европска иднина“ не можам да кажам колку пратенички мандати ќе се освојат, тоа ќе го кажат на крајот од денот граѓаните. Сметам дека оваа коалиција ќе биде победничката коалиција и дека ќе го заокружи процесот на евроинтеграција до 2030 година, затоа што покажа дека знае како да работи, вели претседателката на Либералнодемократската партија Моника Зајкова во интервју за МИА во рамки на серијата интервјуа што Агенцијата ги подготви во пресрет на парламентарните избори. ЛДП која деновиве одбележа 27 години од постоењето на политичката сцена, има тројца кандидати за пратеници, а Зајкова која е ко-носителка во Изборната единица 1 заедно со претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, очекува сите тројца да станат пратеници.

 

– Македонскиот репрезентативен напаѓач Бојан Миовски (24) е избран за фудбалер на годината на Абердин на свечена церемонија која синоќа ја одржа шкотскиот премиерлигаш. Миовски со 24 голови во сите натпреварувања втора сезона е ред е најдобар стрелец во редовите на Абердин, а во шкотската Премиер лига е на третото место со 14 првенствени голови. Македонскиот репрезентативец дојде во Абердин во 2022 година од унгарски МТК за сума од три милиони евра. Миовски има договор со Абердин до лето 2026 година, но македонскиот напаѓач сè почесто се поврзува со трансфер во поголем клуб во летниот преоден рок.

 

– Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, за недела, 2 јуни, распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа во Србија. Во своето обраќање во српскиот парламент, Брнабиќ рече дека распишувањето на локалните избори за 2 јуни, кога ќе се одржат и изборите во Белград, е резултат на „успешниот дијалог“ и усвојувањето со двотретинско мнозинство во парламентот на измените и дополнувањата на законот за локални избори. - Среќна сум што испративме порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани претставници сме способни да постигнеме договор и покрај сите наши разлики. Ваквиот договор е победа на сите одговорни луѓе, рече претседателката на српскиот парламент. Веднаш потоа, претседателот на привремената управа на Белград, Александар Шапиќ, за недела, 2 јуни, распиша избори во 17 белградски општини.

 

– Грција нема шанси да испрати во Украина ниту С-300 ниту „Патриот“, тие се клучни системи за заштита на грчкиот воздушен простор, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервју за телевизијата „Скај“, демантирајќи ги написите во медиумите дека Атина ќе му помогне на Киев со противвоздушни ракетни системи, јави дописничката на МИА од Атина. Мицотакис откри дека било побарано од Грција, но објасниле зошто не можат да го сторат тоа. - Грција ја поддржа Украина на различни начини со одбранбен материјал. Но, од првиот момент рековме дека не можеме да ги отстапиме оружените системи кои се клучни за нашата способност за одвраќање. Имавме вишок материјал со кој можеме да ја поддржиме Украина и го направивме тоа и сметам дека тоа е правилно. До степен до кој можеме да најдеме таков материјал, ќе продолжиме да го правиме тоа. Сепак, системите за противвоздушна одбрана се клучни системи за заштита на грчкиот воздушен простор и нема да и бидат доделени на Украина, објасни Мицотакис.

 

 - Бројот на Австријците во апсолутна сиромаштија е зголемен за повеќе од 50 отсто, од 201.000 во 2022 година на 336.000 минатата година, соопшти Заводот за статистика на земјата. Според бројките презентирани од Статистика Австрија, погодените луѓе не можеле да си дозволат многу секојдневни работи како кирија, греење или храна. Децата и младите се релативно почесто погодени од сиромаштија отколку возрасните. Во опасност од сиромаштија се 41 отсто од самохраните родители и 31 отсто од семејствата со најмалку три деца. Според податоците, процентот на жители во ризик од сиромаштија би изнесувал дури 42 отсто без државна социјална помош.

 

- Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека Украина се уште може да победи во војната против Русија, но дека сојузниците ќе мора повеќе да се ангажираат за Киев да ја добие поддршката што ја вети Алијансата. На состанокот на непрофитната организација „Атлантски мост“ вчера во Берлин, Столтенберг рече дека членките на НАТО сега треба да го претворат она што и го ветија и обврзаа на Украина во итна испорака на оружје и муниција, објавија украинските медиуми.  – Во последните месеци членките на НАТО не ја дадоа поддршката што ја ветија, рече Столтенберг. Месечното одложување на американската помош доведе до влошување на ситуацијата на украинскиот фронт, а градовите низ земјата се изложени на руски беспилотни летала и ракетни напади поради недостаток на воздушна одбрана, пишуваат украинските медиуми. 

 

- Украина ги отстрани борбените тенкови „Абрамс М1А1“ од фронтот, потврдија двајца американски воени претставници. Ваквиот потег тие го објаснија со тоа што руските беспилотни летала ја отежнале операцијата на тенковите. САД се согласија да испратат 31 „Абрамс“ во Украина во јануари 2023 година по агресивната повеќемесечна кампања на Киев. Украинците тврдат дека тенковите, кои чинат околу 10 милиони долари по парче, се клучни за нивната способност да ги пробијат руските линии. Пет од 31 тенк веќе се изгубени во руските напади. Висок американски воен функционер, кој сакаше да остане анонимен, истакна дека ширењето на беспилотните летала на украинското бојно поле значи дека „нема отворен терен преку кој можете само да возите без страв дека ќе бидете откриени“. Дека тенковите се поместени од линијата на фронтот потврди и потпретседателот на Здружениот Генералштаб Кристофер Грејди, но најави и дека Вашингтон ќе му помогне на Киев да подготви нова тактика.

 

- Шпанија ќе испрати мал број ракети „Патриот“ во Украина, објави денеска весникот „Ел Паис“, повикувајќи се на неименувани добро информирани извори. Весникот наведува дека Шпанија ја отфрлила можноста за испорака на противвоздушни лансери на Украина, но ќе испрати проектили во Киев. Шпанија има три системи „патриот“ кои ги купи од Германија во 2004 и 2014 година, потсетува весникот. Украинскиот претседател Володимир Зеленски им кажа на членките на НАТО претходно овој месец дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да ги одврати руските воздушни напади, барајќи од нив да ја засилат воената помош за Киев.

 

- Израел е подготвен да го ублажи своето барање Хамас да ослободи 40 заложници во замена за привремен прекин на огнот во Појасот Газа, откако палестинската милитантна група ја одби понудата подготвена од преговарачите во Катар- Египет и САД, пишува Тајмс оф Израел повикувајќи се на израелски портали. Израелскиот Воен кабинет сега е подготвен да прифати ослободување на само 20 заложници во првата фаза од договорот под услов да бидат ослободени жени, мажи над 50 години и тешко болни, а кабинетот вчера го овласти израелскиот преговарачки тим да разговара за пофлексибилен пристап со египетската делегација, која денеска во Тел Авив ќе има дополнителни разговори, објави израелската интернет страница Инет. Неименуван високо рангиран израелски функционер подоцна за сајтот изјави дека Израел всушност се согласува на ослободување на 33 заложници, а сајтот наведува дека Хамас инсистирал бројот на ослободени заложници да биде приближно 20.

 

– Лидерот на крајнодесничарска партија Алтернатива за Германија (АфД) Тино Чрупала ги бранеше постапките на нејзиното раководство во врска со извештаите за можна вмешаност на водечки партиски политичари со Русија и Кина. - Ќе извлечеме јасни последици ако овие работи се потврдат против господинот Кра и господинот Бистрон, изјави синоќа Чрупала за германскиот јавен радиодифузер ЗДФ. И двајцата дадоа писмени уверувања дека нема ништо во наводите и затоа се применува презумпцијата на невиност, нагласува ДПА. Максимилијан Кра, пратеник во Европскиот парламент е главен кандидат на АфД за европските избори во јуни, додека пратеникот на АфД во Бундестагот Петр Бистрон е на второто место на изборната листа. По медиумските извештаи за можни врски со проруски мрежи и можни финансиски трансакции, јавните обвинители испитуваат дали треба да се отворат истраги за двајцата политичари.

 

- Четири авиони на авиокомпании кои се дел од групацијата на „Луфтханза“ во наредните недели ќе ја шират европската идеја за со натпис на нивните трупови: „Да за Европа“.  Станува збор за авиони од типот „Ербас А320“ на авикомпаниите „Луфтханза“, „Еуровингс“, „Аустриан Ерлајнс“ и „Брисел Ерлајнс“ кои ќе имаа задача да служат како амбасадори на европската идеја непосредно пред изборите за членови на Европарламентот. Четирите авиони на 13 мај „ќе се сретнат“ на аеродромот во Брисел, симболично манифестирајќи го европското единство. Инаку, ова не е првпат „Луфтханза“ да ја манифестира својата посветеност на Европа. Сличен поддршка на Европа „Луфтханза“ организираше и пред евроизборите во 2019 година.

 

– Американскиот универзитет Колумбија го одложи рокот, кој истекува на полноќ, што им го даде на пропалестинските студенти да го расчистат кампусот, каде што протестираат против војната во Газа. - Преговорите напредуваа и продолжуваат според планираното, соопшти кабинетот на претседателот на Универзитетот во Њујорк Минуш Шафик, негирајќи дека била побарана полициска интервенција. - Не нарекуваат терористи, нè нарекуваат насилници. Но единствената алатка што ја имаме е нашиот глас, рече еден од студентите на собирот. Пропалестинските студентски демонстрации во САД, кои се проширија на неколку универзитети, почнаа на Универзитетот Колумбија во Њујорк.

 

– Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во вторник ќе го посети Израел, седми пат по терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври врз јужен Израел и војната што следеше како одговор на Израел во Појасот Газа. Јавниот сервис Кан денеска јави дека Блинкен ќе дојде во Израел за да разговара за најавената операција на израелската армија во Рафа, како и за напорите да се обезбеди пауза во борбите и да се ослободат повеќе од 100 заложници кои ги држи Хамас. Блинкен моментално е во посета на Кина.

Остани поврзан