• четврток, 25 април 2024
МИА Општински пул

22 март 2024 

Тетово - Националниот парк Шар Планина доставил докази до Државниот инспекторат за животна средина со цел да се поведе прекршочна постапка за оштетување на природата од возилата „ратраци“, информираше денеска директорот Ибрахим Дехари. Оштетувањата и надоместувањето на штетата биле тема и на заеднички состанок на повеќе институции, операторите со „ратраци“, како и управата на Националниот парк.

- По топење на снегот, експертите ќе направат процена на оштетувањата и ќе се процесуира до Обвинителството и судот кои ќе проценат која е штетата. Ќе се побара таа да се надомести. Но, тоа не е лесно. Беа експерти кои кажаа дека неколку години и треба на природата за да обнови. Во природа има правило, што семе може да се фрли, не може семе како за на стадион. Тоа е природна трева за која треба повеќе години да се обнови за да се врати во првобитна состојба. Затоа дојдовме до оваа забрана за движење на„ратраци“, изјави Ибрахим Дехари на денешната средба со новинарите.

Охрид - Охридското јавно претпријатие „Билјанини Извори“ денеска поднесе кривична пријва против поранешната директорка на претпријатието, Гордана Јованоска, заради сторено продолжено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“.

Според секретарот на Општината и потпретседател на Општинскиот комитет ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, Александар Китески, пријавената злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување на директор на ЈП, спротивно законските приписи и тендерската документација, во име и за сметка на претпријатието, во 2018 година по спроведена постапка за јавна набавка, со правното лице „Електро Софт Инженеринг“ ДОО Скопје, во својство на носител на набавката, склучила Договор за јавна набавка на услуги за имплементација и експлоатација на систем на зонско паркирање на паркинг простор со цена на извршување на услугите од 1.016 900 денари, односно износ од 1.200.000 денари со ДДВ, која цена на извршување на услугите ќе се надоместува во вид на надомест од 15 проценти од вкупниот нето приход.

Прилеп - Специјално возило со автоматска рампа за лицата со попреченост како донација доби прилепската локална самоуправа од компанијата „Дрекслмајер Македонија“.

Возилото е опремено за непречен пристап на инвалидска количка, како и простор кој е соодветно наменет за транспорт на опремата на лицата со попречености.

Како што информираат од Општината, целта на донацијата е на граѓаните со попречености да им се обезебeдат поголеми можности за вклученост во секојдневните процеси на општественото живеење.

Дебар - Македонското друштво „Илинден“ - Тирана повторно го актуелирира барањето владите на Северна Македонија и на Албанија, да го реализираат договореното, граничниот премин Џепиште – Требиште во близина на Дебар, да функционира 24 часа.

-Бараме од владите на Албанија и Македонија целосна функционалност на граничниот премин Требиште – Џепиште во областа Голо Брдо, што е неопходно потребно за да може луѓето полесно да комуницираат од двете страни на границата. Исто така ќе им се помогне многу на Македонците од областа Голо Брдо, зашто ќе се зголеми економската соработка меѓу жителите од двете страни на границата, а и поголем број туристи ќе ја посетуваат областа, која располага со многу природни убавини и културно историски споменици, изјави за МИА, Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.

Скопје - Пакомак ќе донира по 2 денари за секоја лименка или пластично шише одложени во наменски поставената повратна вендинг машина во ОУ Ј. Х. Песталоци. Оваа акција е договорена помеѓу Пакомак и Општина Центар а вчера и официјално беше потпишан меморандум за соработка.

Со цел интензивирање на селекцијата на отпад во основните училишта на територијата на Општина Центар, како и подигање на јавната свест кај најмладата
полулација за паметно управување со отпадот, Пакомак за секое шише или лименка кое учениците ќе го одложат во вендинг машинината, ќе донира еден денар за талентирани ученици и уште еден денар за реквизити за училиштето.

Делчево - "Чиста вода за Делчево, секоја капка е важна" е слоганот под кој денес во Делчево се одбележа Светскиот ден на водата. Настанот се реализира како дел од проектот за подобрување на водоснабдувањето во Делчево, финансиран од Швајцарската Влада и Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во рамки на овој настан се организираа спортски игри, во кои учествуваа децата од детската градинка "Весели Цветови", ученици од двете основни училишта Св. Климент Охридски, Ванчо Прке и од Дневниот центар за лица со посебни потреби.

Скопје - Без вода утре од 9 часот ќе бидат дел од жителите на општина Карпош, лоцирани на улица „Никола Русински“ број  2.

Како што соопшти ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради дефект на улица „Никола Русински“ број  2.

Скопје - Поради уличен дефект на ул. „18“ бб во Сопиште, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Сопиште.

Како што информираат од ЈП „Водовод и канализација“ водоснабдувањето ќе биде прекинато од 11:50 часот до завршување со санација на дефектот. 

Скопје - Под мотото „Вода за мир“ денеска во Општина Илинден беше одбележан Светскиот ден на водата, 22 март, кој е прогласен според календарот на Обединетите нации.

По тој повод денес градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, заедно со претставници од ЈКП „Водовод“ го посетија новото општинско основно училиште „Гоце Делчев“ во Илинден, каде се одржа настан со дечињата од прво одделение каде заедно донесоа заклучоци за важноста на водата во човековиот живот. Дел од заклучоците се дека треба да ја врсднуваме водата, како и да работиме сите заедно за одржливо управување со овој скапоцен ресурс.

Остани поврзан