• среда, 24 април 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

27 март 2024

 

Делчево - Мини изложба со изработки од лица со посебни потреби денеска беше отворена во просториите на Јавната локална библиотека „Илинден".

Изложбата, како што информираше директорката на установата Биљана Петровска, ќе биде поставена во холот на библиотеката, каде сите читатели ќе можат да ја разгледаат.- Денеска наши гости беа дел од корисниците на Дневниот центар за лица со посебни потреби и дел од членовите на клубот за социјална инклузија „Интегра“. Мал број на сограѓани знаат дека меѓу другото, тие изработуваат и пликови од рециклирана хартија, односно пликото е завршниот дел од постапката за рециклирање на хартија. Токму затоа ЈЛБ „Илинден“ - Делчево, одлучи дел од тие пликови да изложи во библиоитеката и со тоа да ги промовира пликоата, но и јавно да го пофали трудот и мотивираноста на корисниците за нивна изработка, истакна Петровска.

Таа изрази благодарност до сите од Дневниот центар за лица со посебни потреби и клубот „Интегра“, кои ја прифатија поканата на библиотеката.

- Јавната локална библиотека „Илинден“, ќе продолжи да ги промовира сите талентирани, амбициозни наши сограѓани кои нешто создаваат и творат, а за нивниот труд малку се знае. Овие лица иако различни се исти како сите, многу трудољубиви, креативни и  вредни, додаде Петровска.

Изработките лицата со посебни потреби ги изработуваат за време на нивниот престој во центарот каде, како што истакнаа оттаму, се максимално ангажирани и со радост ги извршуваат сите работни задачи и обврски. 

Струмица - Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска на средба со млади од Струмица разговараше за политиките на Владата што се однесуваат на подобрување на квалитетот на животот на младите и кои влијаат на подобрување на состојбата на оваа категорија граѓани во државата.

Според Тренчевска, досегашните политики на Владата, како што се Оперативниот план за вработување со сите активни мерки за вработување за 2024 година, кој за 1,2 милиони евра е зголемен во однос на лани, е со опфат на нови вработувања.

-Тука би ги спомнала мерката за самовработување, која е исклучително атрактивна за младите и која овозможува реализирање на соништата на младите за отворање на сопствен бизнис и за 2024 година имаме 20 отсто поголем финансиски грант кој државата го дава на младите доколку отворат сопствен бизнис, односно 6 илјади евра за еден млад човек и 12 илјади евра доколку се содружници двајца или повеќе, истакна Тренчевска.

Додаде дека и мерката за обука за напредни ИТ вештини е многу атрактивна за младите и со неа се спречува одливот на млади мозоци во странство и можат да се вработат во домашни или странски компании во земјава за плати кои се многу поголеми, дури за 2 до 3 пати од просечната плата во државата.

На средбата со млади струмичани, Тренчевска разговарала и за мерката „Гаранција за млади“, што се спроведува во државата иако не сме членка на ЕУ и бевме единствена земја која ја реализираше по пример на европските земји, а од лани и неколку земји од регионот ја спроведуваат заради добрите резулатати која ги дала во Северна Македонија.

-Само во 2023 година во „Гаранција за млади“ се вклучени над 22.000 млади лица од државата, а над 7.000 млади се вработени и 500 млади си ги зајакнале своите вештини и станале многу поконкурентни на пазарот на труд, посочи дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика.

На средбата се зборувало и за менталното здравје кај младите и донесувањето на Националната стратегија за ментално здравје на млади, што МТСП ја донесе во соработка со младинските здруженија и граѓански организации во државата.

Се разговарало и за новиот предлог закон за работни односи и за работно ангажирање на млади на возраст од 15 до 19 години во време кога немат настава, односно во тек на зимскиот и летниот распуст.

Куманово - Инспекторите за патен сообраќај од општина Куманово редовно вршат контроли на превозниците, информираа денеска од Општина Куманово. Оттаму велат дека реагираат веднаш по пријави на граѓани.

Кумановци се жалат дека на одредени линии има голем број патници, особено во клучни тремини. Дел од граѓаните, пак, реагираат дека одредени категории граѓани ја злоупотребуваат мерката и бараат од превозниците, учениците да имаат предност при користење на превозот во термините кога почнува првата и втората смена во средните и основните училишта од градот.

- Инспектор за патен сообраќај при Општина Куманово врши контрола на јавен градски превоз и притоа бара техничко-експлоатациони услови од превозниците и од истите ги има добиено за секое превозно средство. Имаме информација дека седиштата кои биле предмет на вандализам се санирани од страна на превозниците, информираа денеска од Секторот за инспекциски надзор од општината.

Во градот функционираат 25 линии. Кумановци имаат право да го користат превозот до јуни годинава, согласно последната одлука на Советот донесена во декември лани. Од општинскиот буџет за оваа намена одвоени беа 30 милиони денари или над 486.200.31 евра, скоро половина милион евра.Со последната одлука беа воведени две нови стојалишта, а беа определени три милиони денари (48.620 илјади евра) за превоз помеѓу општините Куманово и Старо Нагоричане.

Опозицијата во Советот реагираше и бараше да се смени одлуката и превозот да оди согласно купен билет, а не по изминат километар, на кои општината им исплаќа по 40 денари.

Дел од кумановци сметаат дека проектот е и во интерес исклучиво на жителите од приградските населби. Кумановци реагираа за одлуката, укажувајќи дека е потребно општината да формира претпријатие за вршење на дејноста.

Од Општината наведуваат дека на овој начин се ублажува економската криза за сите учесници во општинскиот линиски превоз и произлегле повеќе бенефити, како што е подобрување на семејниот буџет на кумановци, намалување на сообраќајниот метеж во централното градско подрачје. Првата одлука за функционирање на бесплатен автобуски превоз беше донесена во декември 2022 со почеток на функционирање од 1. јануари 2023. Во неколку наврати беа донесена измени и дополнувања на одлуката.

Кавадарци - Со театарски  перформанс од „Убавицата и ѕверот“ беше одбележан Светскиот ден на театарот во Кавадарци. Пред присутните, настапија членови на театарот при Домот на културата „Иван Мазов - Климе“.

Директорката на културниот дом  Јулијана Туриманџова рече дека за сите театарски работници и творци, како и за љубителите на театарската уметност, ова е исклучително важен и голем ден.

Микица Илова, режисер, рече дека е ова мал театарски перформанс, од претставата што ќе ја има својата премиера на 11 април. 

Претставата „Убавицата и ѕверот“ е за сите возрасти, една прекрасна француска бајка. Со овој перформанс сакавме да ја зголемиме љубопитноста за самата претстава и радува фактот што настанот е многу посетен, особено од млади љубители што ја сакаат уметноста и уживаат во неа, нагласи Илова.Беа прочитани и светската и македонската порака, по повод Светскиот ден на театарот.

Штип - Квалитетна настава и инвестирање во научно-истражувачките работа за студентите и наставниците се приоритетите на Универзитетот „Гоце Делчев“(УГД)-Штип за наредната година, истакна денеска ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски на одбележувањето 17 години од формирањето на оваа висока образовна институција.

- Фокусот ни е на подобрување на научно-истражувачката инфраструктура и на научната продукција за вработените и за студентите. Имаме повеќе канали за поддршка на студентите и на кадарот, какошто се индивидуално финансиска поддршка, потоа подобри услови за работи на факултетите, подобро поврзување со други Универзитети. УГД има над 400 договори и работиме со европски Универзитети, вели Мираковски.

По повод одбележување на 17 годишниот јубилеј на Универзитетот „Гоце Делчев“ денеска беа доделени награди и признанија на најдобрите студенти. Сузана Мицева според постигнатиот просек е најдобар студент на Филолошкиот факултет од катедрата за македонски јазик за изминатата година. Мицева истакна дека наградата е потврда дека Универзитетот „Гоце Делчев“ го препознава трудот и ги почитува поединците кои се истакнуваат од своите колеги.

- Но, и една порака дека државата понатаму ќе мора да ги мапира тие потенцијали и да вложува во нив затоа што и се потребни на заедницата и на Македонија. Спомнав дека доаѓам од катедрата за македонски јазик, онаму каде што учиме дека јазикот е најживиот дел од нашиот идентитет, каде што се потсетуваме дека за да пиеме од устата на јазикот ќе мора и изворите да ги чуваме чисти, да го почитуваме, изучуваме, вели Мицева.

На свечената акдемија по повод 17 години постоење на УГД-Штип, присуствуваа министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, пратеници во македонското Собрание, градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, како и ректори и делегации од Универзитетите од земјава и странство.

Министерот за транспорт и врски Бочварски истакна дека Универзитетот „Гоце Делчев“ се гради и развива како вистинска образовна институција, во која се едуцираат кадри кои ја гарантираат иднината на државата.

- Од тој аспект сакам да истакнам дека во изминатиот период, кога бев градоначалник, а сега и министер во Владата сум имал одлична соработка со двајцата ректори кои го водеа Универзитетот во овој период и морам да истакнам дека нивните заслуги се огромни во изминатиот период, изјави Бочварски.

Студентите од Факултетот за медицински науки денеска имаа и акции за мерење на шеќер во крвта, како и на крвниот притисок на неколку пунктови во Штип. 

Скопје - Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ - Скопје информира дека продолжува акцијата за чистење на јавните површини во Скопје. Денеска се отстранети отпадоци од јавните површини на плоштадот „Филип Втори“, реонот на црквата „Св.Димитрија“, Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите, платото пред Националната опера и балет и Филхармонија.

Во текот на утрешниот ден, активностите ќе продолжат на кејот „13-ти Ноември“.

- Преку акцијата за чистење во која учествуваат административците на претпријатието,  ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје има цел подигнување на свеста кај жителите на нашиот град дека секој поединец преку своето совесно однесување може значително да придонесе за одржувањето на хигиената и заштитата на животната околина, се вели во соопштението.

Во текот на вчерашниот ден акцијата се одвивала во централното градско подрачје, на потегот од порта „Македонија“, улицата „Македонија“, до булеварот „Кирил и Методиј“ и Музејот на Град Скопје.

Карбинци - Почна изградбата на улицата кој води до подрачното училиште, а ќе се уредува и училишниот двор во карбинското село Парналија.

Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов денеска изврши увид во градежните активности и истакна дека се работи во повеќе населени места во Општина Карбинци.

-Она што сега се работи е пристапниот пат до училишниот двор и самиот училишен двор, кој ќе добие модерна, односно асфалтирана површина. Се работи за асфалтна површина од 1.250 метри квадратни, изјави Паунов.

Тој на денешната прес-конференција истакна дека реализацијата на овој инфраструктурен проект е во рамките на  претходните проекти кои се работеа на територија на Општина Карбинци, односно изградба на улица во Горни Балван, како и патот меѓу селата Оџалија и Радање. Паунов посочува дека активности на терен има и во останатите села и населени места во Карбинци.

Вкупната инвестиција на овие проекти изнесува 4.800.000 денари, а парите се од буџетот на Општина Карбинци.

 

 

Остани поврзан