• четврток, 25 април 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

 19 март 2024

 

Струмица - Она што се случуваше на интернационалната вечер на Струмичкиот карневал и на Детскиот карневал потврди дека по кризата, којашто ја преживеавме од короната и кога постоеше опасност да го изгубиме нивото, можам со гордост да констатирам дека Струмичкиот карневал се враќа на ѕвездените патеки и го потврдува епитетот „Струмичко чудо“, оцени претседателот на Организациониот одбор на Карневалот, Александар Цицимов.

За него е важно што 30-годишниот јубилеј од приемот во Федерацијата на карневалските градови на Европа е одбележан на едно извонредно ниво.

-Посебно ме радува што мојата визија како треба да изгледа Струмичкиот карневал. во саботата беше најблиску до таа слика. Ако се сеќавате некаде пред петнаесетина години зацртавме дека Струмичкиот карневал треба да биде една рапсодија на звук, шаренило, односно, пред се да биде поврзано со празникот на армасаните (верените) девојки и да ја слави младоста и сите ние да уживаме во тоа. Малку ми смета што ја губиме компонентата на еротика во карневалот, но мислам дека преку учеството на голем број девојки коишто се блиску до славењето на Тримерите, мислам дека тоа е постигнато, смета Цицимов.

За него годинава победник е Струмичкиот карневал, бидејќи струмичките карневалсти им покажале на многубројните гости дека, како што рече уште еднаш, навистина се „Струмичко чудо“.

-Ги следев нивните реакции, тие сите се организатори на познати карневали од регионот и пошироко и имаше реакции кога тие не само што од срце аплаудираа, туку и се кренаа на нозе да поздрават одредени креации, тоа ме исполни со гордост, а и сите карневалски групи треба да бидете горди на тоа што го покажавте пред меѓународната јавност, а пред се за граѓаните на Македонија и на Струмица, истакна Цицимов.

Инаку, годинашното издание на Струмичкиот карневал завршува утре со традиционаниот Тримерски ручек и враќање на клучот од градот од карневалистите на градоначалникот на Струмица.

Вечер треба да се одржи Карневалско корзо и и да се доделат наградите на најуспешните маски од Главната карневалска поворка. 

Охрид – Родители на ученици од Електро-машинскиот училишен центар „Свети Наум Охридски“ од Охрид преку писмо доставено до медиумите реагираат на набавката на наметки и капи за матурантите од средношколската установа.

Во писмото се посочува дека сите ученици од школото од прва до четврта година били приморани да плаќаат по 450 денари за наметките наменети за матурантите. Притоа уште стои дека парите за набавка ги собирале класните раководители, дека таа опрема била наменета и за фотографирањето на учениците од завршните години, што според дописот, за матурантите од оваа учебна година веќе било завршено.

- Очигледно е дека раководството на средното охридско училиште е погодено од економската криза во Македонија и има потреба од дополнителни приходи, па дури користат ученици од ранливи категории со цел зголемување на нивниот приход, пишува во писмото на родители на ученици, кои бараат и одговор и објаснување од директорот на центарот и од раководство, додека од надлежните институции и невладините организации бараат да застанат на страната на средношколците и нивните родители.

Директорот на училиштето, Сашо Недески, во изјава за МИА појасни дека раководството на училиштето нема речиси никаква врска со начинот и постапката за набавување на матурските наметки и капи.

- Иницијативата за набавката произлезе од самите ученици, тие самите се организираа, беа спроведени и анкети меѓу учениците, а потоа процедурата за набавка беше одобрена и од Советот на родители. Самиот Совет на родители ги разгледа понудите, од кои беше избран набавувавачот. Учениците и родителите си го избраа изработувачот, сами и си ги собират средствата, училиштето нема никаква врска со процедурата. Дури и овозможено им е средствата од 450 денари што, да нагласам воопшто и не ги собира училиштето, да ги плаќаат на две рати, рече Недески.

Матурските наметки со лого на средното училиште веќе се вообичаена практика меѓу учениците од останатите средношколски установи во Охрид. 

Кавадарци - Цане Мирков дарувал крв 75 пати, благодарници за крводарители беа  доделени синоќа во Кавадарци, настанот го реализираше Општинската организација на Црвен крст од овој град. 

Претседателот на Црвен крст Кавадарци,  Димитар Каракулев, потсети дека годинава се одбележуваат 79 години од основањето на Црвениот крст на национално ниво. 

- Бележиме врвни резултати. На врвот сме по крводарување во државата, минатата година бевме најдобри по проекти изработени од млади, за промоција на хумани вредности, нагласи Каракулев, споменувајќи дека организираат и нега во домашни услови за стари и изнемоштени лица. 

Млади волонтери прочитаа свои литературни творби, а пред присутните се обрати и Перо Николов, советник во Советот на Општината. На сите крводарители, тој им упати честитки и им порача да продолжат, покажувајќи ја хуманоста и солидарноста. 

Скопје - Во контролите во областа на сообраќајот во текот на вчерашниот ден на територија на Град Скопје изречени се вкупно 152 мерки, соопштија денеска од МВР.

Од изречените казни, за возење без возачка дозвола се 18, 25 мерки за некористење сигурносен појас, осум санкции за непрописно престројување на возила...

Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови, најавија од МВР и апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. 

Скопје - Без електрична енергија денеска од 9 до 12 часот ќе останат дел од жителите на влезот на селото Крушопек, а од 10 до 15 часот дел од корисниците од улица „4“ во Сарај.

Во временскиот период од 8:30 до 15:30 часот без струја ќе бидат дел од корисниците лоцирани на улиците „Македонско-косовска бригада“, „Никола Малешевски“ и дел од „Џон Кенеди“ бр.27 во општина Чаир.

Без струја денеска од 9 до 15 часот ќе бидат и дел од жителите од улиците „2“ и „10“ во Долно Лисиче, општина Аеродром.

Како што соопшти РЦУК - Скопје, прекините се поради планирани зафати во електродистрибутивната мрежа. 

Остани поврзан