• недела, 05 мај 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

9 јуни 2023

Демир Капија - Возило излетало од патот кај  тунелот Т1 на делницата Гевгелија - Неготино, информацијата утрово ја потврди за  МИА, Ристе Самарџиев, портпарол на СВР Велес. 

- Денеска во 08.40 часот на автопатот А1, кај тунелот Т1 на делницата Гевгелија – Неготино, патничко возило „фолксваген“ со неготински регистарски ознаки, управувано од 47-годишната Т.П.П., изгубило контрола и излетало од патот. Увидот е во тек, појасни Самарџиев за МИА. 

Според првични информации, едно лице е тешко повредено во сообраќајката.

Поради сообраќајката во прекин е сообраќајот на овој патен правец. 

Дојран  - Последните испитувања на водата од Дојранското Езеро од Центарот за јавно здравје Велес, од почетокот на овој месец, покажаа дека е во одлична состојба и е безбедна за капење.

Ова го објави градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, прецизирајќи дека примероците за испитување на водата биле земени од Градската плажа, плажата кај хотелот “Полин” и плажата “Гранико”.

-Резултатите од испитувањата на езерската вода се идентични со минатата година, односно истите ја истакнуваат нејзината непроменета одлична состојба и покажуваат параметри кои не се одразуваат штетно по здравјето на луѓето, објави Ангов.

Инаку, во текот на летниот период од страна на Центарот за јавно здравје Велес, неколку пати се земаат примероци од езерската вода за тестирање. 

Струмица - В недела ЈПКД „Комуналец“ почнува акција за генерално чистење на Струмица.

Како што информираше Бранко Ѓоргиев, раководител во комуналното претпријатие, покрај редовното собирање смет и метење на улиците, секоја недела ќе се врши и генерално чистење и собирање на смет, како и машинско перење на улиците.

-Акцијата почнува во недела на 11 јуни во градските населби „Карпош“ и „Чифлик“ и се замолуват сите граѓани од овие реони кои имат секаков вид на отпад да го пријават на 13 110 и да го извадат пред дворовите во недела до 12 часот за да биде подигнат во текот на денот, информираше Ѓоргиев.

Акцијата продолжува и наредните недели во месец јуни и етапно ќе биде опфатен целиот град, а од почетокот на следната недела треба да почне и чистењето на диви депонии, кои лани беа исчистени, но годинава повторно се наполнија со ѓубре.

Делчево - Советот на Општина Делчево закажа вонредна седница поради големите штети предизвикани од невремето кое вчера го зафати Делчево. Како што информираше претседателот на Советот, Гоце Попов на седницата ќе биде предложена одлука за прогласување  елементарна непогода од поплави во Делчево.

На седнцата ќе биде доднесена одлука за формирање комисија за проценка на штети, а ќе биде објавен и јавен повик преку кој ќе се информираат граѓаните за постапката за пријавување штети.

Крива Паланка - Градоначалникот на Општина Крива Паланка денеска ги врачи договорите за поддршка на пет НВО-организации за доделени грантови во вкупна вредност од 486.098 денари од општинскиот буџетот, Програма за поддршка на здруженија и фондации за 2023 година.

-Продолжува поддршката на граѓанскиот сектор, со средства од општината до крајот на годината овие здруженија ќе имплементираат проекти од интерес на граѓаните во приоритетните области наведени во рамки на јавниот повик на кој аплицираа. Одобрена е реализација на проекти за: „Младински инклузивен центар“, „Убавините на осоговските планини“, „Одгледување печурки как вносен бизнис“, „Почиста и поубава Дурачка Река“ и „Безбедно опстојување во дигиталниот свет“, така што, посакувам успешна реализација на истите и добри резултати, видливи во корист на целокупната заедница и поголема група граѓани, рече градоначалникот Митовски.

Официјално беа врачени договорите на здруженијата:Извиднички одред „Наум Наумовски –Борче“, Центар за младински иницијативи „Цик-Цак“, Здружение на жени земјоделки, сточарки и домаќинки „Агропаланчанка“, Еколошко-акцијашко здружение „Осоговски акцијаши“ и Здружение за спасување и помош, Спасувачка служба „Спасител“, сите од Крива Паланка.

Остани поврзан