• четврток, 25 април 2024
МИА Општински пул

17 април 2024 

Дебар -  Во општините Дебар и Центар Жупа, до синоќа на полноќ, до кога беше и законскиот рок, за гласање на 24 април, на претседателските избори, пријавени се 37 болни и изнемоштени лица.

Гледано одделно во општина Дебар, како што потврди за МИА, Рилинд Хаса, претседател на Општинската изборна комисија пријавени се 32 лица.

Според Неџип Илјаз, претседател на ОИК-Центар Жупа во оваа општина се пријавени пет болни и изнемоштени лица.

Охрид - Плоштадот кај поранешниот Мини маркет во Охрид ќе го носи името на познатиот уметник Вангел Наумоски. Иницијативата за тоа ја покрена Лајонс клубот „Лихнидос“ од Охрид, а предлогот наскоро ќе биде ставен на дневен ред на седница на Советот на Општина Охрид, каде треба да биде потврдена одлуката.

Иницијативата ја поддржа и градоначалникот Кирил Пецаков, кој рече дека на тој начин Наумоски ќе добие засклужено место, каде неговите сограѓани ќе се потсетуваат на уметникот и ќе го слават неговото име како син на Охрид.

Наумоски е роден во охридското село Скребатно во 1922 година. Се запишува во средното уметничко училиште во Скопје, од каде во 1947 година е исклучен како „неталентиран“. Првата негова работа е цртач во ателјето за резба во Охрид, а неговата прва изложба е во родниот Охрид во 1954 година. Има над 30 самостојни и 100 групни изложби, а неговите дела се наоѓаат во многу музеи во земјава и низ светот.

Скопје - Поради уличен дефект на ул. „Црноризец Храбар“ 26б, денеска прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од оваа и од улиците „Гаврил Константиновиќ“, „Детелин Војвода“, „Буковиќ“, „Аврора“ и трговскиот центар.

Како што информираат од ЈП „Водовод и канализација“ Скопје водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.

Крива Паланка - Пет јавни општински институции во Крива Паланка добија фотоволтаични панели кои се поставени на објектите со цел самоодржливост на објектите преку енергетска ефикасност и користење обновливи извори на енергија.

-Поставени се фотоволтаични панели на пет јавни институции во градот, инвестиција вредна 103.000 евра во рамки на проектот „Зелена енергија за јавни институции“. Општина Крива Паланка го реализираше проектот со поддршка од Центар за меѓународна соработка и развој од Љубљана, Словенија. Центарот од Љубљана е донатор на педесет отсто од вредноста, а останатата сума е обезбедена од општинскиот буџет, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.

Делчево - Одрони утрово се регистрирани на патот Делчево - Македонска Каменица. Одроните се наоѓаат кај месноста Баткова Чешма на околу 7 километри од Делчево. Од „Македонија Пат“ апелираат на внимателно движење долж овој патен правец.

-Врнежливото време во комбинација со теренот знае да предизвика вакви појави бидејки се работи за подрачје кое има склоност на вакви појави. Затоа апелот е да се вози внимателно со почитување на сообраќајната сигнализација и прилагодување на брзината, информираа од „Македонија Пат“.

Скопје -  ЈП „Комуна“ Крушево известува дека денеска без вода ќе бидат  улиците: „Нико Доага“, „Тодор Проески“, „Томе Никле“, „Ќиро Фетак“ и дел од „Мише Ефтим“.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато поради дефект. Корисниците ќе бидат без вода до санација на дефектот. 

Скопје - На територија на Град Скопје во текот на вчерашниот ден изречена е вкупно 181 меркa во контролите во областа на сообраќајот.

Како што информира МВР, 23 санкции се за возење повеќе од дозволената брзина, 17 мерки за возење без возачка дозвола, пет санкции за минување на затворен сигнал - црвено светло, девет мерки за користење на мобилен телефон при возење...

Остани поврзан