• сабота, 11 мај 2024
МИА Флеш

29 март 2024

 

Охрид – Три лица загинаа во сообраќајна несреќа што денеска се случи на излезот од Кичево, во насока кон Скопје. Според соопштението од СВР – Охрид, несреќата се случила утрово во 4:50 часот на улицата „Магистрален пат“ во Кичево, кога се судриле патничко возило „Пежо“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од С.И.(19) од Кичево и патничко возило „Фолксваген голф“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од К.Е.(32) од кичевското село Трапчин Дол. Од здобиените повреди на местото на несреќата починале возачот  К.Е. и неговиот сопатник А.С.(20) од село Трапчин Дол, додека возачот С.И. им подлегнал на повредите на пат кон Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

Скопје - Денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и заменик министерот Назим Буши остварија работна средба со амбасадорот на Република Турција Н.Е. Фатих Улусој. Министерот Тошковски на новоименуваниот амбасадор Улусој му посака пријатен престој и успешно вршење на амбасадорската функција, со желби за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.  

Скопје – Амбасадорот на Европската унија во државава Дејвид Гир изјави дека нема да се намалат финансиските средства определени од Европската унија за Националната агенција за Еразмус+, како и дека програмата од која придобивки имаат младите, ќе продолжи понатаму да се имплементира.  Во одговор на новинарско прашање откако Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) побара поврат на 2,2 милиони евра од Северна Македонија злоупотребени преку програмата Еразмус+ Гир денеска рече дека очекува државава да продолжи да ги испорачува препораките дадени од ОЛАФ.

Скопје - Нето надворешниот долг на крајот на минатата година изнесувал 4.458 милиони евра или 32,6 проценти од проценетиот БДП, објави денеска Народната банка. Во четвртиот квартал од годината, нето надворешниот долг е зголемен за 305 милиони евра или за 7,3 проценти.

Скопје - Според податоците на Државниот завод за статистика, во второто полугодие од 2023 година, просечната цена на електричната енергија за домаќинствата во земјава изнесувала 7.289 денари по KWh, што претставува пораст од 8.2 % во споредба со првото полугодие. Просечната цена на електричната енергија без данокот на додадена вредност за крајните потрошувачи, освен домаќинствата, се движи од 6.756 до 12.393 денари по KWh по групи на потрошувачи.

Скопје - Индустриското производство во февруари годинава во однос на истиот месец лани е поголемо за 0,3 отсто. Во периодот јануари – февруари 2024 година, пак, споредено со првите два месеца од 2023, растот изнесува 1,5 проценти, соопшти Државниот завод за статистика. Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во февруари 2024 година,
во однос на февруари 2023 година, бележи пораст од 5.6 %, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 0.8 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 14.5 %. 

Скопје - Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика во техничката Влада, Јованка Тренчевска денеска информираше дека имаат таргет до 2028 година, 70 отсто од децата да бидат вклучени во градинките. - Во 2017 година, кога се формира Владата предводена од СДСМ, опфатот на децата во градинките беше од 25 до 27 отсто од вкупниот број деца вклучени во градинките. Денес, тој процент е 48, дополнително ќе се зголеми со градинките што чекаат на отворање. Таргетот ни е до 2028 година, тој процент да се зголеми на 70 отсто деца опфатени во предучилишно образование и секако, тој број да се зголемува, одговори Тренчевска на новинарско прашање на брифингот со новинари во Клубот на пратеници.

Скопје - Народниот правобранител искажува јавно незадоволство и е зачуден со каква леснотија парламентот на вчерашната 149 седница со буквално неколку збора (амандманите не се преведени), стави точка на можноста за донесување на измените и дополнувањата на Законот на Народниот правобранител, кои имаа неколку цели, соопштија денеска од Канцеларијата на Народниот правобранител. Со недонесувањето на измените и дополнувањата на законот, се додава во соопштението, Народниот правобранител на Република Северна Македонија остана единствена институција во регионот без стаус А, со што пак директно и се наштетува на нејзиниот углед и можноста за поголем ангажман во сите меѓународни организации каде членува. Со оглед дека се уште постои можност да работи, како што стои во соопштението, Народниот правобранител апелира до Собранието да ја продолжи 149 седница и да биде разгледан и донесен дополнетиот предлог Законот за изменување и дополнувањата на Законот за народниот правобранител.

Скопје - Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“ распиша Конкурс за доделување на државната награда „23 Октомври“ во 2024 година, соопшти Министерството за култура. Со државната награда „23 Октомври“ се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство на Република Северна Македонија.

Велес - Во Ликовниот салон во Велес синоќа беше отворена изложбата „Храбриот нов свет“ од авторот Јордан Ѓорчев, организирана од Jоrdan Gore Gallery,на која се претставени 30 дела акрил на платно,избрани слики  од авторот  кои ги изработил во  периодот  2023 и 2024 година. Во разговорот за МИА, авторот Јордан Ѓорчев појасни дека изложбата е насловена случајно по една од сликите насловена „Храбриот нов свет“ по истоимениот роман книга од Олдос Хаксли напишан 1931, а објавен 1932 година во Лондон,која е научно фантастична а по која сега се снима и серија на Нетфликс.

Тетово - Почина Шаќир Алити, првиот градоначалник на Тетово по осамостојуавњето на Македонија, информираше Општина Тетово. Алити беше градоначалник од 1991 до 1997 година. -Со длабока тага ја дознав веста за смртта на добриот човек, ангажиран граѓанин, поранешниот прв градоначалник на општина Тетово по осамостојувањето на Северна Македонија, Шаќир Алити. Алити даде драгоцен придонес во политичките, економските и општествените процеси во Тетово. Како градоначалник на општина Тетово одигра суштинска улога во консолидацијата на локалната демократија. Во име на граѓаните на општина Тетово и во мое име, на семејството Алити му изразувам најдлабоко и најискрено сочувство, напиша актуелниот градоначалник Биљал Касами, пренесува канцеларијата за односи со јавноста.

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски синоќа присуствуваше на тренингот на КК „Работнички“ во салата Кале. Со кошаркарите разговараа за издигнувањето на тимот и потребите за достигнување на високи резултати и на следните натпревари и потенцира дека „Работнички“ конечно се враќа на шампионсите патеки, соопшти Општина Центар. Тој  се заблагодари  на тренерот и на цел стручен тим, но и на сите играчи за одличните резултати коишто клубот  ги има годинава.

Скопје - Четвртиот градски триатлон - спринт дистанца „Стопанска Триоги триатлин 2024“ ќе се одржи на 19 мај 2024 година во Скопје. Стартот и целта на натпреварот ќе бидат во Спортскиот центар „Борис Трајковски". Пливачкиот сегмент ќе се одржи на Базенот „Борис Трајковски", за велосипедскиот сегмент ќе се користи дел од булеварот „Илинден“, а трчањето ќе биде околу спортскиот центар. Пријавувањето е до 9 мај или до пополнување  на максимален број на учесници. Настанот ќе се реализира со техничка поддршка на Триатлон федерација на Северна Македонија.

Белград - Потрагата по двегодишното девојче Данка Илиќ од околината на Бор се уште трае. Денеска два специјалистички тимови со кучиња спасувачи обучени и тренирани да бараат и спасуваат луѓе од урнатините и на отворено започнаа со детално пребарување на просторот околу куќата, пред која исчезна девојчето. Вчера земјиштето околу куќата на исчезнатото девојче беше расчистено со багер за да се провери дали има докази под гранките кои би помогнале во потрагата. Во близина на Хаџиќи во Босна и Херцеговина се уапсени три лица кои тврдеа дека имаат информации за исчезната Данка, за што барале пари, но во полицијата изјавиле дека „само се шегувале“.

Атина – Главниот осомничен во случајот од октомври 2022 година, за сексуална злоупотреба и принудување на проституција на 12-годишно девојче од атинска населба, денеска беше прогласен за виновен од Мешовитиот поротен суд, додека пак казните ќе бидат соопштени дополнително, веројатно на ново рочиште, јави дописничката на МИА од Атина.  Првоосомничен во случајот, а сега веќе и прогласен за виновен е 55-годишниот Илиас Михос, сопственик на минимаркет, кој беше уапсен и притворен веднаш откако беше откриен случајот пред една и пол година, а тогаш по наредба и одлука на Обвинителството, неговите податоци и фотографии беа објавени во јавност, додека пак при апсењето, кај него меѓу другото, беа пронајдени и одземени два пиштоли и 21 нож, а биле конфискувани два лаптопи и еден хард-диск.

Атина – Зголемување на минималната плата во Грција за 50 евра соопшти грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на денешната владина седница истакнувајќи дека од 1 април ќе изнесува 830 евра, јави дописничката на МИА од Атина.  Грчкиот премиер посочи дека ова е четврто зголемување во изминатите пет години откако Нова демократија дојде на власт, потсети дека во 2019 година, изнесуваше 650 евра и сега „во суштина има пораст од 27 отсто“. 

Софија - Бугарскиот претседател Румен Радев продолжува со консултациите за именување привремен премиер. Во четвртокот тој го врачи третиот мандат за формирање влада на најмалата партија во Парламентот - ИТН. Тие веднаш го вратија, со што ставија крај на шансите за формирање нов кабинет во ова народно собрание. Радев сега треба да назначи привремен премиер и влада. Но, според последните измени во Уставот, тој е должен да избира луѓе од список на одредени позиции. Тоа се, на пример, претседателот на Собранието, шефовите на Комората за ревизија и од БНБ.

Москва - Советот за безбедност на ОН повеќе не може да ги користи старите шаблони за Северна Кореја, соопшти Русија, откако Москва стави вето на обновувањето на експертската комисија за следење на спроведувањето на санкциите, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова. „Јасно ни е дека Советот за безбедност на ОН повеќе не може да користи стари шаблони за прашања поврзани со Корејскиот полуостров“, нагласи портпаролката.

Алепо - Бројот на загинати во израелските воздушни напади врз провинцијата Алепо во Сирија се искачи на 42, вклучително и шест членови на проиранската група Хезболах, соопшти денеска набљудувачката група. Сириската опсерваторија за човекови права соопшти дека ова е најтешкиот напад на Израел врз Сирија во последните три години.

Душанбе - Државниот комитет за национална безбедност на Таџикистан уапси девет лица за кои верува дека се поврзани со осомничените за нападот во концертната сала во Москва. Светските агенции повикувајќи се на извори во безбедносните сили на Таџикистан, денеска наведуваат дека осомничените се уапсени и поради нивните врски со огранокот на терористичката организација Исламска држава во Хорасан (ИСИС-К).

Брисел - НАТО денеска ја слави 20-годишнината од најголемото проширување на Алијансата, кога на пактот се приклучија седум земји. „Денеска се навршуваат 20 години од приемот на Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Романија, Словачка и Словенија“, изјави портпаролката на НАТО, Фара Даклала. „Оваа година се одбележува и 25-годишнината од првото проширување на пактот по Студената војна со пристапувањето на Чешка, Унгарија и Полска, како и 75 години од основањето на Алијансата“, додаде таа.

Вашингтон - Американската влада потрошила најмалку 113 милијарди долари за војната во Украина, но таа сума може да се смета за многу поголема поради трошоците за замена на оружјето и муницијата испратени во Киев, процени Пентагон. Фокс њуз во септември објави дека САД потрошиле вкупно 101 милијарда долари за војната во Украина. Според документите од Канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа испратени до сенаторот Џ. Д. Венс од американската сојузна држава Охајо, и до која Фокс њуз имаше пристап, САД потрошиле најмалку дополнителни 13 милијарди долари од септември за војната во Украина.

Букуршт – На романска територија во близина на границата со Украина пронајдени се делови за кои се претпоставува дека се остатоци од дрон, соопшти денеска романското Министерство за одбрана. Остатоците се пронајдени синоќа на островот Браила во реката Дунав, а припадници на Министерството за одбрана и полицијата го истражуваат случајот. Романските власти истакнаа дека не пронашле докази за намерен напад врз Романија.

Антананариво - Најмалку 11 лица загинаа во тропскиот циклон „Гамане“ што го погоди островот Мадагаскар оваа недела, додека илјадници беа принудени да ги напуштат своите домови, соопшти Канцеларијата за управување со катастрофи. Поради циклонот Гамане, кој го премина североисточниот дел на Мадагаскар во средата и четвртокот, раселени се повеќе од 18.000 луѓе, додека тројца се уште се водат како исчезнати, соопшти доцна синоќа Националното биро за управување со ризик и катастрофи (БНГРЦ).

Токио – Шефицата на јапонската дипломатија Камикава Јоко на средбата со генералниот секретар на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци на Блиски Исток (УНРВА) Филипе Лазарини побара поголема координација во пружањето на помош на УНРВА. - Помошта за УНРВА претставува важен извор на приход, посочи Јоко, и повика на поефикасна структурна реформа на Агенцијата со цел да се обезбеди транспарентност на финансирањето и непристрасност на персоналот.

Тагови

Остани поврзан