• сабота, 18 мај 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

10 мај 2024

 

Скопје - Францускиот претседател Емануел Макрон и честита на Гордана Сиљановска Давкова за изборот на претседателка на државава. -Се отвора нова страница кај нашите македонски пријатели. Ја поздравувам храбрата посветеност на Стево Пендаровски, а на Гордана Силјановска Давкова ѝ ги упатувам моите срдечни честитки за изборот за Претседател, напиша Макрон во објавата на неговата Фејсбук страница. Макрон во својата објава додава дека Франција останува на страната на Северна Македонија за да ја придружува во реформите и нејзината европска иднина. Сиљановска Давкова, исто така во објава на Фејсбук, се заблагодари на честитката на францускиот претседател.

Скопје - Премиерот на техничката Влада Талат Џафери денеска ќе одржи прес-конференција на којашто ќе се осврне на работата во изминатите 100 дена.  Техничката Влада  беше изгласана на 28 јануари, 100 дена пред парламентарните избори што се одржаа завчера. Изборот на  техничката/преодна влада е согласно Пржинскиот договор за надминување на политичката криза од 2015 година. Примарната функцијата на техничката влада беше да обезбеди фер и демократски избори.

Скопје - Роковите за приговори за Претседателски и Парламентарни избори до Државната изборна комисија (ДИК) завршуваат вечер во 19, односно 23:30 часот. ДИК вчера ги објави првичките официјални изборни резултати и вечер до 19 часот до Собранието треба да го достави извештајот за резултатите од Претседателските избори, по што според најавите собранискиот спикер Јован Митрески ќе ја закаже за в недела напладне собраниската седница за инаугурација на новоизбраната претседателка на државата Гордана Силјановска Давкова.

Охрид - Началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Кралството Норвешка, генерал Еирик Кристоферсен, кој од вчера е во дводневна официјална посета на Армијата на Република Северна Македонија, денеска во Охрид ќе оствари средба со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски. Церемонијата за пречек со воени почести, информираа од ГШ на Армијата, ќе се одржи во Кампот за обука на вода, кај сидриштето Билјанини извори, по што генералот Кристоферсен ќе оствари средба со својот домаќин, генералот Ѓурчиновски.

Скопје - „Состојбите во современиот македонски јазик: Македонскиот јазик во наставата“  е насловена трибината што по повод одбележувањето на 5 Мај - Денот на македонскиот јазик, денеска ја организира Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. 

Скопје - Преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК) синоќа е добиена пријава за паднато дрво на бул. „Александар Македонски“ близу паркингот на влезот на фабриката „Железара и Железарија Јоле“ во населбата Автокоманда. Од ЦУК денеска соопштија дека веднаш по добиената информација Секторот за операции и координација ги известил Министерството за внатрешни работи  и ЈП „Паркови и зеленило“ на Град Скопје, коишто испратиле екипи и интервенирале во отстранување на паднатото дрво.

Струмица - Во Струмица денеска ќе почнат активностите за свечената литија со иконата на Пресвета Богородица Брзопослушница. По завршување на вечерната богослужба во манастирот „Свети Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“ во 17 часот иконата ќе биде пренесена во храмот „Свети Григориј и Свети Димитриј Палама“, каде ќе биде оставена за поклонение на верниците, информираа од Струмичката епархија на МПЦ-ОА. Свечената литија утре ќе тргне во 10 часот од пред храмот на „Свети Димитриј и Свети Григориј Палама во Струмица, а свечената поворка ќе се движи кон градскиот плоштад „Гоце Делчев“, каде ќе се одржи молебен.

Скопје - ЈУ Културно информативен центар - Скопје соопшти дека денеска ќе се отвори групна изложба на студентите од осмиот семестар на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности - Скопје насловена „Четирите мајстори на модернизмот“. Како што најавија, Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста ,,Европски месец на креативност“ во галеријата Империјал 1 - ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на мај ќе биде отворена групната изложба насловена „Четирите мајстори на модернизмот“.

Скопје -  Во изложбениот салон и заедница на македонски дизајнери и знаетчии „Лаб дизајн маркет“ денеска напладне ќе започне дводневна промоција на нови дизајнери. Покрај ова, дизајнерката Евгенија Зафировска ќе ја отвори својата архива на досегашни примероци од минатите колекции и ќе ги понуди на продажба.

Скопје – Со традиционална свечена академија, на која ќе се доделат признанијата за најхумана медицинска сестра, денеска во Скопје ќе се одбележи Меѓународната недела на сестринството што годинава се одржува од 5 до 12 мај под мотото „Нашите медицински сестри, нашата иднина, економската моќ на негата“. Настанот насловен „Инвестиција во сестринството за здрава нација – вистинско време за движење напред“ ќе започне со донациски базар „Сестрите за сестрите“.

Скопје -  Триесет учесници од мали и средни претпријатија, занаетчиски работилници, регистрирани земјоделски стопанства, фирми во сопственост или управувани од жени, како и формални и неформални образовни институции втор ден ја посетуваат обуката што ја спроведува Центарот за развој на Скопски плански регион во рамки на проектот „Шанса за тебе“, дел од ИПА II програмата за прекугранична соработка со Србија 2016-2020.

Охрид - На Факултетот за туризам и угостителство денеска во Охрид ќе се одржи третиот Отворен ден на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ УКЛО. Како што соопштија од ФТУ, предвидени се панел дискусии на академската заедница од УКЛО и бизнис секторот, на најуспешните студенти од УКЛО, како и презентации на компании и факултети од УКЛО.

Белград - Српскиот премиер Милош Вучевиќ им ја честиташе победата на партијата ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски на парламентарните избори во Северна Македонија, како и на нивната кандидатка Гордана Сиљановска Давкова за победата во претседателската трка, јави дописикот на МИА од Белград. – Срдечни честитки до ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски за убедливата победа на парламентарните избори, како и до Гордана Сиљановска Давкова за изборот за претседател на Северна Македонија, напиша Вучевиќ на социјалната мрежа Х.

Њујорк - Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, разговараше во Њујорк со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и со претседателот на 78. заседание на Генералното собрание на ОН, Денис Френсис. Тема на разговорите била ситуацијата на Западен Балкан и претстојната работа на Генералното собрание на ОН. Лајчак го информираше Гутереш за неговата работа и посочи дека го цени разбирањето на Гутереш за развојот на настаните во Западен Балкан.

Париз - Маж нападнал жена во стан со моторна пила, а потоа застрелал двајца полицајци во полициска станица во Париз. Повредените полицајци се пренесени во болница во тешка состојба, која кај еден останала критична и по лекарската интервенција, изјави полициски извор. Тешко ранет е и напаѓачот, кој бил погоден со истрел како одговор на неговото пукање. Инцидентот се случил нешто пред 22:30 часот во дел од 13-та област.

Бразилија - Бразилската Влада вети дека ќе одвои околу девет милијарди евра за обнова на државата Рио Гранде до Сул, регион опустошен од невидените поплави, а се очекуваат и нови дождови. Најмалку 107 луѓе загинаа, 754 се повредени и 134 се водат како исчезнати по поројните дождови што го зафатија јужниот регион цела минатата недела, според синоќа објавениот извештај на Цивилната заштита.

Вашингтон - Во телефонски разговор синоќа со министерот за надворешни работи на Египет, Самех Шукри, државниот секретар Ентони Блинкен ја потврди „јасната позиција на претседателот Џо Бајден дека САД не подржуваат крупна воена операција во Рафа и се против секакво  принудно преместување на Палестинците во Газа“, изјави портпаролот Метју Милер. Милер укажа и дека Блинкен „ја изразил подршката на САД за повторно отварање на пограничниот пункт Рафа и продолжување на испораките на итно потребната хуманитарна помош“.

Брисел - Русија нема намера или воена можност да нападне некоја од земјите-членки на Северноатлантската алијанса (НАТО), но води хибридна војна против Западот, изјави заменик-генералниот секретар на Алијансата, Мирчеа Џоана. „Очигледно, Русија во овој момент нема ниту намера ниту можност воено да нападне која било земја на НАТО, но против нас е започната тотална хибридна војна и се соочуваме со сајбер напади, дезинформации, хибридна војна, проблеми поврзани со саботажа, акти на насилство и атентати“, оцени Џоана.

Берлин - Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, изјави дека и Берлин размислува за слични чекори по американската закана дека ќе запрат со дополнителни испораки на оружје за Израел, доколку нивната армија изврши голем напад врз градот Рафа, во јужниот дел на Газа. -Ова во моментов се разговара, изјави синоќа министерот за германскиот медиум ЗДФ. Меѓутоа, одговорноста за тоа е во рацете на канцеларот Шолц и на Министерството за надворешни работи, додаде тој.За ова се разговарало „зад затворени врати“.

Москва - Рускиот претседател Владимир Путин повторно го предложи Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов петти претседателски мандат, изјави денеска претседателот на Државната дума, Вјечеслав Володин, јави Хина. Откако Путин во вторникот положи заклетва за новиот петти шестгодишен претседателски мандат, дотогашната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка. И додека изминативе денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни ресори, а руските независни медиуми го споменуваа и можното заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.

Њујорк - Генералното собрание на Обединетите нации денеска ќе одржи седница  на која ќе расправа за нацрт-резолуцијата за повторно разгледување на кандидатурата на Палестинците за членство во организацијата и доделување дополнителни права. Според агенциите, Обединетите Арапски Емирати предлагаат нова резолуција, која ќе биде претставена на гласање пред Генералното собрание.

Ерусалим - Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци (УНРВА) денеска соопшти дека привремено го затвора своето седиште во источен Ерусалим откако „израелските екстремисти“ го запалија периметарот по неколкунеделните протести и напади. Шефот на УНРВА, Филип Лазарини, изјави дека иако нема жртви меѓу персоналот, пожарот предизвикал „голема штета на отворен простор“, пишува Тајмс оф Израел. „Нашиот директор, со помош на својот персонал, мораше сам да го гасне пожарот, бидејќи беше потребно извесно време за да се појават израелските пожарникари и полицијата“, напиша тој на платформата Х.

Вашингтон - Американскиот огранок на групата за човекови права Амнести интернешнал денеска предупреди дека израелската копнена офанзива врз градот Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, ќе доведе до смрт на голем број цивили кои не можат да добијат помош. „Никому во Газа не може да му се обезбеди количината на помош што е потребна во моментов. Ако не се прекине планираната копнена операција, ќе бидат убиени уште илјадници цивили“, велат од групата на платформата X.

Тел Авив - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека се надева дека ќе бидат надминати несогласувањата со американскиот претседател Џозеф Бајден кога е во прашање војната во Газа и дека Израел „нема друг избор освен да го уништи Хамас“, вклучувајќи ги и припадниците на таа група во Рафа.

Рафа - Десетици илјади раселени Палестинци ги спакуваа своите шатори и други работи и бегаат од Рафа во други делови на Појасот Газа поради заканата на Израел од инвазија на градот, јави Бета. Израел постојано се закануваше дека ќе го нападне Рафа, каде засолниште побараа околу 1,3 милиони Палестинци, повеќе од половина од населението во Газа.

Каиро - Египет апелираше до Хамас и Израел да покажат флексибилност со цел што поскоро да се постигне прекин на огнот во борбите во Газа, соопшти утрово египетското Министерство за надворешни работи. Египет смета дека преговорите во Каиро, кои не доведоа до договор за прекин на огнот оваа недела, во моментов се во „деликатна фаза“, додека делегациите на Хамас и Израел го напуштија египетскиот главен град, се вели во соопштението.

Остани поврзан