• четврток, 16 мај 2024
МИА Радио флеш

9 мај 2024

-Вкупно 2 356 гласови изнесува разликата да се стане пратеник во Изборна единица 6 каде се потребни 6 662 гласови и Изборна единица 1, каде се потребни најмногу гласови на граѓаните, односно 9 018. Во случај на една изборна единица секој од 120-те пратеници би вредел по 8 088 гласа. Ова го покажува анализата на МИА на вкупниот број на гласови што партиите ги освоија во секоја од шестте изборни единици на Парламентарните избори 2024 година поделени со бројот на мандати. Во Изборна единица 2, еден пратеник чини 8 577 гласови, нешто помалку во Изборна единица 3 – 8 035 гласови и 8 264 во Изборна единица 4. Изборна единица 5 е местото на кое еден пратеник се добива со 7 959 гласови на граѓаните.

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, директорот на БЈБ, Сашо Тасевски, државната секретарка Магдалена Несторовска, претставниците од единиците при Оддел за специјални полициски операции, како и раководството на СВР Куманово, денеска положија цвеќе пред спомен обележјето пред СВР Куманово, по повод девет години од вооружениот судир помеѓу македонската полиција и терористичка групација во кумановско „Диво Насеље“, соопшти МВР. 

-Метеоролозите најавија дека денеска, особено попладне, ќе има појава на метеоролошка нестабилност, со локален пороен дожд, грмежи, силни електрични празнења, засилен ветер и појава на град. Центарот за управување со кризи (ЦУК) апелира до граѓаните за голема внимателност при појавата на локалните нагли метео промени и особена внимателност при грмежите и молњите, односно при силните електрични празнења да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја. Сите итни случаи, како што велат од ЦУК, да се пријават на единствениот повикувачки број за итни случаи 112, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.

-Албанскиот министер за Европа и надворешни работи Игли Хасани ги поздрави „историските резултати на Албанците во Северна Македонија“ на вчерашните избори. „Го поздравувам историскиот резултат на Албанците во Северна Македонија на изборите на 8 мај 2024 година. За сите нас сегашноста има само еден заеднички именител: соживот меѓу етничките групи, религиите и културите во хармонија и меѓусебно почитување. Иднината се движи само во една насока: кон Европската унија и семејството на демократските земји“, напиша Хасани на Х.

-Бугарскиот претседател Румен Радев денеска изјави дека наскоро ќе стане јасно дали новиот претседател и партијата што победи со значителна разлика на изборите во Република Северна Македонија ќе работат за европската перспектива на земјата или ќе одат во друга насока. Како што пренесе БТА, тој ова го изјави откако заедно со бугарската потпретседателка Илијана Јотова положија цвеќе пред споменикот на Непознатиот воин по повод 9 мај. - Многу брзо ќе стане јасно дали таа земја сака да оди кон Европа. Мојот став во однос на Република Северна Македонија секогаш бил отворен и конзистентен, како што беше со претседателите Ѓоѓе Иванов и Стево Пендаровски, така ќе биде и со Гордана Силјановска, изјави Радев.

-Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ му ја честита победата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вчерашните парламентарни избори, како и на „новоизбраната претседателка на земјата“. - Честитки до Христијан Мицковски на убедливата изборна победа на ВМРО-ДПМНЕ. Со нетрпение очекувам да продолжи одличната соработка меѓу Хрватска и Северна Македонија, чиј европски пат силно го поддржуваме. И честитам и на новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, напиша Пленковиќ на Х.

-Приштинските институции соопштија дека постапката за замена на возачките дозволи издадени од надлежните институции на Република Србија за возачки дозволи на Косово ќе почне утре на 10 мај и ќе трае до 9 август 2024 година. „Сите граѓани кои имаат возачка дозвола издадена од српски институции можат да аплицираат за официјална косовска возачка дозвола преку електронскиот формулар на веб-страницата https://patentshoferonline.rks-gov.net/ или лично да дојдат во Центарот за издавање. Документи во сите општини во Косово, се вели во соопштението на властите во Приштина. Во соопштението се наведува дека граѓаните кои лично ќе дојдат на шалтерите на Центарот за издавање документи задолжително треба да поседуваат лична карта, оригинална возачка дозвола издадена од надлежните органи на Република Србија, здравствена потврда и лиценца.

-Европска Унија пред се е идеја и сон за Европа обединета во мир, која работи за поголем просперитет и го подобрува животот на луѓето, порача претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел по повод Денот на Европа – 9 мај. - Денеска, на Денот на Европа, време е да ја потврдиме нашата цврста решеност за продолжиме, дел по дел, да го градиме овој европски проект што не обединува сите нас. Наведе Мишел во кусата видео порака објавена на социјалните мрежи. Претседателката на Европската комисија во пораката по повод Денот на Европа нагласи дека на денешниот ден и изразуваме почит на визијата на Роберт Шуман за обединета, мирна и просперитетна Европа.  

-Очекуваниот просечен животен век во Шпанија е 84 години. Поради тоа, оваа средоземноморска земја важи за дом на најдолговечната нација меѓу 27-те земји на Европската унија. Научниците сметаат дека тоа се должи на медитеранската исхрана, богата со овошје, зеленчук, риба и маслиново масло... Но, и поради бројните сончеви денови и пријатната клима, благодарение на кои жителите минуваат повеќе време надвор и во физички активности. На второ и трето место се Италија, каде што луѓето живеат во просек 83,8 години и Малта со очекуван животен век од 83,6 години. Просекот на Европската унија е 81,5 години.

-Русија започна со развој на нуклеарна централа за планираната заедничка лунарна станица со Кина, изјави Јуриј Борисов, шеф на руската вселенска агенција Роскосмос. Борисов, поранешен заменик-министер за одбрана, во март изјави дека Москва ја разгледува идејата за напојување на електраната со нуклеарна енергија. „Русија и Кина ја разгледуваат можноста за поставување нуклеарен реактор на Месечината во периодот од 2033 до 2035 година, што еден ден ќе овозможи изградба на лунарна населба“, изјави тогаш Борисов. „Сериозно го разгледуваме проектот за испорака и инсталирање енергетски реактор на површината на Месечината заедно со кинеските колеги“, изјави Борисов.

-Во украинскиот воздушен напад врз руската област Белгород во текот на ноќта осум лица се повредени, а оштетени се многу станбени згради и автомобили, соопшти денеска гувернерот на тој регион Вјачеслав Гладков. Тој на Телеграм наведе дека меѓу повредените има и 11-годишно девојче, кое е хоспитализирано и додаде дека се оштетени повеќе од 30 станови во 19 станбени згради. Како што јавуваат странските агенции, руските сили за воздушна одбрана собориле 15 ракети „Вампир“ и едно беспилотно летало во регионот на Белгород, две беспилотни летала во областа Брјанск, како и три беспилотни летала во областа Курск. 

-Судот во Иран го осуди познатиот филмски режисер Мохамед Расулоф на осум години затвор и камшикување за злосторства против националната безбедност, изјави неговиот адвокат Бабак Пакнија. Тој рече дека судот утврдил дека филмовите и документарците на Расулоф се „примери за заговор со намера да се изврши злосторство против безбедноста на земјата“. „Судот, исто така, изрече неодредена парична казна и нареди заплена на имотот на Расулоф“, додаде Пакнија. Расулоф ја доби Златната мечка за 2020 година за најдобар филм на Берлинале за „Не постои зло“, а неговиот филм „Човек со интегритет“ доби признание во Кан во 2017 година. Најновото дело на писателот и режисер, „Семето на светата смоква“, треба да биде премиерно прикажано следната недела на Канскиот филмски фестивал во Франција, пишува Си-Ен-Ен.

 

Остани поврзан