• петок, 17 мај 2024
МИА Радио флеш

9 мај 2024 

 

– Припадници на Баталјонот на специјални сили на Армијата на РСМ во текот на утрешниот ден во водите на Охридското Езеро кај Центарот за обука на вода во периодот од 10 до 12 часот ќе реализирааат показна вежба - препад на пловен објект. За успешна реализација на вежбата, во текот на денешниот ден од 13 до 15 часот на истата локација ќе се спроведуваат подготвителни активности, така што од СВР – Охрид се известуваат граѓаните дека за време на подготовките и на самата вежба ќе бидат употребени атрифиции, средства за звучни ефекти и друга опрема што ја користи Армијата.

 

 - Претседателот на Собранието Јован Митрески ќе ја закаже седницата за инаугурација на новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска Давкова откако ќе го добие извештајот од ДИК за конечните резултати од вчерашниот втор круг претседателски избори, информираат од кабинетот на спикерот на Парламентот. Крајниот рок до кога ДИК треба да го достави извештајот е до петок во 19 часот. Откако ќе го добие извештајот, Митрески ќе ја закаже инаугуративната седница, која ќе се одржи на 12.05 (недела) во 12 часот. Гордана Сиљановска Давкова пред пратениците од стариот состав треба да даде свечена изјава по која и започнува да тече нејзиниот мандат. На 12 мај истекува мандатот на актуелниот претседател кој беше и кандидат за претседател, Стево Пендаровски.

 

– Надеж дека новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ нема да направи промени во надворешната политика, но и дека земјата ќе го продолжи својот европски пат, изрази шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис во интервјуто за грчкото радио Скај“, јави дописничката на МИА од Атина. Министерот за надворешни работи на Грција, говорејќи за вчерашните избори кај нас, рече дека одблиску го следат развојот на настаните и посочи дека се подготвени за сите сценарија. -Од друга страна, се надевам дека нема да има промена во надворешната политика, но и во внатрешните теми на Северна Македонија. Имаме убедлива победа на ВМРО. Нивната предизборна агенда беше фокусирана и на прашањето со Договорот од Преспа и за тоа колку Договорот од Преспа претставува достоинствено решение за граѓаните на Северна Македонија. За овој случај сакам да го кажам следново: Нова демократија како опозиција ги покрена сивите точки од Договорот. Од друга страна, со доаѓањето на власт имаме и политичка и правна обврска не само да го почитуваме Договорот од Преспа, туку да се погрижиме да има и негово доследно спроведување, нешто што се заснова на самиот наш Устав, објасни Герапетритис.

 

 – Чекаме да ги видиме декларациите на новата Влада, штом биде формирана и штом положи свечена заклетва и овде сме да коментираме што било друго, рече портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина во однос на очекувањата на Грција од новата Влада кај нас. Маринакис истакна дека очигледно не можат да ги коментираат изборите и резултатите во други земји и дека се почитува одлуката на граѓаните, но и посочи дека треба да се почека „да видиме што ќе каже постизборно владата што ќе произлезе од изборниот процес во Северна Македонија“.

 

 - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска информира дека одржал партиски останок на кој биле поставени контурите на рамката врз која ќе го градат  коалицискиот потенцијал со останатите партии. - Претпладнево одржав состанок на кој ги поставивме контурите на рамката врз која ќе го градиме коалицискиот потенцијал со останатите партии и каде фокусот ќе бидат луѓето на прво место: економски силна држава, преку реформи и чекори кој ќе бидат жестока битка за повисок животен стандард, фронт против криминалот и корупцијата и постигнување на правда, како и реализација на стратешкиот интерес за европски интеграции, преку дијалог и исполнување на принципи, напиша Мицкоски на својот фејсбук профил.  Тој додава дека очекувањата се големи, и оти поради тоа одговорноста кон народот е уште поголема. 

 

 - Поранешниот албански претседател и актуелен лидер на Партијата на слободата, Илир Мета го поздрави изборниот резултат во Северна Македонија, наведувајќи дека „отсекогаш бил симпатизер на ВМРО ДПМНЕ“. -Честитки Мицкоски. Се знаеше дека ВМРО ќе победи! Но, не толку убедливо! Се знаеше дека и ВЛЕН вредеше! Ама дека вредело толку?! Дека „Интернационалата“ на родител 1 и родител 2(СДСМ/ДУИ) ќе изгуби и тоа се знаеше! Но, во овие димензии?! Благодарност до поранешниот градоначалник на Тирана (се мисли на Еди Рама). Без вашиот придонес, овој фантастичен резултат би било тешко да се постигне, напиша Мета на објава на Фејсбук. Според него, со Владата што ќе ја предводи Христијан Мицковски, земјата ќе биде втора во Европа по бизнис климата и привлекувањето странски инвестиции.

 

– Конзервативната партија ВМРО-ДПМНЕ во Северна Македонија треба да се врати на власт по седум години, постигнувајќи голема победа на вчерашните парламентарни и претседателски избори, наведува бриселскиот портал „Политико“ во освртот на изборните резултати. - Ваквиот исходот се очекува дополнително да ја искомплицира долгогодишната амбиција на Северна Македонија за пристапување во Европската Унија, како и нејзините односи со соседните Бугарија и Грција, оценува порталот.   Во текстот се посочува дека иако извојуваа убедлива победа, конзервативците ќе треба да формираат коалиција за да обезбедат мнозинство во 120-члениот Парламент, бидејќи според првичните резултати имаат 59 пратеници. 

 

- Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ извојува убедлива победа на вчерашните претседателски и парламентарните избори во Северна Македонија, на кои гласачите го изразија незадоволството од бавното темпо на преговорите за членство со ЕУ, оценуваат белгиските и холандските медиуми во своите осврти на изборните резултати.  Белгискиот весник „Ехо“ наведува дека ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседателски кандидат Гордана Сиљановска Давкова извојуваа лесна победа, која можеше да се насети уште по првиот круг од претседателските избори на 24 април, посочувајќи и дека владејачките социјалдемократи го признаа поразот на изборите уште пред објавувањето на официјалните резултати. - Победата на националистичката партија ВМРО-ДПМНЕ навестува бурни односи со соседните земји од Европската Унија. Ова враќање на власт на десничарската опозиција значително ќе ги заживее тензиите со соседните Грција и особено со Бугарија, која поставува свои услови за напредок во пристапните преговори на Северна Македонија во ЕУ, наведува белгискиот весник. 

 

– Со положување на свежо цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“, како и на Партизанските гробишта во Бутел, денеска беше одбележан Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа – 9 мај.  Евроамбасадорот Дејвид Гир, заедно со владината делегација предводена од претседателот на Владата на Република Северна Македонија Талат Џафери, министерот за локална самоуправа Ристо Пенов и заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ, денеска пред платото на Владата го одбележаа Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа со положување на свежо свеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“.

 

- Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат, соопшти денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ).  Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 1,223 ден/кг и сега ќе изнесува 44,609 ден/кг.

 

- Патничко возило „фолксваген тигуан“ со делчевски регистарски ознаки, управувано од Д.Ј.(42) од Делчево, синоќа, излетало од коловозот на магистралниот пат Македонска Каменица – Виница, на место викано „Каменолом“, по што на самото место починал возачот, а сопатникот се здобил со тешки телесни повреди. Како што соопшти МВР, сообраќајната несреќа била пријавена синоќа во 22.20 во Полициската станица Виница.

 

– Претседателот на Италија, Серџо Матарела денеска изјави дека Европската унија минува низ можеби најтешкиот период досега во својата историја. Тој денеска упати порака по повод Денот на Европа, со кој се слави декларацијата на Роберт Шуман од 1950 година која доведе до создавање на ЕУ. - Европската историја минува низ својот можеби најкритичен период од почетокот на процесот на интеграција. Безбедноста на нашиот континент е разнишана од конфликти кои не сме ги доживеале во последно време. Би било илузија да се прифатат кризите во регионот како изолирани жаришта, изјави шефот на италијанската држава.

 

- Кина минатата година беше најважниот трговски партнер на Унгарија надвор од Европа, објави унгарскиот весник „Хирадо“ по повод посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Будимпешта. Според унгарската влада, фактот што КАТЛ (CATL) тука ја основа својата втора европска фабрика за батерии, а БИД (BID), најголемиот светски производител на електрични автомобили, исто така ја избра Унгарија како локација на својата прва европска фабрика, е показател за довербата на кинеските компании во Унгарија. Изградбата на кинеската фабрика БИД во Сегед е во тек. -Во Унгарија во моментов успешно работат 380 кинески компании, наведува весникот. Една од нив е фабрика во Будимпешта која произведува додатоци во исхраната.

 

- Британската опозициска Лабуристичка партија за 30 процентни поени ја зголеми предноста пред Конзервативната партија на премиерот Риши Сунак, според анкетата на ЈуГов (YouGov) за весникот Тајмс. Според истражувањето спроведено пред изборит, поддршка од 48 отсто имаат лабуристите, а владејачката партија 18 отсто. Ова е најлошиот резултат за Сунак откако стана премиер пред 18 месеци, пишува Тајмс. Јазот меѓу двете партии е најголем од октомври 2022 година, кога поддршката за конзервативците се стопи по финансиските тешкотии предизвикани од мини-буџетот на претходничката на Сунак, Лиз Трус.

 

 – Четири лица загинаа денеска во напад на израелски дрон врз возило во јужен Либан, соопшти либанската цивилна одбрана, а безбедносни извори наведоа дека станува збор за членови на екстремистичкиот Хезболах. Оваа проиранска шиитска организација почна да ги напаѓа израелските воени позиции долж границата меѓу Либан и Израел еден ден по почетокот на војната меѓу израелската армија и палестинската терористичка организација Хамас на 7 октомври минатата година. Оттогаш во Либан се убиени повеќе од 350 луѓе, од кои 275 се членови на Хезболах и повеќе од 70 цивили. Во Израел загинаа 15 војници и десет цивили.

 

– Израелскиот екстремно десничарски министер за национална безбедност Итамар Бен Гвир на X објави дека „Хамас го сака Бајден“, еден ден откако американскиот претседател рече дека нема да го снабдува Израел со офанзивно оружје што земјата може употреби за напад на Рафа. Во интервју за Си-Ен-Ен, Бајден вчера рече дека САД остануваат посветени на одбраната на Израел и дека ќе го снабдат со ракетни пресретнувачи Железна купола и друго одбранбено оружје, но не и артилерија и друго оружје и алатки и гранати што биле користени порано, доколку израелските војската „оди“ во Рафа.

 

 - Поранешниот американски претседател и се поизвесен претседателски кандидата на републиканците за изборите во ноември, Доналд Трамп, го критикуваше актуелниот претседател Џозеф Бајден со условувањето на испораката на оружје и поддршката на Израел со воздржување од „целосна инвазија“ на Рафа. Трамп го обвини Бајден дека е на страната на палестинскиот екстремистички Хамас, објавија денеска израелските медиуми. Трамп на социјалните мрежи напиша дека „Криминалецот Џо е на страната на терористите“, алудирајќи на Хамас и изјави дека Бајден „застанува на страната на радикалните толпи кои ги зазедоа кампусите, бидејќи неговите донатори ги финансираат“. „Бајден е слаб, корумпиран и го води светот директно во Третата светска војна“, рече поранешниот американски лидер, повторувајќи дека војната меѓу Израел и Хамас немаше да започне доколку тој беше претседател.

 

- Холандскиот премиер Марк Руте преку објава на Фејсбук ги повика демонстрантите во и околу Универзитетот во Амстердам да престанат со насилството врз полицијата и да предизвикуваат штета.  „Настаните во и околу Универзитетот во Амстердам во изминатите неколку дена јасно преминаа одредени граници. Демонстрациите се секогаш дозволени, но никогаш не е дозволено користење насилство врз полицијата и предизвикување штета. Престанете со ова!“, напиша Руте. Според него, неоправдано е холандските Евреи да бидат обвинети за насилството во Газа и „тоа е форма на антисемитизам против која Холандија мора да продолжи да се бори јасно и гласно“.

 

Остани поврзан