• сабота, 18 мај 2024
МИА Радио флеш

10 мај 2024

 

- Продажните цени на производителите на индустриски производи, вкупно, во март годинава се повисоки на месечно ниво за 0,5 проценти, а се пониски на годишно ниво за 1,5 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика. Во март 2024, во споредба со февруари 2024 година, продажните цени на производителите на индустриски производи, вкупно, се пониски во секторот Рударство и вадење на камен за 0,1 процент, а се повисоки во секторите Преработувачка индустрија за 0,3 проценти и Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 5,6  проценти, додека во секторот Снабдување со вода; отстранување на вода, управување со отпад и дејности за санација на околината остануваат непроменети.

 

- Има голем одлив на медицински сестри во странство, изјави денеска Гордана Бешлиовска, претседателка на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри - „За нас“. Неофицијално,  вели Бешлиевска, според побарувањата за исписници и потврди што ги бараат од кај нас во Здружението, за да си ја комплетираат документацијата за во регионот и Европа, имаме многу голем одлив. Имавме дури период после пандемијата со Ковид-19, кога на месечно ниво до четириесет медицински сестри заминуваа од сите нивоа на јавниот здравствен систем, појасни таа, одговарајќи на новинарско прашање.  Проблемот не бил во тоа што заминувале само во странство, туку и во приватните здравствени институции, а заминувале и воопшто од професијата. Затоа, подвлече таа, многу е важно да се има автономност во професијата, здрава работна околина, подобри услови за работа, веднаш да се реагира, за да не се биде нација што ќе остане без медицински сестри.  

 

 - Во Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија денеска се одржа третиот состанок на политички директори на учесниците на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), на кој присуствуваа и претставници на Советот за регионална соработка (СРС) и на Европската Унија. Како што соопшти МНР, на состанокот беа разгледани кандидатурите за избор на генерален секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС) и предлог-текстот на Заедничката декларација во пресрет на Министерскиот состанок, што ќе се одржи во рамки на нашето претседавање со ПСЈИЕ. Северна Македонија со ПСЈИЕ претседава во периодот јули 2023 - јуни 2024 година, под мотото „Премостување поделби, градење доверба“. 

 

- Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, како висок национален претставник при НАТО Комитетот за градење отпорност, вчера и денеска во Вашингтон, учествува на НАТО состанок во организација на САД, каде високите национални претставници во делот на градење отпорност на земјите члеки на НАТО, ќе имаат простор за динамична размена на информации и дискусии засновани на однапред предвидени сценарија, соопшти ЦУК. -Сојузниците се обврзаа да работат на идентификување и ублажување на стратешките пропусти и меѓусебни зависности. Ваквиот тип на дискусии, засновани на сценарија, може да го подигнат заедничкото разбирање и координација при заштита на критичната инфраструктура, ланецот на снабдување но и го гарантираат континуитетот на Владата и процесот на носење ефикасни и ефективни мерки во мир, криза или војна, се наведува во соопштението.

 

- Поради одржување улична трка во Скопје, на 12 мај (недела) од 08.30 часот до 10.30 часот ќе има посебен режим на сообраќај по сообраќајниците по кои ќе се движат натпреварувачите. СВР Скопје соопшти дека стартната позиција на натпреварувачите е на бул.„Илинден“–локација Фонтана, а потоа ќе се движат по бул.„Илинден“ до крстосница со ул.„Никола Парапунов“, од таму до крстосница со бул.„Партизански одреди“, десно (кон населба Ѓорче Петров) до мостот Влајко, каде што вртат полукружно и назад по истиот коловоз до крстосницата со ул.„Љубљанска“, каде вртат полукружно и по истиот коловоз се враќаат назад на ул.„Никола Парапунов“ и по бул.„Илинден“ до целта на локација Фонтана на бул.„Илинден“.

 

 - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска остварил средба со претседателите на партиите во состав на Коалицијата „Твоја Македонија“ за формирање на идна влада.  На средбата, како што соопшти ВМРО-ДПМНЕ, било констатирано дека Коалицијата оствари успешен и историски резултат кој создава и одговорност за реализирање на очекувањата. -Претседателот Мицкоски доби поддршка од претседателите на коалициските партии за отпочнување на преговори за состав на идната влада. Според заклучокот на состанокот разговорите треба да се водат на основа  на постулати за забрзан економски развој на Македонија, силна борба против криминалот и корупцијата и европските интеграции врз база на принципи и вредности, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ. 

 

-Српските медиуми и денеска, од кои РТС, Н1, НОВА од лице место и преку домашни аналитичари пишуваат за изборните резултати, анализирајќи ги очекувањата на граѓаните и можната надворешна политика кон ЕУ, соседите и името на државата на идната македонска влада, јави дописникот на МИА од Белград. Доцна синоќа беше пренесена честитката од српскиот премиер Милош Вучевиќ на Х до Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и до новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова, со пораката дека „се радувам на соработката за доброто на двете држави и двата народа“.

 

 – Да реагира во случај на прекршување на Договорот од Преспа, со користење на средства како замрзнување на европската перспектива, бара од грчката Влада опозициска СИРИЗА, која паралелно ја критикува дека во изминатите пет години не сторила ништо за да го заштити Договорот и да ја унапреди соработката со соседната земја, јави дописничката на МИА од Атина. Од СИРИЗА велат дека Грција сега е соочена со „негативните последици од надворешната политика на Мицотакис, кој избра катастрофална неактивност во однос на спроведувањето на Договорот од Преспа“.

 

– Од безбедносни причини и со цел да се заштитат посетителите за време на туристичката сезона, популарната плажа „Навагио“ на грчкиот остров Закинтос и ова лето ќе биде затворена за туристи, јави дописничката на МИА од Атина.  Согласно министерската одлука, пристапот до плажата е забранет и од копно и од вода, за прекршувањата предвидени се административни казни, а „Навагио“ ќе биде затворена до 31 октомври 2024 година.  Популарната плажа на грчкиот остров и лани, за време на летниот период, исто така со министерска одлука беше затворена откако беше констатирана голема опасност од лизгање на земјиштето поради ерозија. 

 

- По победата на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски и Сиљановска Давкова, а во пресрет на локалните избори во Србија, најстарата партија на македонците во Србија-Демократската партија на Македонците (ДПМ) му ја честиташе победата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, изразувајќи надеж за добивање реципроцитет во извршната власт каков што имаат преставниците на српската заедница во Македонија, откако постигнаа соработка со СНС на локално ниво, јави дописникот на МИА од Белград. Во честитката испратена преку соопштение на претседателката на ДПМ, Маја Гергиевска, до „новоизбраната претседателка на Република Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, и изборот на новото парламентарно мнозинство предводено од Христијан Мицкоски, кој неуморно во текот на кампањата успеа да ги разбуди и обедини Македонците и да направи невиден успех на партијата што ја предводи“, се наведува дека ДПМ е најстарата македонска партија во Србија, формирана во 2004 година, а од тогаш до 2017 година Македонците имаа свој одборник во собраниските клупи на градот Панчево, како и првиот пратеник македонец во српското собрание во 2012-2014 година.

 

– Грчката поддршка за ЕУ перспективата на Србија, ја повторил министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис во телефонскиот разговор со неговиот нов српски колега Марко Џуриќ на кој му честитал за преземањето на функцијата, јави дописничката на МИА од Атина. Од грчкото МНР преку платформата Икс соопштија дека двајцата министри за надворешни работи ги потврдиле и „историските блиски и пријателски врски меѓу Грција и Србија“, разговарале за прославите за 145-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи и актуелните регионални случувања. Паралелно, се согласиле да се сретнат што е можно поскоро. 

 

 - Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ денеска му го додели мандатот за формирање влада на претседателот на партијата Хрватска демократска заедница (ХДЗ) и технички премиер Андреј Пленковиќ. „По поднесувањето на потписите на 78 избрани пратеници на 11-от состав на хрватскиот Сабор, ми беше доверен мандатот за формирање на хрватската влада. И во третиот мандат продолжуваме да работиме за добробит на Хрватска“, најави Пленковиќ на социјалната мрежа Икс. Пленковиќ утрово му ги предаде на претседателот Милановиќ потписите потребни за формирање влада согласно уставната процедура за доделување мандат. По кратката средба во кабинетот на претседателот немаше изјави за новинарите.

 

- Словачката претседателка Зузана Чапутова, чиј мандат истекува, денеска пристигна во проштална посета на Киев, соопшти нејзиниот портпарол Мартин Стрижинец. „Денес пристигнав во Киев во проштална посета. Ова е веќе четврти пат за време на мојот претседателски мандат, трет пат - за време на војната“, напиша Чапутова на Фејсбук. Таа додаде дека пристигнала со „добри вести“ за помошта на Словачка за Украина во висина од над четири милиони евра за набавка на артилериски гранати. 

 

 – Европската унија го осуди нападот врз комплексот на УНРВА во Источен Ерусалим. - Сторителите мора да одговараат, напиша шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел на X. - Одговорност на Израел е да ја обезбеди сигурноста на хуманитарните работници, додаде тој, нарекувајќи ја агенцијата на ОН за палестинските бегалци „незаменлив спас за милиони луѓе во Газа и регионот“. 

 

 – Во германската војска служат премалку жени, изјави денеска парламентарната комесарка за вооружени сили, Ева Хогл. - Не можеме да продолжиме како порано, рече Хогл, членка на Социјалдемократите (СПД) на канцеларот Олаф Шолц. Жените во моментов сочинуваат нешто повеќе од 13 отсто од персоналот што служи во Бундесверот. - Ако се исклучат медицинските лица, бројката е под 10 отсто, рече Хогл. Ова е во спротивност со официјалната цел од 20 проценти како што е пропишано во законот.

 

– Ситуацијата за луѓето во Рафа во јужниот дел на Појасот Газа продолжува да се влошува како што израелската армија напредува, изјавија волонтери на теренот. Хуманитарната организација Спасете ги децата (Save the Children) денеска нагласи дека во градот „сцените се хаотични“. Улиците се полни со автомобили, луѓето се фаќаа за камиони каде ќе стигнат, децата се товарат на магариња меѓу спакуваните работи на нивните семејства. - Ако немате возило, пешачите – со сè што можете да носите, рече Рејчел Камингс, шефица на операции за „Спасете ги децата“ во Појасот Газа. Децата очајно се обидуваа да бидат во чекор со возрасните.

 

 – Израелската армија тренира за можноста за голема војна со северниот сосед Либан, соопшти денеска војската. Се наведува дека резервистите од една бригада одржале различни вежби во текот на неделата за „да ја забрзаат подготвеноста за операција во оваа арена“, пренесува ДПА. Целта беше оперативна готовност и подготовка „за различни борбени сценарија на северот“. Обуката одржана во Галилеја на северот на земјата симулираше борбени ситуации во Либан. Пешадија и оклопни трупи тренирале заедно со војници од единиците за логистика и комуникации да работат заедно на нерамен терен. Другите трупи, исто така, вежбале со воздухопловните сили „да се обучуваат за сценарио за брзо воздушно снабдување на копнените сили кои дејствуваат на непријателска територија“.

 

 – Министерот за надворешни работи на Јужна Кореја Чо Тае Јул в понеделник ќе отпатува во Кина, во прва посета на јужнокорејски главен дипломат на соседна Кина по повеќе од шест години. Чо ќе престојува во Пекинг во понеделник и вторник на покана на неговиот кинески колега Ванг Ји, соопшти денеска Министерството за надворешни работи во Сеул. Како што пренесе ДПА, агендата на состанокот ќе се фокусира на планираниот самит со Јапонија, како и на теми од регионално и глобално значење. Посетата се смета за заеднички напор од двете страни за зајакнување на нивните односи.

 

- Врховниот суд на Индија денеска привремено го ослободи шефот на регионалната влада во Делхи и клучен опозициски лидер Арвинд Кејривал, кој беше приведен под обвинение за поткуп, и му дозволи да води кампања во главниот град. За време на изборите, кои се одвиваат во седум фази, се појавија наводи дека владата на федералниот премиер Нарендра Моди користи истражни тела за да им наштети на ривалите - нешто што премиерот го негира. Опозиционерот е во истражен притвор од 1 април, а во изборната кампања го замени сопругата Сунита. Гласањето во Индија започна на 19 април, а изборите за повеќе од половина од вкупно 543 парламентарни места завршија на 7 мај, за време на третата фаза од изборниот процес. Граѓаните на индиската престолнина ќе го дадат својот глас на 25 мај. Гласањето завршува на 1 јуни, а резултатите ќе бидат објавени три дена подоцна.

 

 – Најмалку 61 човек починаа во повеќе неделниот топлотен бран што го погоди Тајланд, соопшти денеска тајландското Министерство за здравство. Топлото време изминатите недели предизвика повеќе од двојно поголем број жртви во споредба со жртвите од жешкото време во цела 2023 година. Најголем дел од смртните случаи се регистрирани во североисточниот дел на земјата, каде што земјоделството е важен дел од економијата Во Бангкок и другите делови од земјата во текот на ноќите температурата не се спушта под 30 степени Целзиусови. Додека пладневните температури редовно се над 50 степени. Според синоптичарите високите температури се должат на феноменот Ел Нињо, додека Светската метеоролошка организација предупредува дека Азија се загрева побрзо од глобалниот просек. Невообичаено високи температури се регистрирани и во Бангладеш, Виетнам, Мјанмар и Филипините. 

Остани поврзан