• недела, 19 мај 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

 9 мај 2024 

Скопје - Метеоролозите најавија дека денеска, особено попладне, ќе има појава на метеоролошка нестабилност, со локален пороен дожд, грмежи, силни електрични празнења, засилен ветер и појава на град.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) апелира до граѓаните за голема внимателност при појавата на локалните нагли метео промени и особена внимателност при грмежите и молњите, односно при силните електрични празнења да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.

Сите итни случаи, како што велат од ЦУК, да се пријават на единствениот повикувачки број за итни случаи 112, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.

 

Скопје - Еден пожар на отворено бил евидентиран во последното деноноќие во пладневните часови во Охрид, а во Гевгелија пожарникарите гаснеле залено влечно возило - локомотива од воз, на железничката станица, соопшти утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Регионалниот ЦУК Охрид информира дека пожарникарите од ТППЕ Охрид, вчера од 11:10 до 12:10 часот, со двајца пожарникари и едно противпожарно возило гаснеле запалено стрниште во село Рамне.

Од Регионалниот ЦУК Струмица соопштиле дека пожарникарите од ТППЕ Гевгелија со едно противпожарно возила и двајца пожарникари сношти од 00:30 до 01:07 часот имале интервенција за гаснење на запалено влечно возило - локомотива од воз, на железничката станица во Гевгелија, при што нема повредени лица. Пожарот е целосно изгаснат. Штетата дополнително ќе се утврдува.

Центарот за управување со кризи информира дека имало вкупно 1 852 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК во последното деноноќие, од коишто „реални“ повици биле 55,62 отсто, а 44,38 проценти биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.

Кон полиција биле упатени 68,83 отсто, кон итната медицинска помош 28,18 отсто, а кон пожарникарите 1,63 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК. 

 

Куманово - Денеска се навршуваат девет години од оружената престрелка во кумановско „Диво Насеље“ на 9 и 10 мај 2015 во која загинаа осум припадници на безбедносните сили. Во 28-часовните престрелки, животот го загубија припадниците на безбедносните сили - Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои посмртно се одликувани со медали за храброст. Уште 37 припадници на безбедносните сили беа повредени.

Минатата година беше откриена спомен-плочата во кругот на СВР Куманово на полициските службеници кои го положија животот во антитерористичката акција во „Диво насеље“ во Куманово на 9 и 10 мај 2015 година. Претходно, припадниците на безбедносните сили кои учествуваа во вооружената престрелка во кумановско „Диво Насеље“ добија и мурал „Хероите живеат вечно“

Куманово два дена живееше во страв и неизвесност. Престрелките почнаа во раните утрински часови. Кумановци слушаа надлетувања на хеликоптер. Затворени беа улиците, затворен беше дел од град, речиси целата населба „Тоде Мендол“. Фабриките во тој дел од градот, не работеа.

Кумановци се сеќаваат на овој исклучително трагичен настан. Престрелките беа со различен интензитет, од одредени места се гледаше густ чад. Безбедносните сили евакуираа жители, влезот од главната улица „Тоде Мендол“ од булеварот „Трета МУБ“ беше дозволен само за полиција, брза помош и противпожарна единица. Дел од сограѓаните од „Диво Насеље“ се евакуираа кај роднини. Полицијата во неколку наврати ги евакуираше жителите. 

Граѓаните на Куманово, велат дека настаните не треба да се заборават и никогаш да не се повторат.

 

Куманово - Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, директорот на БЈБ, Сашо Тасевски, државната секретарка Магдалена Несторовска, претставниците од единиците при Оддел за специјални полициски операции, како и раководството на СВР Куманово, денеска положија цвеќе пред спомен обележјето пред СВР Куманово, по повод девет години од вооружениот судир помеѓу македонската полиција и терористичка групација во кумановско „Диво Насеље“, соопшти МВР.

-Утрото на 9 мај 2015 година ние кумановци се разбудивме со звуци од бомби, пукотници и растревожени лелеци од сограѓаните … „Диво Насеље“ гореше, и за брзо се прошири веста за загинатите колеги, припадници на македонската полиција, во вооружен судир со терористичка групација. Најскапоценото, својот живот во одбрана на Македонија, го дадоа припадниците на специјалните единици на македонската полиција. Жарко Кузмановски, Ненад Серафимовски, Сашо Самојловски, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Исамедин Османи, Љубиша Аранѓеловиќ, Горан Стојменовиќ. Нека им е вечна слава! Никогаш да не се заборави!, напиша Бојмацалиев на социјалните мрежи.

 

Дебар - Претседателот на Македонското друштво "Илинден"-Тирана, Никола Ѓурѓај, во свое и во име на друштвото и го честиташе изборот на Гордана Силјановска - Давкова за претседател и победата на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори.

Во исто време, се заблагодарува на Македонците од Република Албанија што вчера го оствариле правото на глас.

-Почитувани Македонки и Македонци од Република Албанија кои гласавте во татковината Македонија, сакам да се заблагодарам на секој еден од Вас за оствареното право на глас и поддршката што ја дадовте. Македонија повторно горда! Победата е историска, стои во објавата на Ѓурѓај.

Тој е меѓу повеќето Македонци од Албанија кои правото на глас на вчерашните двојни избори во остварија во матичната земја и кој непосредно ја честиташе победа.

Остани поврзан