• петок, 17 мај 2024
MИА Општински пул

9 мај 2024 

Скопје - Нов паркинг простор е во завршна фаза во населбата Кисела Вода. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска изврши увид на улицата „Козјак”, каде на 400 квадратни метри се обезбедуваат нови 25 паркинг места.

Со ова, како што информираат од Општина Кисела Вода, од бројот на новоизградени паркинг места за овие две и пол години се искачува на околу 1400.

-Продолжуваме да работиме со силно темпо грижејќи се нашите жители да имаат што подобри услови во секој сегмент од нивните животи. Решавањето на проблемот со недостиг од паркинг места со кои се соочувавме со години наназад е поставен високо во моите приоритети, а дека е така говори тоа што, иако во мојата програма имав ветено 1000 нови паркинг места, веќе ја достигнавме бројката од 1400 и тоа само за две и пол години, истакнал градоначалникот Ѓорѓиевски.

Струмица - Денеска пред споменикот на паднатите борци од НОАВМ во Малиот градски парк во организација на Општина Струмица беше одбелеќан 9 Мај-Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.

За значењето на празниците говореше членот на Советот на општина Струмица, Ице Беличев.

-Денес се навршуваат 79 години од настанот кој стави голема точка на Втората светска војна и 74 години од удирањето на камен темелникот на она што денес претставува Европската Унија. Овие две празнувања во едно ни припаѓаат и нам, затоа што од една страна и македонските граѓани беа дел од големата антифашистичка коалиција и подеднакво со сите останати имаа голема причина да и се радуваат на победата на фашизмот, а од друга страна и нашата македонска татковина е дел од Европа и e на само чекор-два од полноправното членство во Европската Унија, рече Беличев.

Пред споменикот на паднатите борци од НОАВМ беше положено цвеќе, а членови од рецитаторската секција при Домот за деца и млади „Благој Мучето“ одржаа рецитал инспириран од двата историски датуми.

Тетово - Во организација на Сојузот на борци од Тетово денеска пред Споменикот на револуцијата беше одбележан 9-ти мај Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Пред споменикот беше оддадена почит на загинатите во Народноослободителната и антифашистичка војна со едноминутно молчење и положување цвеќе.

Дел од одбележувањето беше читање на пригоден реферат изработен од професорот Славчо Јовановски.

-Ставајќи се на страна на антифашистичките сили, НОБ и антифашистичката војна ја легитимираат Македонија како дел од цивилизираниот свет. Македонија соодветно и партиципираше и со жртви на оваа тоталитарна идеологија. Пред сè поради фактот што целосно се вклопуваше во освојувачката стратегија на Третиот Рајх, како важна стратешка точка на Југоисточна Европа дефинирана уште од Бизмарк. Токму поради таквата своја положба, Македонија потпадна под германско-бугарска и италијанско-албанска окупација, соочувајќи се со идеите за Голема Бугарија и Голема Албанија. Дури и денес, официјалните истории на овие две држави го употребуваат поимот „ослободени краишта“. Во ова одбележување од поразот на фашизмот во Втората светска војна, навраќањето на овој датум е наша потреба. Споменот на него не смее да се потисне во заборав, пред сè поради фактот што НОБ и АСНОМ ја создадоа современата македонска држава. Тој чин ги обврзува сите генерации, споменот на овој датум да го чуваат со највозвишени чувства, се вели во дел од рефератот.

Кавадарци - Вие нас ни требате, ние вас ви требаме. Во нас имате искрени пријатели и ние со вас ги споделуваме сите информации, околу тоа како да дојдете до производство на подобро грозје.  Единствена цел ние е да направиме што подобро грозје, подобро вино што ќе се продаде подобро. Со цел, да биде подобро за двете страни. 

Ова им го кажа денеска Светозар Јаневски, претседател на Управниот одбор на винарската визба ,,Тиквеш" на лозарите со кои имаше средба. 

-Целта е да бидеме што е можно подобар вински регион во светот. Тоа е патот по кој одиме. Министерството за земјоделство прв пат прифати една сугестија што со вас лозарите ја разговараме веќе петта година. Да се произведува стандардно грозје и високо квалитетно вино. Тоа значи дека ние ќе продаваме подобро, ќе ви плаќаме  подобро, со цел да биде добро за двете страни. Тие што произведуваат стандардно квалитетно грозје, да бидат наградувани, како што и ние правиме наградување на квалитетот,  согласно на нашите програми, подвлече тој. 

Јаневски потсети дека Тиквешијата отсекогаш била лозаровинарски крај и дека како најголем регион за лозарство и винарство, е значаен за економијата. Тој посака плодна година и многу успех за лозарите и винарите. Посака квалитет наместо квантитет. 

Гевгелија - По повод 100 години од физичкото заминување на Франц Кафка (1883-1924), еден од највлијателните европски и светски писатели на 20 век, ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“-Гевгелија распиша награден конкурс за книжевни творби.

Според условите на конкурсот, делата, напишани на македонски јазик, може да бидат во вид на расказ или есеј, а секој автор може да учествува со една творба на слободна тема, инспирирана од книжевните дела или животот на Кафка. Максимална должина на секоја од творбите е 5.000 зборови.

Творбите да се потпишат со шифра, а на посебен лист да се пополни пријава за учество на конкурсот со следниве податоци: шифра, име и презиме, наслов на испратено дело, телефонски број, e-mail адреса и адреса на живеење.

Пријавите за литературниот конкурс да се испратат на е-адресата на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија: bibliotekagevgelija@yahoo.com, најдоцна до 25-ти мај 2024 година.

Куманово - Интензивно се спроведува реконструкцијата на училниците и на ходниците во кумановската гимназија „Гоце Делчев“ Куманово, соопштија денеска надлежните од училиштето. Проектот ќе опфати 36 училници, кабинети, канцеларии.

-Санацијата ќе трае до оваа крајот на оваа календарска година. Опфатени се сите училници, кабинети и канцеларии во училиштето, фискултурната сала, галеријата каде се одржуваат манифестации. Проектот е околу десет милиони денари, изјави директорката на училиштето, Марија Тодоровска.

Со оваа санација целосно завршува уредувањето на внатрешноста на училиштето и опфатени се сите простории.

- Ни преостанува единствено партерното уредување, изјави Тодоровска

Претходно, беше санирана и атмосферската канализација во дворот беше поставен е лифт за ученици со попреченост. Поставени се фотоволтаици во училиштето, заштедата е голема. Надлежните набавија и инвертер клими за училниците за користење во периодниот период.

Прилеп - Стручњаците од прилепскиот Завод и музеј денеска ја заокружуваат реевиденцијата на иконите и црквите во Крушево и Крушевскиот регион. Ова е почеток на вториот циклус на евидентирање на движното и недвижно црковно наследство во Прилепско – Крушевскиот регион во кој се и Мариовскиот дел и општините Долнени и Кривогаштани.

-Реевиденцијата не е само евидентирање на движното наследство. Не се мисли само на иконите, туку и на црковните предмети и на фрескосликарството. Тоа е еден дел од иконопиството кое го имаме. Зографите кои ги работат иконите, го работат и фрескосликарството, вели Мимоза Христоска, виш кустос во прилепскиот Завод и музеј.

Во Крушево и Регионот се 23 цркви, а бројот на икони достигнува над 500. Претежно се работеше (зависеше од средствата) на црквите и наследството во Крушево, особено е богата црвата „Успение на Пресвета Богородица“. Повеќето се од 19-тиот век каде работеле, претежно, крушевските зографи.

Струга - Во организација на Сојузот на училишен спорт, Струга денеска првпат е домаќин на спортската Гимназијада, на која ќе се натпреваруваат најдобрите училишни екипи од Македонија во голем и мал фудбал, ракомет, кошарка и одбојка во машка и женска конкуренција.

Претседателот на Сојузот за училишен спорт Жарко Ферукоски и координаторот на Гимназијадата Ацо Ѓуроски информираат дека на Гимназијадата ќе се натпреваруваат 600 ученци од цела држава.

- Оваа година ја имаме честа да бидеме домаќини затоа што изминатава година бевме препознаени како најактивен Сојуз на училишни спортови, а нашите спортисти имаа големи успеси, велат тие.

На Гимназијадата, меѓу другите, ќе се натпреваруваат и ученици од двете средни училишта во градот, гимназијата „Ибрахим Темо“ и средното општинско училиште „Нико Нестор“.

Велес - На Спомен костурницата од НОВ денеска Општина Велес го одбележа 9 Мај - Денот на победата над фашизмот и 79 години во слобода. По тој повод, делегацијата на Општината предводена од градоначалникот Мако Колев положи цвеќе на спомен криптата, каде почиваат стотина загинати борци во текот на Народноослободителната војна од Велес и велешко.

Цвеќе положија и делегации на пратениците и советниците, политичките партии и училишта и се поклонија на македонски борци загинати за слободна Македонија.

На свеченоста беше потсетено дека на овој ден во 1945 година со потпишување на безусловна капитулација на нацистичка Германија официјално беше ставен крај на Втората светска војна, која однесе 50 милиони животи, а во која борба и Македонија даде 33 илјади жртви.

Струга - Над 80 млади шахисти од земјава и странство ќе учествуваат на пролетниот турнир „Езерска кралица 2024“, што в сабота ќе се одржи во Струга.

Натпреварувачите, како што информира директорот на турнирот Ѓоко Котески, ќе бидат поделени во четири категорни групи, од 8, 10, 12 и 18 години.

- Втора година го организираме пролетниот младински турнир „Езерска Кралица“. Организацијата ја реализираме во соработка со шаховскиот клуб „Ласкер“ од Охрид и приватното училиште „Јахја Кемал“ од Струга. Имаме доста амбициозна програма за оваа година и се надевам со помош на нашите спонзори ќе ја реализираме во целост, изјави Котески.

Ден потоа, додаде, ќе се одржи и првиот рапид турнир од серијата турнири „Езерска Кралица 2024“ насловен како „Езерски градови“.

 

Остани поврзан