• сабота, 18 мај 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

10 мај  2024

 

Скопје - Најмногу дожд во изминатите 24 часа наврнал на Попова Шапка, каде според мерењата на УХМР се регистрирани 43 литри на метар квадратен.  Врнежи имало и во Куманово - 31 литар, во Дебар - 23, во Крива Паланка -  21, во Пожаране - 16, во Тетово - 12, во Струмица и Гевгелија - 10, во Претор, Охрид и  Виница осум, во Маврови Анови седум, во Крушево пет, во Лазарополе, Штип и Дојран  четири, во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид и Битола два и во Берово и Велес еден литар.

Вашингтон - Изборната победа и преземањето на власта е голема одговорност, обвсрка да се реализира ветеното, да се продолжи патото кон ЕУ и да се почитуваат склучените договори, оценуваат меѓународни аналитичари и експерти за Гласот на Америка, коментирајќи ја изборната победа на Гордана Сиљановска Давкова на претседателските и на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во Северна Македонија. - Изборната победа е чест, за претстојната претседателка Гордана Силјановска и за господинот (Христијан) Мицкоски и неговиот тим кој извојува победа на парламентарните избори. Но, тука доаѓа и голема одговорност. А тоа е да ги реализира своите ветувања, а тоа значи приоретизирање на владеењето на правото, справување со корупцијата, подобрување на економијата и продолжување на патот кон ЕУ“, вели Филип Рикер, поранешен американски амбасадор во Скопје, и поранешен помошник - државен секретар на САД. Тој смета дека проширувањето на ЕУ нема алтернатива и тоа е иднината за Македонија.

Скопје - Пријателска честитка на изборот за претседателка на  Гордана Сиљановска-Давкова упатил претседателот на Република Унгарија, Тамаш Суљок. Во честитката на унгарскиот претседател меѓу другото стои дека тој со задоволство очекува, како што вели, да соработуваме и да ги зајакнеме нашите билатерални односи. Благодарност за честитката изразила Сиљановска-Давкова потенцирајќи ја важноста на европската интеграција. - Во нејзиниот одговор на унгарски и на англиски јазик, наведено е следново „Почитуван претседателе Суљок, Ви благодарам на Вашите честитки. Да ја продолжиме нашата соработка во насока на зацврстување и продлабочување на нашите одлични македонско-унгарски односи и да работиме заедно на заокружување на проектот за европска интеграција.“, се додава во соопштението од Тимот на ГСД. 

Скопје - И покрај шоковите од невидени размери, банкарските системи во регионот, вклучително и македонскиот, покажаа високо ниво на отпорност. Македонскиот банкарски систем не само што ја задржа стабилноста, туку и уште повеќе ја зголеми, порача гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на Годишниот форум на „Виенската иницијатива“, што се одржа во Вилнус, Литванија.    -Резултатите од овие напори се видливи. Капитализираноста на нашиот банкарски систем во споредба со претпандемичниот период е зголемена за близу 2 процентни поени, што е двојно повеќе од порастот во регионот на ЦЈИЕ и во моментов е највисока во изминатите 17 години, а квалитетот на капиталот е на историски високо ниво. Овие трендови во голема мера ги одразуваат зајакнувањето на регулативната рамка, на супервизијата и макропрудентните мерки преземени од страна на Народната банка, посочи Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата посветена на банкарските системи во Централна и Југоисточна Европа (ЦЈИЕ).

Брисел - Европската комисија обезбеди позајмици за Северна Македонија во износ од 50 милиони евра, како прва транша од тековната операција за макрофинансиска помош за земјата, јави дописникот на МИА од Брисел. Како што соопшти денеска Еврокомисијата, овие средства треба да обезбедат дополнителна поддршка за Северна Македонија, чија економија е сериозно погодена од енергетската криза предизвикана од руската инвазија врз Украина.   - Помошта ќе ја поддржи макроекономската стабилност и ќе обезбеди понатамошни реформи поврзани со тековната програма на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за Северна Македонија. Тоа ќе и помогне на Северна Македонија и да напредува на нејзиниот европски пат, се додава во соопштението. 

Скопје - Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) објави нов повик за Инструментот за финансиска поддршка „Кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации“ преку кој обезбедува финансиска поддршка во максимален износ од 20 милиони денари, ги информира своите членки Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК).  Финансиската поддршка, како што посочува ССК, е за претпријатија чиј просечен број на вработени е до 50 и чиј годишен приход во последните две години е помал од два милиони евра до 70 отсто од вкупниот буџет на проект, односно за претпријатија чиј просечен број на вработени е од 50 до 250 и чиј годишен приход во последните две години е поголем од два милиони евра, а помал од 10 милиони евра, финансирањето е до 60 отсто од вкупниот буџет на проектот.

Атина – На употребата на името „Македонија“, без одредницата „Северна“, на почитувањето на Договорот од Преспа, но и на ставот на Грција за конкретното прашање, акцентот го ставаат дел од грчките медиуми во анализите по завчерашните избори кај нас, по убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ и промената на политичката сцена, јави дописничката на МИА од Атина. Весникот „Та неа“ во текстот под наслов „Нивна обврска е строго почитување на Договорот од Преспа“ пишува дека „Атина со зголемен интерес и смиреност ја следи промената на политичката сцена во Скопје“, а грчки дипломатски извори рекле дека изборите се демократски процес „чиј резултат ќе се почитува каков и да е“, а во исто време подвлекле дека „прилично поткопувачките позиции во однос на Договорот од Преспа, кои беа јавно изразени во предизборниот период од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не останаа незабележани и во никој случај не ја задоволуваат Атина“.

Скопје - Националниот џез оркестар ќе настапи на четвртиот фестивал Balkan Jazz Showcase-2024 кој од денеска до 12 мај ќе се одржува на Универзитетот за уметности во Тирана, во организација на Албанското џез здружение (Albanian jazz society). Како што соопшти Националниот џез оркестар, нивниот настап е на втората фестивалска вечер. Од земјава ќе гостува и Sethstat Quintet, а покрај нив на фестивалот во Албанија ќе учествуваат и оркестарот NisVille од Србија, Сара Јововиќ трио од Црна Гора, Gypseons Trio од Грција, Leo Richartz Trio од Германија и Alba Dajlani & AJS Quartet од Албанија. 

Скопје - Режисерот Вардан Тозија за филмот „М“ ја освои главната награда за најдобра режија во интернационална конкуренција на 20-тиот фестивал „Фантаспоа“ (Fantaspoa) кој се одржа во Порто Алегре во Бразил. Тозија за овој филм доби награда и на годинашниот фестивал во Хјустон, САД. Бразилскиот „Фантаспоа“  е најголем жанровски филмски фестивал во Јужна Америка и единствен од тој континент што е дел од престижната Мелиес – Европска филмска федерација на фантастични филмови, организација која ги обединува најзначајните 22 жанровски филмски фестивали во светот.

Тајпеј - Земјотрес со јачина од 5,8 степени според Рихтеровата скала денеска го погоди кинескиот регион Тајван. Земјотресот е регистриран на длабочина од 10 километри. Тој беше почувствуван и во главниот град Тајпеј и на источниот брег на Тајван. 

Брисел - Обвинителите во Брисел започнаа истрага за сомнителни обиди на Мароко да влијае врз белгиските политичари, објавија локалните медиуми. Истрагата е започната по извештај на државната телевизија ЕрТеБеЕф, во кој биле презентирани податоци за влијание, мешање и сомневања за корупција на марокански дипломати во белгискиот главен град.

Лондон - Економијата во Велика Британија, според прелиминарните проценки, оствари раст за 0,6 отсто квартално во првиот квартал од 2024 година и излезе од техничката рецесија, објави денеска Британската канцеларија за национална статистика (ONS). Кварталниот раст во британскиот услужен сектор е 0,7 отсто, во преработувачкиот сектор 0,8 отсто, додека градежништвото падна за 0,9 отсто, пренесува „Гардијан“. На годишно ниво, британската економија оствари раст за 0,2 отсто во однос на истиот квартал од 2023 година.

Берлин – Построгите казни нема да бидат доволни за да се спречи растечката агресија врз политичарите, изјави германскиот министер за правда Марко Бушман. - Обидот да се реши социјалниот проблем на општата брутализација на политичките дебати само со помош на кривичното право ќе биде неуспех, изјави за ДПА политичарот од либералната Слободна демократска партија, најмалиот партнер во владејачката трипартиска коалиција. Сепак, тој е подготвен да ги разгледа предлозите на федералните провинции во областа на кривичното право. Сојузниот министер за внатрешни работи и државните министри за внатрешни работи во вторникот одржаа видео-конференција по бруталниот напад врз водечкиот кандидат за европските избори во Саксонија на германската Социјалдемократска партија (ГСДП), Матијас Еке.

Штутгарт - Полицијата на германската сојузна покраина Баден-Виртемберг соопшти дека двајца покраински пратеници од партијата Алтернатива за Германија (АфД) биле нападнати во Штутгарт, а за нападот е отворена истрага против две девојки на возраст од 19 и 23 години. Пратениците се здобиле со полесни повреди додека во средата вечерта стоеле пред штандот поставен по повод 75-годишнината од германскиот Устав, јави Дојче Веле.

Сао Паоло – Студентите на Универзитетот во Сао Паоло во Бразил подигнаа камп „Солидарност со Газа“ како одговор на израелските напади и поддршка за Палестинците, јави Анадолија. Студенти на многу факултети на Универзитетот во Сао Паоло, кој важи за најпрестижниот универзитет во Латинска Америка, протестираа против израелските напади врз Газа. Студентите подигнаа камп „Солидарност со Газа“ пред ректоратот, повикувајќи ја владата на Бразил да ги прекине дипломатските и економските односи со Израел.

Брисел – Мадрид засега ниту ја потврди, ниту ја негира информацијата на ирскиот јавен радиодифузен сервис РТЕ дека неколку земји членки на ЕУ, предводени од Ирска и Шпанија, на 21 мај ќе ја признаат независноста на „Државата Палестина“.  Запрашан за коментар за ваквите најави, шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес изјави дека одлуките некогаш не може да се предвидат однапред.   - Разговарам со некои од моите европски колеги за да го анализираме најдобриот момент за да го направиме ова признавање. Тоа ќе го знаете по одлуката на Советот на министри, изјави Албарес.  

Токио - Околу 104.000 пакувања леб се повлечени од продажба во Јапонија, откако во две пакувања се пронајдени делови од стаорци, соопшти производителот на леб „Паско Шикишима“. Компанијата потврди дека е покрената истрага откако во две пакувања леб биле пронајдени делови од телото на стаорци, пишува Јапан Тајмс. „Сакаме длабоко да се извиниме што предизвикавме непријатности на нашите муштерии и клиенти“, се вели во соопштението на компанијата. Се додава дека производството ќе биде прекинато до крајот на истрагата.

Техеран - Иранците денеска гласаат во вториот круг за останатите испразнети места во Парламентот на Исламската Република, откако во првиот круг од изборите во март доминираше најголемата тврдокорна група, составена од поранешни членови на елитната Револуционерна гарда и поврзаната милиција Басиџ, како и други политичари лојални на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи.  Жителите на 22 изборни единици низ државата ќе изберат 45 пратеници од 90 можни. Од нив, 15 се сметаат за умерени кандидати. Во главниот град Техеран ќе бидат избрани 16 пратеници меѓу 32 кандидати, сите од групата.

Лондон – Светската фудбалска федерација (ФИФА) е повикана да ги преразгледа плановите за организација на Светското клупско првенство со 32 екипи на крајот на следната сезона или во спротивно ќе се соочи со правна постапка од страна на синдикатот на играчи ФИФПРО и Асоцијацијата на светските лиги. Сите три европски клупски натпреварувања ќе бидат проширени со по 36 екипи од следната сезона,а дополнително, од 15 јуни до 13 јули 2024 година во САД ќе се одржи и Светското клупско првенство на ФИФА со 32 екипи. Меѓународната федерација на професионални фудбалери (ФИФПРО) и Асоцијацијата на светските лиги изразија загриженост за проширените натпреварувања во писмо упатено до претседателот и до генералниот секретар на ФИФА, Џани Инфантино и Матијас Графстром, пренесува денеска Би-Би-Си.

Буенос Аирес – Во Аргентина се одржува вториот генерален штрајк во последните пет месеци откако претседателот Хавиер Милеи е на власт, јави Анадолија. Во главниот град Буенос Аирес јавниот превоз е стопиран за околу три милиони патници дневно, училиштата, банките и бензинските пумпи се затворени, а општинските претпријатија не го собираат сметот. Синдикатите свикаа 24-часовен протестен штрајк за поддршка на пристојни плати за Аргентинците кои се борат со тешка економска криза. Годишната инфлација достигна 300 проценти, а секој втор жител живее во сиромаштија.

Скопје - Евровизискиот домаќин - Шведска ќе го отвори евровизиското финале што ќе се одржи утревечер, а Австрија ќе го затвори годинешниот музички натпревар. Дваесет и шест песни ќе се натпреваруваат на сцената во Малме, а најголеми шанси за победа во моментов, според обложувалници на интернет, имаат песните на Хрватска, Израел, Швајцарија, Ирска и Франција. Најгледан евровизиски настап моментално е тој на Ирска со над 4.229.000 прегледи на „Јутјуб“. Потоа следува настапот на Хрватска со повеќе од 4.218.000 прегледи. 

Вашингтон - Земјата денеска и во наредните денови ќе биде погодена од силна геомагнетна бура предизвикана од ерупции на површината на Сонцето што се случија претходните денови, соопшти американската Национална океанска и атмосферска администрација. Силата на оваа бура ќе биде Г4, од која само Г5 е посилна, а се очекува да предизвика проблеми со енергетските системи, вселенските летала, сателитите и радиофреквенциите, пренесува порталот watcher.news. Ова е прва геомагнетна бура Г4 од 2005 година, а се очекува да почне вечер и да трае до 13 мај.

Остани поврзан