• понеделник, 23 декември 2024
МИА Флеш

11 јануари 2024 

-Единствена алтернатива на нашата држава е зачленување во Европската Унија, а се друго е утопија и популизам, смета премиерот Димитар Ковачевски и вели дека се добредојдени сите кои се за европска интеграција на државата.-Се потврди дека тоа е така. Јас сум првиот човек што го спомена Европскиот фронт на трибините на СДСМ пред повеќе од една година. Така што сите оние кои се за европската интеграција на државата се добредојдени, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање дали разговарал со лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари за Европскиот фронт. Нагласи дека многупати досега разговарал со Таравари, Ахмети и низа на коалициски партнери.-Одлуките секако ќе бидат носени согласно со она што го покажуваат анализите, согласно очекувањата на политичките партии и согласни програмите кои ги имаат. За договор е потребно усогласување на многу елементи за кои сметам дека има добра основа. Ќе оставиме на времето пред нас да покаже каков ќе биде финалниот изглед и на листите и на изборите, посочи Ковачевски.

-Блокирањето на нашиот пат кон ЕУ е директна причина за неможност за постигнување европски стандард за владеење на правото, изјави денеска министерот за надорешни работи Бујар Османи, на новинарско прашање да ја искоментира вчерашната порака на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, дадена на средбата со лидерот на ДУИ Али Ахмети, дека посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена по постојаниот пад во владеењето на правото во земјава. -Ова е продолжување на ставот на холандската Амбасада којшто го кажа во неколку наврати пред крајот на минатата година во многу интервјуа. Веројатно ДУИ е еден од тие што најмногу зборуваат за борбата против корупција, се разбира дека и ќе се бара поддршка од страна на ДУИ. Во моите разговори со холандскиот амбасадор имаме суштински две концептуални разлики. Тој смета дека ние можеме да постигнеме европски стандард на владеење на правото и без преговори со ЕУ. Од една страна, некој тоа го чита како комплимент, од друга страна некои го читаат како намалување на притисокот за проширување на ЕУ којшто, еве некој може да каже злонамерен па Холандија е позната по немање на расположение за проширување, вели Османи.

-Министерството за надворешни работи почнува јавна расправа по однос на измените на Законот за рестриктивни мерки коишто имаат за цел проширување на опфатот на овие рестриктивни мерки, како и инструментите коишто се на располагање на државата во услови на воведени рестриктивни мерки, информира денеска на брифинг со медиумите шефот на дипломатијата Бујар Османи. -Согласно сегашното решение, Законот за рестриктивни мерки ги регулира прашањата на воведување, изменување и престанување на важењето на рестриктивните мерки, како и механизмите на координација и надзор на примената на истите, како основи за воведување рестриктивни мерки во сегашното решение се - задолжителни обврзувачки резолуции на Советот за безбедност на Обединети нации, правни акти на ЕУ, други меѓународни организации во кој членува земјата и на барање на надлежни органи на други држави за прашања на тероризмот и пролиферација на оружкјето, истакна Османи во изјава за медиуми по брифингот со новинарите.

-Дали балансерот ја исполнува целта или се злоупотребува затоа што етничката припадност е основен податок при вработување и дали по 20 години примена е веќе надминат и треба да се укине. Антикорупциската комисија ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд да ги преиспита законите во кои е содржана алатката балансер. ДКСК на денешната седница гласаше и да иницира до Уставниот суд да ја оцени законитоста и колизијата со други закони на Законот за преземање административни службеници вработени преку К-5 програма во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а од Владата да побара извештај за спроведувањето на овој закон со кој институциите треба да прифатат т.н. рамковни вработени кои нераспределени добиваа плата, а седеа дома. Не е познато дали е законот се уште во примена и дали се веќе распределени предвидените лица за преземање во државните институции затоа што Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците не и одговорило на ДКСК со податоци, а, како што беше посочено, и натаму продолжува да објавува нови огласи. 

-Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје денеска одлучува по жалбата на Основното јавно обвинителство – Скопје против решенија на судии од претходна постапка од 5 јануари, со кои на четири лица им определи мерки на претпазливост, за случувањата во М-НАВ. За нападот во зградата на М-НАВ и напад на вработени, Кривичниот суд им одреди мерки за претпазливост на Беким Незири, советник на директорот на М-НАВ и уште три лица иако Јавното обвинителство бараше притвор, на што обвинителството поднесе жалба. За останатите четворица, како што информираат од Обвинителство, се уште се трага по централен распис на територија на државата. Обвинителот Дејан Петрески, во изјава за Канал 5, рече дека обвинителството останува на ставот дека Судот за овој случај треба да определи посилни мерки за четворицата осомничени.

-Државниот инспекторат за труд (ДИТ) ќе поднесе кривична пријава до надлежното јавно обвинителство за сопственикот на свињарската фирма во светиниколското село Амзабегово, каде на 8 јануари на лице место од труење од хемиска супстанца почина 45-годишен работник, а неговиот 53-годишен колега,  кој притрчал да му помогне е со оштетување на мозокот. Директорката на Државниот инспекторат за труд (ДИТ) Весна Томовска вели дека по извршениот надзор ја има утврдено фактичката состојба. Утврдено е дека работодавачот не ги презел потребните безбедносни мерки во делот на спроведувањето на работните обврски од страна на работниците, а коишто се однесуваат на Законот за безбедност и здравје при работа.

-Реновирана операциона сала на Универзитетска клиника за ортопедски болести денеска е пуштена во употреба. Станува збор за целосно реновирање на првата операциона сала со помошни простории, соба за одмор и соба за премедикации на околу 150 квадратни метри. Вкупната вредност на инвестицијата е 15 милиони денари обезбедени од Фондот за здравство и од донации. Министерот за здравство Фатмир Меџити, кој заедно со премиерот Димитар Ковачевски, присуствуваа на настанот, рече дека на оваа Клиника годишно се изведуваат 1.600 операции, а сега со новата реновирана операциона сала, бројката ќе се зголеми до 2.000 оперативни зафати на годишно ниво. Меџити нагласи дека оваа сала не била во употреба од 2017 година и со нејзиното реновирање, сериозно се зајакнуваат капацитетите на установата.

-Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска повторно апелираше до родителите да ги вакцинираат своите деца откако во земјава и регионот се појави голема кашлица. Во изјава за медиумите дадена по отворањето на реновираната операциона сала на Клиниката за ортопедски болести, Меџити рече дека има доволно вакцини и дека од вчера е дадена наредба да се проверат сите вакцинални картони од бебиња. - Крајно време да се смени менталниот склоп. Секое вакцинирање, значи спас на живот. Затоа ги повикувам родителите за доброто на нивните деца да ги вакцинираат и да ги превенираме ваквите појави, рече Меџити.

-Полициски службеници вчера го уапсиле Ф.Д.(30) од Кичево, кој се сомничи дека на 18 декември 2023 година во семејниот дом во Кичево ѝ нанел тешки телесни повреди на неговата двегодишна ќерка, која по 22-дневно лекување од повредите, починала вчера во Клиничкиот центар во Скопје. - На 10.01.2024 во 15.30 часот, на улицата „Маршал Тито“ во Кичево, полициски службеници од ОВР Кичево, од слобода го лишија Ф.Д.(30) од Кичево. Тој се сомничи дека на 18.12.2023 во семејниот дом во Кичево и нанел тешки телесни повреди на неговата двегодишна ќерка, која била пренесена за укажување лекарска помош во Општата болница во Кичево, а потоа во Клиничкиот центар во Скопје каде, на 08.01.2024 починала, соопшти МВР.

-До недела времето ќе се задржи стабилно, суво и студено со ниски утрински температури. Утре ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец повремено со брзина од над 60 км/час, а во сабота ветерот повремено ќе засилува, соопшти УХМР. Во понеделник и вторник ќе има зголемена облачноста проследена со повремени врнежи од дожд, а на некои повисоки места од повремен снег. Минималната температура ќе се спушти до -11, а максималната дневна ќе достигне осум степени.

-Албанскиот премиер Еди Рама соопшти дека Албанија има подготвен проект за производство на автомобили за потребите на државата, со домашна компанија, која до сега  произвела амбулантни возила за Украина, но и за соседните земји Северна Македонија, Бугарија, Турција. Додаде дека овие автомобили ќе бидат пуштени во употреба за потребите на министерството за здравство, за внатрешни работи и Националната агенција за транспорт и нагласи дека проблемот со транспортот на наставниците исто така ќе биде надминат. -Создавањето на акционерско друштво за производство на возила за потребите на државата и за извоз е многу убав проект, кој ќе ни даде можност да произведуваме за потребите на Министерството за здравство, МВР, Националната агенција за транспорт и за извоз, врз основа на стручноста на една девојка Албанка, Арјета Пуца, со која го градиме овој процес, со нејзиното претпријатие, но кое победува на меѓународни тендери за испраќање амбулантни возила надвор од земјата, рече Рама.

-Иднината на Косово е во Европската унија (ЕУ) и Советот на Европа (СЕ) и Ирска ќе го поддржат Косово во следните чекори, изјави денеска во Приштина ирскиот премиер Лео Варадкар по разговорот со косовскиот премиер Албин Курти. Варадкар рече дека Ирска е една од првите земји што ја признала независноста на Косово, со што се гордее, пренесува Reporteri.net. „Со премиерот Курти сме согласни дека иднината на Косово е во ЕУ и СЕ и со задоволство ќе го поддржиме Косово оваа година да стане членка на СЕ, но и да го започне процесот на преговори со Унијата, рече Варадкар и додаде дека Косово ја покажува својата посветеност на европските вредности. Според него, дијалогот меѓу Приштина и Белград е од витално значење за постигнување хармонија и понатамошен развој.

-Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој е во затвор, денеска преку видео врска се појави пред судија на Врховниот суд, од кого побара подобри услови во затворот и ги оспори постоечките затворски правила. Меѓу другото, Навални побара подолги паузи за оброци и да му се даде пристап до повеќе книги. Тој го критикуваше правилото на затворот дека затвореникот има право на само една религиозна или секуларна книга, вклучувајќи весници и списанија. - Една книга не ми е доволна, со тоа јасно се кршат моите верски права, изјави Навални.Тој, исто така, посочи дека 10-минутната пауза е прекратка за оброк, кој се состои од две кришки леб и две шолји врела вода.

-Британската агенција за поморски трговски операции (УКМТО) денеска прими извештај дека група од четири до пет вооружени лица се качиле на брод лоциран на околу 50 наутички милји источно од брегот на Оман. Според УКМТО, групата носи воени униформи и црни маски. Поморската безбедносна информативна агенција соопшти дека не успеала повторно да стапи во контакт со бродот и дека властите сè уште го истражуваат инцидентот. Јеменските Хути од октомври напаѓаат комерцијални бродови во Црвеното Море, противејќи се на израелската воена операција во Газа.

-Јужноафриканскиот министер за правда Роналд Рамола го изнесе воведниот збор пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, со што почна процесот поведен од Јужноафриканската Република против Израел со кој се бара итен прекин на судирот во Газа. Тужбата од ЈАР содржи и обвиненија за геноцид извршен од страна на Израел врз Палестинците во Газа. Во расправата која е во тек, ЈАР бара од Судот итно да дејствува „за да го заштити палестинскиот народ од понатамошна, сериозна и непоправлива штета според Конвенцијата за геноцид, која продолжува неказнето да се прекршува“.„Подавајќи ги рацете кон народот на Палестина, ние го правиме тоа со целосна свест дека сме дел од човештвото. Ова беа зборовите на нашиот основачки претседател Нелсон Мандела, ова е духот во кој ЈАР пристапи кон Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид во 1998 година“, рече тој. - Насилството и уништувањето во Палестина и Израел не започнаа на 7 октомври 2023 година, потсети Ламола, пренесува РСЕ.

-Поднесено барање за Вонредно собрание на МОК и смена на претседателот Даниел Димевски. Повеќе од половина членови на Собранието на Олимпискиот комитет на Северна Македонија, се потпишани за официјалното барање за свикување Вонредно Собрание на Олимпискиот Комитет на Северна Македонија.

Остани поврзан