• понеделник, 16 септември 2024
МИА Радио флеш

16 септември 2024 

-Премиерот Христијан Мицкоски очекува до крајот на годината уште три инвестиции со кои, како што денеска изјави, значително ќе се зголеми економската активност и позотивно ќе се влијае врз растот на БДП. Мицкоски  очекува, како што рече, многу скоро, уште денеска нов камен темелник на една белгиско-германска компанија. Посочи дека очекува и проширување на капацитетите на компаниите кои се веќе присутни и работат во земјава. Како Влада ќе сториме се што е во наша моќ да помогнеме, затоа што нема поголемо задоволство ниту за мене, ниту за членовите на Владата кога ќе отворите ново работно место, кога ќе помогнете уште некој македонски граѓанин да остане тука, наместо да се сели надвор, изјави Мицкоски.

- Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите рече дека ќе му биде врачена протестна нота на бугарскиот амбасадор во земјава откако претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова при посетата на Софија и средбата со бугарскиот претседател Румен Радев била повикана да се слика без македонското знаме. - Во минатото кога се понижуваше и распродаваше македонското достоинство, тогаш се молчеше, се виткаше кичмата и се согласуваа со тие што не понижуваа и газеа. Сега се решаваат работите на овој начин, дипломатски, се испраќаат протесни ноти и нема повеќе да имаме меѓународна политика ниту дипломатска со свиткана кичма. Тогаш кога ќе се помине рубиконот, кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба и да се реагира. Затоа што вие ако не реагирате, тој исклучок потоа ќе стане пракса, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања пред средбата со претставници на АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските комори во странство и Македонско-Германското стопанско здружение.Ние, нагласи, сме подготвени секогаш на добрососедските односи со добрина да возвратиме, но кога ќе видиме дека се поминати црвените линии ,тогаш ќе мораме да интервенираме. 

-Народната банка предупредува на шема на нов и многу опасен начин на „фишинг“, каде со внесување на податоци од платежната картичка и доставен ОТП код за авторизација, се превземаат платежните сметки на клиентите од страна на измамници и ги повикува граѓаните на поголема внимателност. Од Народната банка појаснуваат дека до граѓаните пристигнува фишинг порака (СМС, е-маил), во која се наведува на итност за исплата, испорака на пакет и слично и се дава врска на која треба да се уплати.Од Банката додаваат дека измамениот е пренасочен кон „злонамерна“ веб-страна, на која внесува име и презиме, адреса, сериски бр.на картичка, дата на важност и CVV код од картичката. Измамникот ги користи овие информации за почеток на постапка за отворање на Google Pay паричник. - Со започнатата постапка на измамникот за отворање на Google Pay паричник, Банката на измамениот му испраќа ОТП код за автентикација кој е со намена за дигитализација на платежна картичка, кој измамениот мислејќи дека му е потребен за завршување на платежната трансакција го внесува на „злонамерната“ веб-страна. Измамникот со добиениот ОТП код ја завршува регистрацијата на Google Pay и оттогаш располага со средства на сметката на измамениот, се вели во објавата на Народната банка на Фејсбук.

-Во Центарот за управување со кризи (ЦУК) според последниот извештај имало вкупно 1.549 повици на  Единствениот број за итни случаи 112. - Од нив „реални“ повици биле 56 отсто, а 44 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 62 отсто, кон Итната медицинска помош 33 отсто, а кон пожарникарите три отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК, информираат утрово од ЦУК. Центарот за управување со кризи информира дека во последното деноноќие имало пријавено три интервенции врз пожари на отворено, покрај интервенциите врз пожари во урбани средини и населени места на територијата на државата.

-Со претставување на дел од творештвото и разговор со двајца автори, искусни новинари, уредници и колумнисти синоќа во Даут-пашиниот амам во Скопје започна 12. Интернационален литературен фестивал „Про-за Балкан“ во Скопје. На првата фестивалската вечер публиката имаше задоволство да ја истражи динамиката на Борис Дежуловиќ од Хрватска и домашниот автор Ѕвездан Георгиевски, чие творештво се движи во истите новинарско-авторски води, но со различни пристапи и сензибилитет. На гостите на фестивалот добредојде им посакаа идејните творци на фестивалот – Дејан Трајкоски, Александар Прокопиев и Ермис Лафазановски. Поради здравствени причини, најавената авторка од Бугарија, Рене Карабаш не можеше да присуствува на отворањето, информираат од „Прозарт Медиа“ кои се организатори на настанот. 

-Грчката полиција разби две различни криминални организации и уапси 16 лица меѓу кои и лекари и фармацевти за измами во висина од 3,5 милиони евра на товар на Националната организација за здравствени услуги на Грција со издавање фиктивни рецепти за лекови, јави дописничката на МИА од Атина. Од грчката полиција соопштија дека биле запленети над 9.000 фармацевтски препарати, а некои од лековите што лажно ги препишувале се дефицитарни, додека уапсени се четворица лекари од јавни здравствени структури во областите Атика и Виотија, сопственици и вработени во осум аптеки во Атика, еден вработен во фармацевтска компанија и едно лице кое имало улога на посредник. Незаконското дејствување на криминалните организации започнало најмалку од јануари 2020 година, а од истрагата на полицијата произлегло дека имале слична цел, начин на дејствување како и заеднички членови кои дејствувале паралелно.

-На повидок не гледам можност за мировен договор со Русија предводена од претседателот Владимир Путин и не очекувам „ресетирање“ на односите на Европската Унија со Москва во блиска иднина, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во интервју за „Еурактив Италија“. - Во далечна иднина, во повоен амбиент, може да има некои промени кога станува збор за односите со Русија, но останува фактот дека војната веројатно ќе продолжи и тешко дека ќе има нормализација во овие околности. Ние како ЕУ имаме црвени линии, рече Борел. Според него, не можат да се предвидат никакви односи меѓу ЕУ и Русија во услови кога рускиот режим се „гледа себеси во војна со Западот и Европа“. 

- Бројот на баратели на азил во ЕУ, Норвешка и Швајцарија е малку намален во првата половина од годината, но сепак изнесува над половина милион, покажаа денеска официјалните бројки, јави ДПА. Од јануари до крајот на јуни, Агенцијата за азил на Европската унија со седиште во Малта (ЕУАА) забележа вкупно 513.000 нови барања, што е благ пад од 6.000 во споредба со првата половина на 2023 година. Статистиката вклучува бројки од сите земји на ЕУ, како и Норвешка и Швајцарија, кои не се дел од унијата. Најмногу апликации меѓу 29-те земји повторно се регистрирани во Германија: 124.000 или речиси четвртина од вкупниот број. Сепак, ЕУАА соопшти дека германските власти примиле околу 30.000 апликации помалку отколку во истиот период минатата година.

-Експлозија денеска оштети зграда во центарот на западниот германски град Келн, јави ДПА. Портпаролката на полицијата рече дека широката област на Хоенцолернринг, населба полна со кафулиња, барови и ресторани, е опколена и дека голем број полицајци се на терен. Таа првично не даде никакви информации за евентуални повреди или причина за експлозијата. Радио Келн рано утрово јави дека едно лице е полесно повредено.

-Европскиот комесар за внатрешен пазар Тиери Бретон, кој беше именуван за втор мандат во Европска комисија денеска поднесе оставка. Тој на Икс го објави писмото за оставката упатено до претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, во кое наведува дека оставката веднаш стапува во сила. Бретон истакнува дека Лајен „од лични причини“ пред неколку дена побарала од Франција да ја повлече кандидатурата на Бретон за комесар, ветувајќи оти Париз ќе добие „наводно повлијателен портфељ“. - Во светлината на овие најнови случувања, дополнителни докази за сомнително управување, морам да заклучам дека повеќе не можам да ги извршувам моите должности на Колеџот (на комесари). Затоа поднесувам оставка од функцијата еврокомесар, која ќе стапи во сила веднаш, истакна Бретон.

-По вчерашниот вооружен инцидент во близина на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трам уапсен е 58 годишниот Рајан Весли Рут од Хаваи. ФБИ го истражува инцидентот како „обид за убиство“. Тоа е втор „обид за убиство“ врз Трамп во рок од два месеци. Тој во средината на јули на собир во Батлер, Пенсилванија беше погоден во уво. Додека Трамп вчера играше голф во Вест Палм Бич осомничениот бил на 270 до 450 метри од него. Еден од агентите на Тајната служба забележал автоматска пушка Калашњиков зад грмушка во близина на теренот за голф, по што биле истрелани најмалку четири куршуми кон осомничениот. Тој ја фрлил пушката, два ранци и други предмети и побегнал со црн спортски автомобил, но бил уапсен во соседната област. ФБИ очекува федералниот суд во Јужна Флорида да побара „процена на менталното здравје“ на Рут пред какви било можни кривични пријави.

-Милитантната група Исламска држава ја презеде одговорноста за бомбашкиот напад викендов во кој загинаа двајца полициски службеници во југозападен Пакистан, соопштено е денеска. Аналитичарите велат дека последното насилство е знак за зголемена координација меѓу исламските милитанти и сепаратистите кои со години ги напаѓаат безбедносните сили и цивилите во провинцијата Балуџистан богата со нафта и гас, која се граничи со Иран и Авганистан. Исламска држава во соопштението вчера соопшти дека активирала експлозивна направа еден ден претходно врз пакистанско полициско возило во градот Кучлак во близина на Кета, главниот град на Белуџистан.

-Во израелските воздушни напади загинаа 16 лица во Појасот Газа, меѓу кои пет жени и четири деца, соопштија палестинските власти, цитирани од американските медиуми. Штрајкот, извршен рано утринава, уништи куќа во бегалскиот камп Нусејрат во централниот дел на енклавата. Таму загинаа десет лица, меѓу кои четири жени и две деца. Болницата Ауда, каде се пренесени телата, ја потврди бројката на загинати и извести дека се повредени уште 13 лица.  Во друг напад врз станбена зграда во градот Газа, шест лица загинаа, меѓу кои една жена и две деца, објави Цивилната одбрана, чии спасувачки тимови работат под контрола на Хамас.

- Во израелските воздушни напади загинаа 16 лица во Појасот Газа, меѓу кои пет жени и четири деца, соопштија палестинските власти, цитирани од американските медиуми. Штрајкот, извршен рано утринава, уништи куќа во бегалскиот камп Нусејрат во централниот дел на енклавата. Таму загинаа десет лица, меѓу кои четири жени и две деца. Болницата Ауда, каде се пренесени телата, ја потврди бројката на загинати и извести дека се повредени уште 13 лица. Во друг напад врз станбена зграда во градот Газа, шест лица загинаа, меѓу кои една жена и две деца, објави Цивилната одбрана, чии спасувачки тимови работат под контрола на Хамас.

Остани поврзан