МИА Радио Флеш
- МИА Радио Флеш
13 септември 2024
- Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти (КИНСИВ) најави дека ќе отвори истрага во врска со безбедносниот настан на небото над Скопје на 7. месецов во кој е избегнат судир на два цивилни авиона. Претседателот на КИНСИВ Зоран Илиевски за МИА изјави дека веднаш се вклучиле бидејќи станува збор за сериозен инцидент. - В понеделник влегуваме во М-НАВ и ќе ги направиме потребните разговори, ќе ги преслушаме снимките од разговорите на контролорите со пилотите на авионите, а и ќе ги погледнеме и снимките. Ние не утврдуваме вина, туку причина која довела до ваков инцидент. Исто така, ќе побараме изјави од пилотите на двата авиона преку нивните воздухопловни власти, па ќе ја информираме јавноста. Се друго во моментот ќе биде шпекулација, изјави Илиевски.
– Вкупно 80 општини аплицираа на јавниот повик на Владата за добивање средства за реализација на инфраструктурни проекти во општините ширум земјава со пари од државниот Буџет. Поднесени се 357 апликации што значи дека секоја општина аплицирала со повеќе проекти, информира денеска министерот за локална самоуправа Златко Перински. - Нашите очекувања во целост се исполнија. Во оваа прва фаза општините ќе ги подржиме со близу 100 милиони евра, а веќе од следната година ќе бидат достапни нови 250 милиони евра за кога е планиран и нов повик. Сега се на ред ресорните министерства. Во рок од 10 дена целосната проектна документација од страна на општината треба да се достави до ресорното министерство од областа на проектот, кое ќе врши евалуација на проектот. Се очекува евалуацијата да заврши во рок не подолг од 10 дена по што ресорните министерства треба да изготват предлог-одлука кои проекти ќе се финансираат од нивната област и да ја достават на усвојување на владина седница, рече Перински на прес-конференција во Владата.
– Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши очекува в понеделник да добие предлог од работната група за есенската потрошувачка кошница, како и за ограничувањето на трговските маржи или замрзнување на цените. Предлогот потоа треба да помине на рдовната седница на Владата во вторник. – Работната група со претставници на министерствата за економија, земјоделие и финансии уште работи. Како што знам тие и денес работат на оваа проблематика. На крајот на денот или поконкретно во понеделник ќе имаме јасен одговор од нив. Предлогот ќе биде доставен во вторник на Влада каде што ќе се усвои таа одлука и за тоа ќе бидете известени, рече министерот Дурмиши, на новинарско прашање при посетата на Гостивар.
- Министерот за здравство Арбен Таравари денеска во Битола промовираше нови медицински апарати со кои се модернизираат условите за третман на пациентите во јавните здравствени установи. На прес - конференција што се одржа во ЈЗУ Клиничка болница-Битола, министерот Таравари истакна дека станува збор за апарат што помага во ендоскопско и лапароскопско третирање на пациентите, како и артроскоп за ортопедски и трауматолошки пациенти. - Медицинските апарати се најсовремени и интензивно ќе бидат користени во Клиничка болница-Битола. Но, ние ќе продолжиме со други инвестиции затоа што битолската Клиничка ни е посебно важна како министерство и значајна за јавното здравство во нашата држава, истакна министерот Таравари.
- Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити на денешната работна средба со унгарскиот амбасадор, Андраш Клеин ја поздравил сеопфатната поддршка што Унгарија и ја дава на Северна Македонија, како на билатерален план, така и во процесот на пристапување на нашата земја во Европската Унија. Двајцата соговорници, како што соопшти МЖСПП, се согласиле дека двете влади тесно соработуваат во насока на зајакнување на билатералните односи и забрзување на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ.
- По вчерашната објава на „Пелистерка“, како акционер во Стопанска банка Битола, дека е несоодветна понудата на Комерцијална банка Скопје за акциите за преземање на Стопанска банка, денеска од Комерцијална банка изјавија дека нема да коментираат никакви изјави до завршување на законски пропишаниот рок. - Во согласност со законските прописи, Комерцијална банка објави јавна понуда за преземање на Стопанска банка Битола, во која се содржани сите важни елементи како што се понудената цена од 3.200 денари по акција, прагот на успешност од 67 проценти плус една акција од вкупно издадените акции и рокот за изјаснување на акционерите заклучно со 22.09.2024 година. Сите други информации се содржани и во придружниот Проспект кон Јавната понуда. Надвор од овие законски пропишани документи, Комерцијална банка нема ништо дополнително да додаде или да коментира никакви други изјави сѐ до завршување на законски пропишаниот рок, се вели во соопштението од Комерцијална банка.
- Во Брисел следната недела со посредство на ЕУ ќе се одржи нова рунда дијалог на Белград и Приштина на ниво на главните преговарачи Петар Петковиќ и Бесник Бисљими, која е планирана за вторник, јави дописникот на МИА од Белград. Иако Белград понудил и изразил подготвеност да се одржи трилатерална средба со косовската страна, Бисљими одбил, дознава Танјуг од неименувани дипломатски извори. Според српските медиуми една од темите кои Белград ги предложил да се најдат на дневен ред е прашањето за мостот на Ибар во Косовска Митровица, како и формирањето на Заедницата на српски општини (ЗСО).
- Воениот авион за обука Л-39 денеска се урна во воздухопловната база „Граф Игњатиево“ во Бугарија, при изведување комплексен маневар на екстремно мала надморска височина, пренесуваат медиумите. За време на несреќата падобраните не се отвориле, а со авионот управувале двајца пилоти. Како последица на падот на авионот избувнал пожар. - Преземени се сите мерки за локализирање на пожарот и утврдување на причините за трагичната несреќа, изјави Евелина Бранимирова, советник за медиуми на министерот за одбрана. Претседателот на Бугарија, Румен Радев претходно денеска како копилот учествуваше во демонстративен лет на борбен авион Ф-16 во таа воздухопловна база.
- Бугарија нема да ги репреговара условите од договорот со Република Северна Македонија, изјави денеска бугарскиот технички премиер Димитар Главчев. - Нема за што да се преговара. Ние го имаме ставот на Бугарија. Тие велат дека нема да преговараат со техничка влада, но јас би рекол дека од наша страна нема волја за преговори, бидејќи нема за што да преговараме. Има заедничка европска позиција. Да преговараат со Европската Унија. На последниот Европски совет изјавив дека Република Северна Македонија не се придржува кон преземените обврски, поради што истото го посочи и премиерот на Грција, дека Република Северна Македонија не го почитува Преспанскиот договор, така што нашата позиција ја изнесовме на највисоко можно ниво, рече Главчев, објави Бнр.бг.
- Русија не се согласува со коментарот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека Крим треба да се врати под контрола на Украина, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. - Тука имаме сосема различни мислења. Во исто време, не се откажуваме од обидот да им го објасниме нашето гледиште, нашата позиција на нашите турски пријатели и колеги, рече тој, пренесе Бета. Ердоган претходно оваа недела рече дека поддршката на Турција за територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина е непоколеблива и дека враќањето на Крим кон Украина, која Русија ја анектираше во 2014 година, е услов на меѓународното право. Песков рече дека Ердоган е под притисок од САД поради традиционално блиските економски врски со Москва.
- Десничарската партија Ликуд на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху би освоила најмногу места во израелскиот Парламент (Кнесет) доколку изборите се одржат сега, покажува најновата анкета на јавното мнение, пренесена од британските медиуми. Резултатите покажуваат дека партијата на Нетанјаху ќе освои 24 места (во моментов има 32), што, сепак, е нејзин највисок резултат од анкетата спроведувани од 7 октомври и нападот на Хамас врз Израел. Најновото истражување на јавното мнение предвидува дека центристичката Партија за национално единство, предводена од поранешниот генерал Бени Ганц, ќе освои 21 место во Кнесетот.
- Германија, и покрај противењето на Кина, инсистира на минување на нејзините воени бродови низ Тајванскиот теснец, објави германскиот министер за одбрана Борис Писториус. „Се работи за меѓународни води. Тоа е најкратката рута и, со оглед на временските услови, најбезбедната рута и затоа ја користиме“, рече Писториус во Берлин. Писториус со тоа ги потврди наводите дека германската фрегата Баден Виртемберг и придружниот брод за снабдување Франкфурт на Мајна се на влезот во Тајванскиот теснец.
- Предвидено е претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во вторник пред Европскиот парламент во Стразбур да го презентира составот на новиот Колеџ на комесари, изјави денеска главниот портпарол на ЕК, Ерик Мамер во одговор на прашање дали следната недела ќе бидат објавени имињата и ресорите на новите еврокомесари и покрај незавршената посатка во Словенија за номинирање на кандидатот за еврокомесар. - Има многу време до вторник. Во политиката и 24 часа се доволни кога е во прашање спроведување на институционални процедури. Намерата е претседателката во вторник да присуствува на Конференцијата на претседателите (на ЕП) и да го претстави составот на Колеџот на комесари. Свесни сме за ситуацијата во овој момент и ќе види како ќе се одвиваат работите до тогаш, истакна Мамер.
- Европската комисија денеска потврди дека го примила писмото од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во врска со проблемот со многу повисоките цени на електричната енергијата во регионот на Југоисточна Европа во споредба со оние во земјите од Западна Европа. - Треба да го проучиме писмото кое што туку го примивме и да видиме што содржи тоа, по што секако ќе следи одговор. Засега не би сакал ништо да прејудицирам, изјави портпаролот на Европската комисија за климатска акција и енергија Тим Мекфи. Во однос на забелешката дека на високите цени на струјата во Југоисточна Европа влијание има руската инвазија врз Украина, Мекфи истакна дека секако оти овој конфликт и нападите на Русија врз украинскиот енергетска систем влијаат врз цените, бидејќи дел од произведената струја се насочува кон Украина како дел од мерките за поддршка на земјата. Тој оцени дека ова покажува и оти Москва ја користи енергијата како алатка за уцена на Европа.
- Повеќе од 600 илјади луѓе на Куба, или приближно секој 20-ти од 10-те милиони жители, имаат проблеми со снабдувањето со вода, објавија денеска британските медиуми. Хавана е најтешко погодена од недостигот на вода, а властите ги обвинуваат уништената инфраструктура и тековниот недостиг на гориво за последиците од економската криза која речиси ја банкротирала земјата. Честите прекини на струја само ги влошуваат работите.
- Сириец (27) осомничен за радикални исламистички ставови е уапсен бидејќи сакал да убие германски војници со мачети во баварскиот град Хоф, соопшти Oбвинителството. Обвинетиот набавил две мачети долги околу 40 сантиметри и планирал да нападне и убие што е можно повеќе војници на Бундесверот во Хоф за време на нивната пауза за ручек, се наведува во соопштението. Групата Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот со нож во Солинген, западна Германија, во кој загинаа три лица во август.
- Јахја Синвар, водачот на палестинската група Хамас, му се заблагодари на лидерот на либанскиот Хезболах Хасан Насрала за неговата поддршка во тековната војна со Израел во писмото објавено од канцеларијата за медиуми на Хезболах, објавија американските медиуми. Синвар му се заблагодари на Насрала за „благословените акции“ на групите поддржани од Иран во поддршката на Хамас од 7 октомври, кога борците на групата убија околу 1.200 луѓе, главно цивили, и киднапираа 250 луѓе. Во писмото Синвар ја опиша војната како „една од најчесните битки за палестинскиот народ“. На 8 октомври Хезболах почна да ги напаѓа израелските воени пунктови долж границата со Израел, предизвикувајќи тековна размена на оган во која загинаа стотици луѓе. Министерството за здравство во Појасот Газа тврди дека повеќе од 41.000 Палестинци загинале на територијата на земјата од почетокот на војната меѓу Израел и палестинските власти.
- Судењето на осумте здравствени работници обвинети за „убиство од небрежност“ во врска со смртта на фудбалската легенда Диего Марадона е одложено од октомври за март 2025 година, објавија аргентинските медиуми. Судот во Сан Исидро, град на периферијата на Буенос Аирес, го одобри барањето на тројца од осумте обвинети по вторпат да се одложи судењето првично закажано за 4 јуни, кое требаше да започне на 1 октомври. Случајот сега ќе започне на 11 март, објави аргентинскиот весник „Насион“. Фудбалската легенда Диего Армандо Марадона, кој ја предводеше Аргентина до втората светска титула во 1986 година, почина на 60-годишна возраст во ноември 2020 година од срцева слабост, откако неколку дена претходно беше подложен на операција на мозокот.