• среда, 09 октомври 2024

Радев со прв коментар по средбата со Сиљановска-Давкова: Посетата не беше ниту државна, ниту работна

Радев со прв коментар по средбата со Сиљановска-Давкова: Посетата не беше ниту државна, ниту работна

Скопје, 16 септември 2024 (МИА) -  Бугарскиот претседател Румен Радев во прв коментар по средбата со македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова која предизвика реакции поради изоставувањето на македонското знаме на нивната заедичка фотографија во петокот во Софија, нагласува дека нејзината посета не била ниту официјална, ниту работна. 

Како што пренесува бугарската информативна агенција „Фокус“, Радев порачал дека со претседателот на Република Северна Македонија имале многу искрен и конструктивен разговор во пријателска атмосфера.

- Очекувам оваа искажана желба за отвореност да ја преземе Владата на РСМ, но нека биде јасно дека ова не беше ниту државна, ниту работна посета. Се надевам дека во блиска иднина претседателот на Република Северна Македонија ќе оствари државна посета, која со сите официјални средби согласно протоколот ќе придонесе и за натамошен развој на нашите односи. Ако го следиме протоколот, на ред е јас да одам таму, изјавил претседателот Радев.

Средбата, дополнил Радев, беше многу конструктивна и во пријателски дух. - Ова е навистина добар почеток за целосно да и помогнеме на Република Северна Македонија, навел Радев.

Димитар Стојанов, советник на претседателот Радев и поранешен министер, пак за БНТ изјавил дека „посетата на претседателот на Република Северна Македонија била по повод културен настан и не била ниту државна ниту работна. - Поради тоа македонското знаме не беше ставено во салата бидејќи за вакви посети не е потребно строго почитување на државниот протокол, изјавил Стојанов. 

DNES.BG. пренесува дека Стојанов посочил оти средбата меѓу Радев и Сиљановска - Давкова била исклучително конструктивна и со добар тон. Договорени се идни државни посети на РСМ и Бугарија, што според Стојанов, е чекор напред во дијалогот меѓу двете земји.

Тој рекол дека не би сакал да зборува за провокација во случајов, во ситуација кога се бара чекор напред во развојот на односи. - Не е коректно да се мешаме со знамиња во оваа ситуација. Ако државник од соседната земја доаѓа да пие кафе во Бугарија, дали треба да ставиме знамиња. Непотребно влошување на ситуацијата, рекол Стојанов.

Заради фотографирањето пред бугарското знаме на  Радев и  Сиљановска Давкова на средбата во Софија, на бугарскиот амбасадор во земјава Желјаско Радуков, денеска ќе му биде врачена протестна нота, според извори од МНР, од директорот на Директоратот одговорен за регионот,  а не од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

За овој настан, според извори од МНР, не било реагирано директно на средбата во Софија, бидејќи, велат, постојат протоколи за да се реагира за овој тип на ситуација. Велат дека пред самата средба на шефовите на државите бил јасно утврден протоколот и прашањето на коешто МНР ќе побара одговор е зошто бугарската страна отстапила од претходно утврдениот протокол. Изворите додаваат дека македонското знаме било истакнато на работниот ручек кој претходел на средбата меѓу претседателка Сиљановска Давкова и бугарскиот претседател Радев во Софија.

Извори од МНР велат дека сепак е конструктивно што е остварена средба меѓу претседателите на Северна Македонија и на Бугарија. Дополнуваат и дека на работниот ручек не било отворено прашањето за предлогот на државава за уставни измени со одложено дејство. Велат дека за тоа ќе се разговара откако во Бугарија ќе се избере политичка влада. 

Претходно, денеска и премиерот Христијан Мицкоски рече дека ќе му биде врачена протестна нота на бугарскиот амбасадор во земјава, повторувајќи дека како држава сме секогаш подготвени на добрососедските односи да возвратиме со добрина, но кога ќе видиме дека се поминати црвените линии ,тогаш ќе мораме да интервенираме. 

- Во минатото кога се понижуваше и распродаваше македонското достоинство, тогаш се молчеше, се виткаше кичмата и се согласуваа со тие што не понижуваа и газеа. Сега се решаваат работите на овој начин, дипломатски, се испраќаат протесни ноти и нема повеќе да имаме меѓународна политика ниту дипломатска со свиткана кичма. Тогаш кога ќе се помине рубиконот, кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба и да се реагира. Затоа што вие ако не реагирате, тој исклучок потоа ќе стане пракса, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања пред средбата со претставници на АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските комори во странство и Македонско-Германското стопанско здружение.

Мицкоски посочи, македонската делегација за непоставувањето на државното знаме не реагирала веднаш во знак на почит на двајцата пилоти, кои истиот ден го загубија животот во авионска несреќа.

Од Кабинетот на претседателката Сиљановска - Давкова во саботата најавија дека ќе побараат објаснување за фотографијата пред бугарското знаме направена во Кабинетот на претседателот на Бугарија иако, како што нагласија оттаму, ваков потег и чин не бил предвиден, ниту договорен.  

- Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна, наведоа од Кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова.

Средбата на Радев и Сиљановска Давкова беше дел од активостите на македонската претседателка при посетата на Софија по повод присуство на настапот на македонската опера во Софија со  „Набуко“, како чекор од културната дипломатија.  Во македонската делегација беа и министрите за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и за култура Зоран Љутков. лв/бак/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан