• сабота, 23 ноември 2024

Фон дер Лајен ја прифати оставката на еврокомесарот Бретон (ДПЛ) 

Фон дер Лајен ја прифати оставката на еврокомесарот Бретон (ДПЛ) 

Брисел, 16 септември 2024 (МИА) - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ја прими и ја прифати оставка на европскиот комесар за внатрешен пазар Тиери Бретон, информира денеска заменичката главна портпаролка на ЕК, Аријана Подеста.  

- Претседателката му се заблагодарува за неговата работа како комесар во текот на целиот мандат, особено за усвојувањето на Законот за дигиталните услуги, Законот за дигиталните пазари и други важни дигитални и индустриски регулативи, изјави Подеста.  

Бретон, кој беше и француски кандидат за член на идната Европска комисија, денеска упати писмо до Фон дер Лајен во кое ја информира дека поднесува оставка на функцијата и ја повлекува својата номинација за иден еврокомесар.   

Во писмото, што го објави на Икс, Бретон ја обвинува Фон дер Лајен дека „го саботира“ и дека „создава неред“ за време на транзицијата кон новите институции на ЕУ. Тој тврди и дека Фон дер Лајен и понудила на Франција „повлијателен ресор“ во новата Еврокомисија, доколку Париз предложи друг кандидат наместо него.  

Подеста одби да ја коментира содржината на писмото со оставката и обвинувањата на Бретон, посочувајќи дека тоа пристигнало утрово и дека се уште не е анализирано, додавајќи дека станува збор за процес на именување на еврокомесари што се одвива од јули и дека Европската комисија не ги коментира разговорите со шефовите на држави или влади за составот на Колеџот на комесари. 

- Претседателката продолжува да биде во контакт со сите шефови на држави или влади во врска со составот на Колеџот за новиот мандат. Овие контакти се доверливи и многу е важен односот заснован на доверба. Затоа не и ги коментираме ваквите контакти заради зачувување на оваа клучна доверливост, додаде Подеста. 

Во писмото на оставката до Фон дер Лајен, Бретон потенцира и дека во изминатите пет години како еврокомесар неуморно се стремел да го поддржува и унапредува „заедничкото европско добро над националните и партиските интереси“.  

- Сепак, во светлината на овие најнови случувања - дополнително сведоштво за сомнителното раководење - морам да заклучам дека повеќе не можам да ги извршувам своите должности во Колеџот. Затоа поднесувам оставка на функцијата еврокомесар, која ќе стапи во сила веднаш, истакна Бретон.  

Изминативе денови доаѓаа информации за тензии меѓу Фон дер Лајен и францускиот претседател Емануел Макрон околу потенцијалниот ресор што би го добил францускиот еврокомесар во новата Европска комисија. Анонимен висок претставник на партијата на Макрон, Ренесанса (РЕ), во изјава за француските медиуми нагласи дека „Франција не е задоволна со надлежностите на ресорот“ што Фон дер Лајен му го доделила на Бретон.  

Јавна тајна во Брисел е дека во односите меѓу Фон дер Лајен и Бретон „не цветаат рози“, за што сведочеа и неколкуте судири меѓу нив, од кои некои и јавни, во изминативе години. Бретон  ја нападна Фон дер Лајен откако Европската народна партија (ЕПП) пролетва реши да ја номинира за втор мандат на функцијата, а меѓу нив постоеја и несогласувања за некои кадровски решенија и политики.  

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен упати писмо до персоналот на ЕК од понеделник оние кои извршуваат помалку важни функции да работат од дома „онлајн“.

Подеста на денешната прес-конференција изјави и дека засега останува планот за утрешната средба на Фон дер Лајен со членовите на Конференција на претседатели на Европскиот парламент, што ја сочинуваат претседателката на ЕП, Роберта Мецола и првите луѓе на пратеничките групи, на која таа треба да го презентира предлог-составот на новата ЕК и распределбата на ресорите меѓу еврокомесарите и покрај очекувањата на нов кандидат од Франција по повлекувањето на Бретон и фактот дека се уште не е завршена процедурата за номинација на словенечката кандидатка за еврокомесарка Марта Кос. 

Сепак, Подеста истакна дека останува да се почека и да се види до утре, цитирајќи ја изјавата на главниот портпарол на ЕК, Ерик Мамер од петокот на оваа тема дека 24 часа се многу во политиката.  

Запрашана дали Фон дер Лајен побарала од унгарскиот премиер Виктор Орбан да номинира друг кандидат наместо актуелниот еврокомесар Оливер Вархеји, кој, како што беше речено во прашањето „предизвика многу контроверзии во текот на изминатите неколку години“, и ако не, зошто на побарала, Подеста одби да коментира, повикувајќи се на потребата од задржување на односот на доверба и доверливост.  

Пред отпочнување на постапката за избор на новата Европска комисија, Фон дер Лајен побара од земјите членки на ЕУ да номинираат по еден мажи и една жена за кандидати за еврокомесари за да има можност да обезбеди родова рамноправност во идниот Колеџ на комесари. Ова барање не важеше за земјите кои ги номинираа актуелните еврокомесари.   

Но, освен Бугарија која позитивно одговори на барањето на Фон дер Лајен, останатите земји членки предложија само по еден кандидат за еврокомесар од кои мнозинството мажи. Во такви услови, се појавија информации дека Фон дер Лајен побарала од „некои земји членки“ да ги заменат своите предложени кандидати мажи со жени, по што кандидатите на Романија и Словенија за еврокомесари се повлекоа и наместо нив беа номинирани жени.  

Европската комисија одби да ги коментира информациите дека Фон дер Лајен „вршела притисок“ врз некои земји за смена на кандидатите за еврокомесари повикувајќи се на принципот на доверливост на интерната коресподенција. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан