• понеделник, 16 септември 2024
МИА Радио Флеш

  16 септември  2024

 

 

Скопје - Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ) денеска ќе го повика бугарскиот амбасадор во државава Желјаско Радуков за фотографирањето пред бугарското знаме на претседателите Румен Радев и Гордана Сиљановска на средбата завчера во Софија. 

-Во врска со најавата на претседателката Сиљановска Давкова информираме дека во текот на утрешниот ден во Министерството за надворешни работи  и надворешна трговија на разговор ќе биде повикан Амбасадорот на Република Бугарија, потврдија вчера од МНРиНТ.

Скопје - Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти (КИНСИВ) денеска почнува активности во Давателот на навигациски услуги М-НАВ како дел од истрагата  за безбедносниот настан на небото над Скопје на 7 септември во кој според објавите е избегнат судир на два авиона. За настанот постапува и Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), а ако се утврди дека има кривично дело  наодите треба да се достават до Основното јавно обвинителство.

- В понеделник влегуваме во М-НАВ и ќе ги направиме потребните разговори, ќе ги преслушаме снимките од разговорите на контролорите со пилотите на авионите, а и ќе ги погледнеме и снимките. Ние не утврдуваме вина, туку причина која довела до ваков инцидент. Исто така, ќе побараме изјави од пилотите на двата авиона преку нивните воздухопловни власти, па ќе ја информираме јавноста. Се друго во моментот ќе биде шпекулација, изјави за МИА во петокот Зоран Илиевски, претседател на КИНСИВ.

Скопје - Во посета на Собранието денеска ќе биде делегација од германскиот Бундестаг. 

Членовите на Бундестагот ќе имаат одвоени работни средби со комисиите за економски прашања, труд и енергетска политика за социјална политика, демографија и млади.

Скопје - Повеќе од 100 менаџери на германски, македонски и други интернационални компании кои се лидери во стопанството во земјава ќе учествуваат на деловниот појадок со премиерот Христијан Мицкоски што го организираат Делегацијата на германското стопанство АХК, дел од мрежата на германските комори во странство, и Македонско-германското стопанско здружение.

Скопје - Од денеска во аптеките во земјата ќе се издаваат и деветте нови лекови на позитивната листа. На листата се додадени лекови за крвен притисок, за срцеви заболувања, анти-агреганси, лекови за третман на депресија и за деменција. На товар на Фондот за здравство ќе бидат антикоангулансите Prasugrel и Ticagrelor, Nebivolol, Perindopril, Valsartan, Fenofibrate, лекови против висок притисок и високи масти, како и Escitalopram, Memantine, Duloxetine, кои се антидепресиви и лекови за третирање деменција.

Скопје -  Министерството за економија денеска треба да добие Предлог од работната група за есенската потрошувачка кошница со според најавите 100 прехранбени земјоделски производи со ограничени трговски маржи или замрзнати цени.

Според најавите, со есенската кошница треба да бидат опфатени зеленчук, овошје, пекарски, млечни производи,...

Предлогот треба да биде усвоен утре на редовната седница на Владата.

Скопје – Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“ Скопје организира маалско дружење и Вело-бус во општините Кисела Вода, Гази Баба, Центар и Аеродром по повод Европската недела на мобилност. 

Оваа година, од 16 до 20 септември Гоу Грин организира два настана во општините Кисела Вода, Гази Баба, Центар и Аеродром. 

Едниот настан е Вело-бус преку кој со деца и родители на велосипеди, тротинети и ролери заеднички ќе се движат кон училишта и градинки.

Скопје - Премиерната изведба на музичката композиција на Нил Бранд за немиот филм на Алфред Хичкок „Уцена“ од страна на студентите од Институтот FAME’S ќе биде изведена вечерва од 20 часот во кино „Милениум“.

Како што информираат од Кинотека на Македонија, изведбата е во рамките на Фестивалот на нем и класичен филм на Кинотека на Македонија, во соработка со Кино Балкан и ќе биде водена од маестро Мириан Хухунаишвили.

Скопје - Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за култура и туризам на која на дневен ред е Предлог на закон за изменување на Законот за културата, по скратена постапка.  

Скопје - Со манифестацијата „Движи се за здравје“, Детскиот културен центар – Карпош денеска ќе ја одбележи Европската недела на мобилност.

Како што информираат од ДКЦ Карпош, со почеток од 10 часот на фонтаната „Лотус“ денеска ќе биде вистински спортски спектакл со децата од градинките од Град Скопје. 

Скопје -  Новата збирка раскази „Дирижабл над поле со пченки“ на современиот македонски поет, прозаист, есеист, преведувач, универзитетски професор и академик Влада Урошевиќ е објавена на руски јазик. Преводот е на поетесата Олга Панкина, позната руска македонистка и преведувачка. 

Скопје – Во галеријата на Младинскиот културен центар вечер од 20 часот ќе биде отворена групната изложба „Млада уметност“, на која ќе бидат претставени над 20 млади автори.

Како што информираат од МКЦ, на изложбата ќе  учествуваат младите уметници Стефан Анчевски, Јоана Арсовска, Тамара Блажевска, Елена Гелева, Ивана Ивановска, Зафир Јованов, Методија Јованов, Павел Јовановски, Дурмиш Ќазаим, Ваџит Ќерими, Саре Ќерими, Давор Ќешкец, Ана Костовиќ, Петар Миљковиќ, Ивана Мојсовска, Сандра Нау, Доротеј Нешовски, Симона Новаковиќ, Ивона Петрова, Мартина Спасовска, Олимпија Камчева, Ана Тодоровска, Никола Тренов, Риџет Ферати и Димитар Чакар.

Будимпешта – Македонската машка шаховска репрезентација забележа победа, додека шахистките одиграа нерешено во дуелите од 5. коло на 45. Олимпијада што се одржува во Будимпешта.

Македонските шахисти во 5. коло триумфираа со максимални 4-0 во дуелот против Ел Салвадор и се позиционирани на 38. место со 6. меч поени. Во денешното 6. коло за противник ќе ја имаат селекцијата на Хонг Конг.

На женскиот олимписки турнир, Македонија во 5 коло одигра нерешено 2-2 против Јордан и се наоѓа на 83. место со 5. меч поени.

Противник на македонските шахистки во 6. коло ќе биде репрезентацијата на Киргистан. 

Варшава/Прага/Виена - Бројот на загинати во поплавите во централна Европа вчера се искачи на осум, откако илјадници луѓе беа евакуирани од своите домови во Полска, Чешка, Австрија и Романија. Циклонот „Борис“, донесе обилни дождови од Австрија до Романија, што доведе до најголемите поплави во речиси три децении во тешко погодените области на Чешка и Полска. Илјадници куќи беа оштетени за време на викендот, мостови беа однесени, а најмалку 250.000 домаќинства, главно во Чешка, останаа без струја.

Брисел – Од денеска до четврток во Стразбур ќе се одржи пленарно заседание на Европскиот парламент на кое централен настан ќе биде дебатата на европратениците со унгарскиот премиер Виктор Орбан, посветена на претседавањето на Унгарија со ЕУ. 

Покрај пленарната сесија, за утре во Стразбур е предвидено претседателката на Европската комисија да ги презентира предлог-составот на новата ЕК и распределбата на ресорите меѓу еврокомесарите пред членовите на парламентарната Конференција на претседатели, што ја сочинуваат претседателката на ЕП, Роберта Мецола и првите луѓе на пратеничките групи. 

Киев – Русија синоќа со дронови го нападна Киев, а украинската противвоздушна одбрана пресретна и uништи речиси 20 беспилотни летала.

Тоа е осми руски напад овој месец врз Киев.

Руски беспилотни летала се движеа кон Киев од различни правци и во неколку групи, објави на Телеграм шефот на воената администрација на Киев, Сергеј Попко.

Аман - Јорданскиот крал Абдула Втори го назначи својот долгогодишен помошник, актуелен шеф на неговиот кабинет, за нов премиер на кралството, објавија американските медиуми.

Кралскиот двор соопшти дека кралот побарал од Џафар Хасан, поранешен министер за планирање, да формира нова влада.

Хасан е доктор по политички науки на Универзитетот во Женева и магистер по јавна администрација на Универзитетот Харвард. Тој ќе го замени актуелниот премиер Бишер ал-Хасауне, чиј кабинет поднесе оставка во неделата како резултат на парламентарните избори. 

Отава – Два земјотреса со интензитет од 6,5 и 4,7 степени според Рихтеровата скала синоќа се регистрирани на северниот брег на канадската провинција Британска Колумбија.

Епицентарот на земјотресите бил во Тихи Океан на длабочина од 10 километри. По земјотресите не беше издадено предупредување за појава на цунами.

Пјонгјанг - Севернокорејската министерка за надворешни работи Чое Сон Хуи замина за Русија за да учествува на четвртиот Евроазиски женски форум и на женскиот форум БРИКС во Санкт Петербург, соопшти московската амбасада во КНДР, пренесе БТА.

Од амбасадата посочија дека е предвидено министерката да има говори и да учествува во дискусии на форумот што ќе се одржи од 18 до 20 септември.

Вашингтон – По вчерашниот вооружен инцидент во близина на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трам уапсен е 58 годишниот Рајан Весли Рут.

Агенти на Тајната служба отвориле оган врз лице вооружено со полуавтоматска пушка, кое го вперило оружјето кон голф-клубот на поранешниот претседател Доналд Трамп во Вест Палм Бич, Флорида, додека тој играл голф.

Републиканскиот претседателски кандидат е неповреден и безбеден, соопшти полицијата, а ФБИ го истражува инцидентот како „обид за убиство“.

Ханој - Бројот на загинати во Виетнам од тајфунот Јаги се искачи на 281, а 67 лица се уште се водат како исчезнати, соопштија властите, цитирани од ДПА.
Јаги е најсилниот тајфун што го погодил Северен Виетнам во последните 30 години.

Повеќе од 1.900 луѓе се повредени, се вели во извештајот на Виетнамската канцеларија за управување со катастрофи. Според Канцеларијата, тајфунот оштетил околу 235 илјади домови. Над 2,6 милиони животни главно живина и говеда, биле убиени, а преку 200 илјади хектари оризови полиња биле значително оштетени.

Лагос – Вкупно 281 осуденици побегнаа од затвор во североисточниот нигериски град Мајдугури. Тие успеале да побегнат откако затворскиот ѕид се урна поради големите поплави.

Помеѓу избеганите затвореници има и членови на исламистичката милиција Боко Харам. Мајдугури е главен град на државата Борно, каде Боко Харам напаѓа цивилни и воени цели од 2009 година.

На 10 септември обилните дождови предизвикаа пукање на брана и беа поплавени големи делови од градот Мајдугури.

Манчестер – Англискиот фудбалски гигант Манчестер Сити по повеќемесечно пролонгирање денеска конечно ќе се соочи со независна истражна комисија во врска со сомневањата за сторени дури 115 финансиски прекршоци.

„Среќен сум што почнува в понеделник“, прокоментира во петокот тренерот на Сити, Пеп Гвардиола, иронично додавајќи: „Знам дека ќе има и други гласини од нови експерти во врска со санкциите“.

Бројот на обвиненија против клубот (115) и реномето на англискиот прволигаш, кој е четирикратен последователен шампион на Англија, нудат невиден и спектакуларен карактер на она што светските медиуми веќе го нарекоа „спортско судење на векот“.

Вашингтон - Приказната за ресторанот „Мечката“ освои три од четирите категории за комедии на наградите „Еми“, но Жан Смарт ја освои третата награда за улогата на комичарка во „Трикови“, објавија американските медиуми. 

Џереми Ален Вајт и Ебон Мос-Бахрач ги освоија своите втори последователни „Еми“ награди за најдобар актер во комедија и споредна машка улога.

-Ова шоу го промени мојот живот и ми даде верба дека промената е можна, рече Вајт додека ја примаше наградата на сцената во театарот „Пикок“ во центарот на Лос Анџелес.

Остани поврзан