МИА Радио флеш
- 15 јануари 2025
15 јануари 2025
Скопје - Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во интервјуто за Алсат ТВ ги презентираше клучните реформи во јавната администрација, нагласувајќи ја потребата од повисоки стандарди и ефикасност.
-Кампањата под мотото „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација” е почеток на значајни реформи, пакет закони кои ќе ни овозможат дополни критериуми за нововработените во јавниот сектор и ќе обезбедат постојано следење на работните задачи на секој вработен, изјави Минчев.
Скопје - Утрово на Попова Шапка е најстудено, -10 степени и има најмногу снег, 60 сантиметри.
Како што информира УХМР, висината на снежната покривка е 53 сантиметри во Маврови Анови, 36 во Крушево, 28 во Битола, 25 во Дебар, 24 во Тетово, 21 во Штип, 20 во Демир Капија, 18 во Берово и Прилеп, 14 во Претор, 12 во Виница и Струмица, 8 во Охрид и 4 во Крива Паланка.
Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенцијата на дежурните екипи. Врнежи од снег со слаб интензитет се бележат во Кичево, на Пресека и Буково, информира АМСМ.
Забрани за движење на тешки товарни возила од превентивни причини има на патните правци: Маврово-Дебар, Tетово–Попова Шапка и на планискиот премин Струмица – Берово.
Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ќе одржи работен појадок со амбасадорите на земјите-членки на Европската унија акредитирани во земјава.
Состанокот, како што соопштија од МНРи НТ, се организира во рамките на воспоставената пракса на одржување на редовни работни средби со амбасадорите со цел размена на мислења за актуелни прашања од процесот на нашата интеграција во Европската унија.
Скопје - Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-мајор Сашко Лафчиски, од денеска ќе учествува на редовната конференција на Воениот комитет на НАТО во формат на началници на Генералштабови од земјите членки на НАТО и партнерите.
На претстојната конференција во првиот ден ќе се реализираат сесии со началниците на земјите членки на НАТО, на кои ќе се дискутира за повеќе теми меѓу кои безбедносната состојба во зоната на одговорност на Алијансата и подготвеноста за одбрана и одвраќање, модернизацијата и интероперабилноста на НАТО Алијансата, придонесот кон стабилноста и безбедноста, заканите, ризиците и предизвиците.
Скопје - Се уште не се знае дали претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади Илире Даути ќе биде разрешена или самата ќе даде оставка од функцијата по петочната изгласана интерпелација против неа поднесена од пратеничката група на Левица. Преостанува за нејзината судбина да одлучи собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата откако вчера претседателот на Собранието Африм Гаши преку соопштение информира дека неговата улога како претседател завршила со процесот на интерпелација.
Претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата Ѓорѓија Сајкоски во изјава за МИА вчера нагласи дека Комисијата не е надлежна самата да презема чекори и оти чека следни чекори од пратеничките групи. Од пратеничката група на Левица вчера изјавија дека ќе чекаат неколку дена да се произнесе „Европскиот фронт“ од чии редови е Даути и доколку не поднесе самата оставка од фуникцијата, тие до Комисијата за избори и именувања ќе поднесат предлог за нејзино разрешување. Од „Европскиот фронт“ вчера за МИА истакнаа дека Даути ужива целосна политичка поддршка.
Скопје - Во Собранието денеска ќе заседаваат две комисии - Комисијата за одбрана и безбедност и Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање.
Членовите на Комисијата за одбрана и безбедност ќе расправаат по Предлог - одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Организацијата на обединетите нации „УНИФИЛ“, во Република Либан, во второ читање и Информацијата за потребата од набавка на воена опрема од Владата на Соединетите Американски Држави преку прифаќање Писма за понуда.
Атина – Прашањата од надворешната политика на Република Кипар ги одредува Република Кипар, порача кипарскиот претседател Никос Христодулидис, одговарајќи на новинарско прашање за ставовите на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во однос на евентуалното членство на Кипар во НАТО, јави дописничката на МИА од Атина.
Лавров за време на прес-конференција за резултатите на руската дипломатија во 2024 година, како што пренесоа руските медиуми, рекол дека Западот го убедува Кипар да влезе во НАТО под антируски услови и ја споредил ситуацијата со Кипар и барањата на ЕУ кон Србија, велејќи дека и Белград и Никозија се принудени на секој можен начин да ја намалат соработката со Русија во различни области.
Приштина - Косово во дијалогот со Србија ќе инсистира на реципроцитет и еднакви услови за двете страни, е ставот на владејачкото движење Самоопределување (ПС) пред парламентарните избори во Косово на 9 февруари, а може да се заклучи од досега кажаното од оваа партија на јавните настапи и во неколку клучни точки од програмата за дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
Секој договор мора да се заснова на еднаков третман и меѓусебно почитување, е дел од програмата на Самоопределување што ја води премиерот Аљбин Курти.
Берлин - Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер и вети на меѓународната заедница континуитет во надворешната политика на Берлин, без оглед на исходот од изборите следниот месец за Бундестагот.
- Иако сите со нетрпение ги очекуваме резултатите, едно нешто ќе остане смирувачки без изненадувања: тоа е нашиот надворешнополитички компас, рече Штајнмаер на синоќешниот новогодишен прием за дипломатскиот кор во неговата официјална резиденција во Берлин, палатата Белви.
Париз - Францускиот премиер Франсоа Бајро нема да се откаже од пензиските реформи на претседателот Емануел Макрон, изјави извор близок до Макрон, што ги доведува во прашање изгледите за договор со опозицијата потребни за усвојување на буџетот за 2025 година.
Бајро тоа го кажал на состанокот со претставниците на централната партија пред клучниот политички говор во вторник, во кој ќе ја претстави својата програма во Парламентот.
Москва - Блискиот советник на рускиот претседател Владимир Путин, Николај Патрушев, инаку поранешен секретар на рускиот Совет за национална безбедност, во интервју за весникот „Космомолскаја Правда“ изјави дека и Украина и Молдавија би можеле да престанат да постојат како независни држави, пренесе ДПА.
-Не може да се исклучи Украина оваа година да престане да постои, изјави Патрушев, додавајќи дека и Молдавија најверојатно „ќе се приклучи на првата држава или целосно ќе престане да постои“.
Киев - Германија ќе испорача дополнителни 60 наведувани ракети ИРИС-Т на Украина за да ги зајакне нејзините капацитети за воздушна одбрана против руските напади, дознава ДПА.
Испораката вредна 60 милиони евра (61,8 милиони долари) треба да биде извлечена од залихите на германските вооружени сили, Бундесверот. Поради тешката ситуација во Украина, одлуката е донесена без целосно да се реши рефинансирањето.
Вашингтон - Поротата во Вашингтон во вторникот му наложи на „Баер“ да плати 100 милиони долари на четворица луѓе кои велат дека се разболеле од токсични хемикалии познати како ПХБ во училиште во Сиетл, но утврди дека компанијата не е одговорна за повредите што ги навеле 11 други лица.
Пресудата, која уследи по двомесечно судење, е последна во серијата тужби против компанијата поради наводно загадување во едукативниот центар Скај Вали во Монро, Вашингтон.
Њу Делхи - Швајцарската веб-страница IQAir денеска го рангираше Њу Делхи за најзагаден град во светот, со индекс на квалитет на воздухот од 495, рангирајќи го како „многу опасен“.
Густата магла и студеното време го одложија денеска полетувањето на авионите и тргнувањето на возовите во неколку делови на северна Индија, вклучувајќи го и главниот град Њу Делхи. Индиската метеоролошка служба издаде портокалова тревога за Њу Делхи, второто највисоко ниво на тревога, предвидувајќи густа до многу густа магла во многу области, пренесуваат британските медиуми.
Хавана – Владата на Куба вчера соопшти дека ќе ослободи 553 затвореници по најавата на американската администрација во заминување дека ќе ја отстрани карипската земја од листата на држави кои спонзорираат тероризам.
- Одлуката на САД е чекор во вистинската насока, изјави кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригез но додаде дека мерките се „задоцнети и ограничени“.
Вашингтон - Американската Комисија за хартии од вредност (СЕК) синоќа поднесе тужба против Илон Маск поради тоа што милијардерот во 2022 година извршил измама бидејќи не го декларирал сопствеништво во Tвитер и купувал акции по „вештачки намалени цени.“
Маск, кој е исто така извршен директор на Teсла и СпејсЕкс, плати 44 милијарди долари за социјалната мрежа што подоцна ја преименува во „Икс“. Според СЕК, пред преземањето, тој го окрупнал својот удел во кпманијата до пет отсто и бил обврзен да објави за тоа, но тоа не го направил.
Сеул - Суспендираниот јужнокорејски претседател Јун Сук Јеол денеска е приведен поради тоа што накратко воведе воена состојба во декември, јави официјалната новинска агенција Јонхап.
Полицајците и персоналот од канцеларијата за борба против корупцијата на Јужна Кореја утрово го придружуваа Јун од неговата резиденција за да го одведат до канцеларијата на јавниот обвинител во нивниот втор обид да го сторат тоа, информира Јонхап.
Лондон - Ирска е блиску до формирање нова влада, откако беше постигнат договор меѓу партиите Фиана Феил и Фајн Гаел и „Регионалната независна група“ за формирање на следната влада, објавија ирските медиуми.
Поминаа месец и половина од изборите, на кои ниту една партија не го доби мнозинството мандати потребни за владеење. Новиот парламент треба да заседава на 22 јануари.
Тел Авив - Израел и Хамас синоќа постигнаа начелен договор за размена на заложници и во моментов работат во Доха на финализирање на деталите од договорот, изјавија двајца арапски претставници за „Тајмс оф Израел“.
Едно од главните прашања што допрва треба да се реши се однесува на прецизните параметри на повлекувањето на израелските сили од Газа, а посредниците се уште чекаат мапа од Израел што ќе ја разјасни таа точка, изјавија арапските власти.
Рим – Шефот на италијанската дипломатија Антонио Тајани и неговата централно-десничарска партија „Форца Италија“ синоќа ги повикаа Италијанците во Германија да ја поддржат конзервативната алијанса ЦДУ-ЦСУ на предвремените парламентарни избори на 23 февруари.
Сојузот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и баварската Христијанско-социјална унија води во анкетите, но со минимална предност во однос на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД).
Лондон - Секретарката за економија во британското Министерство за финансии, Тулип Сидик, поднесе оставка поради врските со нејзината тетка, премиерката на Бангладеш Шеик Хасина, која беше сменета минатата година по неколкунеделни протести.
Сидик, која беше одговорна за борба против корупцијата, беше спомената минатиот месец во антикорупциска истрага во Бангладеш против Хасина, бидејќи семејството Сидик било вмешано во посредување во договор со Русија од 2013 година за нуклеарна централа во Бангладеш во кој биле проневерени големи суми пари.
Буенос Аирес - Инфлацијата во Аргентина во 2024 година изнесуваше 117,8 отсто, што е спектакуларен пад од 94 поени во однос на претходната година, што го прави горд ултралибералниот претседател Ксавиер Милеи.
Зголемувањето на цените во декември (плус 2,7 отсто) објавено вчера од Националниот институт за статистика (Индек), иако благо е зголемено во однос на ноември (плус 2,4 отсто), го покажува силниот тренд на забавување на инфлацијата што трае веќе неколку месеци.
Вашингтон - Милијардерите Илон Маск, Џеф Безос и Марк Цукерберг во понеделник ќе присуствуваат на инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, изјавија извори за Ен-Би-СИ.
Според изворот, тие ќе седнат на видно место за време на церемонијата, заедно со кандидатите од новоизбраната републиканска администрација и други избрани функционери.
Техеран – Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека земјата никогаш не планирала да го убие новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Во изјава за Ен-Би-Си Њуз тој ги негираше тврдењата на самиот Трамп и американското Министерство за правда изнесени за време на изборната кампања дека имало заговор на иранската елита за убиство на Трамп.
Вашингтон - Инаугурацијата на Доналд Трамп на 20 јануари претставува потенцијална цел за закани и насилни екстремисти, предупредија американските разузнавачки агенции.
Поради тоа, безбедноста ќе биде засилена, а се очекува да бидат распоредени околу 25.000 полицајци и воени лица за обезбедување на церемонијата на инаугурацијата, пишува американскиот весник Политико.