• среда, 09 октомври 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  13 септември 2024

 

 

Скопје – Општина Аеродром денеска промовираше единаесет машини за рециклирање што се поставени во дворовите на сите основни училишта и во две градинки. Во рамки на проектот „Clean Air – нула цврст отпад“ беа поделени и торби за домашна селекција на отпад на над 10 илјади домаќинства.

Како што информираат од локалната самоуправа, со ова општината им за цел да ја подигне свеста за зачувување на здравата и чиста животна средина, особено кај најмладите, а притоа и да ја развие конструктивната компетитивност меѓу основците.

- Токму затоа, 11-те машини за рециклирање ги поставивме во дворовите на училиштата и градинките, затоа што навиките се создаваат од најмала возраст. Се надевам дека претставуваме добар пример и оттука ги охрабруваме сите општини да имплементираат ваков или сличен проект, а ние сме тука да им дадеме безрезервна поддршка, изјави в. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, во воведното излагање на настанот што се одржа во ООУ „Лазо Ангеловски“.

На настанот присуствуваше и министерот за локална самоуправа Златко Перински, кој истакна дека овој проект е од огромно значење за општината и за државата, бидејќи не само што придонесува за почиста и поздрава животна средина, туку претставува и мост до Европската Унија. 

- Преку овој модел на зајакнување на капацитетите на општините за справување со големите количини отпад, како и едукација на граѓаните за важноста од селектирање и рециклирање, директно придонесуваме во насока на исполнување на критериумите од поглавјата поврзани со еколошки прашања и животната средина, истакна Перински. 

Проектот се спроведува со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во Скопје и Швајцарската амбасада, кои за негова реализација одвоија околу 600 илјади евра.

- Во моментов на глобално ниво се соочуваме со голем проблем при управувањето на отпадот, а од друга страна, едно од најсложените прашања во преговорите за ваш пристап во Европската Унија е токму начинот на справување со отпадот, што се протега во повеќе поглавја, нагласи шефот за соработка при Делегацијата на Европска Унија, Штефен Худолин.

Тој истакна дека ЕУ досега има инвестирано 40 милиони евра и дополнителни 20 милиони евра токму за справување со ова прашање, но, како што рече, сè уште не се остварени посакуваните цели.

Амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман, укажа на тоа дека општините имаат многу важна одговорност при справувањето со отпадот и неговото правилно селектирање.

- Овој проект претставува иновативен пристап на Општина Аеродром затоа што не само што ја подига свеста кај најмладите туку и им остава простор за финансиски придобивки од селекцијата на отпадот, изјави Улман.

Скопје - Во реонскиот парк во Ѓорче Петров в недела напладне ќе се одржи манифестацијата „Од Бистра преку Дервен до Ханриево: На гости во Ханриево“. Станува збор за фолклорна манифестација под покровителство на Општина Ѓорче Петров на која три години во континуитет по седум детски ансамбли од културно-уметничките друштва го презентираат нашето богато фолклорно наследство. 

Целта на манифестацијата, како што велат од Општината, е да се поттикне интересот кај најмладите за негување и зачувување на македонската традиција.

На годинашнава манифестација ќе учествуваат членови од детските ансамбли на: КУД „Гердан од бисери“ – Охрид, Ансамбл „Керамичар“ – Велес, КУД „Димитар Беровски“ – Берово, Ансамбл „Орце Николов“ – Скопје, Ансамбл „Јонче Христовски“ – Скопје и ЕФЗ „Седум осмини“ од Скопје.

Манифестацијата е во организација на Едукативното фолклорно здружение „Седум осмини“ од Ѓорче Петров и е дел од одбележувањето на Денови на Општина Ѓорче Петров.

Куманово - Две средби со надлежни институции одржаа жителите од кумановската населба „Стари лозја“ со „Хабитат“ за изработка на нов детален урбанистички план во населбата, соопштија денеска надлежните од секторот за локален економски развој од општина Куманово.

-Досега се организирани две средби со „Хабитат“, граѓаните активно учествуваа во изработка на програмата и акциските планови за изработка на ДУП-от за „Стари Лозја“. Присуствува и институциите активно работевме на детекција на локалните проблеми, моменталната состојба на населбата. Програмата се подготвува, лоцирани се контурите на ДУП-от кој опфаќа 21 хектар, избранаа е фирма која треба да почне со изработката на планот. Околу 16 хектари ќе бидат финансирани од „Ромалитико“, се врши избор на фирма и до крајот на годинава се очекува целосна изработка, изјави Ахмет Јашаровски од секторот за локален економски развој.

„Старо Лозја“ имаат постоечки детален урбанистички план, но тој не се совпаѓа со моменталните потреби на населението. Новиот ДУП ќе даде можност за поголем развој на населбата неспоредно до градот и можност за изработка на подземна и надземна инфраструктура.

- Овој модел ќе се работи и може да послужи како пилот програма за други населени места во градот, изјави Јашаровски.

Општина Куманово продолжува со директни средби со граѓаните за да може да се идентификуваат клучните проблеми во населбите.

- Ќе го прифатиме ова како предизвик кој заеднички треба да се примени, изјави Јашаровски.

По направените анализи, донесено е решение за реализација на проектните активности на локацијата „Стари лозја“ – урбанистички план блок број 8. каде ќе се прави ДУП на површина околу 20-тина хектари.

Битола - Ансамблот на НУ Народен театар-Битола, утревечер на матичната сцена премиерно ќе ја изведе претставата „Галеб“ од Антон Павлович Чехов, во режија на Багрјана Попов.

На прес - конференција во Битола,  в.д. директорот на битолскиот театар Васко Мавровски истакна дека „Галеб“ е насловена како претстава комедија, но всушност е најтрагичното дело во кое се зборува за десет изгубени души кои неможе да профункционираат еден со друг.

- Оваа прес - конференција е прва во која учествувам како в.д. директор и сакам да истакнам дека освен почеток со нова премиера, ние од денеска имаме ново лого на театарот кое го посветуваме на нашиот јубилеј - 80 години Народен театар-Битола. Сметам дека овој театар има потенцијал да се вратиме таму каде што бевме, имаме потенција да бидеме најдобриот театар во Македонија и да го оправдаме приматот на најстар  театар во државата во кој што за прв пат се преговорил македонскиот јазик. Мојот мотив да прифатам една ваква функција се потпира на фактот дека ова е идентитетски столб на Битола, културен храм и затоа оваа прес конференција ја одржавме во храмот на уметноста, истакна Мавровски.

Од НУ Народен театар-Битола информираа за театарските проекти и гостувања што ќе се реализираат до крајот на годината.

- Мојата нова визија се темели на две точки. Првата е да ја вратиме публиката во театарот и да се посветиме на традицијата, на македонската драматургија бидејќи заборавивме дека ова е народен театар, театар што единствено припаѓа на публиката и на народот и ние како институција сме должни да понудиме програма која што ќе има интерес кај сите, од децата до возрасните, а не да се однесуваме како овој театар да е на некоја квази-елита и да произведуваме некаква совреме уметност која никој не ја разбира, нагласи Мавровски.

Ансамблот на НУ Народен театар-Битола на 6 октомври ќе гостува на театарски фестивал во Бјелисток-Полска, на 16 октомври ќе има премиера на монодрама со Соња Михајлова, на 25 октомври премиерно ќе биде одиграна претставата „Ричард Трети“, а на 14 ноември по повод 80 години Народен театар-Битола, публиката ќе ја види претставата „Ѓоре Магарески – 80 години потоа“. 

Скопје - Поради уличен дефект ф 80мм на ул.1559 бб во Радишани, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица, информираа од ЈП Водовод и канализација - Скопје.

Корисниците од оваа улица ќе останат без вода од 13:10 часот до завршување. 

Прилеп - Во Прилеп денеска им беа врачени 29 сертификати на возрасни кои го дооформија основното образование преку проектот на УНДП, процес што се одвиваше во ОУ „Добре Јованоски“.

Според министерката за образование и наука Весна Јаневска, Македонија не може да се пофали со висока бројка или целосна инклузија на сите луѓе во образовниот систем. Овој проект, оцени таа, е голема можност да се унапредат состојбите.

- Ние имаме помала инклузија во однос на ЕУ и во предучилишното образование, но имаме и луѓе кои не го завршиле основното, а не го завршиле ни средното образование затоа што од разни причини не биле вклучени во образовниот систем. Еве, се отселиле во странство, не се приклучиле на образовниот систем, да не ги образложувам причините. Поентата е што ние сега како држава треба да им овозможиме и им овозможуваме, тоа е значајно и тоа го регулираме и во законот за образование на возрасни да добијат тие што можат, според годините, формално образование, тие што не, да добијат неформално и формално образование за да може да се вклучат на пазарот на трудот, изјави Јаневска.

Меѓу 29-те кои ги добија сертификатите се и Артан Керимоски Кевини Рушидоски.

Керимоски се надева да добие работа.

– Бев во Германија, ама таму не успеав. Се вратив, овде се запишав да го завршам основното образование. За да имам можност да добијам возачка дозвола, работа, рече Керимоски.

Кевини Рушидоски сака да го оформи и средното образование зашто без тоа нема напредок.

- Бев во Белгија долго време. Кога се вратив, не ми беше признато школото.  Се обратив во ОУ „Добре Јованоски“, таму имаше проект за основно. Учев и заклучив дека без образование нема ништо. Планирам да продолжам и средно образование за да имаме можности за работа, изјави Рушидоски.

Проектот за оформување на основното образование го спроведува УНДП со финансиска поддршка на ЕУ и поддршка на Министерството за образование и на локалните власти, зашто пристапот до основното образование се смета за основно човеково право.

- И за формалното, и за неформалното образование сметаме дека ова е одлична можност која им ја зајакнува реинтеграцијата во општеството на кое му припаѓаат. Пристапот до основното образование се смета за основно човеково право и сметаме дека секој граѓанин на оваа земја треба да го поседува. Би сакал да им се заблагодарам на сите наши партнери во овој процес, на Европската Уника која ја финансира финансира оваа иницијатива, на Министерството за образование и наука, на општина Прилеп, но и на другите министерства и општини кои се вклучени, изјави Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП во Македонија.

Григорјан најави дека моментално се во процес на преговори, се дискутира со Министерството за образование и наука и со општините и потенцијалните донатори кои би можеле да го финансираат проектот понатаму.

- Размислуваме да го продолжиме овој проект и во наредната година, рече Григорјан.

Во Прилеп лани основното образование го оформиле 22- ца возрасни, а годинава сертификатите ги добија 29 граѓани, повратници во земјава. 

Битола - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска во Битола промовираше нови медицински апарати со кои се модернизираат условите за третман на пациентите во јавните здравствени установи.

На прес - конференција што се одржа во ЈЗУ Клиничка болница-Битола, министерот Таравари истакна дека станува збор за апарат што помага во ендоскопско и лапароскопско третирање на пациентите, како и артроскоп за ортопедски и трауматолошки пациенти.

- Медицинските апарати се најсовремени и интензивно ќе бидат користени во Клиничка болница-Битола. Но, ние ќе продолжиме со други инвестиции затоа што битолската Клиничка ни е посебно важна како министерство и значајна за јавното здравство во нашата држава, истакна министерот Таравари.

Тој посочи дека владата е фокусирана и на нови вработувања.

- Во разговор со директорката на битолската Клиничка болница дознав дека 18 доктори од Битола се приватни специјализанти и дека наскоро доколку се согласат и аплицирале во апликацијата што веќе е дадена од Министерство за здравство, ќе добијат решенија за работа. Тие истовремено ќе бидат обврзани да помагаат на Клиничка болница со едно, две или три дежурства неделно, за што ќе се договориме и со клиниките каде што тие специјализираат, нагласи Таравари и додаде дека во Битола но и цела држава во моментов актуелен е проблемот со средномедицинскиот кадар за што се бараат решенија до крајот на буџетската година дел од вработените да добијат решенија.

Директорката на ЈЗУ Клиничка болница-Битола, Ненси Лозанче очекува со поддршка на владата да се подигне нивото на болницата. 

Кавадарци - Вкупно 259 лица пријавиле штети од врнежи од град во општина Кавадарци. Како што појасни Зоран Младеновски, советник за заштита на животната средина при кавадаречката локална самоуправа, во изјава за МИА, се работи за елементарна непогода од градобијни зрна, што направиле штети врз земјоделските култури од осумдесетина проценти во два наврата на кавадаречка територија. 

- Општина Кавадарци објави јавен повик за отштета од елементарна непогода град во катастарска општина Дреново што беше зафатена на 27 јуни 2024 година и катастарска општина Кавадарци зафатена на 20 август. Комисијата составена од членови вработени во Општината и советници во општинскиот Совет, изготвува елаборат со пресметани количини на оштетените земјоделци и го доставува до Влада на Република Северна Македонија - Комисија за проценка и утврдување на штета од елементарни непогоди, по што следува обесштетување, додаде Младеновски. 

Всушност, 72 лица пријавиле штета во дреновско и 187 во катастарска општина Кавадарци, или вкупно 259 пријави за штети од градобијни зрна. 

Гостивар – Во полошкиот регион само седум проценти од занаетчиите и малите бизниси се пријавуваат на јавните повици за државна поддршка и тоа разочарувачки факт, рече министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши кој денес беше во работна посета на Гостивар.

Министерот Дурмиши имаше средба со занаетчии и сопственици на мали бизниси од гостиварско како дел од иницијативата и акциски план на ресорното министерство и е трета средба по оние во Чаир и Прилеп.

Дурмиши на овие средби ги објаснува условите во објавени јавни повици за поддршка на мали и средни претпријатија и занаетчии, но напомена дека одзивот е слаб, особено во тетовско-гостиварскиот регион.

- Факт што е разочарувачки е дека кај нас само седум проценти од полошкиот регион аплицираат на овие јавни повици. Така што, ние ќе му дадеме повеќе внимание за да се биде исто како и другите региони. Ќе ги информираме за начинот за аплицирање и ќе зборуваме со нив за нивните предизвици и да им излеземе во пресрет, изјави министерот Дурмиши.

Тој не ги знае причините за ваквиот одзив и напомена дека на овие средби ќе се добијат повеќе одговори со што како што рече ќе се сопре трендот на намалување на бројот на занаетчии.

Првиот човек на националната комора на занаетчии, Агрон Фазлија, посочи дека од причините за слабиот одзив на јавните повици е неинформираноста, но и незаинтересираноста на сметководителите кои, како што рече треба да ги упатат занаетчиите за можноста да добиваат финансиска и друга поддршка

- Повиците се на веб-страната на Министерството за економија, сметководителите треба да ги информираат своите клиенти бидејќи тие плаќаат за тоа. Нема секој занаетчија можност да го најде повикот и да знае кои документи му се потребни. Затоа националната комора ова го лоцира како конкретната причина за малиот број на пријави, рече претседателот на коморота на занаетчии на Македонија Агрон Фазлија.

Тој на новинарско прашање како да се подобри оваа ситуација, одговори дека тоа ќе мора да се прави низ директни средби со сметководителите за да им се објаснат мерките и да има што повеќе вршители на занаетчиска дејност кои аплицираат за мерката.

Фазлија искажа задоволство од ангажманот на министерот и дека заеднички ќе се справуваат со сивата економија во Македонија.

Домаќин на средбата во Гостивар, беше вршителот на должноста градоначалник на општината, Ваљбон Лимани. Министерот со негово разговарал за можната на проширување на соработката и како локална самоуправа да помогнат во развојот на малите бизниси. 

Дебар - По одбележувањето на патронот, заштитник, закрилник и небесен застапник, светиот славен и чесен пророк, Претеча и Крстител господов, Јован, Бигорски манастир им оддаде почит на ктиторите на Светата Бигорска Обител, пред се на првиот ктитор на светата Бигорска Обител, свети Јован Дебранин – Бигорски, Архиепископ Охридски.

-И оваа година, во Бигорската Света Обител, празничниот амбиент за споменот на славниот Претеча и Крстител Господов Свети Јован, кој е секогаш тука за сите кои го поминуваат бурното море на животот, беше заокружен со свечената Ктиторска вечерна богослужба. Веднаш по службата, Старецот на Обителта, Епископот Антаниски г. Партениј, отслужи молитвен спомен, на која со смирение и благодарност се помоливме за покој на душите на сите блаженоупокоени бигорски ктитори, градители, благоукрасители,  монаси, кои го посветиле својот живот на овој свештен илјадалетен Манастир, вели сестра Ефимија.

Според неа празничното молитвено собрание продолжило и вчера попладне, со света Божествена Евхаристија, со молитвен помен за сите оние што ги вложиле своите животи и дела во темелите на Бигорскиот манастир. 

-Со благодарност ги спомнуваме сите наши претходници во расо, кои со своите трудови, пот и молитви придонесоа за величието на Претечевиот дворец, а пред сѐ , Свети Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв Ктитор на нашата Света Обител, кој го основал овој славен Манастир во 1020 лето, на местото каде што, според преданието и древните манастирски летописи, како пустиножител ја пронашол чудотворната икона на Свети Јован Крстите а на чија молитвена поддршка ние денес смирено се крепиме, додава сестра Ефимија.

Со Светата архиерејска Литургија чиноначалствуваше епископот Антаниски г. Партениј, кој ја принесуваше бескрвната жртва на Господа и Бога и Спасителот наш Исус Христос во молитвено сослужение со браќата од Бигорски и со презвитерите од православната Црква на Албанија, отец Ирине Гега од Ставропигијалниот манастир „Св. Јован Владимир“ во Шијон, Елбасан, отец Спиро Пипа и отец Никола Давиди од Митрополијата на Аполонија и Фиер.

-По молитвите на Свети Јован Дебранин и на сите бигорски свети отци и подвижници, Господа Бог да ја зачува и утврди нашата Света Обител, Старецот и монашкото братство и сестринствата во веки веков, посакано е на литургијата. 

Празнично богослужение во чест на ктиторите, посочува сестрата, е според востановената пракса на православната еортологија, по секој поголем празник, Господов или Богородичен, во спомен на светителите кои директно или индиректно учествувале во спасителните историски настани поврзани со празникот. 

По истиот пример, следејќи го древното манастирско предание, по централната слава на еден манастир, се врши спомен на првиот ктитор и на сите останати ктитори, градители, игумени, монаси и подвижници кои го граделе и се подвизувале во манастирот низ вековите. 

Дебар – Дебарското одделение за внатрешни работи поднесе кривични пријави против дебарчанец и жител на Струга, за сторено кривично дело „демнење“.

-Поднесена е кривична пријава против Р.И.(43) од Дебар и Т.Б.(30) од струшкото село Корошишта поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „демнење“. Пријавениот Р.И. своерачно напишал повеќе анонимни писма со лажна и тенденциозна содржина, со користење на лични податоци на лице вработено во ОВР Дебар, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

Според него на 22 јуни годинава Р.И. му ги предал писмата на Т.Б., кој, како помагач и соизвршител на делото, писмата ги доставил во поштата во Струга и ги пуштил на неколку службени адреси.

-Со ваквото постапување, пријавените кај оштетениот предизвикале психичка вознемиреност и чувство на несигурност, додаде Димоски.

Велес - Општина  Велес аплицирала на јавниот повик за финансирање на проекти од инфраструктурен карактер до Владата со проект за изградба на подземна гаража кај Основниот суд, за простор за околу стотина возила, а потоа и за изградба на нов плоштад врз неа.

Во изјава за МИА, градоначалникот Марко Колев денеска посочи дека очекува позитивен одговор по ова барање до  Владата, за овој значаен капитален објект на градот, подземна гаража и нов плоштад вреден три милиони евра.

- Се надеваме на позитивен одговор од Владата за изведба на подземната катна гаража и уредување на градскиот плоштад, со што централното градско подрачје ќе биде функционална целина и ќе се решат многу значајни проблеми за велешани, објави Колев.

Колев информира дека за оваа катна гаража веќе имаат готов проект, имаат ревизија издадено решение за градба и сообраќајно решение.

Македонска Каменица - Општина Македонска Каменица со два проекти аплицираше на јавниот повик за финансирање на проекти од инфраструктурен карактер кој што е наменет за единиците на локална самоуправа.  Градоначалникот на оваа општина Димчо Атанасовски информираше дека се работи за проекти од огромно значење на самите жители.

 -Во текот на вчерашниот ден, до Министерството за локална самоуправа ги доставивме проектите за финансиска поддршка од Владата. Општина Македонска Каменица аплицираше со проектите: Изградба на улица Питу Гули и Целосна реконструкција на дел од главен пат до Ситновско маало во Стара Каменица, истакна Атанасовски 

Оваа поддршка, за локалната самоуправа како што додаде ќе овозможи реализација на проекти со кои ќе бидат задоволени елементарни потреби на граѓаните. 

-Нашето работење го насочуваме кон подобрување на локалната инфраструктура со спроведување на проекти кои имаат позитивно влијание и значење за целата локална заедница. Однапред изразувам јавна благодарност до премиерот, Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа, Златко Перински кои даваат силна поддршка за единиците на локалната самоуправа, додаде Атанасовски.

Изградбата на овие две улици според него, ќе биде и исполнување на барањата на жителите од споменатите населени места, кои ќе добијат подобра сообраќајна комуникација со останатиот дел од градот.

Куманово - Жителите на кумановската населба Карпош ќе чекаат додека не се донесе новиот генерален урбанистички план за да може да ги прошират постоечките гробишта во населбата, соопштија денеска надлежните од општината. Претставници на месното население од кумановската населба Карпош бараат решавање на деценискиот проблем со постоечките гробишта во населбата. На средбата со надлежните општински институции и со претставниците на советот, месното население бара да се надмине овој проблем, да се овозможи проширување на гробиштата, кој по укинувањето на месните заедници е невозможен за месното население.

Претседателката на Советот на општина Куманово Ивана Ѓорѓиевска денеска изјави дека Советот се обидел да изнајде изнајде решение за проблемот кој е како што посочо е голем, реален и датира од 2005 година кога е укината постоечката урбанистичка документација за оваа населено место и е направен вакуум простор до донесувањето на новиот ГУП во кој населбата ќе стане дел од градот и Советот може да донесе Одлука со која гробиштата ќе се дадат на управување на ЈП, „Чистота и Зеленило“ а земјиштето планирано за нови гробни места ќе може да се експроприра.

- Остваривме средба, ги информиравме граѓаните дека не е можно да се донесе ново решение за овој горлив проблем кој трае скоро две децении. Сè додека не се донесе новиот ГУП граѓаните ќе имаат проблем. Наоколу има ниви кои можат да се откупат, но  потребно е да се донесе новиот ГУП, изјави Ѓорѓиевска.

На почетокот на годинава беше одобрена е планската програма за новиот ГУП на Куманово. Согласно Законот за урбанистичко планирање, официјално е отпочната постапката за донесување на нов ГУП. Општината ја достави планската програма до Агенцијата за планирање на просторот која ќе ја подготви документациската основа и нацрт фазата за самиот план. Куманово ги обезбедува потребните студии и елаборати, обезбедена е хидролошката, студија за урбано зеленило и за студија за стабилност на земјиштето за планскиот опфат кој се проширува.

Според прелиминарните граници на проширување важечкиот генерален урбанистички план е 1.866, 3 хектари, прелиминарната граница на новиот е 3.559, 3 хектари или двојно повеќе. Во новиот ГУП влегуваат приградските населби Карпош, Иго Тричковиќ, Железничка станица, делот помеѓу Куманово и село Биљановце, дел помеѓу Куманово и село Доброшане … оние кои немаат статус ниту на град, ниту село.

Претходно беше потпишан трипартитен договор помеѓу општина Куманово, Министерството за транспорт и врски и Агенцијата за планирање на просторот.  Куманово ја почна постапката за изработка на ГУП пред неколку години. Постапката е сложена, скапа, но ќе понуди решенија за многубројните проблеми со кои се соочува градот изминативе децении, сметаат стручните. Планот треба да обезбеди нови сообраќајни решенија со кои ќе се реши метежот, формирање нови населби, повеќе зеленило, пешачки зони, ефикасен јавен транспорт, уредени простори, наменети за сите. 

Кочани – Локалната самоуправа на Кочани воспоставува соработка со германскиот град Кастроп Рауксел за да реализира заеднички проекти од областа на екологијата и промоциј на туризмот, а што дополнително треба да бидат определени со поддршка од граѓанскиот сектор од нашата општина.

На првата работна средба што денеска се одржа во Мултикултурниот центар во Кочани, а на која присуствуваше и германскиот координатор Штефан Тројхе, беше истакнато дека финансиската поддршка за реализација на проектот е обезбедена преку Фондот за мали грантови на покраината Северна Рајна Вестфалија.  

-Наша цел е да реализираме проекти со кои ќе се искористат и афирмираат природните потенцијали што ги имаат општината и регионот. Всушност, оваа почетна соработка и поддршка од германските партнери е добра можност за да се квалификуваме за втората фаза од проектот на Фондот. Од нашите пријатели од Кастроп Рауксел очекуваме размена на искуства, особено во искористувањето на геотермалните ресурси со кои располагаме, истакна градоначалникот нa Кочани, Љупчо Папазов.

Средбата во Кочани, на која присуствуваа претставници од образовните институции, од општинската администрација и од невладиниот сектор, имаше и интерактивен карактер. Притоа, учесниците даваа предлози за спроведување еколошки акции, развој на екотуризмот и управување со водите и речните текови во општината, како и за образовни проекти во оваа област.

По почетните контакти, со германската финансиска поддршка ќе се изработи и физибилити студија за потенцијаталите на општина Кочани, а во наредниот период ќе следуваат тематски средби и посети на наши и претставници од Кастроп Рауксел, за продлабочување на соработката.

Остани поврзан