• вторник, 17 септември 2024
МИА Флеш

16 септември 2024

- Народната банка предупредува на шема на нов и многу опасен начин на „фишинг“, каде со внесување на податоци од платежната картичка и доставен ОТП код за авторизација, се превземаат платежните сметки на клиентите од страна на измамници и ги повикува граѓаните на поголема внимателност.

Од Народната банка појаснуваат дека до граѓаните пристигнува фишинг порака (СМС, е-маил), во која се наведува на итност за исплата, испорака на пакет и слично и се дава врска на која треба да се уплати. 

- Премиерот Христијан Мицкоски очекува до крајот на годината уште три инвестиции со кои, како што денеска изјави, значително ќе се зголеми економската активност и позотивно ќе се влијае врз растот на БДП.

Мицкоски  очекува, како што рече, многу скоро, уште денеска нов камен темелник на една белгиско-германска компанија. Посочи дека очекува и проширување на капацитетите на компаниите кои се веќе присутни и работат во земјава.

- Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека предлогот од Министерството за економија дали ќе се замрзнат цените или ќе се ограничат маржите на дел од прехранбените производи можеби нема да се најде на утрешната владина седница доколку е потребно време за усогласување на засегнатите страни. 

- Производителите, трговците и Владата ќе разговараат за да се најде најдобриот начин да им се помогне на граѓаните, но и да биде задоволна и другата страна во однос на намалувањето на цените на прехранбените продукти, рече Мицкоски.

- Во соработка со раководството на ФИТР откривме недоследности во бројни предмети, за дел од нив веќе е побарано враќање на средства, додека за останатиот дел, отпочнуваме правна и финансиска ревизија за да се открие вистината како се потрошени парите на граѓаните.", истакна министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски на гостувањето во емисијата “DailyClick” на ТВ21.  Андоновски појасни дека поголемиот дел од недоследностите се токму фирми кои се блиски на оската СДСМ-ДУИ кои изминативе години го "ограбија" државниот буџет.

- Хируршки микроскоп што ќе овозможи нови, современи процедури според најмодерна технологија, со максимална прецизност, доби денеска државната Очна клиника во Скопје. Како што изјави министерот за здравство Арбен Таравари, се работи за апарат којшто е многу важен во функционирањето на модерната офталмологија.

- Со овој микроскоп се третираат и предниот и задниот сегмент на окото. Одиме чекор понапред во подобриот третман и подоброто давање здравствени услуги, истакна Таравари.

- Во јавното здравство скоро 2 500 лица се со договор за работа. Нашата тенденција ќе биде до крајот на годината да им дадеме решенија барем на дел од нив, се надевам на барем половината, ако изнајдеме решение со постоечкиот буџет, а за оние што ќе останат, ќе видиме идната година, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари.

Одговорајќи на новинарски прашања по промоцијата на новиот микроскоп во државната Очна клиника, Таравари информира и дека најверојатно до крајот на годината ќе се вработат првите 300 доктори - специјализанти.

- Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите рече дека ќе му биде врачена протестна нота на бугарскиот амбасадор во земјава откако претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова при посетата на Софија и средбата со бугарскиот претседател Румен Радев била повикана да се слика без македонското знаме. 

- Во минатото кога се понижуваше и распродаваше македонското достоинство, тогаш се молчеше, се виткаше кичмата и се согласуваа со тие што не понижуваа и газеа. Сега се решаваат работите на овој начин, дипломатски, се испраќаат протесни ноти и нема повеќе да имаме меѓународна политика ниту дипломатска со свиткана кичма. Тогаш кога ќе се помине рубиконот, кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба и да се реагира. Затоа што вие ако не реагирате, тој исклучок потоа ќе стане пракса, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања пред средбата со претставници на АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските комори во странство и Македонско-Германското стопанско здружение.

- Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја повтори поддршката за бранителите и посочи дека претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади Илире Даути треба да го стави на дневен ред Предлог законот за бранители. 

Одговарајќи на новинарско прашање дали законот за бранители ќе биде ставен на седница на Комисијата за труд и социјална политика, упати на одговор кај  претседателката на Комисијата, Илире  Даути, пратеничка од опозицискиот Европски фронт. 

- Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска ја оствари првата работна средба со новоименуваниот шеф на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, амбасадорот Михалис Рокас, на која биле разменети мислења за динамизирање на процесот на пристапување на земјата во ЕУ и стратешкото значење на новите иницијативи на ЕУ за Западен Балкан.

Како што соопштија денеска од Министерството за европски прашања, Муртезани му се заблагодарил на евроамбасадорот за европската поддршка и тесната соработка со Брисел преку Делегацијата на ЕУ во земјата.

- Шефот на украинската дипломатија Анриј Сибига покани претставници на Обединети нации и на Меѓународниот комитет на Црвениот крст да го посетат делот од руската Курска област, окупиран од украинската армија.

- Украина е подготвена да ја олесни нивната работа и да покаже усогласеност со меѓународното хуманитарно право на оваа територија, објави денеска Сибига на социјалната мрежа Икс.

- Претседателот на Франција, Емануел Макрон денеска го номинира министерот за надворешни работи во заминување Стефан Сежурне за еврокомесар. Сежурне е близок политички соработник на Макрон.

Претходно досегашниот еврокомесар за внатрешен пазар Тиери Бретон, кој беше именуван за втор мандат во Европска комисија поднесе оставка. Тој на Икс го објави писмото за оставката упатено до претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, во кое наведува дека оставката веднаш стапува во сила.

– Европскиот комесар за внатрешен пазар и француски кандидат за член на идната Европска комисија, Тиери Бретон денеска поднесе оставка на функцијата и ја повлече својата номинација за еврокомесар. 

Во писмото на својата оставка упатено до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, што го објави на Икс, Бретон ја обвинува дека „го саботира“ и дека „создава неред“ за време на транзицијата кон новите институции на ЕУ.  

- Поради циклонот „Борис“ кој донесе обилни дождови низ Европа, во покраината Долна Австрија загинаа две лица на возраст од 70 и 80 години.  Австрискиот канцелар Карл Нејмар изјави дека 2.400 војници помагаат при евакуацијата на луѓе и расчистувањето. 

Во Долна Австрија загинаа две повозрасни лица на возраст од 70 и 80 години. Австрискиот канцелар Карл Нејмар изјави дека 2400 војници се во приправност за да помогнат при полнењето вреќи со песок, евакуацијата на луѓе и расчистувањето. Во Виена 140 патници на брод за крстарење на реката се заглавија во Дунав. Бродот не може да се закотви, а патниците и екипажот треба да останат таму барем до вторник. 

-  Во првите осум месеци од годинава односно во периодот јануари - август, патничкиот сообраќај на 39 аеродроми во Грција се зголемил за 9,1 отсто во споредба со лани, додека авионскиот сообраќај се зголемил за 6,8 проценти, соопшти  Службата за цивилно воздухопловство, јави дописничката на МИА од Атина.

Поконкретно, бројот на патници на грчките аеродроми оваа година е за над 4,5 милиони повисок од лани, односно во изминатите осум месеци изнесува 54.769.867, наспроти 50.191.061 патник во истиот период лани.

– Грчката полиција разби две различни криминални организации и уапси 16 лица меѓу кои и лекари и фармацевти за измами во висина од 3,5 милиони евра на товар на Националната организација за здравствени услуги на Грција со издавање фиктивни рецепти за лекови, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчката полиција соопштија дека биле запленети над 9.000 фармацевтски препарати, а некои од лековите што лажно ги препишувале се дефицитарни, додека уапсени се четворица лекари од јавни здравствени структури во областите Атика и Виотија, сопственици и вработени во осум аптеки во Атика, еден вработен во фармацевтска компанија и едно лице кое имало улога на посредник.

- Кина го ослободи 68-годишниот Американец, Дејвид Лин по 18 години затвор. Тој беше осуден на доживотен затвор под лажни обвиненија за измама при склопување на договори, соопшти американската Влада.

Предвидено е Лин денеска да пристигне во Сан Антонио. Стејт департментот оценува дека Лин е еден од тројцата американски државјани кои се неправедно затворени во Кина. Другите двајца се Марк Свидан и Кај Ли.

Остани поврзан