• четврток, 21 ноември 2024

Сиљановска Давкова: Разговорот со Радев беше пријателски и со почит, ни за миг не ги заборавив македонските национални интереси

Сиљановска Давкова: Разговорот со Радев беше пријателски и со почит, ни за миг не ги заборавив македонските национални интереси

Скопје, 16 септември 2024 (МИА) - Разговорот со бугарскиот претседател Руман Радев беше долг, пријателски, со почит и јас ни за миг не ги заборавив македонските национални интереси, со тоа што знам дека и тој има право да ги презентира истите. Мислам дека успеав на пристоен, културен, претседателски и државнички начин да му кажам што е нашата позиција и што очекувам, потенцира претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Таа во гостувањето на телевизија Сител вечерва во врска со отсуството на државното знаме за време на средбата со Радев во Софија, рече дека одлучила оти е подобро да не прави скандал и напомена дека одговорност за шефот на протоколот нема да има. Таа најави дека во среда ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски, пред неговото заминување во Брисел.

-Јас ги знам протоколарните правила на Бугарија, ги знам и на многу други држави. Знам дека домаќинот го утврдува протоколот, знам дека имало примери кога доаѓале и други државници, меѓутоа не биле истакнати државните симболи. Но, она што мене ме зачуди и не мислам дека беше сторено намерно, е зошто не бев информирана за тоа. Последниот договор бил дека ќе има слика од тет-а-тет средбата, се разбира од ручекот нема да има слика, но јас не знаев дека ќе треба да се сликам и во просторот каде што се одржуваат фото сесиите. Кога тргнавме, мислевме дека ќе одиме во просторија за разговор. Одеднаш, кога влегов во просторијата, ги видов двете знамиња и требаше да размислам што да направам. Едната мисла беше дека можам да си заминам и ќе направев скандал, а другата беше дека домаќинот ги утврдил правилата и дека домаќинот греши, а не јас. Во тој момент решив дека е подобро сепак да не правам скандал, рече Сиљановска Давкова.

Таа потенцираше дека со Радев имале пријатен ручек, со споменување на проекти, идеи. Тоа, како што рече, бил пријателски разговор, полн со решенија и идеи. Сиљановска Давкова е на ставот дека нема зошто да има одговорност на шефот на протоколот во нејзиниот Кабинет.

-Нема зошто да има одговорност на шефот на протоколот, бидејќи  цело утро и амбасадорката и шефот на мојот протокол бараа контакт по телефон со шефот на протоколот на Радев, но тоа не беше можно. Дури ни кога влеговме, ниту на шефот на мојот протокол ниту на амбасадорката не им беше предочено дека според протоколарните правила за овој вид на посета, нема потреба од истакнување на знамето на гостинката, рече Сиљановска Давкова.

На прашање дали во врска со средбата со Радев разговарала со премиерот Христијан Мицкоски, претседателката рече дека уште не разговарала со премиерот, но ќе се видат пред неговото заминување во Брисел.

-Не сум разговарала се уште со Мицкоски, ќе се видам со него пред неговото заминување во Брисел. Во среда ќе се видам со Мицкоски. Јас одговорно тврдам дека во текот на тет-а-тат средбата и во текот на ручекот со Радев имаше жесток дијалог, ама дијалогот не беше насочен кон проблемите и несогласувањата, туку кон тоа што може да направиме заедно со првиот сосед и дека оваа средба беше прв чекор кон тоа, рече Сиљановска Давкова.

Прашана дали очекува промената на членовите во историската Комисија да влијае на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, претседателката рече дека не е добро науката да функционира под капата на политиката.

-Не е добро науката да функционира под капата на политиката. Мислам дека се заканува политизација на процесот. Не можам да ја оценувам работата на претходната Комисија и што ќе прави сегашната, но никогаш нема штета од научен разговор, додаде Сиљановска Давкова.

На прашање дали претседателката почна да го користи уставното име на државата, таа одговори дека придавките сами по себе ништо не значат, суштината е државата Македонија.

-Јас не негирам. Владата е реална или тоа е реален оптимизам и ја признава реалноста. Реалноста е отсликана во името на документите, називот на Кабинетот на претседателот. Јас тоа го признавам. Она што би сакала, е кога некаде ќе се напише или ќе се каже Република Македонија мора во фуснота да се каже дека е името сменето во 2019 година. Дури ни законите немаат ретроактивно дејство, а камоли име. Јас не сум се родила во Северна Македонија и сакам да ми напише некој оти тоа е многу коректно, додаде Сиљановска Давкова. бт/дма/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан