• недела, 22 декември 2024
МИА Флеш

13 септември 2024

 - Собраниската Комисија за финансирање и буџет го даде на натамошна постапка Предлог-законот за заем од половина милијарда евра од унгарската Влада, кој се носи по скратена постапка. Со седницата претседаваше Бојан Стојановски откако во дадениот рок во Деловникот, претседателката на Комисијата Сања Лукаревска не ја закажа седницата. Пратениците на СДСМ не учествуваа во работата на Комисијата. Собраниската седница на која треба да се гласа за заемот се очекува да се одржи во вторник следната недела. 

- Делегација на Собранието на Република Северна Македонија, во чиј состав се Сергеј Попов, Мимоза Муса и Љупчо Николовски, учествуваат на десеттата глобална Конференција за млади парламентарци. На Конференцијата, која се одржува од 12 до 14 септември во Ереван во Ерменија, учесниците се осврнаа на тековните кризи во светот, кои имаат негативно влијание врз младите, особено во однос на остварувањето на правото на нивно вработување и образование.

– Вкупно 71 општина, со околу 330 предлог проекти аплицирале досега на јавниот повик за финансирање на проекти од инфраструктурен карактер кој што е наменет за сите единици на локална самоуправа во висина од шест милијарди денари, средства обезбедени согласно ребалансот на Буџетот.

 - Петте закони што се во работна верзија: за основното, за средното, за средно-стручното образование, законот за образование на возрасни и законот за национална рамка за квалификации се очекуваат на гласање пред пратениците да се најдат во ноември, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска која присуствуваше во Прилеп на доделувањето на сертификати за комплетирање на основното образование за возрасни, одговарајќи на прашањата за законските регулативи во образовниот систем.

 - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денеска имал работна средба со државниот секретар во Министерството за сојузни, европски и меѓународни прашања на покраината Северна – Рајна Вестфалија, Марк Шпајх, кој се наоѓа во дводневна работна посета на земјава.

 – Во полошкиот регион само седум проценти од занаетчиите и малите бизниси се пријавуваат на јавните повици за државна поддршка и тоа разочарувачки факт, рече министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши кој денес беше во работна посета на Гостивар. Министерот Дурмиши имаше средба со занаетчии и сопственици на мали бизниси од гостиварско како дел од иницијативата и акциски план на ресорното министерство и е трета средба по оние во Чаир и Прилеп.

-  Во пропишаниот рок, поднесена е пријава за безбедосниот настан на небото на Скопје што се случи на 7.месецов и отворена е истрага за утврдување на фактичката состојба и причините, информира денеска Давателот на навигациски услуги М-НАВ,  по објавите за избегнат инцидент со судир на два авиона.

 - Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце времето на чекање за излез од државата е околу 40 минути. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

– Дебарското одделение за внатрешни работи поднесе кривични пријави против дебарчанец и жител на Струга, за сторено кривично дело „демнење“.

 - Во текот на денешниот ден на целата територија на државата ќе има врнежи од дожд, што според прогнозите на Управата за хидрометеоролошки работи, ќе бидат пообилни во крајните западни делови, каде што на места се очекува да паднат над 20 литри на метар квадратен дожд.

 - Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, денеска изјави дека апсолутно го поддржува враќањето на задолжителниот воен рок и дека Владата на Србија е подготвена, доколку се постигне политички и општествен договор, многу брзо да донесе ваков предлог-закон и да го поднесе до Собранието на усвојување, јави дописникот на МИА од Белград.

 - Сите денешни летови од и кон аеродромот „Брисел Шарлроа“ се откажани поради штрајк на аеродромскиот персонал. Како што јави дописникот на МИА од Брисел на овој аеродром слетуваат и авионите на директната релација од Скопје до белгискиот главен град. 

 - Полскиот министер за надворешни работи Радослав Шикорски пристигна во посета на Украина. Првиот полски дипломат и градоначалникот на Лавов го посетија местото на неодамнешниот ракетен напад и најавија дека Полска ќе ја поддржи реконструкцијата на уништената инфраструктура, објави полското МНР на Икс.

 - Европската Унија остро го осудува неодамнешното пренесување на балистички ракети од Иран во Русија, што претставува директна закана за европската безбедност и суштинска материјална ескалација во снабдувањето на Москва со ирански беспилотни летала и муниција, кои таа ги користи во својата илегална агресивна војна против Украина, изјави денеска високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жосеп Борел. 

 - Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека земјата нема да стане имигрантска земја, што и да одлучи и да прави Брисел. Орбан истакна дека од 2015 година, кога беше „врвот на мигрантската криза“, Унгарија постојано повикува на заштита на надворешните граници на Европската унија.

 - Уште едел дел од важниот мост во источниот германски град Дрезден се урна рано утринава при контролирани активности за уривање, а целиот погоден дел треба да се отстрани, јави ДПА.

– Кина планира да ја подигне старосната граница за пензионирање на работниците почнувајќи од следната година, одлука која ќе важи во следните 15 години. Мажите ќе можат да се пензионираат кога ќе наполнат 63 години, а жените на возраст од 55 до 58 години, во зависност од работното место.

Тагови

Остани поврзан