• вторник, 17 септември 2024
МИА Радио флеш

  16  септември 2024

 

 

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска во врска со последната акција за даночно затајување рече дека таа е една од низата вакви истраги што ќе следуваат во следниот период. 

- Не би сакал сега да откривам детали, истрагата трае, мислам дека ќе биде епски голема, епски голем криминал, но она што можам да кажам дека ова е една во низата што ќе следат во следниот период септември-октомври, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања пред средбата со претставници на АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските комори во странство и Македонско-Германското стопанско здружение.

Скопје - Протестната нота на бугарскиот амбасадор во земјава Желјаско Радуков, заради фотографирањето пред бугарското знаме на претседателите Румен Радев и Гордана Сиљановска на средбата завчера во Софија, ќе му биде врачена денеска од директорот на Директоратот одговорен за регионот, а не од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, велат извори од МНР.

Според истите извори, за овој настан не било реагирано директно на средбата во Софија, бидејќи, велат, постојат протоколи за да се реагира за овој тип на ситуација.

Скопје -  Бугарскиот претседател Румен Радев во прв коментар по средбата со македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова која предизвика реакции поради изоставувањето на македонското знаме на нивната заедичка фотографија во петокот во Софија, нагласува дека нејзината посета не била ниту официјална, ниту работна. 

Како што пренесува бугарската информативна агенција „Фокус“, Радев порачал дека со претседателот на Република Северна Македонија имале многу искрен и конструктивен разговор во пријателска атмосфера.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека е донесена владина одлука за изградба на кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“. 

Во изјава за медиумите, Мицкоски рече дека станува збор за развоен проект што ќе трае неколку години, додавајќи дека одредени структури ќе се обидат и тоа да го искористат како провокација.

- И ова со универзитетот „Мајка Тереза“ ќе го искористат дека е Универзитет на којшто наставата се одвива на албански, па да создадат гнев кај Македонците, зошто кај Албанците се инвестира, а не кај Македонците. Тоа е провокацијата. Мислам треба да знаат тие што овие провокации ги прават, дека каде што одат, ние одамна сме се вратиле, рече Мицкоски.

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари кој е од коалицијата „Вреди“ денеска, одговорајќи на новинарско прашање во врска со Законот за бранителите, рече дека сега не е моментот да се разговараат такви теми.

-Не знам зошто се драматизира Законот за бранителите. Ова е седми пат, Законот е донесен 2002 година, 2005, 2007, 2009, 2013, 2015 и сега мислам дека не е моментот да се разговараат такви теми. Таа точка сега за сега нема ни да се третира, нема ни да помогне. Ништо трагично, зошто толку драматизираат? Овие партии што се опозициски, посебно албански, сите имаат изгласано шест пати таков закон, така што мислам дека не е моментот за тоа да се разговара, одговори Таравари на прашањето дали со коалицијата ќе разговара за овој Закон.

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска најави дека наскоро ќе има еден директор на цел Клинички центар, како и дека неколку болници ќе се спојат со здравствени домови.

Одговорајќи на новинарски прашања по промоцијата на новиот микроскоп во државната Очна клиника, Таравари потсети дека кога бил министер за здравство во 2017 година разрешил околу 30 економски директори. Неразрешени останале, рече, уште 10 до 15.

Според Таравари, има јасна анализа колку пари чиниле старо-новите советници кои претходно биле економски директори.

Скопје - Законот за надворешни работи ќе се менува по редовна постапка во Собранието. Најпрво ќе се менува во делот заради преземањето на надлежноста за надворешна трговија, но ќе претрпи измени и делот на надворешните работи, со цел Министерството да биде пофункционално, велат извори во МНР, додавајќи дека измените ќе бидат презентирани пред да бидат објавени, со цел законот да биде транспарентно донесен. Во однос на редот и дисциплината во Министерството, извори во МНР, велат дека имало поединци со високи дипломатски, дури и со амбасадорски звања, на кои не им бил даван никаков ангажман, на дел од нив им се дозволувало да не одат на работа, додавајќи дека тоа повеќе нема да се толерира.

 

Скопје – Извозот на производи од германски инвеститори во земјава кон Германија десетина години по ред е во пораст, со исклучок на годините во короната кога била евидентна стагнација.

Како што соопшти Антје Ванделт, директорка на Германската стопанска комора (АХК), германските инвеститори од земјава најмногу извезуваат високософистицирани компоненти наменети за автомобилската индустрија, во Германија се извезуваат и седишта за автобуси, за возови и за автомобили, различна медицинска опрема, специјални бакарни кабли кои се применуваат во индустриското производство. За германскиот пазар овде се прават и софистицирани кафемати и фенови за коса.

Скопје - Мој личен став е дека треба да има политичка одлука околу разрешувањето на градоначалниците, но мислам дека народот ги избира и народот може да ги разреши, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари.

Според Таравари, градоначалничката на Скопје е навистина промашена инвестиција. Сепак, тој смета, како што изјави, дека граѓаните при изборот никогаш не грешат.

Скопје - Се надевам дека на почетокот на идната година ќе има уште едно проширување на позитивната листа, можеби не со девет лекови, но со неколку сигурно ќе имаме, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари.

Одговорајќи на новинарски прашања, Таравари напомена дека тенденцијата е позитивната листа да се надополнува минимум два пати годишно. 

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари смета дека за функционирање на хируршките сали би било најдобро да се направи нова компресорска станица, но да се сервисира и зачува и старата како „бек-ап“. Тој знае дека има фирма што се пријавила на јавниот оглас за компресорските станици, но денеска очекува да биде информиран дали фирмата ги исполнува условите.

Според Таравари, најверојатно во почетокот на идната година ќе има нова станица.

Скопје - Министерот за правда Игор Филков денеска остварил средба со амбасадорот на Јапонија, Казуја Оцука, на која се дискутирало за реформите во правосудството, состојбите во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, владеењето на правото и борбата против корупцијата.- На Министерството за правда му претстојат многу предизвици чија крајна цел е зголемување на довербата на граѓаните во правосудството. Таа  доверба е основа за зајакнување на бизнис односите меѓу двете земји, се наведува во соопштението од Министерството за правда.

Скопје - Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска остварил работна средба со новоименуваниот амбасадорот на Франција во Македонија, Кристоф Ле Риголер.

Како што соопштија од Министерството за транспорт, на средбата биле разменети мислења и ставови за актуелните политички и економски прашања во земјава и регионот, со посебен акцент на билатералните односи меѓу двете земји.Министерот Николоски ја истакнал добрата соработка со Франција, нагласувајќи ја поддршката што ја овозможува Франција во реализација на стратешките цели на земјава. Тој го запознал амбасадорот со владината програма и инвестициите во инфраструктурата, особено во делот на железничките и патните коридори.

Белград - Европската унија е целосно посветена на членството на Србија и Северна Македонија во Унијата и затоа поддржува проекти за прекугранична соработка, беше речено денеска во Врање на презентацијата на првиот повик за предлози за проекти за прекугранична соработка, во вредност од 5,4 милиони евра во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА III), на која присуствуваа министерот за локална самоуправа на Северна Македонија, Златко Перински, српската министерката за евроинтеграции, Тања Мишчевиќ, градоначалникот на Врање, Слободан Миленковиќ и шефот на делегацијата на Европската унија во Србија, Емануел Жиофре, јави дописникот на МИА од Белград.

Скопје - Од полноќ поевтинуваат горивата од половина до денар ипол, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика. 

Според новата одлука на РКЕ, Еуросупер БС-95 поевтинува за половина денар, Еуросупер БС-98 за еден денар, а Дизелот и Екстра лесното масло за домаќинство за денар ипол. 

Новата цена на Еуросупер БС-95 ќе биде 73,5 денари за литар, Еуросупер БС-98 ќе се продава по цена од 75,5 денари за литар, а дизелот по цена од 67 денари за литар. Новата цена на Екстра лесното масло за домаќинство ќе биде 66 денари за литар. 

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,989 ден/кг и сега ќе изнесува 41,328 ден/кг.

Скопје - Фирмата „Ритрон копи“ ДООЕЛ, увоз-извоз од Куманово, чиј сопственик е внук на пратеникот на т.н. Европски фронт Елми Азири, во период од само една година, од државни институции наплатила вкупен износ од 7 милиони денари. Речиси во сите државни институции во тој период, раководители се кадри на Артан Груби и ДУИ. Сега стана јасно зошто пратеникот Елми Азири беше еден од најгласните поддржувачи на коалицијата на Зијадин Села со Али Ахмети, соопшти на денешната прес-конференција Бујаре Абази од Коалицијата „Вреди“. 

Скопје - Младинското движење на студентите кое се бори за подигнување на студентскиот стандард во земјава „Студентски отпор“ денеска соопшти дека покренува петиција за новите повисоки давачки за студирање. 

- Оваа петиција е апел до надлежните веднаш да ги укинат неразумните трошоци! вие неправди, некоректност и изживување со македонскиот студент нема да ви ги премолчиме, стои во соопштението од „Студентски отпор“.

Оттаму посочуваат дека оваа академска година почнува со нови повисоки давачки за студентите од околу 5.000 денари без, како што наведуваат, никаква најава и консултација со студентите при УКИМ.

Скопје - Романот „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски, во издание на Матица, е  добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга за 2023 година на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) кое денеска ги објави добитниците на традиционалните годишни награди за 2023.

 Претседателот на ДПМ Живко Гроздановски на прес-конференција соопшти дека наградата на ДПМ „Ацо Шопов“ за најдобра збирка поезија е доделена на делото „Коњски житија“ од Зоран Анчески во издание на „Арс ламина“. За таа награда одлучуваше жири комисија во состав Елена Пренџова, претседателка на комисијата и членовите Снежана Стојческа и Зоран Јакимовски. 

Белград - Во голем број училишта во Србија денеска нема настава или е скратена, поради протести на просветните работници организирани на плоштадите и пред училишните управи откако репрезентативните синдикати на просветните работници не го прифатија предлогот на Владата за зголемување на платите од јануари за 12 отсто, јави дописникот на МИА од Белград.

Приштина – Министерката за правда на Косово, Албулена Хаџиу изјави дека по обвинението за терористичкиот напад на 24 септември 2023 година во Бањска во северно Косово, исклучително е важно да се изврши притисок врз Србија да ги предаде обвинетите во овој случај, кои таа ги нарече „терористички криминалци“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното интервју за порталот „Економиа онлајн“ (ekonomiaonline.com), Хаџиу вели дека овој притисок врз Белград треба да го извршат меѓународните фактори.

Приштина – Претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца изјави дека не му оставаат впечаток заканите што претседателот на Србија, Александер Вучиќ ги упати кон Косово при неговото последно обраќање на српската јавност, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во обраќање пред медиумите во Собранието, каде што се одбележува Меѓународниот ден на демократијата, Коњуфца истакна дека безбедносните институции се присутни на северот од државата, така што, како што порача, нема причини за загриженост и страв од заканите на српскиот претседател.

Атина – Шумски пожар е активен во близина на селото Марица во северниот дел на грчкиот остров Родос, а од бројот 112 за итни случаи беше испратена порака до сите што се во непосредна близина на пожарот да бидат во состојба на готовност и да ги следат упатствата на властите, јави дописничката на МИА од Атина.

Според противпожарната служба на Грција, во пожарот интервенираат 60 пожарникари со два пешадиски тима и 20 возила, три авиони и три хеликоптери, а помагаат и волонтери и цистерни од општините.

Варшава - Едно лице се удави во југозападна Полска, а илјадници беа евакуирани преку границата во Чешка, поради силниот дожд кој продолжи да врне низ централна Европа, предизвикувајќи поплави во неколку области.

Еден пожарникар, исто така, загина во поплавите во Долна Австрија, објави во неделата австрискиот вицеканцелар Вернер Коглер на социјалната платформа Х, додека властите ја прогласија покраината околу главниот град Виена, на границата со Чешка и Словачка, за област на катастрофа.

По неколкудневните дождови предизвикани од бурата Борис, реките од Полска до Романија се преполнети, каде во саботата беа пронајдени четворица мртви.

Брисел - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ја прими и ја прифати оставка на европскиот комесар за внатрешен пазар Тиери Бретон, информира денеска заменичката главна портпаролка на ЕК, Аријана Подеста.  

- Претседателката му се заблагодарува за неговата работа како комесар во текот на целиот мандат, особено за усвојувањето на Законот за дигиталните услуги, Законот за дигиталните пазари и други важни дигитални и индустриски регулативи, изјави Подеста.  

Брисел – Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ја прими и ја прифати оставка на европскиот комесар за внатрешен пазар Тиери Бретон, информира денеска заменичката главна портпаролка на ЕК, Аријана Подеста. 

- Претседателката му се заблагодарува за неговата работа како комесар во текот на целиот мандат, особено за усвојувањето на Законот за дигитални услугите, Законот за дигиталните пазари и други важни дигитални и индустриски регулативи, изјави Подеста. 

Таа одби да ја коментира содржината на писмото со оставката и обвинувањата на Бретон, посочувајќи дека тоа пристигнало утрово и дека се уште не е анализирано. 

Будимпешта - Унгарскиот премиер Виктор Орбан го одложи говорот планиран за среда во Европскиот парламент поради поплавите во Унгарија, пишува магазинот Политико.

„Поради екстремните временски услови и поплавите во Унгарија, ги одложив сите мои меѓународни обврски“, изјави денеска Орбан.

За време на викендот обилни дождови и поплави ја зафатија централна и источна Европа, а во невремето загинаа најмалку 10 луѓе, додека илјадници беа принудени да ги евакуираат своите домови.

Москва - Кремљ денеска соопшти дека поврзаноста меѓу Украина и осомничениот напаѓач во обидот за атентат врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп покажува дека „играњето со оган“ има последици, пренсе Хина.

Запрашан за тоа што ФБИ го нарече обид за атентат врз Трамп, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави  дека „не сме ние тие што треба да размислуваме, туку американските разузнавачи. Во секој случај, играњето со оган има последици“.

Коментарот се однесуваше на поддршката што САД и ја даваат на Украина во војната против Русија.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска го осуди „политичкото насилство“ по наводниот обид за атентат врз републиканскиот претседателски кандидат на САД, Доналд Трамп.

„Политичкото насилство нема место никаде во светот“, наведе Зеленски на мрежата Х, додавајќи дека е „добро што осомничениот за обид за убиство брзо бил уапсен“.

Зеленски не ја коментираше поврзаноста на осомничениот со Украина, што беше објавено од некои медиуми.

Атина – Грчкиот танкер „Сунион“ во сопственост на компанијата „Делта“ што превезува 150.000 тони нафта, а на 21 август беше нападнат во Црвено Море, по што беше предизвикан пожар и сè уште гори, полека се извлекува со помош на реморкер кон северниот дел на морето на безбедна локација, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.

Кабул – Талибанците ја стопираа кампањата за вакцинација против детска парализа (полимијелитис) во Авганистан, соопштија денеска Обединети нации.

ОН не наведува причина за суспензија на вакцинацијата, а ниту талибанците ја коментираа одлуката.

Талибанците ја прекинаа вакцинацијата непосредно пред септемвриската кампања за имунизација.

Авганистан и Пакистан се единствените две држави во кои никогаш не е запрено ширењето на потенцијално фаталната болест.

Солун – Хрватскиот ветеран Дејан Ловрен е нов фудбалер на грчкиот шампион ПАОК.
Ловрен се пресели во солунскиот клуб без обесштетување, откако постигна договор со француски Олимпик Лион за предвремен раскин на соработката. Претходно во кариерата, 35-годишниот Ловрен настапуваше Ливерпул, Саутемптон, Динамо Загреб, Интер Запрешиќ и Зенит од Санкт Петербург.

Брисел - На годишнината од смртта на иранската активистка Џина Махса Амини, ЕУ го повикува Иран да ги отстрани, и во законите и во праксата, сите форми на системска дискриминација на жените и девојките во јавниот и приватниот живот и да преземе родово одговорни мерки за да спречи сексуални и родово базирано насилство врз жените и девојките и да обезбеди нивна заштита, порача денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во писмена изјава по повод годишнината од смртта на Амини. 

Сана - Јеменската бунтовничка група Хути денеска соборила американско беспилотно летало MQ-9 во јеменската провинција Дамар, изјави нивниот портпарол Јахја Сари.

Британските медиуми пренесуваат дека Хутите воедно ја презедоа одговорноста за вчерашниот напад со балистичка ракета врз централниот дел на Израел, и притоа се заканија со уште вакви напади.

Остани поврзан