• четврток, 25 април 2024
МИА Радио флеш

28 март 2024 

- Собранието денеска ја донесе Декларацијата за одбележување на четвртата годишнина од членството на Република Северна Македонија во НАТО и 75 години од формирањето на Алијансата во рамките на 149. седница.

Претседателот и подносител Јован Митрески, нагласи дека со донесувањето на Декларацијата ја потврдуваат определбата за давање сериозен и значаен придонес во обезбедувањето на регионалниот, но и на светскиот мир и стабилност. Четири години по зачленувањето во Алијансата, заклучи дека донесените одлуки на патот за членството, биле тешки, но вределе.

- Со оваа декларација Собранието на Република Северна Македонија во пресрет на јубилејната 75. годишнина од основањето на Алијансата ги изразува своите заложби за континуирано остварување на обврските од членството во НАТО и го потврдува опфатот на сите преземени мерки во насока на исполнување на обврските, политиките и заложбите на НАТО содржани во декларациите од самитите на Алијансата. Верувам дека за овој документ ќе обезбедиме силен концензус сличен на оној од 2020 година, рече Митрески.

- Предизборна делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), која ја заврши посетата на Северна Македонија во периодот од 25 до 28 март, оценува дека периодот пред изборите е стабилен и се очекува изборите да ги исполнат демократските стандарди. Таа, исто така, посочува дека политичкото опкружување, веќе силно поларизирано, сè уште е многу динамично и се менува и ги повика сите засегнати страни да обезбедат дека кампањата ќе тече непречено до денот на изборите.

Шестчлената меѓупартиска делегација, предводена од Алфред Хеер (Швајцарија, АЛДЕ), во состав Стефан Шенах (Австрија, СПЦ), Крис Саид (Малта, ЕПП/ЦД), Селивај Челенк Озен (Турција, УЕЛ), Сибел Арслан (Швајцарија, СПЦ), ко-известувач на Комитетот за следење на ПССЕ и Џозеф О'Рајли (Ирска, ЕПП/ЦД), ја спроведе својата проценка во Скопје и оствариле средби со претседателот на Собранието на Северна Македонија, кандидатите за претседател, партиските лидери и претставници, претседателот и членови на Државната изборна комисија (ДИК), новинари и граѓански групи, членови на дипломатскиот кор, колеги меѓународни набљудувачи од ОДИХР и членови на делегацијата на Северна Македонија во ПССЕ.

- Комитетот за односи меѓу заедниците (КОМЗ) денеска промовираше истражување објавено во двојазична публикација по повод 20 години од формирањето како тело во состав на Собранието чија улога во постконфликтна Македонија беше да изгради доверба меѓу различните етникуми и  да ги унапредува нивните односи.

Изданието содржи седум препораки за КОМЗ – треба да има поголема присутност, административна служба, посилна институционална меморија, помало влијание на политички партии во негова работа и ротирачки претседател, а не на четири години.

-„Добросостојбата на граѓаните е императив и тоа сме го докажале тоа, се во нашата програма е околу подобрување на квалитетот на животот на сите граѓаните. Но, одиме и еден чекор понатаму, што ќе се случи една година по нашиот влез во Европската унија“, рече потпретседателот на СДСМ, Фатмир Битиќи во интервју за „Слободен печат“.

Зборувајќи за изборната програма на СДСМ, потпретседателот Битиќи посочи дека во програмата е предвидено во 2028 година просечната плата да изнесува 1.100 евра, но која ќе се зголеми за дополнителни 200 евра во првата година од влезот на државата во ЕУ, односно таа ќе изнесува 1.300 евра.

- Со воведувањето на меѓународните сметководствени стандарди за две години од сегашните 35 отсто, сивата економија ќе се намали на сигурни 25 до 22 проценти, бидејќи ќе значат застанување на крајот на нелегалното работење на голем дел од стопанственици и на дел од луѓето од нашата струка која се придружуваше кон нив, истакна Горан Рафајловски, претседател на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија, на првиот панел насловен „Патот до членството во Интернационалната федерација на сметководители (ИФАК)“ во рамките на Првата регионална конференција на сметководители и овластени сметководители што денеска се одржува во Скопје.

На настанот, кој се одвива под мотото „Во бројките веруваме“, присуствуваат околу 300 сметководители, претставници на професионални организации на сметководители и финансиски работници од регионот, како и на институции, организации и компании од земјава вклучително и на домашни и меѓународни експерти од областа.

- Во државава нема од производот „вафли Нестле Кит Кат Мини“ којшто е повлечен од хрватскиот пазар, информира за МИА директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Николе Бабовски. 

- Производот повлечен од пазарот во Хрватска, во РАСАФ системот се уште не е нотиран. Нашите инспектори веќе се на терен и во поголемите ланци на маркети нема од тој производ. Има 125-грамски, додека 200-грамски и наполитанки со чоколаден прелив кои се третирани во Хрватска како небезбедни, кај нас на пазарот не се појавени, изјави Бабовски.

-До Сојузот на синдикати на Македонија досега не е пристигнато барање за средба од страна на политичките партии кои во изминатите денови остваруваат средби со стопанските комори. 

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов денеска во одговор на новинарско прашање рече дека добро би било да се чуе и гласот на работниците затоа што повеќе од 750 илјади вработени во земјава се оние кои ја носат одлуката кој ќе ја води државата во следните години.

- Вработените во здравството нема да добијат усогласување на платите со порастот на минималната плата поради непотпишувањето на анексот на колективниот договор. Поради тоа на 8 април најавуваат протест што ќе почне од пред зградата на Сојузот на синдикати на Македонија, а ќе заврши пред Министерството за здравство.

- Протестот ќе биде токму во насока на изразување незадоволство од непотпишувањето на анексот на колективниот договор којшто веќе беше завршена работа, но поради политичките игри остана непотпишан и со тоа повеќе од 20 илјади работници во здравството остануваат без усогласувањето на нивните плати со порастот на минималната плата, соопшти денеска претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.

- Измена на Кривичниот законик, визија, политичката одлучност и консензус за спроведување на тешки реформи се дел од препораките за кои се дискутираше денеска на тринаесетта сесија на Работна група – 4, Поглавје 24: Правда, слобода и безбедност.

На сесијата на тема „Темелни права, правда и слободи преку призмата на механизмот за владеење на правото на Европската Унија“ што се одржа во Скопје, Кристиан Туркаљ, правен експерт за Западен Балкан, главен преговарач во преговарачкиот тим на Република Хрватска, сподели дека за да се оди забрзано на патот кон ЕУ, потребно е да се остварат некои претпоставки, како што се одлучност и консензус за реформи.

- Кремљ денеска соопшти дека во тек се „контакти“ околу можна размена на американскиот новинар Еван Гершкович, обвинет и затворен речиси една година во Русија поради шпионажа.

„Неколку пати нагласивме дека некои контакти се во тек, но тие треба да се водат со целосно молчење“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

- Речиси три четвртини од Полјаците (74,8 проценти) не сакаат полски или НАТО војници да бидат испратени во Украина, додека само 10,2 проценти од нив го поддржуваат ова решение, покажа анкетата на Институтот за пазарни и социјални истражувања (ИБРИС), спроведено по барање на полскиот весник „Речпосполита“.

Според истражувањето, 15 отсто од испитаниците немаат мислење во врска со тоа.

„Иако Полјаците не сакаат да испратат војници во Украина, тие се согласуваат да започнат преговори со НАТО и Украина за проширување на воздушната одбрана на територијата во близина на границата и овозможување соборување на руски ракети или беспилотни летала кои летаат кон Полска“, се наведува во истражувањето спроведено на крајот на февруари.

- Француското Национално собрание одобри предлог резолуција „со која се осудува крвавата и убиствена репресија врз Алжирците извршена под водство на полицискиот префект Морис Папон на 17 октомври 1961 година“ во Париз.

Според историчарите, меѓу триесет и над 200 мирни демонстранти загинале за време на репресијата.

Шеесет и седум пратеници гласаа „за“, а 11 пратеници на екстремно десничарското Народно собрание се изјаснија „против“.

- Технолошките гиганти Мета и Гугл се обвинети во извештајот на две меѓународни невладини организации за задржување информации за абортусот и грижата за репродуктивното здравје низ Африка, Латинска Америка и Азија.

Во извештајот на меѓународната организација МСИ Репродуктивни избори и Центарот за борба против дигитална омраза се наведува дека платформите го ограничуваат рекламирањето на локалните центри за абортус, ги бришат објавите за контрацепција и не успеваат да ги спречат дезинформациите на социјалните мрежи.

МСИ, која обезбедува услуги за абортус и контрацепција во 37 земји, соопшти дека Мета ги одбила или избришала своите реклами со информации за сексуално здравје, вклучително и совети за рак, пишува Гардијан.

- Албанската полиција кај Велипоја открила пластеници со марихуана, при што запленила 37.336 садници од ова наркотично растение.

Акцијата ја поздрави министерот за внатрешни работи Таулант Бала и им честиташе на припадниците на државната полиција за акцијата.

Остани поврзан