• сабота, 27 април 2024
МИА Општински пул

21 март 2024 

Струга - Околу три илјади метри квадратни трска изгорела вчера на брегот на Охридското Езеро кај Струга.

Информацијата денеска ја потврди портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски, според кој, пожарот бил пријавен во 11 часот и 15 минути во ОВР Струга.

- Пријавено е дека настанал пожар на површина со трска во државна сопственост покрај брегот на Охридското Езеро на патот меѓу Струга и струшкото село Калишта. Повредени лица нема, а интервенирала Територијалната противпожарна единица од Струга, изјави Димоски.

По наредба на Јавен обвинител увид извршиле полициски екипи.

Скопје - Над 1000 садници денес, по повод Денот на пролетта, се садат низ цела Кисела Вода. Багреми, туи, цреши, брези, сливи ќе бидат засадени во парковите “Оксиген”, “Феникс”, во Усје кај крстот, во Пинтија каде што се гради нов плоштад, во Расадник...

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски од утрово е во паркот што се гради до улицата “Пушкинова”. Таму, на површина од околу 1100м2 ќе има детско игралиште со современи реквизити за игра, урбана опрема, опкружени со парковско зеленило и надополнети со дрвца, кои токму денес ќе бидат засадени.

Во тимот што денес пошумува е и Стефан, лицето со Даунов синдром вработено во Општина Кисела Вода. Работно и со дружба, во Кисела Вода се одбележува и денешниот 21 март, Светски ден на лицата со Даунов синдром.

Тетово - Општина Тетово организираше акција за чистење на улиците по повод Денот на пролетта и Денот на екологијата 21 март. Вработени во општинската администрација, јавните претпријатија и средните училишта ги подигаа фрлените отпадоци од улиците и ги собираа во најлонски кеси.

- Оваа акција има за цел да го подобри изгледот и чистотата на нашиот град, како и да ја промовира свеста за заштита на животната средина, е пораката која ја испратија од Општина Тетово.

На акцијата се приклучи и Здружението на пензионери од Тетово. Тие го расчистуваа и уредуваа мини паркот во дворот од нивните простории како и околните улици.

Кочани – За реализација на капитални градежни активности во текот на оваа година Општина Зрновци ќе инвестира близу 50 милиони денари, што е највисока сума досега од нејзиното формирање.

Најголем дел од инвестициите се однесуваат на сообраќајната инфраструктура, при што 30 милиони денари се предвидени за изградба на локален пат од Зрновци до Мородвис, потоа на улицата „Филе Ристов“, како и на спој на улица „Никола Карев“ со нова сервисна улица. Дополнително, три милиони денари се обезбедени за изградба на нови улици во селата Видовиште, Мородвис и Зрновци.

-Во текот на оваа година ќе реализираме уште три капитални проекти за коишто ќе инвестираме близу 10 милиони денари. Најголем дел од средствата ќе се вложат во изградба на тротоар на улицата „Илинденска“, од влезот во Зрновци до излезот кон селото Мородвис. Околу 2,2 милиони се за изградба на армирано-бетонска преграда со зафат на Морошка Река и 1,7 милиони денари за изградба на резервоар за водоснабдување во селото Видовиште, истакна градоначалникот на Зрновци Борчо Коцев.

Скопје - По повод одбележување на 21 Март - Меѓународниот ден на шумите, Град Скопје во соработка со скопското јавно претпријатие „Паркови и зеленило“ и градските средни училишта организира голема еко акција за пошумување на парк шумата Гази Баба. Во рамките на оваа еко акција, Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска заедно со 100 ученици засадија над 100 чемпреси во парк шумата Гази Баба. 

-Заедно со средношколците го одбележуваме Меѓународниот ден на шумите со акција за садење нови дрвја за зголемување на шумскиот фонд во нашето Скопје. Зелените површини, зелените коридори и парковите играат голема улога во зачувување на здравјето на луѓето, а истовремено ја подигнуваме свесноста за важноста на животната средина и одговорниот однос кон неа без нејзино загадување и уништување. Истовремено, Град Скопје продолжува со реализацијата на бројни активности за садење дрвја и садници на повеќе локации низ Скопје – изјави Арсовска.

Кавадарци - Еколошка традиционална акција беше реализирана денеска во Градскиот парк во Кавадарци, што важи за еден од најубавите во државата. Еко активностите се дел од програмата за работа на Вински музеј за регионот Тиквеш, а настанот беше во соработка со Земјоделско - шумарското училиште „Ѓорче Петров“.

-Во рамките на акцијата беа собрани најразлични отпадоци од паркот, а средношколци, но и повозрасни љубители на природата и здравата животна средина, засадија и дрвца, појаснија од Вински музеј за МИА.  

Тетово, 21 март 2024 (МИА) - Пратеничката од ДУИ Рина Ајдари денеска одржа прес-конференција во седиштето на ДУИ во Тетово за зголемување на сметките за вода и општинските услуги во Тетово. Ајдари оцени дека општината го пренамени општинското претпријатие во јавно-приватно партнерство за, како што рече, да им нанесува штета на граѓаните и ги зголеми цените за услуги кои не го дава.

-Отсега натаму, благодарение на раководството на општина Тетово, граѓаните ќе плаќаат 4 пати повеќе од она што досега плаќале за отпадот. Тоа најдобро го докажуваат фактурите што стигнале до граѓаните од компанијата „Заубермахер“, фирма со која општина Тетово се договорила да управува со отпадот на граѓаните. Како што гледате, граѓаните кои досега плаќале 300 денари за сметка, сега ќе плаќаат до 1300 денари месечно, а за една година едно семејство ќе троши 200 евра повеќе, благодарение на неправедните одлуки на поединците кои раководаат со општина Тетово. Сето ова дојде како резултат на неможноста да се менаџираат општинските институции правејќи ги јавно-приватно партнерство, само за да имаат корист луѓето од нивниот близок круг. Додека сето тоа оди на сметка на граѓаните и директно се одразува на семејниот буџет, истакна Рина Ајдари.

Охрид - Пред Основниот суд во Охрид и денеска не се одржа закажаното рочиште од процесот што се води по предметот во врска со нападот врз Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот културен клуб во Охрид.

Причина за одложувањето беше непојавувањето на Борче Ангелов од Битола, еден од обвинетите во предметот, како и на двајца од тројцата сведоци предвидени да дадат исказ пред судискиот совет.

Застапникот на оштетениот, адвокатот Стефан Камишевски, до Судот достави материјално оштетно побарување поткрепено со наод од невропсихијатар, без да појасни пред медиумите за колкава сума станува збор.

-По однос висината на оштетното побарување не би сакал тоа да го коментирам оттаму што се работи за нешто што се пријавува во судската постапка и е на Судот да одлучи дали ќе го прифати или ќе не упати во граѓанска постапка, под услов обвинетите да бидат правосилно осудени за кривичното дело што им се става на товар. А во поглед на невропсихијаттриското вештачење, тоа е изготвено врз основ на лекарската документација веќе доставена во постапката и врз која што е изготвено и претходното вештачење, изготвено од Клиничката болница во Битола, рече тој.

Скопје - Поттикнати од соработката со невладини здруженија кои работат на проекти од областа на екологијата, Општина Карпош набави 10 ротирачки компостери кои ги постави во дворните места на сите основни училишта, кои се во нејзина надлежност. Станува збор за уреди од француско производство составени од два ротирачки барабани со волумен од 190 литри (секој), кои можат безбедно можат да ги користат и помалите ученици. Покрај одржување на здравата животна околина, на овој начин компостот кој ќе се произведе во овие садови ќе послужи за уредување на училишните дворови. Гледано од едукативен аспект, основците практично се запознаваат со процесот на компостирање на органски материи од растително потекло, но исто така стекнуваат и добри практики за паметно управување со отпадот преку селектирање на отпадните органски материи и остатоци од храна.

Набавката на десетте компостери ја чинеше локалната самоуправа околу 480.000 денари, а истата е дел од Локалниот еколошки акционен план 2 за 2023 година, којшто го спроведува Секторот за екологија и енергетска ефикасност од Општина Карпош.

Куманово - Триесет дрвени прагови изгореле во вчерашниот пожар во близина на железничката станица Куманово на делницата Табановце-Скопје, соопштија денеска од ЈП ЖРСМ Инфраструктура.

Железничкиот товарен сообраќај не бил во прекин, потврдија од претпријатието. Пожарот бил во близина на станицата ама не го отежнувал сообраќајот.

- Територијалната противпожарна единица Куманово го изгасила пожарот. Дежурни екипи цела ноќ беа на местото на настанот, бидејќи праговите имаат специјален состав и тешко се гасат. Станува збор за полновни прагови, соопштија од претпријатието.

И од регионалниот центар за управување со кризи Куманово објавија информација дека вчера противпожарна екипа од ТППЕ Куманово интервенирала на гасење пожар на железничка станица во Куманово.

Гостивар - По повод 21 Март - Денот на екологијата, гостиварската локалната самоуправа во соработка со повеќе образовни институции организираше акција за собирање на отпадоци од јавни површини низ централното градско јадро.

Зуди Џелили, раководител на Одделение за екологија кај општина Гостивар напомена дека целта на акцијата е подигање на свеста кај граѓаните од сите возрасни групи и категории за зачувување на животната средина и природата и грижата за јавната чистота.

Остани поврзан