• петок, 03 мај 2024
МИА Општински пул

25 април 2024 

Тетово - Тетовската библиотека „Кочо Рацин“ денеска организираше манифестација на која беа доделени наградите за најдобри поетски творби на учесниците на литературниот конкурс за поетска творба на тема „Преку книгата го осознавам светот“ на кој учествуваа ученици од основните училишта од тетовскиот регион. Со овој настан беше одбележан и 23 Април – Светскиот ден на книгата и авторското право.

-Според комисијата, творби се пристигнати од сите училишта од Тетово и Тетовско имаше голема заинтересираност и беше многу тешко да одлучат за прво, второ и трето место. Не радува фактот што еве и малите деца учествуваа на овој конкурс од шесто до деветто одделение. Заинтересираноста е голема, тие сакаат да творат, па ќе бидат наградени од наша страна, изјави Ѓултен Ајрули од НУ Библиотека „Кочо Рацин“

Дебар - Македонското друштво „Сонце“ од Албанија стана членка на Мрежата за промовирање на јазичната разновидност, (NPLD) со добиената едногласна поддршка на Генералното собрание, што се одржува во Сантијаго де Компостела, Шпанија, информираше за МИА, Васил Стерјовски, претседател на друштвото.

Во своето обраќање на Генералното собрание Стерјовски, меѓудругото посочил дека друштвото е цврсто посветено на застапувањето за македонското малцинство во Албанија, со „фокусирана посветеност на зачувување и промовирање на нивниот етнички, јазичен, културен и верски идентитет“.

Демир Хисар - Општина Демир Хисар во пресрет на христијанскиот празник Белигден организира превелигденски културен викенд на кој ќе бидат приредени театарска претстава и фолклорен фестивал.

Од секторот за односи со јавност на Општина Демир Хисар соопштија дека в сабота во Дом на кулутура „Илинден“ премиерно ќе биде изведена театарската претстава „Женами се вика Борис“ од Рафи Шарт во режија на Благој Николов, а в недела напладне на градскиот плоштад ќе се одржи седмото издание на националниот фолклорен фестивал „Велигденски фолклорни средби“.

Битола - Ансамблот на НУ Народен театар-Битола гостува на  манифестацијата „Денови на Игор Вук Торбица“ која од денеска до понеделник се одржува во Нови Сад во чест на прерано починатиот уметник Игор Вук Торбица.

Домаќин и организатор е Српскиот народен театар, а битолските актери ќе настапат утревечер со претставата „Бакхи – краток преглед на распадот“ која во 2019 година ја режираше Торбица со асистенција на Јова Ристовски.

Охрид - Националната установа „Охридско лето“ по повод големиот верски празник Велигден во Охрид организира Велигденски концерт на православна духовна музика со женскиот хор „Менада“ од Тетово, под диригенската управа на професор Ивица Зориќ.

-Со овој концерт заокружуваме програмата која веќе трета година ја реализираме надвор од традиционалната фестивалска рамка 12 јули- 20 август. Имавме прекрасни концерти преку цела година со кои ја потврдивме големината на долгогодишното опстојување на оваа најзначајна културно-сценска манифестација, вели директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

Струмица - Четириесет и пет годишен жител на Радовиш во периодот од јануари до април оваа година во повеќе наврати извршил обљуба врз малолетничка од радовишко село,соопштија денеска од СВР Струмица.

Според соопштеното, случајот бил пријавен вчера во Полициската станица во Радовиш.

За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица, по чии насоки се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Дебар - Компанијата „Слајс“ на дебарската општа болница со проширена дејност и донираше 40 компјутери, што е последователна помош од компанијата за оваа здравствена установа.

-Ова е од голема помош за персоналот во секојдневната работа,  а создаде услови за почеток на инсталацијата на оптичката мрежа низ болницата со оптимална брзина. Во свое и во име на персоналот голема благодарност за оваа донација, рече директорот Јетлумт Пашоли.

Освен за болницата, компанијата донирала компјутери и во две училишта во Дебар и Охрид.

Остани поврзан