• петок, 03 мај 2024
МИА Радио флеш

25 април 2024 

-Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работни посети на Полициската станица Центар и Полициската станица Бит Пазар кои функционираат во рамките на Единицата за внатрешни работи Центар и Бит Пазар каде одржа состаноци со раководството, информираат од МВР. Оваа Единица, додават оттаму, се соочува со најголем обем на работа на ниво на целата држава имајќи ја предвид структурата на теренот кој го покриваат кадешто се наоѓаат голем број на државни институции, културни објекти и дипломатско-конзуларни претставништва поради што на дневна основа има многу голема фрекфенција на луѓе.

-Македонското друштво „Илинден“-Тирана, побара од Комитетот за национални малцинства во Албанија да постави повеќејазична табла како што ветил пред една година, по доставеното барање од друштвото. -На 31 јануари минатата година доставивме барање до три институции меѓу кои и Комитетот за национални малцинства за поставување повеќејазична табла на оваа институција. Месец дена подоцна Комитетот позитивно одговори на нашетобарање, но еве, помина повеќе од една година, а таблата не е поставена, рече Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото. Комитетот за национални малцинства е институција формирана од владата, во чиј состав е по еден припадник на деветте малцинства признати со закон во Албанија.

-Бизнисот е уверен дека земјава е пред политичка промена. Очекува поголема излезност на 8 мај, за време на парламентарните и вториот круг претседателски избори, а на новата влада и порачува - она што е договорено со стопанството пред изборите, доследно да се спроведе за да можат компаниите да го прилагодат своето функционирање на новите услови. Како што изјави денеска извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев, во овој момент нема индикатори кои укажуваат на евентуален нов ценовен бран.

-Два гранта за стручно образование и обуки во областа на медицинските науки, ИТ, машинската и електро индустријата, вредни околу еден милион евра, им беа доделени денеска на два конзорциума, формирани од висообразовни институции и компании. Грантовите ќе се искористат за набавка на опрема и надградба на инфраструктурата во високо-образовните институции за поефикасно спроведување на дуалното образование. Средствата се доделени во рамки на Регионалниот фонд за предизвици. Како што оцени извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев, во конзорциумите има многу компании што значи дека тие почнале да размислуваат конструктивно, додека голем дел од учениците кои минуваат низ процесот на дуално образование, наоѓаат работа веднаш по завршување на школото.

-Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денеска во Белград се сретна со поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон, која рече дека Србија има клучна улога во регионот и изрази уверување дека ЕУ членството е цел кон која Србија треба да се стреми, јави Бета. Во разговорот, како што соопшти МНР на Србија, посебно внимание е посветено на дијалогот меѓу Белград и Приштина, при што соговорниците се согласиле дека продолжувањето на дијалогот е единствениот начин што ќе донесе резултати.

-Претседателката на српскиот Парламент Ана Брнабиќ утре претпладне ќе распише локални избори, соопштија од нејзиниот кабинет. Изборите ќе бидат распишани за градовите и општините каде што не се одржаа на 17 декември 2023 година, јави Бета. Со цел тие избори да се одржат на 2 јуни заедно со изборите во Белград, Собранието претходно го измени Законот за локални избори што беше договор меѓу власта и дел од опозицијата, додека другиот дел од опозицијата донесе одлука да не учествуваат на изборите бидејќи сметаат дека нема услови за нивно одржување.

-Првите шест од вкупно 12 повеќенаменски борбени авиони „Рафал“ слетаа денеска во Хрватска. Пилотите ги пречекаа членови на хрватскиот државен врв, меѓу кои претседателот Зоран Милановиќ, премиерот Андреј Пленковиќ и претседателот на Собранието, Гордан Јандроковиќ. Авионите „Рафал“ полетале од воздухопловната база во Бордо и влегле во хрватскиот воздушен простор западно од Ровињ. Летот траеше еден час и 40 минути. Авионите ги управувале хрватски пилоти кои 15 месеци се обучувале за нивно користење. При влегувањето во хрватскиот воздушен простор, пилотите на хрватското воено воздухопловство испратија порака до сите хрватски граѓани: „Ние сме пред влез во хрватскиот воздушен простор, кој од денеска ќе биде уште побезбеден. Хрватските „Рафали“ и хрватски пилоти пристигнаа дома“, соопшти Министерството за одбрана.

- Европскиот парламент денеска усвои Резолуција со која се повикуваат лидерите на ЕУ и земјите членки итно и енергично да се спротивстават на обидите за руско мешање. Во Резолуцијата, усвоена е со 429 гласа „за“, 27 „против“ и 48 „воздржани“, европратениците бараат преземање мерки за справување со „обидите за мешање на Русија, не само во институциите на ЕУ, туку и низ целата Унијата“. Во документот се посочува дека „постои чувство на итност и решителност“ за преземање мерки, особено во пресрет на европските избори што ќе се одржат од 6 до 9 јуни годинава.  Како што јави дописникот на МИА од Брисел, усвојувањето на Резолуцијата следи по неодамнешни откритија за обиди на Кремљ да се меша и да ги поткопува европските демократски процеси преку поткуп на европратеници. 

-Испораката на американските ракети ATACMS на Украина нема да промени ништо во конфликтот, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, еден ден по најавата од Вашингтон за испраќање на овие ракети со долг дострел во Киев. -Соединетите Американски Држави се директно вклучени во овој конфликт, тие тргнаа на патека насочена кон зголемување на опсегот на вооружениот систем, рече Песков. Тој додаде дека испраќањето ракети нема да може да го промени „исходот од специјалната воена операција“. -Украина првпат почна да користи балистички ракети со долг дострел, кои тајно ѝ беа доставени од Соединетите држави, кога бомбардираше руски воен аеродром на Крим минатата недела и руски сили во друга окупирана област, објавија вчера американските власти.

-Новоизбраниот претседател на Тајван Лаи Чинг-те, кој треба да ја преземе власта во мај, денеска именуваше нови министри за надворешни работи и за одбрана, бидејќи островот се соочува со тековни воени закани и дипломатска изолација од Кина. Чинг-те го именуваше сегашниот секретар на претседателот, Лин Чиа-лунг, за нов министер за надворешни работи, додека Велингтон Ко стана министер за одбрана. Лин претходно беше градоначалник на најголемиот тајвански град Таичунг, а Ко, кој е адвокат, беше на чело на советот за национална безбедност под актуелниот претседател Цаи Инг-вен, кој ја напушта функцијата по два четиригодишни мандати. И двајцата се членови на владејачката Демократска напредна партија. Тајван последните години ја зајакнува својата одбрана од Кина со нови бродови, подморници, воени авиони, ракетни системи и други копнени одбранбени системи.

-Палестински тимови за цивилна заштита ископаа 392 тела од масовни гробници во Кан Јунис“, пренесува агенцијата Анадолија. Меѓу жртвите има тела на деца. Според агенцијата, не е позната причината за присуството на детски тела во масовните гробници во болницата, на телата на жртвите биле пронајдени траги од тортура. Постојат индиции дека некои жртви биле егзекутирани на терен, додека на телата на другите жртви имало траги од тортура, а останатите биле живи закопани, додаваат од агенцијата. Наведено е дека неколку жртви биле закопани во пластични кеси на длабочина од три метри, што го забрзало нивното распаѓање. 

-Во главниот град на Тајланд, Бангкок денеска е издадено ново предупредување поради екстремните температури на воздухот. Според метеоролозите денеска се очекува температурата да се искачи над 52 Целзиусови степени. Министерството за здравство вчера соопшти дека 30 лица починале од топлотниот бран во периодот од 1 јануари до 17 април, што е многу загрижувачко во споредба со 37 смртни случаи во цела 2023 година. Во Бангкок вчера беа измерени 40,1 степени Целзиусови.

Остани поврзан