• понеделник, 13 мај 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

3 април 2024

 

Струмица - Товарниот сообраќај преку трите гранични премини со Грција, Богородица-Евзони, Дојран-Дојрани и Меџитлија-Ники, е во целосен прекин од вчера од 6 часот кога почна штрајкот на грчките цариници, а повремено се пропуштат патници на Богородица и Дојран.

Според началникот на Регионалниот центар за гранични работи Југ при МВР, Славчо Богев, на Меџитлија-Ники од вчера од вчера нема никаков сообраќај, додека на останатите два премини повремено се пропуштат патници.

- Вчера и денеска грчките погранични служби на определен период пропуштаат патнички возила. На Дојран тоа го прават на секои час, час и половина, а на Богородица-Евзони на секој половина час, информира Богев.

Според најавите од грчка страна штрајкот на цариниците треба да заврши утре во 6 часот. 

 

Гостивар – Шумскиот пожар што вчера попладне се појави во атарот на селото Дебреше е активен и доколку има потреба ќе се делува со воздухоплови, информираат од Центарот за управување со кризи.

Според директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, пожарот кој зафати поголема површина борова шума во атарот на селата Дебреше и Здуње е се уште активен, но со послаб интензитет.

- Екипите на Национални шуми и ренџерите од Националниот парк Шар Планина се на терен. Доколку проценат е потребна воздушна поддршка, во текот на денот истата ќе им биде испратена, вели Ангелов.

Екипите кои синоќа беа на терен работеле на заштита и спречување на проширување на огнот кон куќите на двете села. Утрово екипи на ТППЕ Гостивар се на терен и ја следат состојбата. 

 

Охрид – Во организација на Младинскиот центар од Охрид задутре ќе се одржи кариерно советување, со сертифициран кариерен советник со осврт на нова методологија за процесот на кариерно советување.

На настанот младите ќе можат да добијат одговори на неколку клучни прашања во врска со тоа што е кариерно советување, информации за новите методологии за спроведување кариерно советување - „ProfillPASS, што знам и умеам?“, дали „ProfillPASS“ може да помогне во процесот на барање работа, вештини и насоки за успешна апликација за работа/ангажман и каков е импактот на методологијата „Sport4employability“ врз кариерниот разој на младите.

„Sport4employability“ е дел од истиот проект е и методологија под назив која повторно е со осврт на личен и кариерен раст и развој кај младите.

-Обете алатки служат за саморефлексија, препознавање и валидирање на сопствените вештини. Помагаат во личниот развој на младиот човек и со тоа придонесуваат за подобар кариерен избор, велат од Младинскиот Центар.

Акцијата „Кариерно Советување ProfillPASS” е дел од проектот „Подобрување на социо-економската инклузија на млади од ранливи групи преку младинска работа“ спроведуван од Сојузот за младинска работа со поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ)“.

 

Дебар - Свештената Обител на манастирот „Пресвета Богородица-Пречиста“ - Кичево се подготвува за достојно одбележување на манастирската слава, Благовештение на Пресвета Богородица.

-Се подготвуваме за претстојното сеноќно бдение во чест на Благовештението на Пресвета Богородица, која е наша манастирската слава, на која низ годините доаѓаат илјадници верници. Бдението ќе започне вечерта на 6 април, сабота, а следниот ден ќе биде одржана Божествена Архиерејска Литургија, изјави за МИА сестра Харитина, старешинка на манастирот.

Додава дека покрај монасите и монахињите од Бигорски и манастирот во Рајчица, ќе присуствува Епископ Антаниски г. Партениј, како и други епископи и монаси од земјава и странство.

Одбележувањето на славата ќе биде придружено со многу изненадувања за најмладите, а ќе има многу почесни гости – хористи.

Манастирот „Света Богородица - Пречиста“ или Крнински манастир е средновековен манастир во близина на градот Кичево, основан 1316 година. 

 

Скопје - Вкупно 96 возачи се казнети во текот на вчерашниот ден на територија на Град Скопје во контролите во областа на сообраќајот. Од нив 13 санкции се за возење повеќе од дозволената брзина, осум мерки за возење без возачка дозвола, три санкции за некористење на сигурносен појас...

Како што информира МВР, сообраќајните контроли ќе продолжат и наредните денови.

-Апелираме до граѓаните да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта, се вели во соопштението.

Остани поврзан